Connect with us

Македонија

OJO: Покренато обвинение против Васил Јованов кој на „Партизанска“ во Скопје ја усмрти Фросина Кулакова

По целосно спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.

Во рок од два месеци од трагичниот настан, надлежниот јавен обвинител ги прибра сите докази и вештачења кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот за кое е запретена максимална затворска казна до 20 години, велат од институцијата.

Согласно доказите, на 29 јануари, 15 минути пред полноќ, обвинетиот, без воопшто да поседува возачка дозвола, управувал патничко возило „Пежо 207“ сопственост на неговиот татко.

Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили алкохол во крв, но и со брзина на движење од 91 km/h што е речиси двојно поголема од дозволената.

Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот “Партизански одреди” и улицата “29-ти Ноември“ продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци.

Од силата на ударот, оштетената се издигнала во воздух и удрила во семафор, поставен на разделното пешачко стојалиште, па се здобила со тешки телесни повреди од кои починала на лице место.

„Во конкретниот случај постојат околности што го оправдуваат стравот на опасност од бегство и основан страв дека ќе го повтори кривичното дело. Дополнително, имајќи ја предвид возраста на обвинетиот, објектот на заштита, сериозноста и тежината на кривичното дело и другите факти, јавниот обвинител процени дека се уште опстојуваат законските основи поради кои на обвинетиот му беше определена мерка притвор, па од Судот побара притворската мерка да биде продолжена“, се истакнува во соопштението.

Advertisement

Македонија

Камерите на „Сејф Сити“ ќе имаат толеранција: Познати деталите за казнувањето

Толеранцијата при мерење на брзината кај камерите од системот „Безбеден град“ ќе биде целосно усогласена со онаа што веќе се применува кај полициските радари, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Гостувајќи во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, Тошковски појасни дека ќе важи толеранција од 6 километри на час за брзини до 100 км/ч, 8 километри на час за брзини над 100 км/ч и 12 километри на час за брзини над 200 км/ч. Оваа толеранција, како што истакна, се однесува исклучиво на сообраќајни прекршоци и не важи во случаи кога е сторено кривично дело поврзано со сообраќајот.

Министерот нагласи дека системот „Сејф Сити“ ќе ги процесуира и службените возила доколку тие не се користат во рамки на оправдани оперативни дејствија. Возилата на итната медицинска помош, пожарната, МВР и Министерството за одбрана нема да бидат предмет на санкции само доколку брзото возење е оправдано со нивната службена задача.

„Кога службените возила постапуваат во рамки на своето оперативно делување, нема да бидат санкционирани. Но, доколку нема оправдана причина за брзо возење, казните ќе важат и за нив“, изјави Тошковски.

Тој додаде дека системот ќе изрекува казни исклучиво во случаи на нерегуларно управување со моторно возило, кога употребата на службеното возило не е во согласност со законските и оперативните правила.

Воведувањето на „Сејф Сити“ отвори и поширока јавна дебата за законските и практичните аспекти на системот, неговата ефикасност и дилемата дали мерката е пред сè насочена кон подобрување на безбедноста во сообраќајот или има и фискална димензија – тема што, според најавите, ќе остане актуелна и во наредниот период.

Continue Reading

Македонија

Наставници без факултет предавале во Ростуше, Велебрдо и Требиште

nastavnik

Гостиварската полиција поднесе кривична пријава против 64-годишниот А.С. од село Ростуше, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Како директор на основно училиште во своето село, тој, според истрагата, овозможил вработување на наставници без потребните квалификации.

Според Државниот просветен инспекторат, кој на 19 септември 2025 година извршил инспекциски надзор, настава на учениците во Ростуше, Велебрдо и Требиште предавале лица кои не ги поседувале законски утврдените студиски квалификации. Ова, според законот за наставници и стручни соработници, ги прави неспособни да извршуваат наставни обврски.

Обвинението тврди дека директорот намерно ги злоупотребил своите овластувања, дозволувајќи на нестручен кадар да работи со ученици, што претставува сериозно кривично дело и може да има долгорочни последици врз образовниот процес во овие села.

Continue Reading

Македонија

Дали навистина цијанид ги однел животите? Родителите се сомневаат, обвинителството тврди: нема причина за нова обдукција

Смртта на децата загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ продолжува да буди сомнежи и прашања кај семејствата на жртвите. Родителите тврдат дека обдукцискиот извештај, кој го утврдува јаглеродниот моноксид како причина за смртта, не е доволен и отворен е простор за дополнително, независно вештачење. Особено, тие се сомневаат дека цијанидот ослободен при согорување на токсичните материјали во таванот можеби бил клучниот фактор за брзата смрт на нивните деца.

„Цијанидот е можен, но нема анализи. Има сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација, а тоа го остава прашањето за вистинската причина за смртта на нашите најмили отворено“, вели Александар Наунов, татко на загинато девојче и претседател на Здружението „16 Март 2025 Кочани“.

Според него, иако обдукцискиот наод утврдил присуство на јаглероден моноксид, останатите токсиколошки анализи се уште не се доставени до семејствата. „Дали е направена конкретна анализа за цијанид и други отровни гасови во телата? Обдукцискиот извештај го остава тоа неодговорено“, додава Наунов.

Од Основното јавно обвинителство, сепак, велат дека нема причина за дополнителна обдукција или ексхумација. Според нив, вештачењата на Институтот за хемија и МВР-ОФИ веќе потврдија веројатност за ослободување на цијанидни гасови при согорувањето на материјалите во клубот. Исто така, судската медицина утврдила дека дополнителна кислородна или друга терапија немала да го промени исходот, бидејќи покрај јаглеродниот моноксид, кај жртвите биле присутни и цијаниди и термички оштетувања на дишните патишта.

Сепак, семејствата остануваат незадоволни. „Имаме три неспорни факти: ослободување на цијанидни гасови, обдукциски наод кој наведува само јаглероден моноксид како причина, и признавање дека останатите токсиколошки анализи допрва треба да се достават. Без тие податоци, не можеме со сигурност да тврдиме дека причината за смртта е точно утврдена“, изјави Наунов.

Обвинителството, од своја страна, потенцира дека материјалите кои произведувале отровни гасови биле вградени уште од отворањето на клубот во 2012 година, а тоа влијаело врз определувањето на обвинителниот акт и опсегот на обвинетите.

Судењето продолжи со воведните зборови на обвинетиот сопственик на обезбедувањето „Рубикон“, Александар Нацев. Тој тврди дека е жртва на медиумски линч и обвинувања, а дека државните органи за превенција и надзор се тие кои носат главна одговорност. „Дури и Орвел би позавидел на оваа конструкција“, рече Нацев, алудирајќи на, како што вели, политизирано префрлање на вината.

Во следните фази од судењето се очекува испрашување на сведоци и детално разјаснување на околностите на трагедијата, кои семејствата ги сметаат за неодговорени и клучни за воспоставување на вистината.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг