Connect with us

Македонија

Дали ако е лошо времето ќе го бојкотираме УХМР? (2)

Минатиот петок, на 31 јануари, објавив колумна наречена „Дали ако е лошо времето ќе го бојкотираме УХМР“? Главните тези во оваа колумна ми беа: инфлацијата е во голема мерка предизвикана од вештачки зголемениот минималец и покачувања на платите, пред сѐ, во бирократијата, кои не кореспондираат со пораст на продуктивноста и Владата, доколку сака да го амортизира инфлаторниот удар, истото може да го стори само со директни субвенции на социјално загрозените граѓани, а не со замрзнувања на цените за сите граѓани.

Предложив и стратешки мерки, како на пример: зајакнување на конкуренцијата – што побрз влез на нов трговски ланец (Лидл), борба против сивата економијаформирање на потрошувачки задруги (како на пр. во Словенија).

Во колумната од минатиот петок не опфатив едно важно прашање:

Дали постои начин да се влијае на пониските малопродажни цени, преку пониски влезни цени на земјоделските и прехранбените производи?

И тука доаѓаме до многу сериозен проблем:

Најголем дел од прехранбените производи во малопродажба се увозни, а оние што се од домашни преработувачи, во голема мера се зависни од увозни суровини, репроматеријали, амбалажа и што уште не.

Македонското земјоделско производство е во постојано опаѓање, а македонските субвенции за земјоделскиот сектор се во постојан пораст.

Прашање 1: Зошто ние, како општество, фрламе пари година по година, за нешто кое не дава резултати?

Во ваква констелација, шансите за пораст на земјоделското производство се еднакви на тоа наркоман да се откаже од дрога, ако вие дополнително му давате пари да купува нови количини. До кога ќе фрламе парички во Фонтана ди Треви?, надевајќи се дека ќе се вратиме во Рим.

Прашање 2: Дали можеби поинаков систем на субвенции ќе даде подобри резултати во земјоделството?

Очигледно е дека сегашниот систем служи само за купување на социјален мир и политичко влијание.

До кога ќе фрламе парички во Фонтана ди Треви?

Системот на земјоделски субвенции едноставно не дава резултати. Производството не се зголемува. Напротив, субвенциите за македонското земјоделство се како да фрламе парички во Фонтана ди Треви и да се надеваме на чудо.

Шансите да ги намалиме цените на храната и прехранбените производи во малопродажбата, едноставно, се многу мали, бидејќи доминираат увозни артикли на чија цена не можеме да влијаеме.

Да ги видиме следниве бројки:

Учество на земјоделското производство во БДП 

Учеството на земјоделството во БДП се намалило за 34%; од 10,03% на 6,63% за само 10 години.

Ако продолжи овој тренд, за 10 години ќе се намали на 3,9%. Речиси како во Америка, каде земјоделството има ниско учество (само што ни фалат уште околу $60,000 по глава на жител за да бидеме како Америка).

Трговски дефицит во земјоделството

Во земјоделската размена, трговскиот дефицит изнесува 1,17 милијарди евра во само четири години. Толку пари сме морале да откинеме од нешто друго што заработила економијата, или да позајмиме, за да можеме да ја задоволиме побарувачката за храна.

Да не ја заборавиме наједноставната формула на БДП: „БДП е еднаков на збирот од вкупното производство на стоки и услуги и нето извозот, односно извоз минус увоз.”

Ова значи дека самите сме го намалиле БДП во последнава година за 390 милиони eвра. Онака, како да сме шеици, па имаме пари за расфрлање.

Покриеност на увоз со извоз на земјоделски производи

Покриеноста на увозот со извоз во земјоделството се намалува од 75% во 2020-та на 66% во 2023-та.

Ако продолжи овој тренд, во 2033 покриеноста на увоз со извоз во земјоделството ќе изнесува само 29%?!

Субвенциите постојано растат (читај: фрламе сѐ повеќе парички во горенаведената фонтана)

Субвенциите пораснале за околу 8,9 % во последните 4 години.

Притоа, земјоделското производство во најголем број случаи се намалило.

Македонија беше земјоделска земја… а потоа не беше!

Македонија (сегашна Северна, порано Социјалистичка, а уште порано Народна) беше земјоделска земја. Па потоа не беше. И сè помалку е, секој ден сè помалку. На пример, да видиме што се случува од 2020-та година наваму со  производството на месо?

Производство на месо (извор ДЗС)

Производството на месо е преполовено кај сите видови освен кај свинското, каде има пораст од 29%.

Производство на млеко 2000-2023 (извор ДЗСС) 

Или поинаку кажано, производството на млеко во периодот 2000-2023 имало агрегатен годишен раст од само 0,3%, но во последните 4 години е во слободен пад. Особено значајно е намалувањето во 2023 година, кога производството изнесувало 238,328 илјади литри, што претставува пад од 26.5% во однос на 2022 година.

Во полјоделството ситуацијата е уште полоша, да не речеме, катастрофална.

Производство на пченица

За 10 години и повеќе од 2 милијарди евра субвенции, сме го добиле овој резултат:

А) Намалување на засеаните и ожнеаните површини за 10%,

Б) Намалување на производството за 25%,

В) Намалување на продуктивноста за 18%.

Луѓето од мојата генерација (1967) го паметат филмот кој кај нас се преведуваше како „Има ли пилот во авионот?  Две милијарди евра потрошени за намалување на производството за 25% и на продуктивноста за 18%?

Производство на ориз 

Единствена светла точка е тоа што за 11 години има пораст на продуктивноста за 7%. Но,  вкупното производство е опаднато за скоро 40%.

Производство на домати

Кај производството на домати имаме обратен феномен. Исти површини се засадени, но продуктивноста е намалена за 25%.

Всушност, единствена табела каде имаме пораст е таа со административните трошења.

Буџет на Министерството за земјоделство

Продуктивноста на доматите се намалила за 25%, површината под пченица и ориз е преполовена, но затоа имаме Министерство за земјоделство со буџет зголемен за 48%.

Конкретни предлози за намалување на цените на храната и зголемување на земјоделското производство

Во претходната колумна обрнав внимание на екстерните критериуми кои создадоа висока побарувачка: а) висок минималец, високи плати на бирократија и непотребни вработувања, б) немање никакви критериуми или мерење на успешност на вработените во државниот сектор.

Во оваа колумна се осврнав повеќе на субвенции во земјоделството, кои само креираат т.н. клиентелизам, а на никаков начин не го зголемуваат земјоделското производство.

Сега би сакал да наведам некои можни стратегии за подобро да се искористи финансирањето во земјоделството.

1.Продуктивност наместо квантитет

– Наместо едноставно субвенционирање врз основа на површина (хектари) или број на грла добиток, да се стимулира продуктивноста и квалитетот на производството,

– Да се воведе систем на КПИ базирани субвенции, каде што земјоделците ќе добиваат поддршка врз основа на приносот и квалитетот на производите.

2.Мали земјоделски стопанства не можат да бидат ефикасни – окрупнувањето е нужност.

Од класификацијата на земјоделските стопанства (ЗС) по големина може да се види дека 95,27% од ЗС користат земјоделско земјиште под 5ха, а дури 98,5% под 10ха. Само 1,47% од ЗС имаат обработливи површини над 10ха.

3.Поддршка за иновации и модернизација

  • Поголем фокус на механизација и нови технологии за да се зголеми ефикасноста,
  • Финансиска помош за префрлување на паметни земјоделски технологии (на пример, дигитални системи за наводнување и дронови за мониторинг),
  • Поттикнување на еколошко и органско производство со специјални грантови.
  1. Строга контрола и транспарентност,

Да се создаде јавен регистар со сите субвенционирани земјоделци и износи, со што ќе се спречи фаворизирање на одредени производители,

Воведување на независен надзорен орган кој ќе следи како се распределуваат субвенциите.

5. Поддршка за младите земјоделци

-Специјални програми за млади луѓе кои сакаат да почнат агробизнис,

– Олеснет пристап до земјоделско земјиште за млади претприемачи во секторот,

– Директни грантови за иновативни идеи во земјоделството.

6. Диверзификација на производството

– Наместо само субвенционирање на житарици и традиционални култури, да се поттикне одгледување на култури со повисока додадена вредност (лековити билки, овошје за извоз, мед и органски производи),

– Програми за поддршка на локални преработувачки капацитети, за да се создава финален производ, а не само суровина.

7. Поврзување со извозните пазари

-Директна државна помош за извозно ориентирани земјоделци (на пример, субвенции за сертификација за ЕУ пазарот),

-Oдобрување на логистиката и транспортната инфраструктура за полесен пристап до странски пазари.

8.Развој на моделот на Италија за аграрен туризам (Agriturismo)

– Модел според кој малите рурални ресторани се ослободени од ДДВ и данок на добивка доколку послужуваат најмалку 50% сопствени производи: млеко, сирење, месо итн.

Заклучоци

Констатиравме дека бојкотот на трговските ланци нема никаква логика – можноста за интервенција е ниска бидејќи производите се доминантно увезени или зависни од увозни компоненти за производство.

Домашното земјоделско производство е во постојано опаѓање.

Земјоделското производство е намалено за скоро 50% а трговскиот дефицит на земјоделските производи расте со стапка од 30% и  достигна скоро 1,2 милијарди евра.

Субвенциите  се во постојан пораст и се зголемени за околу 10%. 

На тоа ги додаваме и покачените трошоци на Министерството за земјоделство: буџет поголем за 48%, плати поголеми за 73% и оперативни трошоци по вработен зголемени за 76%.

Како капак на сето погоре, имаме бројни високо образовни и научни установи: имаме Факултет за ветерина, Факултет за земјоделски науки и храна, Земјоделски и Институт за сточарство при УКИМ, Земјоделски факултет УГД Штип, Биотехнички и Ветеринарен факултет при УКЛО – Битола, Институт за тутун – Прилеп, Факултет за земјоделство и биотехнологија ДУТ Тетово.

Се разбира, тие не се директно одговорни за намаленото производство но би требало да влијаат на зголемување на продуктивноста.  А, не кај доматите да имаме намален принос. Ние, Македонија, која историски беше традиционален производител и извозник на раноградинарски култури?!

Накратко фрламе пари во Фонтана  ди Треви“ и го гледаме филмот „Има ли пилот во авионот“. А потоа повикуваме на бојкот на трговските ланци?

Историска шанса или кој ќе биде споменуван 1.000 години од сега? (и дали воопшто?)

Денес, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има историска шанса. Може да се занимава со политиканство и клиентелизам и да ги дели средствата за субвенции, плати за администрација и високообразовни установи без никаков ефект, како што се делени до сега. 

Или, може да направи историски исчекор и да ја повлече Македонија напред. Државата треба да го поттикнува само она што е продуктивно и профитабилно, и добро за економијата и за целото општество.

Дали Владата ќе ја искористи оваа шанса, зависи само од нив. „Секој е ковач на својата судбина“ рекол Appius Claudius Caecus од 4-от век п.н.е. во Стариот Рим.

Appia Antica и денес е едно од најпосетуваните историски места во Рим.  Appia Nuova е наречена во негова чест.

Дали некој од денешните македонски политичари ќе ја има таа од  раководител на Министерство или Влада, да прерасне во државник, за по илјада години некоја улица да се нарекува по него или по неа?

Д-р Марјан Бојаџиев, универзитетски професор,

Соработници: м-р Александар Ивановски УАКС Алумни, м-р Стефан Таневски, асистент на УАКС, м-р Никола Деребанов, консултант и експерт за зелена економија

Advertisement

Македонија

Камерите на „Сејф Сити“ ќе имаат толеранција: Познати деталите за казнувањето

Толеранцијата при мерење на брзината кај камерите од системот „Безбеден град“ ќе биде целосно усогласена со онаа што веќе се применува кај полициските радари, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Гостувајќи во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, Тошковски појасни дека ќе важи толеранција од 6 километри на час за брзини до 100 км/ч, 8 километри на час за брзини над 100 км/ч и 12 километри на час за брзини над 200 км/ч. Оваа толеранција, како што истакна, се однесува исклучиво на сообраќајни прекршоци и не важи во случаи кога е сторено кривично дело поврзано со сообраќајот.

Министерот нагласи дека системот „Сејф Сити“ ќе ги процесуира и службените возила доколку тие не се користат во рамки на оправдани оперативни дејствија. Возилата на итната медицинска помош, пожарната, МВР и Министерството за одбрана нема да бидат предмет на санкции само доколку брзото возење е оправдано со нивната службена задача.

„Кога службените возила постапуваат во рамки на своето оперативно делување, нема да бидат санкционирани. Но, доколку нема оправдана причина за брзо возење, казните ќе важат и за нив“, изјави Тошковски.

Тој додаде дека системот ќе изрекува казни исклучиво во случаи на нерегуларно управување со моторно возило, кога употребата на службеното возило не е во согласност со законските и оперативните правила.

Воведувањето на „Сејф Сити“ отвори и поширока јавна дебата за законските и практичните аспекти на системот, неговата ефикасност и дилемата дали мерката е пред сè насочена кон подобрување на безбедноста во сообраќајот или има и фискална димензија – тема што, според најавите, ќе остане актуелна и во наредниот период.

Continue Reading

Македонија

Наставници без факултет предавале во Ростуше, Велебрдо и Требиште

nastavnik

Гостиварската полиција поднесе кривична пријава против 64-годишниот А.С. од село Ростуше, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Како директор на основно училиште во своето село, тој, според истрагата, овозможил вработување на наставници без потребните квалификации.

Според Државниот просветен инспекторат, кој на 19 септември 2025 година извршил инспекциски надзор, настава на учениците во Ростуше, Велебрдо и Требиште предавале лица кои не ги поседувале законски утврдените студиски квалификации. Ова, според законот за наставници и стручни соработници, ги прави неспособни да извршуваат наставни обврски.

Обвинението тврди дека директорот намерно ги злоупотребил своите овластувања, дозволувајќи на нестручен кадар да работи со ученици, што претставува сериозно кривично дело и може да има долгорочни последици врз образовниот процес во овие села.

Continue Reading

Македонија

Дали навистина цијанид ги однел животите? Родителите се сомневаат, обвинителството тврди: нема причина за нова обдукција

Смртта на децата загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжува да буди сомнежи и прашања кај семејствата на жртвите. Родителите тврдат дека обдукцискиот извештај, кој го утврдува јаглеродниот моноксид како причина за смртта, не е доволен и отворен е простор за дополнително, независно вештачење. Особено, тие се сомневаат дека цијанидот ослободен при согорување на токсичните материјали во таванот можеби бил клучниот фактор за брзата смрт на нивните деца.

„Цијанидот е можен, но нема анализи. Има сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација, а тоа го остава прашањето за вистинската причина за смртта на нашите најмили отворено“, вели Александар Наунов, татко на загинато девојче и претседател на Здружението „16 Март 2025 Кочани“.

Според него, иако обдукцискиот наод утврдил присуство на јаглероден моноксид, останатите токсиколошки анализи се уште не се доставени до семејствата. „Дали е направена конкретна анализа за цијанид и други отровни гасови во телата? Обдукцискиот извештај го остава тоа неодговорено“, додава Наунов.

Од Основното јавно обвинителство, сепак, велат дека нема причина за дополнителна обдукција или ексхумација. Според нив, вештачењата на Институтот за хемија и МВР-ОФИ веќе потврдија веројатност за ослободување на цијанидни гасови при согорувањето на материјалите во клубот. Исто така, судската медицина утврдила дека дополнителна кислородна или друга терапија немала да го промени исходот, бидејќи покрај јаглеродниот моноксид, кај жртвите биле присутни и цијаниди и термички оштетувања на дишните патишта.

Сепак, семејствата остануваат незадоволни. „Имаме три неспорни факти: ослободување на цијанидни гасови, обдукциски наод кој наведува само јаглероден моноксид како причина, и признавање дека останатите токсиколошки анализи допрва треба да се достават. Без тие податоци, не можеме со сигурност да тврдиме дека причината за смртта е точно утврдена“, изјави Наунов.

Обвинителството, од своја страна, потенцира дека материјалите кои произведувале отровни гасови биле вградени уште од отворањето на клубот во 2012 година, а тоа влијаело врз определувањето на обвинителниот акт и опсегот на обвинетите.

Судењето продолжи со воведните зборови на обвинетиот сопственик на обезбедувањето „Рубикон“, Александар Нацев. Тој тврди дека е жртва на медиумски линч и обвинувања, а дека државните органи за превенција и надзор се тие кои носат главна одговорност. „Дури и Орвел би позавидел на оваа конструкција“, рече Нацев, алудирајќи на, како што вели, политизирано префрлање на вината.

Во следните фази од судењето се очекува испрашување на сведоци и детално разјаснување на околностите на трагедијата, кои семејствата ги сметаат за неодговорени и клучни за воспоставување на вистината.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг