Борис и Воца Гулевски, по потекло од битолско Кукуречани, кои со децении наназад живеат во Мелбурн, Австралија, повеќе од педесет години секојдневно се буделе и живееле со мислата каде е нивниот син и што се случило со него. Им останале да ги тиштат многу неодговорени прашања, и денес иако имаат по 70 години и ги живеат своите пензионерски денови, се уште не се откажуваат од потрагата по вистината за нивното дете.
Како што раскажуваат во телефонски разговор за ,,Фокус”, на 30-ти април во далечната 1971 година во битолската болница се родил нивниот син. Воца вели дека се било во ред со бебето, за да потоа од болницата им кажат дека починало.
Што се случило и која била причината за смртта, не им било соопштено. Не им било дозволено ниту да го видат и погребаат своето бебе, кое според официјалните документи починало на трети мај.
-Бев млада, имав 18 години, бев неискусна. Ми кажаа дека син ми починал, ме задржаа во болница уште неколку дена кои ги минав во солзи, а потоа ме пуштија да си одам дома. Кога го побаравме телото на синот, за да можеме да го погребаме, го немаше. Ни кажуваа дека многу деца умираат по раѓање или за време на породување, и да се помириме со судбината. Освен тврдењето на вработените во болницата дека нашиот син починал, ние никаков доказ за тоа не видовме.
Но, некој глас постојано ни кажуваше дека нешто не е во ред, дека нешто се крие зад целата ситуација. На многу прашања не добивме одговори и постојано не мачеа. Најголемиот сомнеж дека сепак нешто се случило и не ја знаеме целата вистина, ни се разбуди по шест години, кога добивме покана да го запишеме детето на училиште.
Зошто дојде таа покана? Повторно започнавме да бараме одговори, но безуспешно. Чувството дека нашето дете е живо, во ниту еден момент не не напушта, и остануваат прашањата каде е, на кој крај на светот, со кого е, кој стои зад сето ова.
По 18 години ни пристигна и поканата за синот да оди во војска. Како може за дете кое починало пред 18 години да пристигаат покани? Веќе ништо и никој не можеше да не разубеди дека синот ни е жив- тврди мајката.
Иако живеат во Австралија, далеку од родниот крај, на секое доаѓање во Македонија тие редовно го минувале патот од една до друга институција, во надеж дека ќе има некои нови вести за нивното дете, но одговорот секогаш бил ист, во документите пишувало дека синот им починал.
-Тој силен родителски инстинкт, тој внатрешен глас не може ништо да го намали. Живееме во надеж дека некогаш ќе се дознае што точно се случи со нашето дете, веруваме дека е во некоја друга земја, можеби во Америка, Канада, па дури и во Австралија. Ни останаа многу неодговорени прашања, затоа и се роди сомнежот, но постојано тука е присутно и чувството дека тој е жив. Направивме и ,,Мај херитиџ” ДНК тест, во надеж дека ќе излезе некое совпаѓање, дека можеби и синот трага по своето биолошко потекло. Не знаеме каде да се обратиме и како да ги добиеме одговорите по кои сме желни 52 години, затоа замолуваме ако било кој има некаква информација, веднаш да не извести. Имаме уште три деца, син и две ќерки, можеби некој ќе ја препознае сличноста со нив, или пак со нас. Тоа ни е голема надеж – велат родителите.
Апелираат доколку некој има било каква информација поврзана со нивниот случај, да ја контактира нивната роднина Slavica Sue Masa на социјалната мрежа Фејсбук, бидејќи таа детално била запозната со случајот и им помагала во потрагата, објавувајќи ја нивната приказна на социјалните мрежи.
МВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
Министерството за внатрешни работи официјално потврди дека автоматизираниот систем за сообраќајно санкционирање „Безбеден град“ ќе почне со работа на 1 февруари 2026 година, еден месец подоцна од првично најавениот датум.
Одложувањето доаѓа во период кога јавноста сè уште е фокусирана на состојбата во Скопје, а тестирањата на системот продолжуваат и во Тетово и Куманово – градови во кои истовремено со главниот град треба да почне издавањето автоматски казни.
Теренското тестирање покажа дека дел од камерите не регистрираат прекршоци, особено при мали надминувања на брзината. Советничката во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Снежана Петровиќ-Арсовска, потврди дека се разгледува воведување праг на толеранција, но конечната одлука сè уште не е донесена.
Повеќе локации во Скопје, Тетово и Куманово, како и на коридорите 8 и 10, веќе се покриени со камери, но дел од нив не функционираат целосно или не се калибрирани. Најголемиот број регистрирани прекршоци досега доаѓаат од скопската обиколница, каде системот издаде опомена за само едно надминување на брзината за време на тестирањата.
Во Тетово и Куманово ситуацијата е поизразена – на многу локации камерите воопшто не биле активни или не регистрирале прекршок, иако намерно биле направени неколку. Дополнителен проблем е постојаното непрописно паркирање, за што МВР најавува дека ќе се користат специјализирани патролни возила со опрема за снимање кои ќе кружат низ градовите.
Во Куманово, само неколку дена по тестирањето, се забележани нови точки на кои се поставуваат свежи камери – што укажува дека системот сè уште се надградува.
Од МВР велат дека „Безбеден град“ ќе биде пуштен во целосна функција од 1 февруари, а до тогаш продолжува тест-фазата и калибрацијата. Дополнителниот месец, според надлежните, треба да го обезбеди потребното време за проверка на техничките параметри, но и да им даде можност на возачите да ги коригираат своите навики пред почетокот на автоматизираното казнување.
Андоновски: Родителите да имаат увид во изборот на деца за мобилни апликации – кон корисни и образовни содржини
И покрај австралискиот преседан со законска забрана на социјалните мрежи за деца под 16 години, Македонија засега цврсто стои настрана од радикални забрани. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, потврди дека прашањето се разгледува, но изрази сериозни сомнежи во врска со примената и подготвеноста на општеството за ваков драстичен чекор.
„Секоја забрана треба да бидете свесни како ќе ја донесете, ќе има два ефекти. Ако не успеете да ја имплементирате до крај, таа ќе придонесе некои да се снаоѓаат, а некои да излезат целосно од контрола.“ – истакна Андоновски, потенцирајќи го ризикот од неефикасност и заобиколување на мерките.
Наместо да се посегне по забрани, министерот го гледа решението во едукацијата и интензивната работа со родителите. Според него, одговорноста е на семејствата да го насочат времето што децата го минуваат на мобилните телефони кон корисни содржини, а не кон бесцелни „натпревари“ и „губење време“.
Прашан за личниот став во врска со австралискиот закон, Андоновски беше директен и скептичен:
„Моето очекување е дека нема да успее проектот целосно, затоа што првите најави веќе покажуваат дека се наоѓаат начини преку технички уреди и врски да се заобиколат забраните.“
Министерот потсети дека во земјава веќе се работи на заштита на децата преку Центарот за побезбеден интернет. Тој децидно појасни дека секој социјален медиум веќе има возрасна граница под 16 години.
Ако родителите го имплементираат тоа кај своите деца, тогаш децата нема да имаат пристап до алгоритми и содржини кои се штетни за нив. Ако тоа не го прават родителите, многу е потешко државата да се меша во слободниот избор на секој граѓанин и семејство и да одлучува што смеат, а што не смеат.
Со ова, Владата ја префрла топката назад кај родителската контрола, сугерирајќи дека државната интервенција во приватниот семеен избор е последна и најтешка опција.
Собранието бара 30 нови соработници: Места за преведувачи и толкувачи со плати од 32.000 денари
Дури 33 нови позиции се објавени на Агенцијата за администрација, со што Собранието на Република Македонија отвора ново поглавје со масовен оглас за вработување.
Она што веднаш паѓа во очи се атрактивните плати, кои се движат од скромни, но сепак солидни 32.404 денари за помлад референт, па сè до импресивни над 53.000 денари за раководните позиции.
На самиот врв се позициите како Раководител на одделение за умножување и комплетирање на материјали и Раководител на одделение за поддршка на работата на претседателот на Собранието, каде примањата надминуваат 53.000 денари.
За поискусните, позициите Советник на комитетот за односи меѓу заедниците и Советник за толкување од македонски на албански јазик нудат плата до 47.303 денари.
Соработникот за информирање на јавноста на албански јазик и Преведувачот од македонски на албански и обратно може да очекуваат одлични 40.707 денари.
За Помладите соработници во секторите човечки ресурси, јазична редакција и канцелариско работење, предвидена е плата од 37.758 денари.
Помлад референт за мултилатерална соработка ќе добива плата од 32.404 денари, додека Техничкиот секретар ќе добива малку повисоки 32.714 денари.
Не е лесно да се влезе во Собранието. Освен задолжителното државјанство, полнолетство и здравствена способност, кандидатите мора да ги исполнуваат следниве, далеку построги услови:
Високо образование (со различни посебни услови во зависност од позицијата).
Активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење.
Положен испит за административно управување.
Активно познавање на странски јазик: англиски, француски или германски.
За дел од позициите: Положен правосуден испит.
Дел од огласите веќе се пред истек, со првите рокови закажани за 13 декември, додека другите следат од па сè до 20 декември. Заинтересираните кандидати мора веднаш да аплицираат.
Сите детали и целосниот текст на огласите можете да ги најдете на веб-страницата на Агенцијата за администрација.