Connect with us

Скопје

Кисела Вода доби ново целосно инклузивно детско игралиште

Published

on

Денес, во центарот на Кисела Вода, беше официјално отворено новото целосно инклузивно детско игралиште, кое се протега на површина од над 400 м². Оваа иницијатива е дел од континуираните напори на локалната власт за унапредување на јавниот простор и подобрување на квалитетот на животот за сите жители.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, ја истакна важноста на новото катче за игра, кое е специјално дизајнирано да биде достапно за сите деца, вклучувајќи ги и дечињата со посебни потреби. Реквизитите се поставени на гумена подлога и просторот е ограден, обезбедувајќи безбедно и пријатно место за игра.

„Новиот простор е целосно инклузивен и ќе им овозможи на сите деца да се забавуваат и играат без ограничувања. За нас е важно да создадеме средина во која секое дете може да се чувствува пријатно и прифатено“, изјави Ѓорѓиевски.

Во склоп на реконструкцијата, во паркот е предвидено и ново кошаркарско игралиште, кое дополнително ќе ја зголеми атрактивноста на просторот за младите спортисти од оваа општина.

Покрај тоа, новата урбана опрема во паркот ќе создаде поволен амбиент за сите посетители, што го прави ова место идеално за семејства и деца.

Градоначалникот ги изрази своите благодарности на Државната видео лотарија – Casinos Austria, за поддршката и донацијата која овозможи реализација на овој проект. „Сите ние продолжуваме да работиме на тоа да ја менуваме Кисела Вода секој ден, кон подобро“, заклучи тој.

Новото детско игралиште е значајно подобрување во јавниот простор на Кисела Вода и се очекува да биде популарна дестинација за семејствата во општината.

Скопје

Инцидент во базенот во Карпош: Падна фасаден елемент, објектот затворен по наредба на директорот

Published

on

Попушти кровната конструкција на базенот во рамките на спортскиот центар „Борис Трајковски“, поради што надлежните привремено ставија клуч на врата.

Директорот на Спортскиот центар, Данијел Апостолоски за Дoјче веле вели дека не постои опасност кровот да падне, но поради безбедносни причини во наредните 40 дена базенот нема да работи, додека не се санираат проблемите коишто биле детектирани.

Веќе биле ангажирани стручни лица од Градежниот факултет коишто ги детектирале проблемите и препорачале нивна итна санација.

– Од Градежен факултет направија испитувања и утврдија дека носечката челична конструкција е добра, меѓутоа секундарната којашто е под неа била реконструирана во 2010 година. Најверојатно проектот не бил во целост имплементиран. Низ годините, топлотната пумпа не работела, а се појавувале и други проблеми. Кондензацијата на воздухот и влажноста во базенот си го направиле своето и сѐ било корозирано – вели Апостолоски.

Проблемот бил детектиран откако паднала фасадна лајсна од покривот. Директорот вели дека таа не била тешка, и не можела да предизвика посериозен проблем, но била доволен аларм за да се изврши проверка на објектот.

– Поради безбедносни причини, за да не се случи поголем проблем, превентивно извршивме проверки на објектот. Од Градежен факултет не советуваа да се затвори базенот додека не се санираат одредени недостатоци – вели Апостолоски.

Извор: plusinfo.mk

Continue Reading

Скопје

[ВИДЕО] Со џип се качил на пешачка патека во Бутел, па принудил човек во инвалидска количка да се тргне за тој да помине!

Published

on

Срамна сцена во Бутел: Возач со „Ауди“ возеше по тротоар

На социјалните мрежи се појави вознемирувачко видео од скопската населба Бутел, на кое се гледа како возач на џип марка „Ауди“ буквално вози по пешачка патека, зад човек во инвалидска количка. Наместо да почека или да се извини за непримерната ситуација, возачот го принудува човекот да се тргне кон страна – за, како што стои во објавата, „да помине неговото величество Г-дин“.

„Вчера господинот го натера човекот во инвалидска количка да се помрдне десно за да помине неговото величество. Прашањето е – кој е овде вистинскиот инвалид? И постои ли институција што ќе го санкционира овој безобразлук?“, се наведува во објавата која бргу стана вирална.

Она што дополнително ја разбесни јавноста е што на видеото јасно се гледа регистарската табличка на возилото, па граѓаните во коментарите отворено го повикуваат Министерството за внатрешни работи да преземе мерки и да го казни возачот за небезбедно и неетичко однесување во сообраќајот.

Останува да видиме дали надлежните ќе постапат, или ова ќе биде уште еден случај кој ќе се изгуби меѓу видеата на интернет и краткотрајниот гнев на јавноста.

Погледнете го видеото:

Continue Reading

Скопје

Ѓорѓиевски: Засадивме 80 дрвја во спомен на Мартин – Кисела Вода станува сè позелена

Published

on

Во два парка во населбата 11 Октомври – Бараки денеска беа засадени 80 високостеблести дрвја во чест на прерано починатото дете Мартин, жител од овој дел на Кисела Вода. Акцијата за пошумување беше организирана од општината во соработка со фондацијата „Мартин Здравковски“, компанијата „Сетек“ и Централна Кооперативна Банка.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека овој настан е дел од пошироката еколошка стратегија на општината, која досега има зголемено зелени површини за 80.000 квадратни метри.

„Секое дрвце што го садиме е чекор кон поздраво и поквалитетно секојдневие. Особено сум благодарен на фондацијата ‘Мартин Здравковски’ што се приклучи и помогна да создадеме траен и значаен спомен,“ изјави Ѓорѓиевски.

Новите дрвја се засадени во новооформениот парк и во Паркот на шахот, со што се збогатува зеленилото и се подобрува просторот за одмор и рекреација на граѓаните. Настанот беше симболично обележан и со присуство на родителите на Мартин.

Ѓорѓиевски додаде дека ова е доказ како со заедничка акција на институции, компании и граѓани може да се создаде позелена и поубава општина.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк