Советот за женско претприемништво на општина Битола, синоќа во Белата Куќа хотел бистро, свечено ја одбележа годишнината од формирањето на тема: „Лидери на промените: Вечер со жени во бизнисот“.
Настанот имаше за цел да ја промовира креативноста на жените кои работат со цветни аранжмани, декорации, кетеринг, пекарски производи, торти, колачи и еколошки декоративни свеќи. Сопственичките на цвеќарите Витраж, Гондола, Креимисимо, Мирјантон и Студио декор ЕКВ, со своите цветни декорации дадоа креативна но, гламурозна димензија на просторот. Прекрасно изработените креации на масите го покажаа нивниот претприемачки дух кој им овозможува да останат конкурентни на пазарот. Своите пекарски производи на настанот ги престави пекарата МИ ГО Ком, а прекрасните колачи и чоколадни бомбони ги презентираа слаткарницата Мариели и чоколадни бомбони Сиси. Успешната приказна за кетеринг пред присутните ја сподели сопственичката на пицеријата Метро. Поддржувачи на настаните на Советот за женско претприемништво беа неколку компании: Вемилк, Графо Пром и Голд Фелиција. Една интересна успешна приказна од циркуларната економија ја претстави ММ Креатионс која многу успешно изработува еколошки декоративни свеќи.
Настанот го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски кој ги поздрави присутните и го изрази задоволството од начинот на кој се промовира и поттикнува претприемачкиот дух и иницијатива кај жените во општина Битола. Градоначалникот истакна дека на ваков начин, преку ваквите промоции се поттикнуваат и охрабруваат жените да отворат свој сопствен бизнис. Исто така, истакна дека општина Битола и понатаму ќе продолжи да го поддржува ваквиот начин на промоција на женското претприемништво во Битола. На настанот, исто така, присутните ги поздрави и претседателката на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска, која ја истакна важноста за поддршка на жените претприемачи во Битола. Според Илиевска, Битола изобилува со инспиративни приказни, а дел од нив ги видовме преку декорациите за кои се погрижија жени. Модератор на настанот беше проф.д-р Моника Марковска, потпреседател на Советот на женско претприемништво на општина Битола, а поздравен говор имаше и претседателката на Советот на женско претприемништво д-р Ана Ристевска која ги истакна сите настани во изминатиот период кои ги реализираше советот, како и плановите за идни активности кои ќе се спроведуваат во наредниот период, а се во насока на поддршка на женското претприемништво во нашиот град и негова промоција.
Жените кои се погрижија да го разубават секој момент од настанот, синоќа покажаа дека претприемачите се личности кои се храбри да преземат ризик за да можат својата идеја да ја претворат во реалност. Но, тоа немаше да биде толку убаво ако не ги поседуваат потребните карактеристики на личноста која има свој сопствен бизнис како: визија, поседување знаења и вештини, храброст и флексибилност, самодоверба, одлучност, енергија, доследност, оптимизам, иницијатива, иновативност и креативност, ориентираност кон резултати итн.
Западен Балкан како еден: Муцунски јасно за иднината во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, користејќи ја симболиката на виното како сврзно ткиво на регионот, испрати силна порака до европските партнери. Тој потенцираше дека иако евроинтеграцијата е технички процес, суштината е во регионалната кохезија.
„Ниту една држава не смее да остане изолиран остров. Иако системот е поставен така што не мора сите да влеземе во исто време, нашата крајна цел е таму да бидеме заедно“, дециден е Муцунски.
Тој повлече паралела со македонското грозје, кое често е „тајната состојка“ во регионалните вина, заклучувајќи дека кога работиме заедно, создаваме „вистински европски производ“ со кој сите се гордеат.
Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, внесе нова енергија и емоција во дискусијата. Таа упати критички осврт кон бирократизацијата на процесот, нагласувајќи дека премногу се зборува за политика, а премалку за луѓето и културата кои го дефинираат Балканот.
„Понекогаш сакам да им кажам на земјите од регионот: не мора толку да ни се докажувате. Вие сте дел од нас. Она што го правиме сега е само формализирање на таа реалност“, порача Кос, ветувајќи дека ќе работи на зголемување на видливоста на Балканот меѓу членките на ЕУ.
Комесарката Кос го заврши своето обраќање со необично ветување кое веднаш стана метафора за нејзиниот мандат: по затворањето на преговорите со секоја земја, таа лично ќе го освои нивниот највисок планински врв. За Македонија – тоа е Кораб.
Собранието пред одлука: Договорот за меѓуграничниот железнички тунел со Бугарија на дневен ред
На продолжението на 76-та седница, пратениците ќе ја донесат конечната одлука на договорот со Софија – ратификацијата на изградбата на меѓуграничниот железнички тунел кој треба конечно да ги спои двете метрополи по шини.
Договорот, ставен на хартија на 6 ноември во Ѓуешево од страна на министрите Николоски и Караџов, ги дефинира сите важни точки: од технички решенија до финансиски конструкции.
Тунелот од 2,4 километри, кој геометриски прецизно е поделен на половина меѓу двете држави, ќе се протега на релација Софија – Ѓуешево – Крива Паланка – Скопје.
Освен железницата, Собранието ќе решава и за иднината на домашното производство на струја. На дневен ред, по скратена постапка, се државните гаранции за амбициозните проекти на ЕСМ: Новите соларни капацитети на ФЕЦ Битола 3 со поддршка од ЕБОР и германската КфВ банка и фополнителни средства за ревитализација на постојните хидроелектрани.
Во пакетот економски реформи влегуваат и измените на Законот за буџети и Законот за експропријација, чија цел е забрзување на капиталните инвестиции преку поедноставени процедури.
Атмосферата во законодавниот дом дополнително ќе ја загрее Резолуцијата за осуда на опозициските манипулации. Власта бара потврда на своите стратегии против илегалната миграција, директно удирајќи по реториката на политичките опоненти.
За крај, пратениците ќе поминат низ обемен „брз тракт“ на законски измени кои допираат речиси секоја сфера: измени во законите за полиција, возила и сообраќајна безбедност, корекции во извршувањето на санкциите и прекршочните одредби и редефинирање на правилата за државните награди.
ЕУ ја отвора вратата: Македонија чекор по чекор кон внатрешниот пазар на Унијата
Иако унгарското вето за Украина го блокираше официјалното усвојување на заклучоците за проширувањето, Данска, како актуелен претседавач со Унијата, не дозволи пораките до Скопје да останат во фиока. Под етикетата „Заклучоци на Данското претседателство“, Брисел испрати јасен декор на поддршка, но и строг потсетник за домашните задачи кои остануваат камен-темелник на македонскиот пат кон Европа.
Пораката од европските метрополи е недвосмислена: втората меѓувладина конференција и отворањето на „Кластерот Темели“ се на само еден чекор – промена на Уставот. Советот на ЕУ потврди дека е подготвен за итно продолжување на преговорите, без дополнителни политички одлуки, штом Македонија ја исполни преземената обврска.
ЕУ го поздравува фактот што евроинтеграцијата останува стратешки приоритет, но бара „брзи и решителни акции“. На мета на критиките се:
Владеењето на правото: Потребна е челична волја за заштита на независноста на судството.
Кривичниот законик: Брисел инсистира на нов закон усогласен со европските стандарди.
Администрацијата: Се бара итна модернизација и зголемување на капацитетите.
Додека внатрешните реформи одат со забавено темпо, Македонија добива „чиста петка“ за својата геополитичка ориентација. Советот силно ја пофали земјата за целосното усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, вклучително и рестриктивните мерки, што се толкува како кристално јасен сигнал за тоа каде припаѓа државата.
Брисел не заборава на договорите. Потсетувањето за „спроведување со добра волја“ на договорите со Грција и Бугарија останува константа во секој документ. Сепак, на економски план доаѓаат добри вести – напредокот на железничкиот Коридор 8 е оценет како стратешки успех, а првите исплати од Механизмот за реформи и раст веќе даваат конкретни придобивки за граѓаните.