Connect with us

Македонија

„Новиот изум на власта „Како легално да украдеш пари од бизнисот“ преку новиот – Закон за солидарност“!?

Колумна на Никола Тасев:

Македонија по обичај продолжува да кризира. Власта е неинвентивна како да не извади од кризата. Единствено се инвентивни како да се поклонуваат пред секој странец и како да трошат народни пари.

Ама пари снемува, оти многу трошат. Е сега така затекнати почнуваат да биваат инвентивни како да зграбат уште пари за трошење. Овој пат нанишанија на стопанството, поточно кон најинвентивните, оние кои и во кризата знаат да водат успешен бизнис.

Не, не, не се работи тука за човек фирми. Од нив они си земаат само Ауди или куќа на користење. Сега сакаат да брцнат во џебот на фирмите, во кои работи огромен број од населението, фирми кои го влечат напред македонското стопанство.

Е како да не бидеш незадоволен, загрижен и налутен?

И видете им ја инвентивноста: вчера имаше собраниската комисија на која се расправаше за новиот изум на власта „како легално да украдеш пари од бизнисот“ преку новиот патент – Законот за солидарност.

А власта не сака да го чуе апелот на бизнисот да не избрзува со таква одлука во овие тешки времиња. Напротив дури вчера не прифати и јавна дебата за новиот Закон за солидарност, како што побара опозицијата. Министерот за финансии вели дека во декември, минатата година имало широка јавна расправа на која учествувала бизнис заедницата и нивните предлози се составен дел на Законот. Со која бизнис заедница Бесими правел широка јавна расправа, кога пред некој ден видовме реакција, преку Стопанската комора, од 100-те најголеми компании во Македонија, кои изрично беа против овој законски предлог. Со фирмите на блиските роднини, соседи и пријатели на Ахмети, Груби, Ковачевски и Заев ли дискутирал министерот? Што зборуваа на средбата? Дали е подобро Ауди од БМВ за возење под друго име? Оти власта не ги слушна ставовите на големите компании, на оние што и досега најмногу го полнат буџетот преку даноци?

Кому не му е јасно дека оваа власт не сака јавни дебати со релевантни лица кои не климаат со главите на секој нивен „изум“? Па видовме како организираа широка јавна дебата за бугарскиот предлог, минатото лето. Ги повика Премиерот неколку потрчковци, демек аналитичари, два часа во својот кабинет, им даде сокче и кафенце и објави дека експертската јавност дала поддршка да се клекне пред ултиматумите.

Зошто власта за овој закон не сака јавна расправа? Вели оти немало потреба да се губи време бизнисот да им објасни на пратениците за што всушност гласаат? Мајката! Ама кога се работи за уставните измени власта ќе дискутирала поединечно со секој пратеник поединечно за да му објасни зошто треба да гласа за бугарскиот предлог.

Министерот Бесими истакна дека се одлучиле за овој закон за да се покријат парите што држвата ги потрошила во време на корона за антикризни мерки. Особено што сега пазарот на пари бил премногу скап и не сакале да се задолжуваат за да не ги оптеретуваат идните генерации. Па сега ли им текна, сега ли се свестија за задолжувањето, откако ја направија Македонија должнички роб за следните 100 години. Оти не мислеа за ова кога насила го истуркаа договорот за автопатиштата со „Бехтел и Енка“? Штедеа ли во кризата?

Сепак власта го теши бизнисот, оти ако оваа година плателе 100 милиона евра данок на солидарност, следната година тоа ќе им влезело во трошок и помала даночна основица па ќе плаќале помалку. Уште една игра од СДСМ и ДУИ. Свесни се дека следната година ниту една од двете партии нема да биде во власта, па дај што ќе дадеш сега, а догодина другите нека му ја мислат. Класичен стил на владеење „денес за утре“.

Спорно е и ретроактивното дејство на Законот. Откако сите компании ги затвориле финансиските биланси за минатата година, поднеле завршни сметки, одржале собранија и го распределиле профитот. Успешните компании се принудуваат во иднина да бидат неуспешни. Затоа што ако еднаш помине овој Закон, не е невозможно власта да одлучи да си брцне во сметките на успешните фирми и догодина.

Несфатливо е што власта одлучи да се пресмета со успешните компании, а не со сивата економија. Таму во „црниот“ бизнис може министерот Бесими да ги најде потребните пари.

Лошо е што се создава правна несигурност и на постојните компании, но и на потенцијалните инвеститори. Никој нормален не сака да инвестира во држава каде што власта си игра економија, каде што владее „каубојско право“, каде што секој ден може да се менуваат закони, кои ќе важат ретроактивно.

Е затоа немаме странски инвестиции, е затоа и домашните компании гледаат што повеќе да инвестираат во други држави, затоа не и оди на Македонија…

Затоа треба избори, оти овие што се во власта покажаат големо незнаење, алчност за пари и огромна потреба за трошење…

Извор: Скопско ехо

Македонија

Љупчо Коцевски ја поднесе оставката како јавен обвинител

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски,само еден час пред собраниската расправа за негово разрешување денес, поднесе неотповиклива оставка. На прес-конференцијата, Коцевски порача дека функцијата ја извршувал чесно, но дека си заминува разочаран од системот.

„Заминувам со гордо крената глава, но и со горчина поради непочитувањето на основните принципи на правната држава“, изјави тој. Коцевски го обвини Собранието за „процедурален линч“, откривајќи дека поканата за седницата ја добил во последен момент, без воопшто да му биде доставен предлогот за разрешување. Според него, овој политички маневар е опасен преседан кој директно ја урива независноста на обвинителството.

Наместо да чека политичка пресуда во собраниските клупи, републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска избра достоинствено повлекување. Со поднесувањето на неотповикливата оставка, тој фрли сериозна дамка врз транспарентноста на власта, тврдејќи дека неговото разрешување е базирано на политика, а не на факти или закони.

„Немам на што да се произнесам, бидејќи предлогот за мое разрешување воопшто не ми е доставен“, истакна Коцевски, нагласувајќи го апсурдот на ситуацијата во која поканата ја добил само 60 минути пред почетокот на седницата. Неговото заминување по помалку од две години мандат отвора нови прашања за тоа колку е навистина „независно“ македонското правосудство од политичките влијанија.

Continue Reading

Македонија

Антикорупциските организации со апел да не се одлага законот за заштита на укажувачи

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата апелира до институциите без одлагање да го усвојат Законот за заштита на укажувачите, предупредувајќи дека долгото доцнење сериозно ја поткопува борбата против корупцијата.

Од Платформата изразуваат загриженост што, и покрај тоа што Предлог-законот е подготвен уште од крајот на 2023 година, тој сè уште не е ставен во собраниска процедура. Граѓанските организации биле активно вклучени во процесот – преку работната група формирана од Министерството за правда биле одржани 15 состаноци и две јавни дебати, но резултатите од тој процес досега не се материјализирале.

Во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија посочува дека законското решение за заштита на укажувачите сè уште не е целосно усогласено со европското законодавство и дека недостигаат ефикасни механизми за негова примена. Како ризик се наведува можноста лицата кои пријавуваат неправилности да бидат изложени на притисоци, вознемирување, па дури и отказ, што директно ја намалува довербата во системот.

Според Платформата, фактот што подготвен закон повеќе од две години чека да биде донесен испраќа лоша порака и ја ослабува институционалната заштита на укажувачите – еден од клучните механизми за откривање корупција.

Дополнително, Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи е предвиден и во Програмата за работа на Владата за 2025 година, како акт по кој треба да одлучува Собранието уште во мај. И покрај тоа, законската постапка сè уште не е завршена, што, како што велат од Платформата, е неоправдано одолговлекување.

„Со усвојување на овој закон ќе се подобри статусот и безбедноста на укажувачите, кои се една од најважните алатки во борбата против корупцијата. Тоа би значело и зајакнување на уште еден механизам за владеење на правото, за што носителите на јавни функции јавно се залагаат“, порачуваат од Платформата.

Continue Reading

Македонија

Филипче денеска го соопштува новиот партиски врв на СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска треба да го добие новото партиско раководство. Претседателот на партијата, Венко Филипче, најави дека составот на новиот врв ќе биде објавен по седницата на Централниот одбор, закажана за денеска.

Процесот следува откако на почетокот на декември целото досегашно раководство поднесе оставка на барање на Филипче, кој единствено ја задржа лидерската функција. Со тоа, како што велат од партијата, беше отворен простор за кадровско освежување и нов почеток.

Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ, Филипче синоќа потврди дека списокот со новите функционери е веќе подготвен. Според него, станува збор за внимателно избалансиран тим во кој ќе има и искусни кадри и помлади луѓе кои допрва треба да се профилираат во политиката.

Дел од имињата веќе се познати. Функцијата генерален секретар ќе продолжи да ја извршува Александар Саша Димитријевиќ, додека за еден од потпретседателите е предложен Александар Трајановски, ортопед и поранешен кандидат за градоначалник на општина Аеродром.

Филипче не крие дека составувањето на новиот тим било предизвик.

„Најтешко е да се направи вистинска комбинација – да ги задржите искусните луѓе, а истовремено да отворите простор за млади кои сакаат да учат и да се развиваат. Тоа не е проблем само во политиката, туку во секоја организација каде што е потребна смена на генерации“, рече тој.

Притоа нагласи дека долгогодишните партиски кадри нема да бидат тргнати настрана. Напротив, како што вели, вратата за нив останува отворена, со јасна улога во пренесувањето на знаењето и искуството кон помладите членови.

„Таков тим ќе се формира и ќе биде официјализиран денеска“, порача лидерот на СДСМ.

На прашањето зошто самиот не поднел оставка по изборниот пораз, Филипче одговори дека функцијата претседател ја презел неодамна и дека неговата задача е токму да го води процесот на внатрешна консолидација.

По оставките на 2 декември, од СДСМ тогаш порачаа дека станува збор за „одговорен и морален чекор“ со кој се отвора ново поглавје за партијата, со фокус на кадровско освежување, организациско зајакнување и враќање на енергијата во членството.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг