Македонија
ЕК: Финансирањето на македонското здравство е значително под просекот на ЕУ
При постоење на систем за електронско здравство, упати на пациентите сè уште им се издаваат на хартија, нема доволно специјалисти, лекарите и медицинскиот персонал заминувaат од јавно во приватно здравство или во странство, трошоците за здравствена заштита што се плаќаат од џеб, се високи… Ова се само некои од забелешките нотирани во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, кои се однесуваат на ресорот здравство. Негативни наоди има и во делот кој се однесува на вакцинацијата, скрининзите на населението, пушењето цигари и т.н.
„Иако примарната здравствена заштита во Северна Македонија се обезбедува бесплатно, нејзиното финансирање е значително под просекот на ЕУ. Опсегот на здравствените услуги и нивната достапност, посебно на специјализираните медицински услуги и нивната географска дистрибуција, се несоодветни. Нема доволно специјалисти, а соодносот на медицински сестри на 100.000 жители е под просекот на ЕУ. Медицинскиот персонал продолжува да го напушта јавниот здравствен сектор во приватниот сектор или пак, заминува во странство. Трошоците за здравствена заштита од џеб се високи, што е пречка за еднаков пристап до здравствената заштита. И покрај постоењето на апликација за е-здравство, упати се издаваат на хартија“, наведено е во извештајот.
Ниска стапка на вакцинација
Иако општото ниво на вакцинација донекаде е зголемено, сепак, стапката на вакцинација е ниска за некои болести, се додава во извештајот.
„Свеста и бројот на извршени трансплантации на крв, ткива, клетки и органи се зголемија, иако правната рамка сè уште не е целосно усогласена со онаа на ЕУ и сè уште не е воспоставен ИТ модул за трансплантација на ткиво. Земјата ја започна својата прва кампања за скрининг на рак на дојка. Бројот на скрининг на рак на грлото на матката се удвои во 2023 година, во рамките на релевантната програма за скрининг, и беше извршен одреден колоректален скрининг, сепак, потребен е посеопфатен и попроактивен пристап за скрининг на населението“, се додава во извештајот на ЕК.
Недоволно пари за ретки болести
Во однос на парите што се одвојуваат за ретки болести, во извештајот е наведено дека се зголемени, но сепак недоволни за покривање на трошоците за медицински третман на сите регистрирани пациенти.
„Следењето на превенцијата од злоупотреба на дрога и намалувањето на штетите поврзани со алкохолот покажуваат средно ниво на злоупотреба. Немаше развој на здрава животна средина. Пушењето сè уште е општо толерирано и несанкционирано во рестораните и другите затворени области, вклучително и јавните канцеларии и некои медицински установи. Земјата сè уште го нема ратификувано Протоколот за елиминирање на недозволената трговија со производи од тутун“, пишува во извештајот.
Најголем проблем е партизацијата на здравството
Во ресорот здравство, најголем проблем е партизацијата, а оттаму потекнуваат сите негативни наоди во извештајот за напредокот на земјава, смета проф. д-р Никола Пановски. Според него, многу сме далеку од позитивен извештај на ЕК, бидејќи народот е незадоволен од состојбите во здравството.
„Мора да се тргнат партиите и политизацијата од овој ресор. Без тоа нема напредок. Може да имаме најмодерна опрема, но ако на луѓето (лекарите и медицинскиот персонал) им се убива ентузијазмот, тешко дека работите може да се подобрат. На позиции ставени се стучни лица кои не се ниту специјалисти во клинката што ја водат, примери за тоа има неколку. Во однос на специјализациите, не можам да најдам податок каде недостигаат специјалисти. Тоа треба да се каже јавно. Имаме најмногу специјалисти по пластична хирургија, а најмалку потреба имаме од тоа. Но, тоа носи профит. Иако имаме недостиг, сепак има доктори кои се без работа и мака мачат да се вработат, бидејќи Министерството за финансии не им дава одобренија. Многу работи би се средиле ако ја нема партизацијата“, смета Пановски.
Во врска со електронското здравство и фактот што сè уште упати се издаваат на хартија, тој смета дека тоа е така за да може да ѝ се најде работа на големата админстрација во здравството, која го задушува.
„Со е-здравство таа адмиистрација треба да се сведе на 20 отсто од сегашната, а тоа на политичарите не им одговара“, оценува тој.
Нема веб-платформа со информации за заштита на потрошувачите
Во извештајот за напредокот на земјава, има критики и во делот кој се однесува на заштитата на потрошувачите, за кој е потенцирано дека националното законодавство не е усогласено со она на ЕУ.
„Следната тригодишна стратегија за заштита на потрошувачите (2025-2028) допрвo треба да се усвои, а нема ниту веб-платформа која обезбедува информации за заштита на потрошувачите. Националното законодавство има високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ за општа безбедност на производите и тој е делумно усогласен со законските барања за системот за брзо предупредување на ЕУ за опасни непрехранбени производи. Државниот пазарен инспекторат во 2023 година обезбедил 809 инспекции за надзор на пазарот, што резултирало со повлекување на 37 производи од пазарот. Бројот на инспектори (170) и понатаму е недоволен, а многумина се блиску до пензија“, наведено е во извештајот.
И ланскиот извештај во делот на здравството не беше поволен. Беше наведено дека има бројни предивици кои остануваат да се решат во областа на јавното здравје, a Мета.мк конкретно пишуваше за ji од земјава. Несоодветниот медицински едукативен процес, бирокатските процедури за да се отвори ординација, платите кои не се на завидно ниво и немањето финансиска поддршка по завршување на студиите се некои од главните причини кои ги тераат младите лекари и специјалисти да се иселуваат од земјата. Според наоди на Македонското лекарско друштво, за десет години бројот на лекари во земјава се намалил за дури 2.000.
Македонија
Пресврт во случајот „Синџир“: „Ѓаволот“ се предаде, затворот заменет со домашен притвор поради загрозена безбедност
Првообвинетиот во мега-аферата за даночно затајување „Синџир“, Љупчо Пецов – познат како Ѓаволот, по долг период во бегство, од вчера е во рацете на правдата, но не зад решетки во Шутка, туку во својот дом.
Во ненадеен пресврт, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се откажа од барањето за затворски притвор. Наместо тоа, обвинителството предложи, а Кривичниот суд прифати на Пецов да му биде одреден куќен притвор под строг 24-часовен полициски надзор.
„Судијата немаше избор – законот не му дозволува да одреди построга мерка од онаа што ја предлага самиот обвинител,“ појаснуваат од Кривичниот суд.
Обвинителството го оправда ваквиот „попуст“ со неколку клучни причини:
-
Влошено здравје: Пецов доставил медицинска документација за претходно болничко лекување и препораки за понатамошна терапија.
-
Безбедносен ризик: Обвинителите процениле дека неговата лична безбедност во истражниот затвор не може да биде гарантирана.
-
Сериозни влијанија: Постојат индиции за притисоци врз постапката и врз самиот обвинет.
-
Доброволно предавање: Пецов сам се појавил пред органите на прогонот и веднаш ги предал своите два пасоша.
Овој случај доби филмски пропорции по неодамнешното апсење на неговиот адвокат, поранешниот државен правобранител Фехми Стафа. Стафа „падна“ во полициска заседа под сомнение дека примил поткуп од 50.000 евра (од првично побараните 100.000) за да изврши притисок врз судии во Апелација за укинување на притворот на Пецов. Додека Стафа сега е во затворски притвор, неговиот клиент успеа да издејствува престој дома.
Случајот „Синџир“ е една од најобемните истраги за финансиски криминал во државата. Пецов е првообвинет во група од 26 лица и 28 компании кои, преку шема со фиктивни фактури и лажен ДДВ, се сомничат дека „испумпале“ 8 милиони евра од државниот буџет.
Иако Апелација претходно ја одби неговата милионска гаранција за слобода, неговото доброволно предавање и „кревкото здравје“ ги отворија вратите на неговиот дом, каде под будното око на полицијата ќе го чека продолжението на судскиот процес.
Македонија
Само 15 од 3.690 автобуси во Македонија се електрични – јавниот транспорт останува далеку од еко-трансформација
Иако македонските патишта се преплавени со автобуси, квантитетот во овој случај не значи и квалитет. Најновите податоци на Евростат откриваат фасцинантен, но загрижувачки парадокс: додека Европа активно оди кон „зелена“ мобилност, македонскиот јавен превоз останува заглавен во облак од дизел чад.
Со 2 автобуси на секои 1.000 жители, Македонија со леснотија го престигнува просекот на Европската Унија (1,6). На хартија, нашата мрежа е погуста од онаа на многу европски метрополи. Сепак, од вкупно 3.690 регистрирани автобуси во 2024 година, дури 97,8% се движат на дизел.
Додека европските градови инвестираат во тивок и чист транспорт, во Македонија само симболични 15 возила (0,4%) се електрични – капка во морето на фосилните горива.
Интересен е податокот дека Македонија го обновува својот возен парк со двојно побрзо темпо од ЕУ. Минатата година биле регистрирани 379 нови автобуси, што претставува стапка на обнова од 10,2% (наспроти европските 5,1%).
Но, ние купуваме нови возила, но купуваме стари технологии. * Во ЕУ: Речиси секој петти нов автобус (17,8%) е со нулта емисија.
Речиси секој нов автобус е повторно – дизел.
Додека автобуската мрежа е натпросечно застапена, кај патничките автомобили сликата е обратна. Со 319 автомобили на 1.000 жители, Македонија сè уште е далеку под европскиот стандард од 578 возила. Ова сугерира дека граѓаните сепак се потпираат на јавниот превоз, што само ја зголемува итноста тој да биде модерен и еколошки.
Македонија
Западен Балкан како еден: Муцунски јасно за иднината во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, користејќи ја симболиката на виното како сврзно ткиво на регионот, испрати силна порака до европските партнери. Тој потенцираше дека иако евроинтеграцијата е технички процес, суштината е во регионалната кохезија.
„Ниту една држава не смее да остане изолиран остров. Иако системот е поставен така што не мора сите да влеземе во исто време, нашата крајна цел е таму да бидеме заедно“, дециден е Муцунски.
Тој повлече паралела со македонското грозје, кое често е „тајната состојка“ во регионалните вина, заклучувајќи дека кога работиме заедно, создаваме „вистински европски производ“ со кој сите се гордеат.
Новата еврокомесарка за проширување, Марта Кос, внесе нова енергија и емоција во дискусијата. Таа упати критички осврт кон бирократизацијата на процесот, нагласувајќи дека премногу се зборува за политика, а премалку за луѓето и културата кои го дефинираат Балканот.
„Понекогаш сакам да им кажам на земјите од регионот: не мора толку да ни се докажувате. Вие сте дел од нас. Она што го правиме сега е само формализирање на таа реалност“, порача Кос, ветувајќи дека ќе работи на зголемување на видливоста на Балканот меѓу членките на ЕУ.
Комесарката Кос го заврши своето обраќање со необично ветување кое веднаш стана метафора за нејзиниот мандат: по затворањето на преговорите со секоја земја, таа лично ќе го освои нивниот највисок планински врв. За Македонија – тоа е Кораб.
Трендинг
-
Црна Хроника4 days agoХорор на патот Охрид–Струга: Возач двапати тргнал кон полицајци и успеал да избега
-
Црна Хроника4 days agoДрама на автопатот Тетово – Гостивар: Ги пресретнале со ротација им го пресекле патот, па ги истепале
-
Црна Хроника1 day agoКривична пријава за командир и полицајци – МВР со детали
-
Црна Хроника4 days agoКривични пријави против полицајци од Штип – МВР со детали
-
Република2 days agoУтре дел од Тетово и три тетовски села без електрична енергија
-
Македонија6 days agoМВР со конечна одлука еве кога почнува „Безбеден град“
-
Црна Хроника5 days agoФизички нападната девојка на работно место во Брвеница
-
Црна Хроника2 days agoХорор во Тетовско: Физички нападнати полицајци















