Connect with us

Македонија

НА ДЕНЕШЕН ДЕН во сред Софија стрелани македонските поети Никола Ј. Вапцаров и Антон Попов

На денешен ден пред 81 години на Гарнизонското стрелиште во Софија стрелани се Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов, македонски интелектуалци и патриоти.

Вапцаров бил поет, есеист, новинар и револуционер и еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938-1941). Роден е на 7 декември 1909 година во Банско, во Пиринска Македонија, каде го минал и  детството.

Вапцаров учи гимназија во Разлог, Пиринска Македонија, но поради тешката материјална состојба го прекинува образованието и потоа завршува воено поморско- машинско училиште во Варна. Поради условите во кои живеел, Вапцаров се школувал, а подоцна и пишувал на туѓ јазик, но никогаш нема да заборави дека е Македонец.

Првата своја песна „Кон светлите идеали“ ја објавува во весникот „Борба“ во 1926 год. Наредните две години своите творби ги објавува објавува во списанието „Родина“.

Се жени со Бојка, ќерка на Македонци, доселеници од Егејска Македонија. Во 1935 година Бугарија ја зафаќа економска криза. За да преживее Вапцаров работи како физички работник во фабрика во Софија во многу тешки услови. Борејќи се со сиромаштијата, ќе доживее лична трагедија – ќе му почине синот единец Јонко. И покрај невремето во кое живеел, не престанал да пишува.

Станал член на тамошното антифашистичко движење и еден од организаторите на протестите кои ќе започнат по затворањето на фабриката во која работи. Фабриката повторно проработува, но Вапцаров е веќе трн во окото на власта и останува без работа.

Неговиот талент за пишување е неспорен. Со една негова песна победува на анонимен конкурс на списанието „Летец“. Победува и на натпревар за радио-драма, но откако организаторите дознаваат за кого се работи, неговата драма не е поставена ниту емитувана.

Во 1940 година Вапцаров ја издава својата единствена стихозбирка „Моторни песни“.

Заедно со Михаил Сматракалев и Антон Попов во октомври 1938-ма е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој подоцна се вклучуваат и Коле Неделковски, Венко Марковски, Ѓорги Абаџиев и други.

Во реферат по повод основањето на кружокот, Вапцаров напишал:

„На нас, како Македонци што пишуваат, ни е неопходна една правична емоционална сила, што ќе ни ја раздвижи крвта, ќе ни раздвижи многу претопени чувства, многу спомени… Зашто ако последните години македонската револуционерна борба тапка во место, ми се чини дека причината е во недостигот на жива творечка сила… Се случи така што во српска и грчка Македонија (Вардарска и Егејска) – великобугарските утопии се оладуваат и јакне едно поколение инспирирано од лозунгот „Слободна и независна Македонија“.

Вапцаров натаму вели:

„Тоа е најважната етапа од македонското прашање кое навреме не го забележавме и за чие преспивање носиме одговорност… Ако тагуваме за својата Татковина, ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала капка благодарен патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, ропски да се впрегнеме, за да понесеме дел од одговорноста на едно дело и жестоко величие на една епоха… Ние треба да ја познаваме македонската историја и најмногу историјата на национално-револуционерното движење – Илинден, Гоце, Даме… Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза…“

Овие зборови на Вапцаров доволно кажуваат каков Македонец бил тој.

Во април 1939 година е донесен Статут на кружокот, во кој јасно се нагласува дека: „Кружокот е самостојна, независна група од македонски поети и писатели, обединети од заедничка цел да работат за создавање на македонска уметничка литература.“

Освен рефератот на Вапцаров, зачувани се и други написи, статии и реферати на членовите на кружокот, кои на своите собири ги читале своите дела и меѓусебно си давале критики за напишаните творби. Зачуван е и текстот на Антон Попов „За македонската нација“.

Во 1941 година, заради прогонствата и затворањата на членовите на кружокот, тој престанува да постои. Вапцаров започнува илегално да делува и учествува во многу саботажи. На 4 март наредната година е уапсен од бугарските фашисти  и потоа неколку месеци крвнички мачен во софиските затвори.

Знаејќи дека го чека смрт, Вапцаров се обидува да се самоубие сечејќи си ги вените. На 23 јули 1942 година бугарскиот суд го осудува на смртна казна без право на жалба. Истата вечер Никола Јонков Вапцаров и Антон Попов се стрелани на гарнизонското стрелиште во Софија.

Никола Јонков Вапцаров останува еден од најголемите синови на Македонија, пишуваат Македонците од ОМО „Илинден“ од Пиринска Македонија, и додаваат „Македонија не смее да го заборави“.

(Село Игуменец денес Гега во Пиринска Македонија)

Антон Попов е правнук на поп Стојан од Берово

Антон Николов Попов роден е на 20 октомври 1915 година во Попово маало, село Игуменец (денес Гега) во Пиринска Македонија. Тој е македонски писател, патриот и учесник во отпорот против режимот во Бугарија. Бил еден од основачите на Македонскиот литературен кружок.

Неговиот прадедо поп Стојан се доселил од Берово. Тој, како соборец на Иљо Малешевски и учесник во Кресненското востание, бил убиен од Турците. Истата судбина го снашла и дедо му Костадин Попстојанов, војвода на чета во Горноџумајското востание, заедно со неговите двајца браќа. Татко му, учителот Никола Попов бил учесник во револуционерните борби.

Попов основно образование завршил во родното село, потоа продолжил во гимназијата во Самоков. Заради учество во ученички кружок и ширење на марксистички идеи помеѓу учениците на гимназијата бил исклучен и принуден да го продолжи своето средно образование во Неврокоп, каде и го завршил во 1933 година.

Неможејќи поради материјални тешкотии да продолжи на факултет, станал учител во Гега и за кусо време создал интернат за 100 сиромашни деца во селото. Од 1934 година Антон Попов бил член и на Бугарската комунистичка партија (БКП).

Во 1936 година се запишал во Државното високо училиште за финансии и административни науки во Софија, а есента 1937 година станал чиновник во Софија каде работел и како новинар. И Попов е еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во 1938 година. Во тоа време ја напишал статијата „Дали постои македонска нација“, во која дава образложен позитивен одговор.

На почетокот на мај 1941 година е мобилизиран во 25 пешадиски полк на Беломорието. По нападот на нацистичка Германија врз СССР заедно со Никола Вапцаров стануваат членови на Воениот центар при ЦК на БКП, каде пројавил вонредна активност. По апсењето на Вапцаров на 4 март 1942 година, набрзо, на 24 април бил уапсен и Антон Попов. Во судскиот процес против ЦК БРП на 22 јули е осуден на смрт и на 23 јули, заедно со Н. Ј. Вапцаров и четворица други комунисти бил стрелан на софиското гарнизонско стрелиште.

Со неговото име и во негова чест, Петричкиот партизански одред, формиран на 24 мај 1944 година, е наречен „Антон Попов“.

Еве што запишал Антон Попов:

„Беснееја на македонската земја разни господари. Срби, Турци, Грци, Бугари… Тогаш, од македонската нива сите тие береа. До денеска само на еден правото не го признаа. Правото на Македонецот да ја ора својата земја и единствено тој да го бере плодот од својата нива. Стариот господар на таа земја, правото на големиот македонски дух – не беше признат. Историјата на човештвото е полна со неправди. …Кој ги инспирира настојувањата да се избрише македонското сознание, македонското име, да не го признаваат правото на македонскиот народ да биде господар и чувар на својата родна земја? Кој ги поттикнува нивните свирепи мерки, нивното цврсто решение? Кој ги поддржува и оправдува нивните настојувања- плен на угнетување да бидат нивните славјански браќа“?- напишал Попов.

(Д. Г.) Денешен.мк

Македонија

Чучуљ: Комисијата за борба против корупција ќе постапува без разлика на политичката припадност

Новиот претседател на Антикорупциската комисија, Адем Чучуљ, истакна дека Комисијата ја поздравува секоја иницијатива за борба против корупцијата и ќе постапува секогаш кога има основ за тоа, без разлика дали сигналите доаѓаат од власта, опозицијата или граѓански организации.

– Ја поздравуваме секоја иницијатива за борба против корупцијата, било да е од политички партии, здруженија на граѓани или медиуми. Ќе ги следиме сите јавни настапи и секогаш каде има основ за постапување, ќе постапуваме. Сепак, треба да се има предвид дека ДКСК е превентивно тело и нашите капацитети за истраги се ограничени, појасни Чучуљ во вечерашното гостување во централниот дневник на „Сител“.

Во врска со најавите на опозициската СДСМ за објавување на снимки за наводни коруптивни активности на власта, Чучуљ рече дека Комисијата ќе ги разгледува сите случаи каде постои основ за постапување.

На прашањето за можноста да се ревидираат предметите од мандатот на претходната претседателка, Чучуљ рече дека нема потреба за тоа бидејќи сите одлуки биле донесени на јавни седници со мнозинство гласови. Дополнително, тој појасни дека распределбата на предметите е електронска и се врши според принципот на ротација, што ја елиминира можноста за влијание од страна на претседателот.

– Претходната претседателка ја смени распределбата на предметите во позитивна насока – по случаен избор, наместо по азбучен ред, што значи дека системот ги распределува предметите без влијание на претседателот, подвлече Чучуљ.

За својот избор за претседател и едногласната поддршка од пратениците, Чучуљ рече дека е изненаден и благодарен и ја гледа оваа поддршка како морална и професионална обврска да ја оправда довербата.

Тој најави и поголема транспарентност кон медиумите, со редовни брифинзи по една или две седници и подготовка на нова стратегија за соработка со јавноста.

Continue Reading

Македонија

ПАРКИРАШ „САМО МИНУТА“? КАМЕРИТЕ НЕ ПРОСТУВААТ – КАЗНИ И ЗА ТЕЛЕФОН!

Главната цел на проектот „Сејф сити“ е да се обезбеди што поголема безбедност на учесниците во сообраќајот, како и на пешаците. Бројот на паднати опомени покажува дека граѓаните реагираат позитивно, вели Сашо Топаловски, началник во СВР Скопје во интервју за порталот „Република“.

Тој најавува дека граѓаните со казната ќе добиваат и фотографија од прекршокот. Системот може да го слика и целото возило, може да го слика и горниот дел заедно со таблиците. Кога се поминува на црвено светло се снима задната таблица и ќе се гледа задната шофершајбна и моментот на поминување на црвено светло.

Топаловски потсетува дека жолтото светло не е за поминување, туку за возачот да се подготви да застане. Речиси сите сообраќајници во Скопје се направени со трепкач на зеленото светло, тоа трепка три пати пред да се вклучи жолто светло.

– Жолтото светло и законски е наведено дека не е за да поминете туку за да застанете. Ако вие како возач го забележите жолтото светло, немате да кажете зошто сте поминале, не сте безбедни самите вие. Жолтото светло е за да ве предупреди дека треба да застанете. Вие може да поминете на зелено и кога ќе поминувате на раскрсницата тоа да стане жолто и тогаш нема да ве регисрира системот. Камерата има прецизна зона каде треба да се најде вашата таблица, каде треба да навлезе вашето возило во раскрницата после пешачкиот премин за да ве сними заедно со црвеното светло. И тука има непобитен доказ, го гледате вашето возило со регистрацијата влезено во раскрсницата и горе го гледате црвеното светло. На жолто светло се кочи и се припрема за следното тргнување. Можеби и на другата страна некој истото го вика ако помине на жолто – објаснува Топаловски.

Нема можност за човечко влијание

Началникот објаснува дека системот Сејф сити е проектиран да не може врз него да влијае човечки фактор и сѐ прави сам. Внесува податоци, ја испраќа пораката, снима и го пакува во фајл.

– Нема можност човек да ве извади од систем за да не добиете порака и прекршочен платен налог – уверува Топаловски.

Тој потсетува дека законската регулатива за движење во градска зона е 50 и дека сите инженери проценуваат дека при таа брзина секоја реакција на возачот е благовремена и смртните последици се невозможни.

– За од 0 до 10 километри на час казната е 10 евра или на половина 5, или онаа што е над 10 километри на час до 30 е 45 евра. Тоа се казни за да ви текне дека правите грешка и дека таа грешка може да биде кобна. Сега само тестираме дали со 52 или 55 го добивааме нивото на безбедност. Ова и ние го знаеме и заедно со граѓаните планираме статистички да пресметаме и да објавиме кој систем на нивелација ќе го избереме. И камерите кои се нивелирани во Биро за метрологија покажуваа нивелација од еден до два проценти. Ги анализираме сите европски земји и заедно со граѓаните во една јавна дебата ќе одлучиме. Толеранција има и на сегашните радари. Да не се тревожат траѓаните, ова е тест фаза – вели Топаловски.

Ќе се казнува и за зборување по телефон

Тој вели дека ќе се казнуваат сите вообичани прекршоци што се прават во сообраќајот, како што се полукружно вртење, каде што не е дозволено, погрешно престројување, а понатаму ќе се воведуваат казни и за зборување на мобилен телефон. Началникот предупредува и да се почитува забраната за паркирање и застанување на сообраќајници на кои тоа е строго забрането.

– Ги замолувам граѓаните на тие места да не запираат и паркираат, макар и привремено затоа што има и други места каде што законски може три или пет минути да се застане. Системот понуди решение, а тоа се специјализирани полициски возила кои се опремени со камери кои се поврзани со системот „Сејф сити“. Во нив полициски службеник кој управува и полициски службеник кој го гледа мониторот, поминуваат по главните сообраќајници и ги сликаат сите возила кои се паркирани, а возачите пијат кафе. Додека го пијат кафето ќе им стигне порака дека штотуку им стигнал прекршочен платен налог. Тогаш ќе сфатат дека наместо да платат кафе кое ќе чини 1.500 денари ќе биде подобро да се паркираат на безбедно место и кафето да ги чини многу поевтино – вели Топаловски.

Ако баба лаже, снимката не лаже

По сторувањето на сообраќајниот прекршок во рок од 24 часа стасува порака. Возачот има рок да го отвори линкот. Ако не се отвори пораката за 24 часа, стасува нова која ќе го потсети дека има порака за која има рок од 8 дена да ја отвори.

– Кој ден и да ја отворите пораката од тој ден почнува рокот за приговор. Ако ја отворите пораката петтиот ден имате 8 дена да ја платите пола и да завршите или да се жалите дека не сте возеле вие, да го донесете лицето или да донесете изјава кој возел. Сето ова е во рокот од нови 8 дена. Жалбената постапка во судот за прекршоци е на товар на оштетениот. Вие треба да отворите приговор a наш е товарот за доказната постапка пред судот. Кога ќе се спореди снимката другата страна нема да има аргументи. Ако во рок од 8 дена не ја отворите пораката, во следната порака ќе ви стигне дека сте го изгубиле рокот за плаќање половина сума. Следните 8 дена ви се за плаќање цела сума или да вложите приговор кон МВР што оди во суд. Ако и во вторите 8 дена, не ја отворате пораката, тогаш го губите правото на првите 8 дена за пола сума, го губите правото на вторите 8 дена бидејќи не сте ја отвориле пораката, не се интересирате, ниту сте поднеле приговор. Во тој случај МВР преку системот на УЈП ќе ви ги одземе парите од сметка. Не се исплати за 5 евра или за 23 евра да влегувате во доказна постапка, да правите трошоци и на крајот да ви докаже судот дека ве има на слика, што е непобитен доказ. Треба да сфатите дека сте направиле грешка, тоа е идејата и да си речете од денеска ќе почнам да возам правилно. Ако сте ја заслужиле невозможно е да избегнете плаќање на казната – вели Топаловски во интервју за порталот „Република“.

Лани во Македонија имало 142 жртви во сообраќајот. Во првиот ден од тест фазата на системот „Сејф сити“ во Скопје беа регистрирани 110.000 прекршоци, а веќе вториот ден беа преполовени. Тоа значи дека граѓаните реагираат на промените и дека расте свеста за безбедноста во сообраќајот.

Continue Reading

Македонија

Земјите по Коридор 10 ќе потпишат договор за брз железнички коридор, открива Николоски од Брисел

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, од Брисел најави потпишување на договор за воспоставување брз транспорт на Коридорот 10, со кој Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Австрија цврсто се обврзуваат да ги забрзаат градежните активности. Оваа вест доаѓа по клучните средби во Брисел со претставници на ЕУ и министрите за транспорт од регионот.

Николоски не го криеше своето задоволство, истакнувајќи дека она што го очекувал, сега се случува: „Ќе потпишеме заедничка декларација со Грција, Македонија, Србија, Унгарија и Австрија за изградба на железничкиот Коридор 10. Ова е неверојатно значајно за нас, бидејќи нема поента да потрошиме над 2 милијарди евра, а другите држави да не градат!“

Грција се обврзува да го заврши делот од Солун до Гевгелија. Веќе до јануари ќе имаат најмодерна сигнализација, што ќе овозможи брзина на карго возовите до 120 км/час, драматично забрзувајќи го транспортот кон пристаништата во Солун и Атина. Потоа ќе започне со изградба на втората, двоколосечна пруга за патнички сообраќај, чие завршување се очекува околу 2030 година, исто како и нашите две линии. Првата, карго линија, кај нас ќе биде готова до 2028 година.

Србија ќе го гради делот што недостасува од границата до Ниш. Веќе постоечката брза пруга Белград – Будимпешта се става во функција, а Будимпешта – Виена веќе функционира како брза пруга.

„Ова е една одлична вест за Коридорот 10!“ – изјави Николоски.

На иницијатива на Австрија, ќе биде потпишан и Договор за доизградба на Коридорот 8.

„Треба да се поврземе од Драч до Црното море. Нема поента ние и Бугарија да трошиме средства, а Албанија да не го прави истото,“ објасни министерот, потенцирајќи ја потребата сите земји од овој коридор да преземат обврски за градење.

Според Николоски, визијата на Владата, Македонија да стане „центар на Балканот“, веќе почнува да дава конкретни резултати. Овие меѓународни договори и издвоените средства за крупни капитални проекти се неоспорлив факт дека државата се движи кон подобра инфраструктурна иднина.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг