Досега платата на функционерите се одредуваше со коефициенти според основицата од 26.700 денари, а сега таа ќе биде според просечната плата од 2022, која изнесува 32.000.
Укинувањето на фиксната основица, според која се пресметуваат платите на избраните и именуваните лица и наместо тоа, користењето на просечната плата како репер, ќе им овозможи на пратениците, градоначалниците, судиите… да земат поголема плата отколку до сега. За оваа можност цела недела на големо се зборува во редовите на избраните и именуваните функционери, а потврда дека ќе имаат повисоки плати денеска дојде и од градоначалникот на Аерoдром, Тимчо Муцунски, кој на Твитер објави дека разликата во платата ќе ја донирал.
За што станува збор?
Според Одлуката на Уставен суд (113/2022 од 21 март годинава) се укинаа член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010) и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2014) со кои всушност во изминатите години се одредувал одреден фиксен износ кој служел како основа за определување на платите на функционерите. Сега, останува во сила член 11 од истиот закон според кој, како основица се зема просечната плата исплатена во минатата година според Државниот завод за статистика, а којашто е значително повисока од фиксниот износ.
Од каде ќе се најдат пари за зголемените плати и како тоа ќе се одраз врз Буџетот, каде што овие ставки се веќе определени.
Од Уставен суд за „Независен“ велат дека во овој предмет, судот не било поставено прашање за висината на платите, ниту за одредување на пресметки и проценти, туку дека се барала оцена на уставноста на конкретни одредби: член 4 од измените и дополнувањата на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија донесени во 2010 година и член 1 од измените на истиот закон донесени во 2014 година.
„Уставниот суд не е орган кој одлучува за зголемување или намалување на плата, или одредување проценти и пресметки туку единствено оценува уставност на оспорени одредби, па согласно ова погрешно е и неосновано тврдењето дека со своја одлука Судот зголемил или намалил плати на именуваните и избраните лица, за што е надлежно Собранието преку донесување закон, каков што е законот во кој беа содржани укинатите одредби“, велат од Уставен суд.
Од таму посочуваат дека предметот бил формиран по претходна иницијатива на адвокатот Бојан Стоевски, поднесена на 21 ноември 2022 година.
„Судот утврди дека истовремено во еден ист закон постоеја две норми, односно две правни правила за утврдување на основицата на платата при што едното е уредено со член 11 од Законот, според кое основицата се определува со просечната плата остварена во претходната година утврдена од страна на Државниот завод за статистика, а второто правило беше укинатата одредба од член 4 во кој основицата изнесува 26.755 денари, што е, всушност, основица која се применуваше до моментот на објавување на одлуката во ‘Службен весник’“, велат од Уставен суд.
Од таму исто така посочуваат дека Судот оцени дека определувањето на начинот со кој се пресметува висината на платата на избраните и именуваните лица претставува законска материја и во таа смисла законодавецот, односно Собранието определува дали основицата ќе се пресметува врз основа на остварената просечна плата, или пак во самиот закон ќе ја утврди висината на основицата во фиксен износ.
„Но, независно за кој пристап се работи, законските норми кои се однесуваат на ова прашање мора да бидат јасни, недвосмислени и предвидливи и да не оставаат простор за различно толкување што би можело да доведе до нејаснотии и различна примена во исти ситуации. Впрочем, барањето за јасност и прецизност е едно од основите елементи на принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот“, велат од Уставен суд.
Се нагласува дека при донесување на одлуката се воделе и од образложението кое го дале државните ревизори во Извештајот на ДЗР, кое е цитирано и во образложението на Одлука на Уставен суд. Во неа меѓу другото се вели:
„Неоспорувајќи ја состојбата во која се издава ревизорскиот извештај, во насока на законско доделување на платите на избраните и именуваните лица, истакнуваме дека основицата согласно член 11 од законот е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, која за 2021 година изнесува 29.943 денари, при што укажуваме на потребата од доследна примена на член 11 од наведениот закон и усогласување на основицата за пресметување на платите со податоците за исплатена месечна плата на Државниот завод за статистика, по претходно донесување на измени на наведениот закон“.
Инаку, денеска на прашањето за одлуката на Уставен суд за зголемување на платите на функционерите вицепремиерот Фатмир Битиќи одговори дека не може да не се почитува одлука на Уставен суд.
„Владеењето на правото е неприкосновено. Ако има друга одлука со која што треба таму да се интервенира јас сум еден од првите што ќе ја поддржи“, одговори Битиќи.
Градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски, на својот профил на Твитер објави дека според последната одлука на Уставниот суд, сите носители на јавни функции ќе добијат зголемување на платите, како и дека тој разликата тој ќе ја донира во хуманитарни цели, на семејствата со ниски месечни примања и за семејствата на уставобранителите.
За одлуката на Уставен суд вчера зборуваше и Трпе Деаноски од Синдикатот на УПОЗ, кој во гостување во „Анализа“ на ТВ24 рече дека според пресметките на Синдикатот, платата на функционерите ќе се зголеми над 1.500 евра, а министрите ќе имаат плата од 1.800 евра.
„Од една страна замрзнуваат цени, а од друга страна Уставен суд носи одлука со која што само на функционерите им се поврзува платата со просечната плата и само функционерите добиваат огромно зголемување на плати. Процентуално изразено е 78 отсто зголемување на нивните плати. Тоа во државата никогаш не го имало“, изјави рече Деаноски.
Инаку, во образложението на Уставен суд детално се објаснува како се движела основицата по години и како се зголемувала и намалувала со одлука на Собранието. Последниот пат кога е зголемена е останата на 26.755 денари нето и според неа се пресметуваа платите со коефициенти. Просечната плата за минатата година е речиси 32 илјади денари (што е разлика од 5.300 денари) па на ваква основица ќе се применат и соодветните коефициенти. Што значи дека оној функционер што имал коефициент на плата од 3, примањата ќе му се зголемат на околу 94 илјади денари, а претходно примал 80.000 денари.
Според член 10 став 1 платата се утврдува на начин што основицата се множи со утврдениот коефициент и се зголемува за процентот на работното искуство, а коефициентите, согласно член 12, изнесуваат 2,2 до 4,5.
Извор: Независен