Connect with us

Инфо +

ЦУМ (Централен универСален магазин)

Published

on

Деновиве трговските компании се стигматизираат со објавените износи на остварените добивки во 2023 година, кои не се за потценување. Сепак, сумите сами по себе не значат ништо. Треба да се стават во однос со ангажираниот капитал, вкупниот обрт и сл., за да се добијат стандардизирани показатели за нивните перформанси.

Баучот на бојкоти кружи над Балканите, поточно над делови од поранешната СФРЈ. Луѓето се незадоволни од високите цени во маркетите.

Со помош на моќта за мобилизација што ја пружаат социјалните мрежи и медиумите, ќе се обидат да ги вразумат „алчните трговци“, откако тоа не им успеа на владите во нивните земји коишто во изминатиот период те замрзнуваа цени на одредени производи, те ограничуваа маржи, „плетеа“ разни пригодни кошнички, пуштаа инспекции кои понекогаш „удираа“ казни на поедини трговци, се закануваа и убедуваа и што ти не!

Откако речиси ништо од тоа не помогна, сега силата на купувачот ќе се демонстрира со – некупување! За еден ден. Да се пратело порака кон алчните трговци кои „се богателе на грбот на народот“.

Станува збор за нов феномен, нова форма на изразување револт за одреден проблем од воведувањето на демократијата на овие простори. По осамостојувањето во раните 90-ти години од минатиот век македонската економија помина низ повеќе кризни ситуации, а во летото 2008 година се соочи со висока инфлација, како резултат на наглото зголемување на цените на храната и енергијата на светските берзи.

Сепак, во следните неколку месеци инфлацијата се смири на ниво кое граѓаните не го чувствуваа. Нивниот животен стандард ни оддалеку не беше задоволителен, но никој не вперуваше прст во трговците, кои веројатно и тогаш биле „алчни“ за што поголема заработка. Но имало нешто што ги ограничувало во можноста за енормно и „неоправдано“ зголемување на цените, особено тие на основните животни продукти. Што би можело да биде тоа?

Ценовната стабилност продолжи сé до економската криза што ја предизвика пандемијата со ковид-19. Како и насекаде во светот, и македонската влада интервенираше со буџетски средства за поддршка на одредени сектори и ранливи групи од населението кои беа најмногу погодени. Инфлацијата се врати на голема врата, а во Македонија во 2022 година достигна 20%.

Претходната влада дополнително ја подгреваше инфлацијата со популистички мерки за зголемување на платите преку ад хок зголемувања на минималната плата, со што започна трката плати-цени која сè уште трае. Зголемувањето на платите и пензиите не беше следено со пораст на продуктивноста во економијата, што директно влијае на повисоки стапки на инфлација. Монетарната политина на НБРМ подолг временски период не беше фокусирана на сузбивање на високата инфлација, а од друга страна буџетските дефицити значително го надминуваа прагот од 3% од БДП.

Наспроти ова, вината за високите цени во малопродажбата веќе подолг временски период се насочува кон трговците. Во пазарна економија цените се формираат, по правило, како резултат на понудата и побарувачката. Исклучок се состојби во кои некои субјекти имаат доминантна положба и оттаму цените на нивните производи или услуги подлежат на регулација, каков што е случајот со електричната енергија, нафтените деривати, телекомуникациските услуги, комуналните услуги на локално ниво и сл.

Друг проблем со слободното формирање на цените може да претставуваат разните форми на картелско однесување, но тоа треба да се докаже од страна на надлежен орган, Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во јавноста многу лесно, дури и од експерти, се даваат паушални оценки за наводно картелско однесување во нашата трговија на мало и со тоа се оправдуваат разните предлози за притисок врз трговците за намалување на цените, кој, како што гледаме, не дава резултати.

Дури и една површна анализа на структурата во трговијата на мало во регионот, гледано според бројот на субјекти (трговски синџири) кои се релативно изедначени според прометот, остварениот профит, бројот на вработени и сл., укажува дека во Македонија постојат посоодветни услови за конкуренција во дејноста. Во некои од земјите од поранешната СФРЈ (Хрватска, Србија, БиХ и Црна Гора) доминираат два до три трговски гиганти, а со тоа можноста за злоупотреба на доминантната позиција на штета на потрошувачите е значително поголема.

Деновиве трговските компании се стигматизираат со објавените износи на остварените добивки во 2023 година, кои не се за потценување. Сепак, сумите сами по себе не значат ништо. Треба да се стават во однос со ангажираниот капитал, вкупниот обрт и сл., за да се добијат стандардизирани показатели за нивните перформанси.

На критичарите за наводно високите профити би им порачал: формирајте компанија и започнете со трговија на мало. Високите профити во некоја дејност во пазарна економија се магнет за влез на нови субјекти. Лесно би ги убедиле банките за кредит, доколку можноста за висок и брз профит во трговијата на мало е таква како што се претставува.

Сепак, гневот на јавноста кон трговците не стивнува. На удар се големите маркети кои со својата разновидна понуда и амбиент нашата малопродажба ја доближија до европските и светски стандарди. Утре, петок, повеќето од нив ќе бидат веројатно полупразни. Но, пропуштеното ќе го надоместат преку викендот. Бојкотот нема да реши ништо!

Проблемот со инфлациските притисоци ќе остане да тлее и понатаму, од едноставна причина што не случајно за одржување на ценовната стабилност во економијата се задолжени централните банки. Во соработка со владите, тие се единствените институции задолжени да „испорачаат“ ценовна стабилност. „Мерката“ бојкот ќе заврши како и сите досегашни обиди за зауздување на растот на цените преку административни мерки и притисоци, кои беа однапред осудени на неуспех.

Верувам дека сепак ќе се извлечат соодветни поуки и енергијата ќе се насочи кон вистински мерки за зголемување на понудата и рестрикции во потрошувачката, јавна и приватна, за да се сузбијат инфлациските очекувања што го подгреваат растот на цените,

Сепак, една работа е причина за сериозна загриженост. Ако продолжат нападите, во голема мера неосновани, кон трговските субјекти и ако тоа го засили притисокот врз Владата за носење административни мерки и прекумерна регулација на дејноста, може лесно да се случи во блиска иднина да дојде до значителна деградација во трговијата на мало. Ќе сопрат инвестициите, а не е исклучена можноста некои од маркетите да почнат со затварање на објекти.

Треба да сопре општата хистерија и тропањето на погрешна врата. Како некој да посакува реинкарнација на „Славија“ и „Центро“, „Јавор“- Битола, охридска и струшка трговија итн. Тоа нема да се случи! Не сакам да верувам дека некој сака нашата трговија да наликува на софискиот „ЦУМ“ или московски „ГУМ“ од седумдесетите години на минатиот век. Како што тргнала работата, ни тоа не е исклучено. Be careful what you wish for! Може да ти се оствари.

Свет

Трамп: Зеленски не е доволно важен за да биде во преговорите

Published

on

Американскиот претседател ја продолжи вербалната војна против својот украински колега.

Овој пат Доналд Трамп изјави дека Зеленски не е доволно важен за да биде на состаноците, мислејќи на потенцијалниот мировен договор во Украина за кој, наводно, разговараат САД и Русија, но без присуство на Украина.

„Мислам дека Зеленски не е доволно важен за да биде во преговорите“, рече Трамп во интервју за радиото Фокс.

Трамп беше критикуван дека ги остави Европа и Украина од разговорите со Москва претходно оваа недела, поради стравувањата дека САД би можеле да го принудат Киев да направи отстапки за да се постигне договор со Русија.

Другите западни лидери го предупредија Владимир Путин дека нема „апетит“ за мир, но Трамп во истото интервју рече дека верува во спротивното.

„Тој не мора да се согласи со договорот. Затоа што ако сакаше, ќе ја добиеше целата земја“, рече Трамп.

Кога водителот Брајан Килмид му рече дека Путин е виновен за војната, Трамп одговори: „Уморен сум да го слушам тоа, ќе ти го кажам тоа“.

Continue Reading

Свет

Нов коронавирус откриен во Кина! Се пренесува на луѓето – дали повторно сме во опасност? Еве што велат научниците

Published

on

Научниците идентификуваа нова варијанта на вирусот HKU5 кај јапонски лилјак во Хонг Конг.

Тим кинески научници откри нов коронавирус кај лилјаци, со потенцијален ризик од пренос од животни на луѓе. Сепак, експертите нагласуваат дека не треба да се преувеличува опасноста од негова појава кај човечката популација, пренесува хонгконшкиот весник „South China Morning Post“.

Истражувањето беше спроведено од научници од Академијата на науките во Гуангжу, Универзитетот Вухан и Институтот за вирологија Вухан, предводени од вирологот Ши Женгли, во лабораторија во градот Гуангжу, во кинеската провинција Гуангдонг.

Нова варијанта на вирусот HKU5

Научниците идентификуваа нова варијанта на вирусот HKU5 кај јапонски лилјак во Хонг Конг. Овој вирус припаѓа на семејството на мербековируси, во кое спаѓа и вирусот што предизвикува Блискоисточен респираторен синдром (MERS-CoV).

Според истражувачите, новиот вирус може да се поврзе со човечкиот ензим за конверзија на ангиотензин (ACE2) – истиот рецептор што го користи вирусот SARS-CoV-2, кој предизвикува Ковид-19 и инфицира клетки.

„Откривме и изолиравме нова лоза на HKU5-CoV, која може да користи не само ACE2 кај лилјаците, туку и човечки ACE2 и ортологни ACE2 рецептори кај различни цицачи“, пишуваат научниците во трудот објавен во списанието Cell.

Можно ширење кај луѓето?

Истражувачите истакнуваат дека мербековирусите кај лилјаците претставуваат потенцијален ризик за пренос кај луѓето, било преку директен контакт или преку посредни домаќини.

Тие веруваат дека HKU5-CoV-2 може да се врзе за ACE2 рецепторите кај повеќе животински видови, кои потоа би можеле да го пренесат вирусот на луѓето.

Сепак, научниците додаваат дека е потребно повнимателно следење на вирусот, но потенцијалната закана е значително помала во споредба со Ковид-19. „Не треба да се преувеличува ризикот од појава на HKU5-CoV-2 кај човечката популација“.

Continue Reading

Свет

Трамп: „Путин може да ја преземе цела Украина ако сака“

Published

on

Американскиот претседател Доналд Трамп уште еднаш го нападна украинскиот претседател Володимир Зеленски, наведувајќи дека „нема карти“ во рацете и затоа нема потреба да учествува на состаноците. Тој исто така рече дека рускиот лидер Владимир Путин може, доколку сака, да ја преземе цела Украина, објави Си-Ен-Ен.

„Го гледав со години, го гледав како преговара без карти. Тој нема карти во рацете. И ти се гади од тоа. Едноставно ти се гади од тоа. Доста ми е“, рече Трамп за Зеленски во интервју за „Шоуто на Брајан Килмид“ на радиото Фокс њуз.

„Тој присуствува на состаноци веќе три години, а ништо не е направено. Значи, мислам дека тој не е толку важен што треба да биде на состаноците, да бидам искрен со вас“, продолжи Трамп за Зеленски, додавајќи: „Тој многу го отежнува постигнувањето договор“. Но, погледнете што се случи со неговата земја, таа беше уништена“.

Трамп рече и дека Путин би можел да ја преземе цела Украина „ако сака“. Тој додаде дека токму затоа Зеленски треба да работи на договор со земјата која ги нападна пред речиси три години.

„Тој сака да склучи договор и не мора да склучува договори бидејќи може да ја добие целата земја ако сака“, рече Трамп за Путин.

Трамп остро ги критикуваше поранешниот претседател Џо Бајден и Зеленски, обвинувајќи ги дека не направиле доволно за да направат компромис што би ја одвратил Русија од инвазијата што започна во февруари 2022 година.

„Можеше да се зборува за Путин толку лесно, но тие не знаеја како да разговараат“, рече Трамп, додавајќи дека сака да го претстави Путин во подобро светло, но дека војната никогаш не требало да се случи. Тој, исто така, изрази разочарување што Зеленски го отфрли договорот за минерали.

Извор: slobodenpecat.mk

Continue Reading
Advertisement
Advertisement

Трендинг

Copyright © 2024 Булевар.мк