Connect with us

Македонија

Денеска е Митровден – една од најчестите македонски куќни слави

Published

on

Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на денешен ден 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.

Свети великомаченик Димитриј (Митровден), 8.XI/26.X. Празник на заштитникот на градот Солун и почеток на зимската половина од годината

Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…

Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив. Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината.

Насекаде во Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари итн., но и селски старешини одборници, коџобашии итн., договор што важел до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала ругата (заработувачката) и се правел пазар за наредниот период.

Во некои места на Македонија Митровден е домашен празник, можеби првиот и последен каде пандемијата ги спречи гостите по дома, но традицијата е вечна, се месат лебови, се коли курбан или се одржуваат панаѓури. Во Разлошко како што е запишано во зборникот на браќата Молерови, Митровден бил празнуван со собор како ѓурѓовденскиот на врвот „Свети Митар“ среде Пирин. Таму имало „тројалиште“ заобиколено со дванаесет даба во спомен на 12-те апостоли. Интересно е што во околината никаде немало даб. Во последно време поради тоа што времето во овој период на годината е студено со дожд и снег и овој собор е изоставен.

Антон Поп Стоилов забележал дека во Мариово собир имало во с. Манастир кај црквата „Св. Димитрија“, а на овој ден панаѓур правеле и селата Бзовиќ, Старавина, Градешница и Груништа. Марковиот манастир во близината на Скопје е посветен на свети Димитрија и во него има циклус фрески од животот на овој светец. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ свети Димитрија го празнувале и Турците под името Касим. Во овој крај до овој празник го собирале бериќетот од полето за после да ги пуштат говедата без чувар (ајмана). Исто така, цел ден се одело на лов касимавна – митровденски лов. На овој ден вечерта на овчарите, воловарите измеќарите и сл. им се приредувала вечера и им се исплаќала заработувачката за изминатиот период.

Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал дека „како што ќе биди дено на Митроен топол, студен и ер како да биди, таквие ќе биле четириесетте дни по Митроен“.На друго место Цепенков запишал дека „на новина ако биди Митроен, тешка зима ќе имало.“

Светиот великомаченик Димитрија живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. Легендата вели дека солунскиот војвода долго немал пород и по многуге молитви упатени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал и воспитувал и го воведувал во христијанството. Во тоа време овие краишта биле во составот на Римската империја и со нив управувал царот Максимијан, кој бил паганин и жестоко ги прогонувал христијаните.

По смртта на татко му, Димитрија бил именуван од страна на Максимијан за градоначалник на Солун при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и прогонува секаде каде што ќе ги сретне. Но Димитрија бил христијанин. Најпрвин тајно, а потоа и јавно го поддржувал христијанството, ги подучувал христијаните како да се чуваат од лошите пагани и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот. За ваквата дејност на Димитрија разбрал и царот Максимијан. За да се увери во тоа што го слушал тој дошол во Солун. Димитрија не само што не порекнувал дека е христијанин туку го презрел идолопоклонството на царот. Затоа овој наредил веднаш да биде затворен. Димитрија, знаејќи што го чека целиот свој имот му го оставил на некој пријател по име Лупа, тој да го раздели на сиромаси. Во затворот ги слушнал зборовите на ангелот Божји кој му рекол: „Мир на тебе, страдалниче Христов, охрабрувај се и не очајувај“.

Македонија

Коцевски го побарал предметот за човекот кој ја прегази Теодора

Published

on

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски побарал увид во предметот кој се води во Вишото јавно обвинителство Гостивар, со цел детално да го испита текот на постапката против Менсур Пајазити, кој смртно ја прегази и усмрти Теодора Ристовска во Тетово, објави Телма.

Првичната казна од три и пол години затвор, која ја изрече тогашната судијка Верка Костовска (сега во пензија), не била обжалена од обвинителството. Подоцна, на седница на Апелацискиот суд во март минатата година, обвинителката Вјолца Елмази го изменила својот став – наместо претходното барање да се одбие жалбата на Пајазити, предложила изрекување поблага кривична санкција. Од Обвинителството нагласуваат дека висината на казната е исклучиво во надлежност на судот.

„Пред Апелацискиот суд, јавната обвинителка од ВЈО Гостивар на рочиште дала свој предлог во однос на попрецизно одмерување на казната, имајќи ја предвид пред се околноста дека обвинетиот непосредно пред завршување на првостепената постапка признал вина, како и претходната пракса во слични предмети. Меѓутоа, предлогот на обвинителката не е задолжителен за тричлениот совет од судии во Апелацискиот суд. Тој предлог во ниту еден момент не се однесувал на намалување на казната за речиси половина од првостепената пресуда, како што досуди Апелација во својата одлука. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија веќе даде насоки и ќе го прибави предметот од Вишото јавно обвинителство Гостивар за да го разгледа во детали текот на постапката“, информира Јавно обвинителство.

Обвинителството сѐ уште го чека писменото образложение на пресудата, а според Судскиот совет, Апелацискиот суд во Гостивар можел или да ја потврди првостепената казна од две години затвор или да одлучи во корист на обвинетиот, но не и да изрече построга казна.

Continue Reading

Македонија

Детски џагор и песни го разубавија Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова

Published

on

Децата – гордост и иднина на Македонија: Претседателката Сиљановска-Давкова ги пречека дечињата во Кабинетот

Денеска Кабинетот на Претседателот на Република Македонија блескаше во детска радост и музика. Насмеани и распеани, учениците од основните училишта „Мирче Ацев“ од општина Ѓорче Петров и „Браќа Миладиновци“ од општина Аеродром, заедно со децата од градинката „Весели Цветови“ од општина Кисела Вода, беа гости на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Во нивна придружба, Претседателката со почит ја проследи Церемонијата на свечено менување на државното знаме – симбол што, како што рече, зборува повеќе од илјада зборови и го носи духот на татковината.

„Вие сте нашите сонца, нашите месечини и нашите ѕвезди,“ им порача Сиљановска-Давкова на најмладите, инспирирана од песните кои ги испеаја во чест на Македонија, Скопје и сонцето.

Децата не ја пропуштија можноста да ѝ постават низа љубопитни прашања – од омилената боја и храна, до тоа што значи да се биде претседател. Сиљановска-Давкова со насмевка одговори, споделувајќи дел од својот живот и обврските што ги носи највисоката државна функција.

На средбата се потенцираше важноста на националните симболи и потребата од нивно почитување. „Каде што е знамето – таму е државата,“ истакна Претседателката, подвлекувајќи ја силата на заедничката припадност и иднината која се гради преку љубов и знаење.

Continue Reading

Македонија

Продолжен притворот за сите осомничени за пожарот во Кочани, тројца одат во куќен притвор

Published

on

Основното јавно обвинителство Кочани побара од Судот да се продолжи притворот за сите осомничени во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март, а во кој загинаа 61 лице, а повеќе од 100 се повредени. За тројца од осомничените, Обвинителството бара мерката притвор да се замени со куќен притвор.

Во текот на денешниот ден до Основниот суд Кочани достави предлози за продолжување на мерките за обезбедување – притвор и куќен притвор за сите осомничени во истрагата за пожарот во кочанската дискотека. Само за тројца осомничени, согласно фазата на обезбедување докази и исполнетоста на законските основи се предлага замена за мерката притвор во куќен притвор. Тоа се двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и еден припадник на обезбедувањето на дискотеката, соопштија од Обвинителството.

Од таму додаваат дека продолжуваат истражните дејствија во повеќе правци и во неколку институции со цел испитување на евентуална одговорност, за што јавноста ќе биде известена веднаш по донесувањето на соодветна јавнообвинителска одлука.

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк