Connect with us

Свет

ДАНЦИТЕ МУ НАПРАВИЈА ЈАКА ФИНТА НА ТРАМП Собраа 200.000 потписи, решиле да ја купуваат Калифорнија

Граѓани на Данска иницираа петиција за купување на најнаселената и економски најразвиена американска сојузна држава, Калифорнија, како одговор на напорите на актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, за купување на Гренланд, пишува лондонски Индипендент.

Трамп во последно време ги интензивираше повиците за откуп на автономната данска територија поради „националната безбедност“, иако и премиерот на Данска и премиерот на Гренланд јасно порачаа дека арктичкиот остров не е на продажба.

Ветувајќи дека „Ќе ја направат Калифорнија повторно голема“, Данците покренаа иронична кампања за „данскофикација“ на петтата најголема економија во светот. Петицијата, која наводно има за цел да собере еден билион долари преку донирање од граѓаните за купување на „Златната држава“, до денеска попладне веќе имаше над 200.000 потписи.

Оваа иницијатива доаѓа во период кога државната секретарка на Калифорнија, Ширли Вебстер, одобри почеток на собирање потписи за организирање референдум во 2028 година за отцепување на државата од САД и нејзино прогласување за независна земја.

Според организаторите на оваа пародична кампања, Калифорнија би се преименувала во „Нова Данска“, а познатиот забавен парк Дизниленд би бил ребрендиран во „Земјата на Ханс Кристијан Андерсен“.

Во петицијата се наведуваат и некои „придобивки“ од евентуалното купување на Калифорнија од страна на Данска, меѓу кои „технолошка доминација“ и „авокадо на тост засекогаш“.

„Дали некогаш сте погледнале на мапа и си помислиле: ‘Што и недостасува на Данска? Повеќе сонце, палми и ролери!’“, се наведува на веб-страницата на кампањата. „Сега имаме единствена можност овој сон да го претвориме во реалност“.

За преговори за договорот би биле ангажирани претставници од компанијата ЛЕГО и актерската екипа на политичката серија „Борген“, а како дополнителен „бонус“ би се нудел доживотен бесплатен пристап до дански пецива.

На дното од страницата е објавено и известување: „Оваа кампања е 100% вистинита… во нашите соништа“.

Во меѓувреме, Трамп и неговите сојузници продолжуваат да повикуваат на приклучување на Гренланд кон САД како дел од стратешките напори за зајакнување на националната безбедност. Трамп изјави дека „економската сигурност“ е една од причините за овој потег, истакнувајќи дека островот располага со огромни неискористени минерални ресурси, пишува Индипендент.

Според проценките на Американската геолошка служба, Гренланд, со своите 2,1 милиони квадратни километри, има околу 31,4 милијарди барели еквивалент нафта и околу 148 трилиони кубни стапки природен гас. „Вашингтон пост“ проценува дека купувањето на островот би чинело околу 1,7 билиони долари.

Минатиот месец Трамп изјави дека мнозинството од 56.000 жители на Гренланд „сакаат“ да станат Американци. Сепак, анкетата на данскиот весник „Берлингске“ и гренландскиот „Сермитсиак“ покажува дека 85 отсто од населението се против приклучувањето кон САД, само 6 проценти поддржуваат таква идеја, а 9 отсто се неопределени.

Истовремено, конгресмен од Републиканската партија предложи нов закон со кој би се поддржале напорите на Трамп за купување на Гренланд, но и за промена на неговото име. Претставникот на Џорџија, Бади Картер, предложи Гренланд да се преименува во „Земја на црвената, белата и сината боја“.

„Америка се врати и наскоро ќе биде поголема од кога било со додавањето на ‘Земјата на црвената, белата и сината боја’“, изјави Картер за „Њујорк пост“. –  Претседателот Трамп правилно го идентификуваше купувањето на Гренланд како национален безбедносен приоритет и со гордост ќе го пречекаме неговото население како дел од најслободната нација во историјата, кога нашиот главен преговарач ќе го потпише овој историски договор, изјави Картер.

Advertisement

Свет

Делхи воведува строга еко-мерка: старите автомобили остануваат без гориво

Од 31 март 2025 година, бензинските пумпи во индискиот главен град Делхи повеќе нема да смеат да полнат гориво во возила постари од 15 години. Новата мерка е дел од засилените напори за справување со сериозното загадување на воздухот, поради кое Делхи редовно се вбројува меѓу најзагадените метрополи во светот.

Според „Индијан експрес“, бензинските станици ќе бидат опремени со системи за вештачка интелигенција кои автоматски ќе ги препознаваат возилата што не ги исполнуваат еколошките стандарди и ќе го блокираат точењето гориво. Проценките покажуваат дека ограничувањето ќе опфати околу 100.000 регистрирани возила во град со над 21,5 милиони жители.

Паралелно со оваа мерка, градските власти најавија интензивна електрификација на јавниот превоз. Во текот на следната година, планирано е дури 90 проценти од автобускиот возен парк да биде заменет со околу 8.000 електрични автобуси, наместо сегашните кои главно користат компримиран природен гас (CNG). Целта е значително намалување на емисиите и подобрување на квалитетот на воздухот.

Инаку, Делхи и досега имаше формална забрана за сообраќај на бензински возила постари од 15 години и дизел возила постари од 10 години, но таа не се применуваше строго. Претходната градска власт на партијата Аам Аадми (ААП) беше критикувана поради недоволна контрола, додека новата администрација на хинду-националистичката БЏП, која ја презеде власта во февруари, најави решителни чекори за заштита на животната средина.

Иако мерките се вклопуваат во глобалниот тренд кон почиста мобилност, тие отвораат и прашања за социјалното влијание, особено врз граѓаните кои немаат финансиска можност да заменат старо возило со поново или електрично.

Continue Reading

Свет

Двајца американски војници убиени во напад во Сирија, Пентагон најави жесток одговор

Двајца американски војници се убиени во Сирија за време на безбедносен инцидент, соопшти Пентагон. Главниот портпарол, Шон Парнел, наведе дека нападот се случил додека војниците присуствувале на состанок со клучни локални лидери во рамки на нивната мисија за поддршка на операциите против ИСИС и други антитерористички активности во регионот.

Парнел истакна дека имињата на загинатите нема да бидат јавно соопштени сè додека нивните семејства не бидат официјално известени. Според него, американските сили продолжуваат да соработуваат со локалните партнери со цел одржување на безбедноста и стабилноста.

Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, потврди дека напаѓачот бил неутрализиран од партнерските сили и упати остра порака до сите што би ги загрозиле американските војници. Тој порача дека секој што ќе ги таргетира Американците, каде било во светот, ќе биде пронајден и ликвидиран.

Сириската државна новинска агенција САНА објави дека нападот се случил за време на заедничка патрола на американските војници со сириските сили во централна Сирија. Инцидентот предизвикал привремено запирање на сообраќајот на автопатот меѓу Деир Езор и Дамаск, а над регионот биле забележани американски воени авиони.

Според истите извори, американски хеликоптери интервенирале веднаш по пукањето и ги евакуирале повредените во базата Ал-Танф, која се наоѓа во источна Сирија, во близина на границата со Ирак.

Continue Reading

Свет

Финска ги загрева градовите со отпадна топлина од сервери и дата-центри

Финска развива иновативен модел за централно греење, користејќи отпадна топлина од подземни центри за податоци сместени во поранешни засолништа од бомби и напуштени рудници, на длабочина од 30 до 100 метри. Серверите кои работат непрекинато 24 часа дневно создаваат огромни количества топлина, која наместо да се губи, се собира и се насочува директно во градските системи за греење.

Според технолошката компанија Entangle Tech, еден ваков центар за податоци ќе обезбедува греење за околу 40.000 домови во Еспоо, вториот по големина град во земјата. Во Хелсинки, пак, објект на „Мајкрософт“ веќе загрева цела урбана област, со што се заштедуваат околу 400.000 тони CO₂ годишно и се намалуваат трошоците за греење за 60 проценти. Отпадната топлина моментално покрива околу 10 проценти од вкупните потреби за греење на главниот град.

Традиционалните центри за податоци трошат огромни средства за ладење, при што топлината се ослободува во атмосферата. Финскиот модел ги решава двата проблема истовремено – ладењето и греењето. Подземната поставеност овозможува природно ладење преку гранитната карпа, високо ниво на безбедност и ефикасно собирање на топлина, која преку топла вода со температура од 75 до 85 степени Целзиусови се пренесува низ цевки директно до радијаторите во домовите.

„Буквално ги загреваме домовите со Netflix стримови и обработка на е-пошта. Ова е вистинска мајсторска класа за одржливост“, велат од Entangle Tech.

Градоначалникот на Еспоо, Каи Миканен, најави дека нов кластер на центри за податоци на „Мајкрософт“ наскоро ќе биде поврзан со градската мрежа за централно греење, со цел целосно елиминирање на локалните јаглеродни емисии до 2030 година.

„Блумберг њуз“ наведува дека вакви решенија веќе се применуваат и во други земји со постудена клима, како Шведска, каде отпадната топлина од дата-центри се пренесува преку подземни цевки за загревање на околните населби. Според проценките, ваквиот систем би можел да обезбеди греење за околу 100.000 домови.

Научници од Универзитетот Алто и Техничкиот истражувачки центар на Финска истражуваат како идните национални центри за податоци можат целосно да се интегрираат во општинските системи за греење и да придонесат за значително намалување на емисиите на јаглерод.

Плановите предвидуваат до 2030 година изградба на центри за податоци со капацитет од 100 MW и 21 MW во Еспоо и Сејнејоки. Според анализите, топлината од постројката во Еспоо би можела целосно да го замени јагленот, додека во Сејнејоки делумно би се укинал тресетот – едно од горивата со највисок јаглероден интензитет.

Експертите нагласуваат дека за целосно искористување на потенцијалот е неопходно склучување долгорочни договори меѓу центрите за податоци и компаниите за греење, со што би се обезбедило стабилно и трајно намалување на емисиите на CO₂.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг