Вчерашниот ден 28-ми ноември албанскиот народ го одбележува Денот на албанското знаме. Меѓутоа, иако не е државен празник, ниту, пак, празник на малцинските заедници, од утрото вчера особено во Полошкиот регион беше забележливо огромното присуство на албански знамиња, но такви со карта на „голема Албанија“. Долги години јавноста го поставуваше прашањето со знаме на друга држава без националното македонското до него не се крши законот за знамиња.
Меѓутоа, поради коалициските калкулации изминатите години реакција од позиција на власт и држава редовно изостанувше, , барем онаква каква што би требало да биде според законот, гледајќи на тоа како на бенигни и изолирани инциденти. А тоа, сосема разбирливи, од некои е сфаќано како премолчување на провокативните инциденти со јасен етнички предзнак.
Но, вчерашниот 28-ми ноември и инцидентите за кои реагира со право огромниот дел од македонската јавност „се случи“ откако ДУИ по речиси две децении замина во опозиција. И тука, се во право првите и донеодамнешните нивни коалициски партнери од СДСМ, кои критикуваат „потфрлање во превенцијата на скандалозните настани“. Требаше да се очекува, патем тоа на извесен начин беше и најавувано, дека „интегративците“ на Али Ахмети ќе се обидат да предизвикаат радикализирање на состојбата во која повторно ќе се самонаметнуваат како фактор на меѓуетничка стабилност.
Во тој излитен манир на „заштитници“ на албанскиот народ и „миротворци“ од ДУИ ден по скандалозното „прославување“ ќе се огласат со тврдењето дека „интервенцијата на полициската за време на прославата на Денот на албанското знаме била причина за инцидентот“ . Според партијата, полицијата „предизвикала непотребни тензии и создала клима на конфронтација, нарушувајќи го правото на граѓаните слободно да ја одбележат оваа значајна празнична традиција“. Од ДУИ велат дека го осудуваат индивидуалниот чин на палење на државното знаме, нагласувајќи дека таквите дела не ги одразуваат вредностите на Албанците и не се во согласност со стремежите за стабилен соживот и заемна почит.
Но мора да се истакне, за разлика од минатите години кога вакви „славења“ на албанското знаме беа ограничени во средините во кои албанската популација е мнозинска, вчера имавме низа примери на провокации со возила кои демонстративно и провокативно парадираат накитени со албански знамиња и вклучени сирени, токму во средините каде што албанското население и речиси воопшто не е застапено и особено забележливо. И токму во периодот на најголемиот сообраќаен метеж. За среќа, тоа мина без посериозни инциденти на конфронтираност но со срамен навредувачки однос на сожителите, па и кон самите себеси, со уништувањето на знамето на македонската држава.
Па се наметнува прашањето дали ДУИ сака да ја убеди јавноста дека вчера бевме сведоци на изливи на самоорганизирана „масовна прослава“, откако од нивното заминување во опозиција без исклучок секојдневно се обидуваат во своите објави да го протнат наративот за наводните штети што ги трпеле граѓаните од албанско потекло откако тие не се на власт. Според сѐ судејќи, се чини дека станува збор очајнички однапред испланиран обид да се предизвика причина за инцидент и дестабилизација на земјата, а на што од актуелните владејачки структури повеќепати изминатиот период беше предупредувано. Едноставно затоа што „интегративците“ на Ахмети веќе се свесни дека по дводецениското владеење, албанските гласачи во Македонија веќе не ѝ даваат масовна поддршка на ДУИ, партијата критикувана од своето членство за непотизам и махинации се ситни и дели, и сѐ подалечно изгледа враќањето на власт, особено во скор период.
Покрај тоа, секојдневните средби и инсистирање на челниците на ДУИ кај странските дипломати во земјата очигледно не се ефектуираат со враќање на моќта на Ахмети и неговото опкружување. Напротив, поверојатно е дека „интегративците“ се советувани да останат на сегашните позиции, оптоварени со багажот на сомненија и обвиненија за големи финансиски малверзации. Во таков контекст, на ДУИ навистина не би му останало ништо друго освен да се надева дека во услови на една крајно радикализирана атмосфера може да биде некако уважена како фактор. И, се разбира, воопшто не треба да има сомневања дека партијата на Ахмети веќе ги загубила своите организаторски потенцијали и поддршка. Особено во манипулирањето со екстреми и инсценирањето или едноставно предизвикувањето инциденти, во прв ред, на меѓуетничка основа. Оттаму, јавноста не може се оттргне од перцепцијата дека вчерашните инциденти и провокации се оркестрирани, и дека зад тоа стои ракописот на ДУИ.
Како и да е, македонското знаме вчера беше сквернавено, а албанското злоупотребено и посрамено – наместо да биде чествувано достоинствено – стана инструмент за провоцирање инциденти и остварување лични политички амбиции.
Вообичаено, по синоќешните жестоки реакции на граѓаните преку социјалните мрежи, денеска следуваат и партиските реакции со осуди и очекуваното префрлање на вината на релацијата власт – опозиција. И обвинителите се огласија со најава дека ќе го расчистуваат случајот со уништувањето на државното знаме. Меѓутоа, останува фактот дека станува збор за ситуација којашто е режирана со јасна политичка цел, без грижа за тоа дека на крајот сите ја плаќаме цената за тоа.
Извор: Нетпрес