Connect with us

Македонија

Трајко Тарцан, легендарниот првоборец – осудуван 5 пати на смрт од бугарските воени фашистички судови за Македонија!

На денешен ден, на 12 јуни во 1918 година во селото Голем Радобил, Прилепско, е роден легендарниот првоборец и национален деец за слободата на Македонија Трајко Бошкоски – Тарцан. На 8 јануари 1943, откако во една колиба ќе биде опколен од бугарските фашисти и ќе ја потроши целата муниција во борбата со нив, со последниот куршум се самоубива и ќе ја положи својата младост на олтарот на слободата на својот поробен македонски народ и во темелите на идната македонска држава.

Основно училиште и прв клас гимназија завршил во Прилеп. На 14 годишна возраст, од 1932 почнува да работи како дрводелец. Кон крајот на летото 1937 година заминува за Белград. Се вклучил во тамошното студентско-работничко движење и почнува да се дружи со напредните Македонци, кои студирале во Белград во тоа време. На 26 ноември 1938 година станува член на КП.

Во 1940 година Трајко Бошкоски – Тарцан се вратил во Прилеп. На 2 август 1940 година Тарцан ќе биде учесник во Илинденските демонстрации,  одржани во Скопје, Прилеп и Охрид, кои биле организирани од Методија Андонов Ченто, Орце Николов и Кузман Јосифовски Питу. Со Илинденските демонстрации Македонците барале реформи и поголеми права за Македонците во тогашното кралство Југославија (претходно познато како кралство СХС), а едно од главните барања било македонските деца да учат на македонски јазик, не на српски, на кој што дотогаш учеле.

Тарцан ќе одржи два забележителни говори на демонстрациите, по што ќе биде уапсен од тогашната српска власт. Во декември 1940 година е осуден на шест месеци затвор. Ослободен е пролетта 1941. По фашистичката окупација на Македонија, српскиот режим бил заменет со бугарски фашизам.

Трајко Бошкоски – Тарцан е меѓу првите борци против бугарските окупатори и еден од седумте први прилепски партизани, кои на 12 септември 1941година во месноста Будимаш на Селечка Планина ја формираат првата партизанска чета во Вардарскиот дел на Македонија. Тој е избран како политички комесар на четата. Подоцна бил политички комесар и на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“.

На 8 октомври 1941 година Тарцан е опколен во една куќа во Прилеп, но успева да се пробие низ непријателскиот обрач, при што убива еден бугарски полицаец. Тој е еден од организаторите и водачите на нападот врз бугарскиот полициски участок во Прилеп на 11 октомври 1941 година, со што започнало востанието на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор на Македонија.

Кон крајот на 1941 работи активно на теренот на Скопје, каде пропагира и ја јакне организираноста на македонскиот народ за борба против окупаторот. Од скопскиот терен, тој се префрлил во Тетовско-Дебарскиот регион каде исто така успешно работел на оформување на нови партизански одреди. Бил член и инструктор на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија од декември 1941 и политички комесар на Покраинскиот оперативен штаб од април 1942.

Бугарските воени фашистички судови 5 пати ќе го осудат на смрт Трајко Бошкоски – Тарцан. Почнала потрага по него и под дрво и под камен. По формирањето на Велешкиот одред „Димитар Влахов“ во септември 1942 година Тарцан бил избран како негов политички комесар. При една организирана потера на окупаторот тој е тешко ранет на Божик 1943. Соборците го оставиле во една колиба кај селото Сливник, Велешко, мислејќи дека тука ќе биде на сигурно додека дојде помош, затоа што не можел да се движи. Но бил предаден.

На 8 јануари 1943 бугарските фашисти ја опколиле колибата, но Тарцан почнал да пука и не им дозволувал на напаѓачите да се приближат. Во нерамна борба ги испукал сите куршуми освен последниот. Со него Трајко Бошкоски Тарцан се самоубива и ги положува своите 25 години на олтарот на слободата на тогаш поробената Македонија.

Извор. Експрес.мк

Македонија

Отворен шалтер за корекција на неточни прекршочни известувања

Сообраќајниот прекршок го прави еден возач, а казната завршува во рацете на сосема друго лице. Ваква неправда во изминатиот период погодува дел од граѓаните, откако системот „Безбеден град“ започна да испраќа известувања со погрешни податоци. Наместо вистинските прекршители, санкциите ги добиваат луѓе кои немаат никаква врска со сторениот прекршок. Од Министерството за внатрешни работи појаснуваат дека проблемот произлегува од неправилности во евиденцијата при регистрацијата на возилата, што доведува до сериозни пропусти во автоматизираниот систем.

За надминување на ваквите ситуации, МВР отвори посебен шалтер на приземјето во Одделението за граѓански работи, во зградата на МРТ, каде граѓаните ќе можат директно да пријавуваат случаи во кои добиле казна што не им припаѓа.

„Од денес шалтерот за ‘Безбеден град’ е целосно во функција. Секој што добил известување со неточни податоци за сообраќаен прекршок може да поднесе барање за корекција на информациите“, соопштуваат од МВР.

Истата постапка, како што појаснуваат од Министерството, може да се заврши и преку станиците за технички преглед на возила, на локациите каде што е присутен службеник на МВР. Граѓаните ќе имаат можност да ги ажурираат контакт-податоците оставени при регистрацијата на возилото, доколку тие се променети или доколку добиле погрешно известување.

„Граѓаните можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците што ги доставиле при регистрацијата на своите возила, во случај на промена или при добиено известување со неточни информации“, изјави портпаролот на МВР, Гоце Андреев.

Шалтерот ќе работи секој работен ден од 8:00 до 17:00 часот, а дополнително, граѓаните можат да пријавуваат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со системот „Безбеден град“ и по електронска пошта на адресата bezbedengrad@moi.gov.mk.

Continue Reading

Македонија

Пресврт во случајот „Синџир“: „Ѓаволот“ се предаде, затворот заменет со домашен притвор поради загрозена безбедност

Првообвинетиот во мега-аферата за даночно затајување „Синџир“, Љупчо Пецов – познат како Ѓаволот, по долг период во бегство, од вчера е во рацете на правдата, но не зад решетки во Шутка, туку во својот дом.

Во ненадеен пресврт, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се откажа од барањето за затворски притвор. Наместо тоа, обвинителството предложи, а Кривичниот суд прифати на Пецов да му биде одреден куќен притвор под строг 24-часовен полициски надзор.

„Судијата немаше избор – законот не му дозволува да одреди построга мерка од онаа што ја предлага самиот обвинител,“ појаснуваат од Кривичниот суд.

Обвинителството го оправда ваквиот „попуст“ со неколку клучни причини:

  • Влошено здравје: Пецов доставил медицинска документација за претходно болничко лекување и препораки за понатамошна терапија.

  • Безбедносен ризик: Обвинителите процениле дека неговата лична безбедност во истражниот затвор не може да биде гарантирана.

  • Сериозни влијанија: Постојат индиции за притисоци врз постапката и врз самиот обвинет.

  • Доброволно предавање: Пецов сам се појавил пред органите на прогонот и веднаш ги предал своите два пасоша.

Овој случај доби филмски пропорции по неодамнешното апсење на неговиот адвокат, поранешниот државен правобранител Фехми Стафа. Стафа „падна“ во полициска заседа под сомнение дека примил поткуп од 50.000 евра (од првично побараните 100.000) за да изврши притисок врз судии во Апелација за укинување на притворот на Пецов. Додека Стафа сега е во затворски притвор, неговиот клиент успеа да издејствува престој дома.

Случајот „Синџир“ е една од најобемните истраги за финансиски криминал во државата. Пецов е првообвинет во група од 26 лица и 28 компании кои, преку шема со фиктивни фактури и лажен ДДВ, се сомничат дека „испумпале“ 8 милиони евра од државниот буџет.

Иако Апелација претходно ја одби неговата милионска гаранција за слобода, неговото доброволно предавање и „кревкото здравје“ ги отворија вратите на неговиот дом, каде под будното око на полицијата ќе го чека продолжението на судскиот процес.

Continue Reading

Македонија

Само 15 од 3.690 автобуси во Македонија се електрични – јавниот транспорт останува далеку од еко-трансформација

Иако македонските патишта се преплавени со автобуси, квантитетот во овој случај не значи и квалитет. Најновите податоци на Евростат откриваат фасцинантен, но загрижувачки парадокс: додека Европа активно оди кон „зелена“ мобилност, македонскиот јавен превоз останува заглавен во облак од дизел чад.

Со 2 автобуси на секои 1.000 жители, Македонија со леснотија го престигнува просекот на Европската Унија (1,6). На хартија, нашата мрежа е погуста од онаа на многу европски метрополи. Сепак, од вкупно 3.690 регистрирани автобуси во 2024 година, дури 97,8% се движат на дизел.

Додека европските градови инвестираат во тивок и чист транспорт, во Македонија само симболични 15 возила (0,4%) се електрични – капка во морето на фосилните горива.

Интересен е податокот дека Македонија го обновува својот возен парк со двојно побрзо темпо од ЕУ. Минатата година биле регистрирани 379 нови автобуси, што претставува стапка на обнова од 10,2% (наспроти европските 5,1%).

Но, ние купуваме нови возила, но купуваме стари технологии. * Во ЕУ: Речиси секој петти нов автобус (17,8%) е со нулта емисија.

Речиси секој нов автобус е повторно – дизел.

Додека автобуската мрежа е натпросечно застапена, кај патничките автомобили сликата е обратна. Со 319 автомобили на 1.000 жители, Македонија сè уште е далеку под европскиот стандард од 578 возила. Ова сугерира дека граѓаните сепак се потпираат на јавниот превоз, што само ја зголемува итноста тој да биде модерен и еколошки.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг