Connect with us

Македонија

Буџетот на ФИТР оштетен за 3,2 милиони денари, тврди Додов

Published

on

Околу 60 компании со различни дејности кои добиле пари од државата за иновации и развојни проекти, наместо да ги реализираат имале проекти без резултати или тие биле фиктивни или „фантомски“. Го оштетиле буџетот и му должат вкупно 192.888.642 денари или околу 3,2 милиони евра на  Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) од кој во изминатите неколку години добивале грантови за поддршка на проектите.

Тоа го покажала тековната внатрешна ревизија што ја спроведува новото раководство на ФИТР. В.д. директорот Никола Додов денеска на прес-конференција рече дека се откриени сериозни неправилностите во работата на Фондот кој доделувал пари без исполнети критериуми за поддршка на проекти, а спротивно на правилникот и одредбите од Законот за иновациска дејност, пари добивале и приватни здравствени установи кои со нив купувале медицинска опрема.

Додов соопшти дека ќе бидат преземени „правни чекори кон тие што не ги почитувале договорите и законските обврски“. Од 60-те компании кои се предмет на истрага, рече, веќе се поведени постапки за наплата на побарувањата пред надлежен извршител додека за дел од нив се во постапки за поднесување кривични пријави до Обвинителството, и граѓански парници по кои понатаму ќе постапува надлежното обвинителство односно надлежните судови.

– Не ги исполниле обврските и злоупотребиле средства за фантомски проекти што не ги дале очекуваните резултати, додека некои приватни здравствени установи користеле фондови за време на ковид-кризата кога државното здравство беше во колапс. Долг од околу 3,2 милиони евра се уште не се вратени во државниот буџет. Новото раководство презема мерки и веќе се наплатени околу 600 000 евра. Внатрешната ревизија утврдила несоодветни договори и сомнителни практики, вклучувајќи фирми поврзани со политички функционери. Договори со правни неправилности, конфликт на интереси и прикривање податоци дополнително ги поткопуваат капацитетите на Фондот – рече Додов.

Посочи дека ревизијата открила компании кои добиле повеќе грантови за идентични проекти, а два града во земјава биле фаворизирани да добијат средства односно  имале најголем процент на доделени финансии по глава на жител. Нив Додов не ги соопшти на оваа прес-конференција, но ги нарече „најиновативни“ бидејќи, како што рече, од 50 проекти, 40 завршувале во тие два града.

– Загрижувачки е што и покрај овие проблеми, поранешниот менаџмент на Фондот не постапувал според законските начела. Наместо да преземе мерки против должниците, ФИТР вршел плаќања на компании кои не ги почитувале законските прописи и биле должници. Ова претставува сериозен удар врз интегритетот на институцијата и ги доведува во прашања нејзините капацитети за ефикасно управување со јавните средства – рече в.д. директорот, најавувајќи дека се уште се следи претходното работење на ФИТР за што ќе ја известува јавноста на наредни прес-конференции и дека ќе воведат повисоки стандарди за отчетност и нови контролни механизми за да се спречат вакви злоупотреби во иднина.

Соопшти и дека според  истражувањата, управител на компанија управувал со четири различни фирми кои добиле средства од Фондот.

– Загрижувачко е тоа што скоро 80 проценти од средствата кои ги добива од овие компании ги префрла на истата компанија и за иста услуга, и тоа во текот на проектните активности. Ова поведение создава легитимни сомневања за неетички практики и корупција – рече Додов кој не откри повеќе детали.

Информираше и дека за еден месец е направена и пресметка за ненаплатени средства по основ на оперативна добивка и ројалти во вкупен износ од 80.000.000 денари или нешто повеќе од 1.300.000 евра.

– Овие средства во изминатите години не биле наплатени од страна на поранешното раководство, што директно го оштетило Фондот и довело до значителни финансиски загуби. Новото раководство на Фондот презеде енергични чекори за да ги исправи овие неправилности. Веќе се наплатени околу 36.000.000 денари или приближно 600.000 евра, како резултат на подобрувањето на процесите за наплата. Дополнително, само во текот на минатата недела, во Фондот се слеани повеќе од 10.000.000 денари по основ на оперативна добивка и ројалти од корисници кои ги имале овие обврски. Нашиот фокус во наредниот период е целосно наплата на останатите долгови кои произлегуваат од прекинати договори, неправилно и несовесно работење, како и од неисполнување на проектни активности. Новото раководство е решено да ги затвори сите овие долгови и да обезбеди дека сите средства ќе бидат вратени во државниот буџет, онаму каде што припаѓаат – истакна Додов.

Во однос на проектите што ги добивале приватни здравствени установи и основот врз кој тие станале корисници на ФИТР, в.д. директорот рече дека посветуваат посебно внимание во ревизијата.

– Во моментов, станува збор за околу 50 приватни здравствени установи кои во изминатите пет години биле корисници на средства од Фондот. Во тек е посебна ревизија за ова прашање и веднаш штом ќе добиеме првични информации од ревизијата, јавноста ќе биде благовремено информирана. Исто така, постои основано сомнение дека правилниците донесени од претходната структура кои ги регулираат овие прашања не се донесени во согласност со важечките закони. Ова дополнително го истражуваме. Исто така, има индикации дека во минатото некои одлуки можеби биле донесени врз основа на политички договори, а не во согласност со законските процедури, што дополнително ќе биде предмет на истражување… Постојат основани сомнежи за злоупотреба на Фондот за иновации и неговите средства за време на Ковид-кризата, кога одредени приватни здравствени установи добивале финансии, додека државните се бореле сами со здравствената криза. Овие наводи се дел од тековната ревизија – информираше в.д. директорот на ФИТР.

Ревизијата открила и неправилности во внатрешните процеси на ФИТР – утврдено е дека во Фондот има осуммина вработени во редовен работен однос, а во изминатиот период, заклучно со август 2024 година, рече Додов, на платен список биле евидентирани повеќе од 40 договорци со хонорари и до 60.000 денари.

– Во текот на минатиот месец утврдив дека голем дел воопшто не доаѓале на работа, дел  договорно меѓу себе ротирале преку еден работен ден, немало евиденција за присуство на вработени за договорците…  – додаде Додов кој се пожали и на опструкции на дел од вработените во Фондот бидејќи „дел од ангажираните кои се преставуваа како експерти, одбиваа да ги завршат своите обврски, што дополнително ги кочеше процесите на ревизијата“.

Македонија

СИТЕ МОЛЧАТ КОГА ЧЛЕНКА НА ЕУ ГИ НАПАЃА МОЈОТ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК И ИДЕНТИТЕТ – Мицкоски за двојните стандарди на ЕУ

Published

on

Mакедонскиот пат кон ЕУ „започна многу пред да започне евроинтеграцискиот процес на Албанија, дури и пред Хрватска, но за нас системот на заслуги е бајка, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешниот настан во рамки на 61. Минхенска безбедносна конференција наменет за пристапот на Балканот кон Европската Унија.

-За нас бајката стана подвижна мета. Ние сме жртви на билатеризација или, да бидам попрецизен, нашето придвижување кон ЕУ е многу комплексно. Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа. За жал, има земји членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот кои донесоа билатерални спорови заедно со нив во Брисел, наместо бриселските вредности да ги донесат на Балканот, рекол премиерот Мицкоски.

Како што информира владината прес-служба, премиерот во обраќањето кажал дека промената на името не бил  единствен пример за мешање во внатрешните работи на суверена држава, туку и промената на знамето.

-Наш маркер е и останува да биде, да станеме дел од ЕУ, без сомнение. Слушам некои коментари тука дека имало говор во текот на првиот ден од американскиот заменик-претседател Венс и дека тој говор значел големо мешање во внатрешните работи. Промената на името, промената на знамето, промената на валутата, што се? Не се мешање во внатрешните работи. Колку долго треба да патиме од двојните стандарди? Ние тука не зборуваме за процес заснован на системот на заслуги, ние зборуваме за билатерални спорови кои не треба да имаат ништо заедничко со европските вредности, истакнал Мицкоски.

Претседателот на Владата посочил дека нашата држава има целосно усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ и дека сме меѓу петте земји најголеми донатори на Украина по глава на жител, а исто така го исполнивме условот 2 отсто за одбранбени трошоци на годишно ниво.

-Ние сме целосно усогласени со барањата за надворешната и одбранбената политика. Морам да го истакнам ова прашање, кога Русија го напаѓа и го негира украинскиот идентитет, за што и претседателот Зеленски зборуваше вчера, ние сме сите гласни, критикуваме, се бориме за правата на украинскиот народ и против оваа невидена агресија, но кога парламент на една земја членка на ЕУ го напаѓа и го негира македонскиот идентитет и мојот македонски мајчин јазик, тогаш сите молчат, заклучил Мицкоски.

Во обраќањето тој порачал дека Европа нема да биде обединета без сите европски земји и дека „овој процес ќе трае додека сите аспиранти земји не станат дел од заедничката маса со останатите земји членки на Европската Унија“.

Continue Reading

Македонија

Демократското движење на Меџити се шири – формирана општинската организација во Сарај!

Published

on

Демократското движење продолжува со своето зајакнување, градејќи силна политичка алтернатива! Денес беше формирана Општинската организација во Сарај, уште еден значаен чекор во мисијата за промени и нова политичка енергија.

На настанот, кој привлече голем број поддржувачи и членови, за претседател на организацијата беше избран Мухамед Елмази, извршен директор на „Номагас“, докажан професионалец со визија и капацитет да го предводи движењето во оваа општина.

Демократското движење станува сè посилна политичка сила кај Албанците во Македонија, со јасна програма и тим посветен на транспарентно и праведно владеење. Партијата брзо ги проширува своите структури во сите населени места, покажувајќи дека е подготвена да донесе вистински промени.

Формирањето на организацијата во Сарај е уште еден показател дека Демократско движење гради моќна политичка алтернатива, подготвена да ја води државата кон подобра иднина.

Continue Reading

Македонија

„Ние сме гласот на Фросина“ – трет протест за правда во Скопје

Published

on

Голем број граѓани денес по трет пат излегоа на протест во Скопје, барајќи правда за Фросина Кулакова, која загина на пешачки премин, прегазена од возач без дозвола, кој бил под дејство на алкохол.

Протестот започна на булеварот „Партизански одреди“, каде 20-годишниот Васил Јованов, возејќи под дејство на алкохол и поминувајќи на црвено светло, ја усмрти Кулакова. Маршот продолжи кон Владата, Собранието и заврши пред Апелацискиот суд, каде демонстрантите носеа транспаренти со пораки како: „Ние сме гласот на Фросина“, „Валкани пари – смртни последици“ и „Доста со врски, време е за правда“.

На протестот учествуваше и семејството на Кулакова, како и роднини на други жртви од сообраќајни несреќи. Нивната порака беше јасна – системот мора да се промени.

„Протестираме за правда, но и за промена на системот. Не сакаме трагедијата на мојата сестра да се користи за политички поени“, изјави Росица Кулакова, сестра на починатата девојка.

Семејството ја повика Владата да ги сослуша нивните барања, а од пратениците побараа итни законски измени, со цел спречување на вакви трагедии во иднина.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк