Македонија
ИНТЕРВЈУ СО МАКЕДОНСКАТА ПРЕТСЕДАТЕЛКА ГОРДАНА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА: Забележувам спремност да се најде „креативно решение“ за почеток на преговорите
Published
5 days agoon
By
Арлингтон„Од тоа што сме го слушале, од она за што сме разговарале, мислам дека не ме лаже впечатокот, забележувам спремност да се најде, како што тие милуваат да кажат, некое „креативно решение“ за наш почеток на преговорите со ЕУ. Да потсетам уште еднаш. Непознат евроинтеграциски феномен е, за почеток на преговори, да треба да исполните услов: промена на уставот. Тоа, по мене е спротивно на темелните принципи и вредности на ЕУ“, вели македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во новогодишното интервју за весникот ВЕЧЕР. Освен за евроинтегративниот процес, со претседателката разговаравме за актуелните политички случувања во земјава, за состојбите во армијата, за случајот „Артан Груби“, американската црна листа, еколошките предизвици… За 2024 година, вели дека е македонска женска година
Елизабета АРСОСКА
Претседателке, зад нас е 2024 година во која, на претседателските избори остваривте историска победа и станавте прва жена претседател на Македонија. Во 2024 година, Македонка стана втор човек на НАТО, а од Македонија е и жената херој, која се охрабри на 61 година да го роди своето прво дете. Беше ли тоа женска година?
-Да, македонска женска година. И да дополнам уште дека имаме директорка на Агенцијата за разузнавање и нејзина заменичка, за првпат, жена, член на Советот за безбедност, Комисијата за помилување со четири жени и тројца мажи, паритетна застапеност во Комисијата за млади, паритетна композиција на Комисијата за одликувања и признанија, аѓутантантка… Но, тврдам дека за ниту една од нив, не може да се каже дека е на таа функција само заради тоа што е жена. Не. Секоја од нив, прво е стручна и компетентна, а потем жена. Тоа е најважното. Џабе ви е да сте жена, односно женскоста, ако сте без знаење, стручност и компетентност. Инаку, нам жените, секој знае и признава дека ни е потежок животниот пат. Затоа ние имаме поголема шанса да бидеме постручни, покомпетентни, похумани, па еве, како што рековте, спремни сме и на 61 година да жртвуваме живот за нов живот, за дете. Тоа е доказ дека го респектираме животот. Ако создавате нов живот, ќе имате респект кон него, ќе сакате да го подобрите, да го направите поубав.
Како ја оценувате годината што измина?
-Тоа беше двојна година, со две лица. Јас сум на претседателската функција 7,5 месеци, Владата е шест месеци, значи, половина година. И претходната власт имаше удел во годината и сегашната, па граѓаните може да споредуваат. Како би ја окарактеризирала? Како година на подготовка за промени или како година во која ги поставуваме темелите или ги исцртуваме контурите на промените. Може кој како сака да гледа. Но граѓаните сакаат факти, реални нешта. Ако е во прашање борбата со корупцијата, ние гледаме реални акции. И кога се во прашање економските реформи, гледаме придвижување. Она што мене ме импресионира, еве јавно ќе кажам е, кога се огласуваат луѓе кои јас ги почитувам заради стручноста и компетентноста, па и социјалдемократи меѓу нив, кои ги поздравуваат мерките на оваа Влада… Работите почнаа да се придвижуваат.
Во оваа половина година, се смени дури и реториката на ЕУ. Граѓаните може да споредат дали во изминатите години претставниците на странските држави ја изведувале македонската химна на македонски јазик, дали говорите ги држеле на македонски јазик. Тоа нас многу ни значи, оти јазикот, културата, историјата се три во едно, нашиот најважен идентитетски триаголник. Убаво е кога ќе видите дека изразуваат респект, дека сме една мала но, почитувана држава. Тоа ве стимулира. Се разбира, не е лесно. Но, невозможно е, не сме ние волшебници преку ноќ да се смени сè. Ниту сум јас Питија, ниту Христијан Мицкоски е Мерлин, ниту господинот е Африм Гаши чудотворец. Ама, поинакви сме. Забелешки секогаш можете да давате. Критиката е здрава работа. Но, промените се гледаат и во начинот на управување и во односот. Говорам за тенденциите. Па, и кога меѓународната заедница е во прашање, отворено сме чуле изјави на стратешки партнери за признание и поддршка на промените. Тоа се скромни, но сигурни чекори. Кога велам сигурни, сакам да кажам дека кога нешто е сигурно, не може лесно да запре. Јас очекувам промени и мислам дека, тоа и вам и на сите им го посакувам, Новата година да ја помните по добро, да биде подобра и од подобрите претходно. Да направиме човечки исчекор, демократски исчекор, бидејќи има ситуации што и друг пат сме ги виделе, катарзични ситуации, кога веќе нема кај да одите, кога сте доведени до ѕидот на срамот. Мислам на националното самоуништување, или толерирањето на уништувањето, или на уништувањето на природата што претставува човечки суицид. Или, заборавањето на нашето најголемо богатство, младите, умните, кои веднаш ги препознаваат надвор. Да ги задржиме овде. А, можно е, мислам.
Станавте шеф на државата во период полн со предизвици. Тука мислам на драматичните случувања на истокот од европскиот континент, заострувањето на односите меѓу НАТО и Русија и интензивното вооружување на земјите од регионот. Како врховен командант на вооружените сили, како ја оценувате состојбата во Армијата и во системот за одбраната, односно дали Армијата го следи чекорот со другите членки на НАТО?
-Веројатно чувте и од моето излагање пред пратениците, по мене, состојбата е стабилна. Ова го тврдам, не врз основа на импресијата или врз основа на искажувањата на претходниот и сегашниот началник на ГШ или честите посети на Армијата, туку и врз основа на извештаите што ги добивам. Ова е оценката и од НАТО, бидејќи нашата Армија е мала, но е почитувана НАТО армија. Нашите војници и офицери во мисиите се рамноправни во знаењето. Па, за една толку мала и сиромашна држава, издвојувањето од повеќе од 2% е високо, бидејќи имаше и сè уште има држави кои се побогати од нас, но издвојуваат понизок процент. Заклучокот ми е, нашата армија, устроена по НАТО-принципите е способна да се носи со предизвиците.
Она што треба да се направи, а за жал што не било правено е, однапред да се планира командувањето, однапред да се знаат оние кои ќе ги заменат постојните први луѓе, началникот на генералштабот, заменикот, генералите….
Зошто тоа не се правело? Претпоставувам дека е заради политичко партиски причини. Имено, претседателот на државата, во својство на командант на Вооружените сили, ги именува генералите, но, до чинот генерал тоа го прават министрите за одбрана. Има држави во кои унапредувањето е во рацете на началникот и на генералштабот. Но, јас не се сомневам дека министерот за одбрана и началникот и генералштабот се договараат. Мора стратешки да се однесуваме кон военото водство, особено низ призма на новите доктрини на војување.
Какви се плановите за пополнување на празните генералски позиции?
Информирана сум дека набрзо ќе добијам предлог за унапредување на тројца генерали, претходно веќе разговаравме за можните кандидати, го чекам конкретниот предлог.
Почетокот на преговорите со ЕУ сè уште останува сон за Македонија. И Вие и премиерот Христијан Мицкоски пренесувате една доза на оптимизам по разговорите со европските челници. Сфатена ли е неправдата која Македонија ја остава со години во чекалницата на ЕУ?
-Не знам дали ја сфатиле неправдата и не верувам во тоа, но мислам дека ја увиделе опасноста од македонскиот преседан по процесот на проширувањето. Мојот оптимизам не е случаен, ниту од интуиција, односно чувства, туку се темели на бројните разговори, од кои добив впечаток дека на сите им е јасно дека вака веќе не може. Од нивната изменета реторика е видлива свеста дека преседанот станува опасен. Како што веќе видовме, во случајот на Црна Гора, Хрватска го употреби, Бугарија го најави за Србија, а, можни се и други најави. Така, проблемот со нашиот почеток на преговорите, веќе не е само однос меѓу Брисел и нас, туку и проблем на ЕУ, односно проширувањето на ЕУ. Никогаш проширувањето не било понеопходно, не само за нас туку и за ЕУ од причините што веќе ги споменавте. Одговорот на војната секогаш бара обединување, односно заедничка надворешна и безбедносна политика. Ние сме стопроцентно усогласени со ЕУ во надворешната и во безбедносната политика, а таа е една од најтешките. Ако во неа настапуваме како да сме де факто членка на ЕУ, навистина не ми е јасно зошто тоа не би можеле да го правиме во останатите политики, особено што, по процентот на хармонизација со ЕУ легислативата, ние сме први. Тоа го зборуваат и нашите соседи. Впрочем, кога слушам како „ Албанија исчекорила и оди напред со брзи чекори“, мора да се потсетиме како и зошто исчекори во преговорите. Не можам а да не ги потсетам нашите европски партнери дека ние, уште во 2019 година, требаше да ги почнеме преговорите, но тогаш, Холандија и Данска ја блокираа Албанија, иако, дотогаш чекоревме заедно. Тогаш, господинот Емануел Макрон изрази став дека е добро да сме оделе заедно со Албанија. Му се придружи Италија со тезата: заедно или никоја! Ама, пет години потоа, не го повторија истото за нас. Се разбира, едно е да ослободите градоначалник од грчко етничко потекло од затвор и да ги вброите Бугарите во малцинствата во Албанија, иако дотогаш ги немало! Згора, на пописот од 2021, новопојавеното бугарско малцинство се зголеми на над 5.700 припадници, а Македонците паднаа на 2.700?! Етнички инженеринг! Немам коментар. Ако е тоа начинот за забрзано чекорење кон ЕУ, нешто не е во ред со принципите и вредностите!
Значи, да се вратам, од тоа што со премиерот Христијан Мицковски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски сме го слушале, од она за што сме разговарале, мислам дека не ме лаже впечатокот, забележувам спремност да се најде, како што тие милуваат да кажат, некое „креативно решение“ за наш почеток на преговорите. Да потсетам уште еднаш. Непознат евроинтеграциски феномен е, за почеток на преговори, да треба да исполните услов: промена на Уставот. Тоа, по мене е спротивно на темелните принципи и вредности на ЕУ. Честопати го цитирам претседателот Макрон, кој самоуверено изјави пред студентите на Сорбона дека ЕУ е многу повеќе од бирократска машинерија, дека ЕУ е филозофија на живот и управување. Јас не можам да замислам филозофија без вредности и начела. А, тие се јасни: почитување на националниот и на културниот идентитет, почитување на дигнитетот и интегритетот на луѓето, почитување на уставните и политички структури, склучување договори со соседите врз реципрочна основа, почитување на правото и правдата, односно на пресудите на Судот за човекови права, почитување на Повелбата на ОН, на конвенциите… една конвенција е Пактот за граѓански и политички права која го гарантира правото на самоопределување. Во нашите разговори со ЕУ челниците, најповторувано е начелото на меѓународното право: „pacta sunt servanda“, односно обврската за почитување на договорите. Јас, често ги упатувам на Преспанскиот договор, односно на неговиот чл.7 ст.(3), во кој се вели дека: „името Македонија за втората страна, значи за нас, означува: територија (копно, вода, воздух), што ќе рече, дека кога грчката новинарка го коригираше господинот Заев да се коригира и наместо македонско небо да каже „северномакедонско небо“, тој требаше да ѝ укаже дека таа, а не тој не е во право, наместо веднаш да си каже „ северномакедонско“ небо, упатувајќи ја на членот 7, став (3), во кој понатаму пишува дека името „Македонија“ за другата страна (НИЕ) значи и: „ народ со своја историја, култура и јазик.“ Не вели бугарска историја култура и јазик, не вели македонско-бугарска заедничка историја, култура и јазик, туку своја, македонска! Како е можно тогаш ние да разговараме со Бугарија за историјата, културата и јазикот. Да потсетам дека следнава, 2025 година е јубилејната 100-годишнина од донесувањето грчко-македонски „Абецедар“.
Значи, ние сме ги исполниле сите претпоставки за почеток на преговорите многу одамна.
Кога велам дека се видливи промените во однесувањето на европските претставници кон нас, да го споменам и следново. Доволно е да го чуете известувачот за нас, австрискиот европратеник, Томас Вајц и да го споредите неговиот говор со оној на Илхан Ќучук, бугарскиот европратеник. Пазете, каква траекторија! Бугарски европратеник беше известител за македонскиот напредок во ЕУ интеграциите. Да не беше форматот судир на интереси? Понатаму, еврокомесарката Кос постојано споменува дебилатерализација. Се разбира, мене ми е јасно дека укинувањето на консензусот бара консензуална одлука, односно едногласност, што значи дека треба време за толку важен чекор. Но, за демократски политички систем како ЕУ, демократски и логично е да се движи кон промената, кон одлучниот чекор, а не спротивно. Не е точно дека само германско-словенечкиот нон-пејпр го проблематизира ветото. Неколку европски тинктенкови работеа на барање решение, врвни експерти предлагаат варијанти на негово отстранување или редуцирање. Јасно е зошто. Ако ние, но и другите кандидати се дефокусираме на историски, културни, јазични и други емотивни прашања, ќе ја изгубиме енергијата и не ќе може да се фокусираме на Планот за раст и на Реформската агенда за која добивме највисоки оценки.
Нашите сознанија, засновани на бројни директни разговори и уверувања од важни претставници на меѓународната заедница беа дека ќе ни биде овозможен исчекор до крајот на декември. Е, зошто тоа не се случи, јас, не можам да кажам.
Сметате ли дека ќе може да се преговара со новата Влада во Бугарија, со оглед на тоа што техничкиот премиер Димитар Главчев, во Брисел, отворено му кажа на премиерот Мицкоски дека „во бугарскиот Парламент сите се против нас“?
-За разлика од нашите парламентарни состави во овие 30 години кои носеле документи за одбрана на националните и државните интереси, ама, не ги почитувале, соседите цврсто се држеле и се држат до нивите парламентарни акти како до свети политички книги. Ние не научивме ниту да градиме, ниту да почитуваме национални и државни интереси, а уште помалку, да ги браниме!
Зошто е невозможно кај нас партиите да седнат и да ги исцртаат националните позиции?
-Не ми е јасно зошто на некои елити, ако воопшто така може да се наречат, поважно им е мислењето на политичарите однадвор одошто на граѓаните од кои им извира легитимитетот. Тие ниту го детектираат националниот интерес, ниту го претставуваат и бранат. Сите држави што тргнаа на патот на транзицијата и демократската консолидација, првото нешто што го направија по 90 години беше тоа. Зошто? Бидејќи ја пренесуваа националната платформа како политичко наследство на секој друг по нив. Кај нас, поважно беше да ги пофалат однадвор, да им ветат на маргиналци дека ќе станат нобеловци и овие да го направат неможното! Замислете, Нобелова награда за мир!
Но, декларативно сите се за стратегија за национални интереси?
Само декларативно, кога не се на власт.
Размислувате ли Вие, како „мајка на нацијата“, да ги скротите темпераментните политички ривали и да ги седнете на иста маса за да се договорат за клучните прашања?
-Тоа „мајка“ убаво звучи, но во суштина има монархиска дикција. Но добро, ако се мисли на некоја што застапува натпартиски интереси, мислам дека сум способна и спремна за тоа, со добра намера и волја.
Немам ништо против. Но, многу пати потенцирам дека мора да се научиме најважните одлуки да ги носиме во институциите, во Собранието и неговите маси, не надвор, во различни неформални тела. Таму и тогаш нема ниту одговорност, ниту транспарентност, сè е тајно. Демократијата се учи со вежбање. Ние имаме „слаби институции“. Ова го истакнуваат сите добри познавачи на нашиот политички систем, мои колеги и колешки и тоа ме боли. Мора да собереме сила да ставиме крај на премоќните политичари, патрони, султани. Затоа ни се случува неконтролирана моќ и придружните појави со неа. До кога ќе ги суспендираме легалните и легитимни институции ќе дозволуваме нелегитимни, па и нелегални одлуки да се носат во некои тесни и неформални тела во „Клуб на пратеници“, на „Водно“… без одговорност пред граѓаните. И ние мора да се држиме до документите, до актите и да ги почитуваме. Да потсетам, како опозиција молевме, а мене не ми се случува да молам политичари што не ги почитувам, кога ја покренаа октроинираната, фиктивна, промена на Уставот. Дури и секој ден изјавуваа: преговараме со прогресивни пратеници од опозицијата, усогласени сме, убедени дека ќе ги изгласаме амандманите дури и со поголемо мнозинство од 2/3?! Политички дилетантизам. Не можете сами да си донесете одлука за прифаќање на протоколи, Преговарачка рамка и заклучоци, да преземете обврска за промена на Уставот, без да ја прашате опозицијата од една проста причина: ви треба двотретинско мнозинство! И дете знае дека без двотретинско мнозинство не може да смените Устав, ама ако еднаш сте смениле Устав прекутрупа, иако сега се соочуваме со погубните последици од таквиот начин, вие си верувате дека ненормалното е нормално и дека целта ги оправдува средствата!
Каква ни е поддршката од новата европска администрација?
-Странците се сурово прагматични. Да тече процесот, да си запишат дека за време на своето амбасадорување постигнале голем успех, ЕУ функционерите да си нанижат уште едно достигнување. Но, дека и ЕУ не е имуна на проблеми е јасно од многу примери. Требаше да заврши мандатот на претходниот и да се воспостави новиот за да излезе на виделина дека најодговорниот за правото и правдата, комесарот за правосудство се соочува со обвинение за злоупотреба на функцијата…
Светот не оди во добар правец. Ова го врзувам најмногу за војните. Во војната, прво умираат честа, мудроста, хуманоста… сè е дозволено… се заборава дека секој живот е микрокосмос. Кој е тој што има право да определи кој ќе се жртвува за високи цели.
Искрено посакувам и очекувам да најдеме заедничко решение, не наметнатото, туку заедничко. Посакувам амбасадорот на ЕУ, господинот Рокас да даде личен придонес во исчекорот, токму заради неговото грчко потекло. Ниту еден евроамбасадор досега немал ваков предизвик како тој. Да покаже и докаже разбирање, емпатија, свест дека не случајно живееме едни до други. Да покаже дека е свесен за невидената жртва! Секогаш потсетувам дека малкумина луѓе смениле име, но секогаш сами. Истово важи и за државите, освен за време на колонијализмот. Кога ќе се сетам на фамозниот референдум со најперфидното прашање во историјата на референдумите.
Ќе се направат ли консултации со Венецијанската комисија пред отворањето на Уставот?
-Неодамна ме посети колега од Венецијанската комисија за да ме потсети и покани на прославата што ќе се случи в година меѓу нас и Советот на Европа. Се сетив на еден интересен македонски феномен: ниту една наша уставна измена, освен амандманите од 2014 не била пратена на Венецијанската комисија.
А, Венецијанската комисија е формирана за да им помогне на државите што излегоа од комунизмот во донесувањето либерални устави и закони, засновани врз европските стандарди. Значи, или од овде некои не сакале да ги пратат, оти знаеле дека ќе стигнат експертски мислења и ставови , или пак имало притисок од надвор, или и двете.
Целото интервју на Вечер-Прес
You may like
Македонија
Засилени контроли на индустриските објекти
Published
12 hours agoon
January 4, 2025By
АрлингтонЗасилени контроли кај производителите со интегрирани А и Б дозволи, зголемена контрола во станиците на преглед на возилата, контрола на градежните активности и соработка со општините што мора преку Инспекторатот, да ги засилат контролите, се дел од мерките за намалување на загадувањето на воздухот, изјави Ане Лашкоска, заменик министер за животна средина, при денешниот престој во Прилеп.
Лашкоска нагласи дека пред околу два месеца се донесени сет краткорочни и долгорточни мерки во однос на загадувањето на воздухот. Краткорочните мерки, како што беше појаснето, ќе бидат во сила сѐ додека трае грејната сезона. Тие мерки, според кажаното, се изработени заедно со министерствата за внатрешни работи, за транспорт и за економија и труд, со министерствата за здравство и за социјала, како и со општините и со Градот Скопје, „зашто само заедно може да се бориме со овој проблем“.
-Дел од мерките се засилени контроли на оние индустриски објекти, производители кои имаат А и Б интегрирана дозвола. Во овој период на овие големи производители им се препорачува да го намалат производството, меѓутоа да не го згаснат целосно, зашто при повторно вклучување на производството се предизвикувало уште поголемо загадување, а и загубите ќе бидат многу големи, посочи Лашкоска.
Дел од мерките, додаде таа, е и зголемена контрола на станиците за контрола на автомобилите, бидејќи било утврдено дека еден од големите загадувачи се автомобилите, особено на дизел гориво.
– Има методи и апарати што може да ги мерат овие издувни гасови, така што и таму преземаме засилена контрола. Големо загадување има онаму, каде се вршат градежни активности, па презедовме мерки, а мора да се започне и со контрола. Забрането е во периодот од 7:30 до 18:30 часот да се носат градежни машини на градилиштата. Последниве денови увидовме дека, каде што има градежни активности, не се почитуваат ниту препорачаните мерки, ниту пак мерките за загревање. Забележуваме дека сопствениците на тие градежни објекти, за да се топлат работниците, во буриња палат сѐ и сешто и на тој начин се зголемува загадувањето, рече Лашкоска.
Со општините се бара поголема соработка. Една од препораките, како што беше посочено, е често миење на улиците во овој период на грејна сезона, оти еден од показателите бил дека прашината е голем загадувач.
Малите и средните фирми биле едни од поголемите загадувачи, а и таму веќе се започнале инспекциски контроли.
– Упатувам апел до општините да ги пуштат на терен општинските инспектори, особено во малите и средните претпријатија, зашто не само оние кои имаат А и Б интегрирана дозвола, туку и оние што имаат одобрени елаборати од Министерството за животна средина, како разните работилници, преку отпадниот материјал го користат за греење и на тој начин се зголемува загадувањето. Ако не се почитуваат мерките, залудно е што се донесени, смета таа.
Најголемиот проблем за загадувањето, како што беше нагласено, греењето, во овој момент не можело да биде целосно решено. Владата има долгорочен план, беше истакнато, направен за периодот 2024 до 2030 годинa, што предвидува постепена промена на системите на греење, прво во државните и во општинските институции.
– Во меѓувреме имаме проект што е во тек во соработка со Европската унија од компонентата ИПА 3. Преку тој проект во Скопје дониравме шест еколошки автобуси, предвидено е менување на системите за греење на 70 државни институции во неколку градови. Но, залудни се акционите планови ако немаме поддршка и од општините, од сите институции и од сите инволвирани страни, подвлече Лашкоска.
Според Лашкоска, во овој критичен период мора да се води сметка и за состојбите во сообраќајот во градовите. Предвидено било да се воведува посебен сообраќаен режим во сите општини.
Општините со МВР требало да договорат тешките товарни возила да не врват во центрите на градовите, туку да одат по обиколен пат во одреден период кога тие ќе оценат.
– Повторно упатувам апел заедно да се бориме против ова зло, додаде Лашкоска при денешниот престој во Прилеп на завршните работи на проект за урбанизација на канал.
Инаку, во земјава, мерни станици поставени од Министерството за животна средина и коишто релевантно го мерат нивото на загадувањето на воздухот, има 22, од нив, една е мобилна. Една од мерните станици е стационирана во кругот на прилепската општа болница.
Македонија
Агелер за Груби: ЛУЃЕТО НЕ БЕГААТ АКО НЕМА ШТО ДА КРИЈАТ
Published
12 hours agoon
January 4, 2025By
АрлингтонАмериканската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека е задоволна што поранешниот вицепремиер Артан Груби е на црната листа на САД.
Таа во поткаст вели дека за случајот што тој е обележан од американските власти, доказите се на дофат на македонските власти, но како што рече, тие не се орган на прогонот.
Доказите се тука, најголемиот дел од нив, не сите. Може да се отвори случај од она што е достапно тука и во регионот и тоа е она што ние како амбасада се надеваме дека ќе се случи, но исто така ние не сме орган на прогонот. Јас нема да му влезам никому дома, но се надевам дека ова поттикнува акција и можам да кажам дека последните неколку имиња на црната листа навистина предизвикаа реакција, вели Агелер.
Таа вели дека нема поим каде се наоѓа Артан Груби, а на новинарска забелешка дека тој е во Албанија, Агелер рече „ако има една работа што во оваа земја се прави многу, многу добро, тоа е да се пуштаат гласини“.
Според неа, ирелевантно е каде е Артан Груби, но вели дека генерално гледано, луѓето не бегаат ако немаат што да кријат.
Оттука, она на што ние се надеваме, она што јас се надевам, е токму како што велите, одговорност – да ја преземеш одговорноста ако не си направил ништо погрешно. И ова важи за секој кој е ставен под санкции, односно за секој кој е под некаква судска постапка во оваа земја. Ако немаш што да криеш, тогаш врати се и докажи го тоа. Постои правен процес овде, и дел од тој процес започна со господинот Груби во врска со различни обвиненија што му се покренати. И, пак, ќе речам, ако нема што да крие… и знам дека многу се зборува за – и знам дека е така – дека има влијание во судството – тоа може да биде проблем, но луѓето во оваа земја сакаат да видат дека се води процес. Луѓето сакаат да разберат за каков процес станува збор и зошто одредени работи се прават. И најдобриот начин да се врати довербата на јавноста овде е да има отворен процес, а тоа значи дека некој што е обвинет за одредени дела треба да се врати и, како што велиме, да се соочи со последиците, рече таа.
Македонија
Дедо Мразовци на две тркала: Празничниот караван на МК Конзули ја разубави Битола
Published
12 hours agoon
January 4, 2025By
АрлингтонДенес улиците на Битола беа сведоци на несекојдневна глетка – моторџии облечени како Дедо Мразовци, кои со насмевки, адреналин и празнична енергија ја разубавија „Зимска Приказна“.
Празничниот караван во кој учествуваа членовите на МК Конзули
Приказната за сиромашното дете Мосес до најдобар играч во Лондон
Засилени контроли на индустриските објекти
Агелер за Груби: ЛУЃЕТО НЕ БЕГААТ АКО НЕМА ШТО ДА КРИЈАТ
Ставрески: Значајно е да се одржи стабилност на цените за реално подобрување на животниот стандард
Дедо Мразовци на две тркала: Празничниот караван на МК Конзули ја разубави Битола
Револтиран угостител до Филипче: 15 години сум дел од ова не може да седам на страна без кажан збор!
БОМБА НА МАКЕДОНСКА ДОКТОРКА: Од 10 заболени вчера ревакцинирани со 2 дози се 8
Мехмети: Не прашувајте како изгоре болницата-Таа ја ИЗГОРЕВМЕ СИТЕ!
Затвор ли е Идризово, кафана ли е ? (Видео)
„Спремен сум да влезам во инфективна и со заболените БЕЗ МАСКА да седам 24/7 седум дена„“ – Предизвик до Филипче
(Видеo) Драма во Албанија: Гори 12-катница, 40 лица се заробени во становитe
Мистepиja на гpoбот на Свети Никола: И покрај paзopниот земjoтpec останал целoceн – се останато било yништено (ВИДЕО)
ПАЛЧО СО ИСТАТА БАНДА ВО МАЈ БЕШЕ ФАТЕН СО ПИШТОЛ БЕЗ ДОЗВОЛА како бара злато (ФОТО)
ВО ЖИВО ОД МВР – ФАТЕН Е И УАПСЕН ПАЛЧО (ВИДЕО)
(Видео) Излегов да берам дренки кога пред мене излезе мечката и ме нападна
Трендинг
-
Бизнис7 days ago
Интервју со Игор Гешовски: ЕЛС дневно испорачува до 10.000 пратки од Тему и од Али Експрес, апелираме до граѓаните да оставаат точни податоци
-
Инфо +2 days ago
Убава вест за пензионерите: Следува покачување на пензиите
-
Македонија3 days ago
Хорор во Блок 70: Татко си го убил сопствениот син
-
Македонија2 days ago
СВР Тетово со соопштение за семејната трагедија која го потресе Тетово
-
Македонија7 days ago
СО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ: Ова е човекот што оддал информации на криминалната група Барон/Беланоца
-
Инфо +2 days ago
Охриѓани останаа без најдобриот доктор: Доц. д-р Сци-Мед Никола Бакрачески започнува со работа во Болница Плодност
-
Македонија4 days ago
Земјотрес почувствуван во Тетово
-
Македонија3 days ago
Убиство во Тетово – татко го застрелал синот со ловечка пушка