Игор Ефтимов, адвокатот на Влатко Кешишев, побара првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо да не присуствува на денешното рочиште во кое Кешишев треба да даде исказ за настанот околу грабнувањата и убиствата на Панче Жежовски и на Вања Ѓорчевска.
Адвокатот Ефтимов го побара ова поради тоа што како што кажа „пред него Кешишев немало да ја зборува вистината“.
Адвокатот на Палчо, Јовица Страшевски се противеше на ова барање.
„Јас се противам на ваквиот предлог од причина што нема потреба од вакви драми и сцени. Истиот може да ја зборува вистината ако ја знае и искрено да си ја каже. А, на Љупчо Палевски мислам дека со тоа би му било оневозможено да го следи исказот и потоа да поставува прашања. Едно јас како бранител да го следам исказот, а друго е кога обвинетиот би го следел и би поставувал прашања кон обвинетите“, рече Страшевски.
Палевски, пак реагираше дека Кешишев се служи во невистини.
„Изнесува факти кои не постојат. Заборави да приложи писмо или пишана изјава од мене со која сум го терал Кешишев да ја потпише. Ова е вторпат пред судот да изнесува лаги, без притоа да приложи било каков доказ дека јас сум давал искази/писма кои требало да се препишат во име на обвинетиот. И затоа го молам судот да бидам присутен, бидејќи на претходните испрашувања не добив ниту еден укор дека сум прекинувал или влијаел на процеси на давање на исказ на обвинетите. Може и со грб кон мене да биде свртен, мене не ми е важно да слушнам што ќе каже“, рече Палчо.
Согласно член 391 став 4, Судот донесе решение обвинетиот Љупчо Палевски – Палчо се оддалечува од судница, рече судијата Ивица Стефановски.
На 25.11 Палчо му дал на Кешишев изјава да ја препише и да ја достави до судот додека во комбе се превезувале од затвор кон суд. Со тоа Палчо влијаел врз Кешишев и поради тоа судот одлучи за мерка за оддалечување на Палчо од судницата.
Адвокатот на Палчо, Страшевски исто така најави напуштање на судењето.
„Јас ќе го напуштам судењето. Ниту е утврден стравот од доктор или вешто лице, но судот да носи вакви одлуки е срамно. Срамот е само на збор кажан, без докази. Ова е само една приказна, која за жал, судот ја прифати. Невозможно е вакво решение да се носи само со зборови од една страна. Во ваква атмосфера јас како бранител на Палевски не можам да учествувам во ваква хајка и драма која непотребно се прави. Барам да повикаме вешто лице да изврши испитување и да видиме дали има страв да говори пред Палевски, а нема страв и понатаму да одговара во постапката на прашања од Палевски“, рече Страшевски.
Судија Стефановски: „Судот го предупредува адвокатот дека ќе биде парично казнет доколку го напушти судењето, и ќе биде избран судија по службена должност.
Судот донесе решение дека не се прифаќа предлогот на адвокатот Страшевски да се донесе вешто лице за да се утврди дали на обвинетиот му е страв.
Извор: ТВ21