Connect with us

Македонија

Пуштени во употреба 42 километри автопат и 31 километар пруга за само две недели

Во период од 10 дена пуштање во употреба на три големи инфраструктурни проекти, нешто што се нема случено во историјата на Македонија. Експресниот пат Куманово-Страцин-Крива Паланка, делницата Градско-Дреново од експресниот пат кон Прилеп и железничката пруга Куманово-Бељаковце, се три проекти кои ја вратија позитивната енергија и дух помеѓу граѓаните, истакна во вечерашното гостување во емисијата „За или против” на ТВ Алфа, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

-Јас не се сеќавам кога последно не само во Македонија, туку и во регионот се пуштиле во употреба 42 км експресни патишта и 31 км пруга во рок од две недели”, истакна Николоски кој на обвинувањата од опозицијата дека проектите ги добил готови, повторно ги потенцираше бројните проблеми со кои како министер се соочил при завршувањето на овие капитални инвестиции во патната и железничката инфраструктура.

-Губење на време е да се коментира СДСМ, затоа што граѓаните тоа што имаа да кажат за нив на парламентарните избори освоија само 18 пратеници, што е најголем пораз на владеачка партија. Една од причините што доживеаја таков пораз е што ја потценуваат интелигенцијата на граѓаните. На Градско-Прилеп само што станав министер добив еден документ кој што значеше катастрофална ситуација таму. Изведувачот имаше почнато процедура за арбитража, која што Македонија сигурно ќе ја изгубеше и ја имаше напуштено државата. Недостасуваа некаде околу 13 милиони евра за да се заврши проектот, висеа карпи над патот необезбедени, косините не беа средени, два тунели водеа од нигде кон нигде, не беа завршени, експропријацијата не беше завршена и земја се спушташе на трасата цело време затоа што не беа обезбедени косините”, истакна Николоски кој како главна причина за ваквата состојба го потенцираше непотпишувањето на два додатоци на договорите со Европската Унија, кои цели година и пол претходното раководство на министерството ги одлагало, а не била формирана ниту заедничка Комисија со Јавното претпријатие за државни патишта. Можам само да се сомневам зошто таа комисија не се формирала. Некои велат дека не можеле министерот и директорот да се договорат кој да го земе митото од изведувачот и дека тоа било причината зошто не ја формирале оваа комисија. Јас кога бев избран и кога беше избран директорот на ЈПДП Трајановски веднаш ја формиравме таа комисија. Истата почна да работи во тек на месец август и веќе на 12. септември беа потпишани овие адендуми на договорот. Од 12 септември почна интензивно да се работи и веќе на 14 јануари го пуштивме патот во употреба, истакна министерот Николоски.

Тој ги потенцираше проблемите со кои како министер се соочил и при изведбата на патот Куманово-Страцин-Крива Паланка, каде од вкупно 25,5 км на 19,5км воопшто немало асфалт.

-Тоа е пат каде што се случија доста иновации за македонски услови. Прв пат се воведе асфалтирање во ноќни услови и на ниски температури, прв пат се воведе тросменска работа, работа на дожд и прв пат се воведе комбинарана работа помеѓу повеќе изведувачи. И таму имавме проблем со еден дел од надзорот и еден од изведувачите беше заминат од државата, па го враќавме, потенцираше Николоски.

Министерот зборуваше и за состојбата која ја затекнал и на пругата Куманово-Бељаковце, каде трасата воопшто не била обезбедена, немало ставено заштитна ограда, пругата не била тестирана а не биле дозавршени ниту железничките станици.

Advertisement

Македонија

Љупчо Коцевски ја поднесе оставката како јавен обвинител

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски,само еден час пред собраниската расправа за негово разрешување денес, поднесе неотповиклива оставка. На прес-конференцијата, Коцевски порача дека функцијата ја извршувал чесно, но дека си заминува разочаран од системот.

„Заминувам со гордо крената глава, но и со горчина поради непочитувањето на основните принципи на правната држава“, изјави тој. Коцевски го обвини Собранието за „процедурален линч“, откривајќи дека поканата за седницата ја добил во последен момент, без воопшто да му биде доставен предлогот за разрешување. Според него, овој политички маневар е опасен преседан кој директно ја урива независноста на обвинителството.

Наместо да чека политичка пресуда во собраниските клупи, републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска избра достоинствено повлекување. Со поднесувањето на неотповикливата оставка, тој фрли сериозна дамка врз транспарентноста на власта, тврдејќи дека неговото разрешување е базирано на политика, а не на факти или закони.

„Немам на што да се произнесам, бидејќи предлогот за мое разрешување воопшто не ми е доставен“, истакна Коцевски, нагласувајќи го апсурдот на ситуацијата во која поканата ја добил само 60 минути пред почетокот на седницата. Неговото заминување по помалку од две години мандат отвора нови прашања за тоа колку е навистина „независно“ македонското правосудство од политичките влијанија.

Continue Reading

Македонија

Антикорупциските организации со апел да не се одлага законот за заштита на укажувачи

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата апелира до институциите без одлагање да го усвојат Законот за заштита на укажувачите, предупредувајќи дека долгото доцнење сериозно ја поткопува борбата против корупцијата.

Од Платформата изразуваат загриженост што, и покрај тоа што Предлог-законот е подготвен уште од крајот на 2023 година, тој сè уште не е ставен во собраниска процедура. Граѓанските организации биле активно вклучени во процесот – преку работната група формирана од Министерството за правда биле одржани 15 состаноци и две јавни дебати, но резултатите од тој процес досега не се материјализирале.

Во најновиот Извештај за напредокот, Европската комисија посочува дека законското решение за заштита на укажувачите сè уште не е целосно усогласено со европското законодавство и дека недостигаат ефикасни механизми за негова примена. Како ризик се наведува можноста лицата кои пријавуваат неправилности да бидат изложени на притисоци, вознемирување, па дури и отказ, што директно ја намалува довербата во системот.

Според Платформата, фактот што подготвен закон повеќе од две години чека да биде донесен испраќа лоша порака и ја ослабува институционалната заштита на укажувачите – еден од клучните механизми за откривање корупција.

Дополнително, Законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи е предвиден и во Програмата за работа на Владата за 2025 година, како акт по кој треба да одлучува Собранието уште во мај. И покрај тоа, законската постапка сè уште не е завршена, што, како што велат од Платформата, е неоправдано одолговлекување.

„Со усвојување на овој закон ќе се подобри статусот и безбедноста на укажувачите, кои се една од најважните алатки во борбата против корупцијата. Тоа би значело и зајакнување на уште еден механизам за владеење на правото, за што носителите на јавни функции јавно се залагаат“, порачуваат од Платформата.

Continue Reading

Македонија

Филипче денеска го соопштува новиот партиски врв на СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска треба да го добие новото партиско раководство. Претседателот на партијата, Венко Филипче, најави дека составот на новиот врв ќе биде објавен по седницата на Централниот одбор, закажана за денеска.

Процесот следува откако на почетокот на декември целото досегашно раководство поднесе оставка на барање на Филипче, кој единствено ја задржа лидерската функција. Со тоа, како што велат од партијата, беше отворен простор за кадровско освежување и нов почеток.

Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ, Филипче синоќа потврди дека списокот со новите функционери е веќе подготвен. Според него, станува збор за внимателно избалансиран тим во кој ќе има и искусни кадри и помлади луѓе кои допрва треба да се профилираат во политиката.

Дел од имињата веќе се познати. Функцијата генерален секретар ќе продолжи да ја извршува Александар Саша Димитријевиќ, додека за еден од потпретседателите е предложен Александар Трајановски, ортопед и поранешен кандидат за градоначалник на општина Аеродром.

Филипче не крие дека составувањето на новиот тим било предизвик.

„Најтешко е да се направи вистинска комбинација – да ги задржите искусните луѓе, а истовремено да отворите простор за млади кои сакаат да учат и да се развиваат. Тоа не е проблем само во политиката, туку во секоја организација каде што е потребна смена на генерации“, рече тој.

Притоа нагласи дека долгогодишните партиски кадри нема да бидат тргнати настрана. Напротив, како што вели, вратата за нив останува отворена, со јасна улога во пренесувањето на знаењето и искуството кон помладите членови.

„Таков тим ќе се формира и ќе биде официјализиран денеска“, порача лидерот на СДСМ.

На прашањето зошто самиот не поднел оставка по изборниот пораз, Филипче одговори дека функцијата претседател ја презел неодамна и дека неговата задача е токму да го води процесот на внатрешна консолидација.

По оставките на 2 декември, од СДСМ тогаш порачаа дека станува збор за „одговорен и морален чекор“ со кој се отвора ново поглавје за партијата, со фокус на кадровско освежување, организациско зајакнување и враќање на енергијата во членството.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг