Connect with us

Македонија

Шокантен текст на албанските медиуми: Извесен Шеху нѐ нарече славомакедонски хиени, Македонија била албанска

Извесен Еуген Шеху, ги нарече Македонците славомакедонски хиени, а посетата на Курти била посета на “албанска Македонија”. Поединци како споменатиот Шеху често ги разгоруваат ситуациите како неодамнешната случка во Тетово, додавајќи бензин на огнот, но зачудува потребата на извесни медиуми неговите ставови да ги пренесат и тоа афирмативно.

Конкретно, ставот на Шеху дека Македонија е албанска ја пренесува медиумот Ина Онлајн.

Во продолжение преводот на објавата на Шеху:

Посетата на премиерот на Република Косово, г-дин Албин Курти, на албанска Македонија, очигледно во овие години ја раздвижи заспаната албанофобија од македонска страна со сервилна политичка класа од албански јазик која им даваше утеха на славо-македонските власти во замена за некои индивидуални привилегии на некои политички функционери кои зборуваат албански,а кои никогаш во овие 22 години не ги допреа главните теми болни за Албанците но витални за иднината.

Посетата на господинот Албин Курти уште еднаш покажа дека антиалбанскиот сојуз на словенската православна линија Белград-Скопје е функционален, но не отворен, донекаде камуфлиран под капата на наводниот „европеизам“. За оваа нивна погодност, несомнено има свои „заслуги“ и премиерот на „ренесансата“ кој или наивно, или од глупост или мегаломанија им остави простор за нивното агресивно, понижувачко однесување и во Косово и во минатото на другите Албанци. .

Реакцијата во хор на криминалците од Белград и од Скопје, опишувајќи ја како злонамерна посета, го докажува стравот од пролизгување на досегашната сервилна политика на албански јазик.
Новите албански партии во опозиција ќе треба на вашите Албанци да им ја покажат досега скриената реалност.

  • Дали е решено прашањето за дискриминаторските „20%“ (во Уставот на Република Македонија, се однесува на употребата на јазикот и останати погодности)?
    -Дали Албанците се државотворни во Уставот?, не, дали се во Уставот, тоа прави разлика!
  • Дали застапеноста на вработените во институциите е сразмерна со бројот на албанското население?
  • Дали е фер распределбата на буџетот на општините и развојот на индустријата и инвестициите?
  • Дали децентрализацијата е решена? кога се знае дека Македонија е најцентрализираната Република во регионот!
  • Дали албанскиот јазик се користи во сите државни институции на централно и локално ниво?
  • Дали се решени судските предмети и предметите монтирани против Албанци?
    -Дали се решени случаите со загадочни убиства и оние на Харун Али и случајот на Куманово итн итн.

Конечно, премиерот на Република Косово г-дин Албин Курти ги посети своите албански територии и би бил пречекан не само од тамошните опозициски партии туку и во секоја дарежлива и патриотска куќа на Албанците насекаде, да отиде во Гостивар , Дебар и Струга кои се албански територии, а Ковачевски, Вучиќ и Пендаровски немаат право и можност да одат против волјата на албанскиот народ, пишува Шеху.

Ваквиот испад не му е прв на Шеху, пронајдовме и други текстови и ставови во кои тој ги навредува и Македонците и Србите, а територии од двете земји ги нарекува албански територии.

Истиот Шеху пишува и дека источна Албанија или албанска Македонија ја ослободил баталјонот „Луботени“…

Македонија

Македонските деца сè порано пробуваат цигари и алкохол: Првата цигара на 9 години, алкохол на 13

Резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, презентирано од Институтот за јавно здравје, покажуваат загрижувачки тренд кај македонските ученици – дел од децата ја запалуваат првата цигара уште на деветгодишна возраст, додека првиот контакт со алкохол најчесто се случува околу 13 години.

Истражувањето било спроведено во 96 средни училишта со повеќе од 2.800 ученици и укажува и на значителен пораст на употребата на електронски цигари. Повеќе од една четвртина од учениците пробале е-цигари, а секој десетти ги користел во изминатиот месец.

Алкохолот останува најраспространета психоактивна супстанца меѓу адолесцентите, при што момчињата почесто пријавуваат рана употреба, интоксикација и тешко епизодно пиење. Речиси третина од учениците првпат консумирале алкохол на 13 години или помлади.

Иако помал обем се регистрира и употреба на седативи без рецепт, канабис и коцкање, овие појави се особено присутни кај машката популација. Надлежните институции предупредуваат дека овие трендови бараат засилени и современи превентивни мерки.

Од Министерството за образование и наука информираат дека училиштата веќе спроведуваат програми за превенција на злоупотреба на психоактивни супстанци, а од оваа учебна година е воведен и изборен предмет за здравствена писменост. Институтот за јавно здравје нагласува дека резултатите од ЕСПАД треба да послужат како основа за подобрување на политиките и заштита на здравјето на младите.

Continue Reading

Македонија

АХВ засилено ги контролира детските новогодишни пакетчиња: дел од нив повлечени поради неточни декларации

Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за да ја провери безбедноста на детските новогодишни пакетчиња. Контролите беа извршени во магацини за пакување, маркетите и продавниците кои ги пласираат овие производи.

Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите и непотполни декларации, инспекциските служби издадоа 4 решенија за повлекување на пакетчиња од промет. Дополнително, двајца оператори со храна добија наредби за ставање на комплетни збирни декларации на пакетчињата.

Од спроведените 262 инспекциски надзори, не се изречени парични казни и не е поништена ниту една храна како небезбедна. Во споредба со ланската сезона, кога беа утврдени сериозни неправилности како погрешни ознаки, истечен рок на употреба и промени во својствата на производите, годинава се забележани само минимални недоследности кај операторите.

АХВ најавува дека контролните активности ќе продолжат и во наредниот период, особено пред и по новогодишните празници, со цел да се осигура безбедноста на детските пакетчиња.

Continue Reading

Македонија

Итни мерки против аерозагадувањето активирани и во Скопје

По Кичево и Струмица, од денеска итните мерки за справување со аерозагадувањето се активираат и во Скопје, откако мерните станици регистрираа надминување на дозволените концентрации на штетни честички во повеќе скопски општини. Зголемената магла дополнително ја влошува состојбата, а високи нивоа на загаденост се забележани и во други градови низ државата.

Министерството за животна средина и просторно планирање ги активираше протоколите за заштита на јавното здравје, со посебен фокус на заштита на најранливите категории граѓани.

Согласно владините мерки, работодавците имаат обврска да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, како и лицата кои прележале миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста.

Лекарите, особено пулмолозите, апелираат граѓаните да го ограничат престојот на отворено на минимум, доколку нема итна потреба. Според нив, најкритични се раните утрински и доцните вечерни часови, кога концентрациите на загадувачки честички се највисоки. Доколку е неопходно движење, се препорачува користење на јавен превоз наместо сопствени возила.

Надлежните институции ги повикуваат граѓаните редовно да ги следат препораките и официјалните соопштенија сè додека трае епизодата на загаден воздух.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг