Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, на денешната седница на Советот, говореше за состојбата на јавните претпријатија во Битола, нагласувајќи дека Битола е во вистински инфраструктурен раст.
Интегрален текст од обраќањето на градоначалникот:
„Денес, кога на дневен ред се наоѓаат завршните сметки за финансиското работење на јавните претпријатија, пред да навлеземе во анализа на бројките, сакам да потенцирам, дека во овој период 2021 – 2025, работењето на јавните претпријатија е со значително зголемен обем, со видливи проекти, намален број на вработени и без нови кредитни задолжувања.
Деновиве, од страна на некои политички субјекти, популарно е да се зборува дека „Битола е во стечај“, ставајќи акцент на финансиските извештаи на јавните претпријатија. Но, тука сум да ве уверам дека: Битола е во вистински инфраструктурен раст, за што потврда се бројните инфраструктурни, капитални и други проекти, во чија реализација се вклучени токму нашите јавни претпријатија. Еден од тие проекти започнува и денес, конкретно проектот за реконструкцијата на улицата „11 Март“. Денес кога можеме да се пофалиме со успешно отпочнување на процесот на електронско аплицирање за субвенционирање за дограма и реално спроведување на дигитализација, за жал сеуште мораме да зборуваме и за канализација, во која на многу локации со децении не беше инвестирано. На минатата седница, споменав, а денес сакам да повторам дека, Општина Битола, во делот на капиталните расходи, има значително зголемен процент на реализација, во споредба со периодот од 2018 до 2021, кога реализацијата била од 38,17% до максимум 64,21%, а во последните 3 години се движи од 71,52% до максимум 77,38% а за 2024 овој процент изнесува 72,75 %.
Тука повторно ќе споменам дека, реализацијата на проектите на општината, активно ги вклучува нашите јавни претпријатија, кај кои наскоро добрата организација и проектите кои ќе следуваат, ќе имаат позитивно влијание врз финансиската состојба на претпријатијата.
Тоа што е најважно е дека во овој момент претпријатијата немаат непродуктивни трошоци, имаат значително намалување на трошоците за репрезентација и зголемување на трошоците за плати за вработените, а притоа цените на услугите за граѓаните остануваат непроменети, кај некои претпријатија, веќе 30 години.
Таква е ситуацијата со Јавното претпријатие „Комуналец“, за кое алармиравме од првиот ден на нашето доаѓање како локална самоуправа и затекнатиот кредит од 20 милиони денари од кои немаше ни една уплата и во период од две години целосно е затворен, што се одрази на финансиското работење на претпријатието и покрај зголемувањето на наплатата кај физички и правни лица, кои со години не плаќале, но и намалување на трошоците за спонзорства и репрезентации, кои се намалени за 3 до 4 пати. Тоа значи дека, по основ на спонзорства и репрезентации, Комуналец потрошил во 2018 година, 3 милиони и 900 илјади денари, во 2019 – 4 милиони и 800 илјади денари, а минатата година потрошени се 1 милион и 300 илјади денари. Бројот на вработени во претпријатието во 2024 е за 30 вработени помал од тој во 2021, а ЈП Комуналец има проширена дејност на управување со прифатилиштето за бездомни животни „Хачико“ и Стадионот „Петар Милошевски“. Тука би напоменал и дека годишно за плати и придонеси на вработените ЈП Комуналец во 2021 година исплатил 105 милиони, а во годината што измина 2024 – исплатил 171 милион денари, а ова е резулат на неколкукратното зголемување на платите на вработените во ова ЈП.
Кај ЈП „Нискоградба“, исто така намален е бројот на вработени, а со покачувањето на платите, зголемени се трошоците за плати, од околу 62.000.000 во 2021 на околу 85.000.000 во 2024, претпријатието минатата година не потрошило ниту денар за адвокатски услуги, а во 2019 тој трошок бил 326.444 денари, а истата година претпријатието потрошило и 785.968 денари за репрезентација, што е скоро 7 пати повеќе од средствата потрошени по овој основ минатата година, кои изнесуваат 109.717 денари.
Нема „да секнат ниту чешмите во Битола“, како што деновиве слушнавме одредени обиди за манипулирање на јавноста. Сегашната загуба на „Водовод“, изнесува онолку колку што чинеше целосно непотребната инвестиција на претпријатието започната во 2021 година за изградба на нова управна зграда, за што се потрошени повеќе од 60 милиони денари. Освен оваа непотребна инвестиција, која мораше да се исплати, претпријатието денес има 22 вработени помалку од 2021 година, но зголемени трошоци за плати за 41 милион денари. Покрај ова, зголемени се трошоците на претпријатието за електрична енергија и сирова вода кон Стрежево, заради сушата минатото лето.
Трошоците за адвокатски услуги на претпријатието кои во периодот 2018 – 2021 година, изнесувале астрономски 8.757.753, во 2021 – 2024 година биле 2.660.479, а трошоците за репрезентација од 2.452.934 во периодот 2018 – 2021, во 2021 -2024 се намалени и изнесуваат 903.827 денари.
Накратко, денес зборуваме за одредени финансиски загуби, кои во голема мера се последица на непланското менаџирање со јавните претпријатија до 2021 година, за што т.н данок или долговите ги доисплативме сега, без да удриме врз џебот на граѓаните. Ниту кога дојдовме не сакавме да губиме време со обвинувачки прес конференции, ниту сега нема да го ставиме фокусот на тоа, затоа што за истраги постојат соодветни органи.
Ќе продолжиме со работа, затоа што пред нас за реализација се 16 нови проекти за кои се одобрени средства од Владата и двојно повеќе кои наскоро ќе бидат аплицирани и чија реализација ќе се врши заедно со јавните претпријатија“, нагласи градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред советниците во Советот на општина Битола.
Овие места утре во Тетово и тетовско ќе бидат без струја
ЕВН Македонија најави планирани прекини во напојувањето со електрична енергија за утре, 11 декември 2025 година, на неколку локации во Тетово и тетовскиот регион. Прекините ќе траат од 09:00 до 14:00 часот, а ќе бидат опфатени следните места:
Село Одри – делови од населеното место ќе останат без електрична енергија поради планирани технички зафати.
Тетово – дел од подрачјето на Попова Шапка, конкретно објектите што се наоѓаат во близина на одморалиштата на ЕВН.
Село Одри (македонско маало) – објекти лоцирани во овој дел повторно ќе бидат засегнати од прекинот.
Од компанијата информираат дека прекините се дел од редовните технички активности за подобрување на мрежата, а по завршувањето се очекува стабилизирано и подобрено снабдување.
Граѓаните се повикуваат навреме да ги планираат своите обврски и да преземат соодветни мерки додека трае прекинот во напојувањето.
По децении најави, Тетово конечно добива Саат кула
До 2026 година треба да започне изградбата на Саат кулата во Тетово, проект што со децении се најавува, но никогаш не се реализира. Финансиската конструкција е обезбедена преку донациски грант од Општина Коња во Турција во вредност од околу 200 илјади евра, но засега нема прецизен рок за завршување на градбата. Меморандумот за соработка го потпишаа Општина Тетово и Националниот центар за конзервација.
„Претходно знаете дека имало неколку обиди, имало и обезбедување на финансиски средства од финансиски поддршки, но не се успеа да се реализира овој проект како дел од културното наследство. Обезбеден е донациски грант од Општина Коња. Верувам дека првите градежни активности ќе започнат во рамки на 2026 година“, изјави градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
Директорот на Националниот центар за конзервација, Александар Јорданоски, вели дека Центарот веќе ги подготвува сите неопходни активности – од валоризација на културното наследство и проверка на досегашните документи, до целосна ревизија на проектната документација.
„Кон крајот на 2005 и почетокот на 2006 година започнаа археолошките истражувања, што е потребна законска постапка кога треба да започне реализација на ваков тип проект. Во 2016 година беше изработен проектот, беа дадени одредени забелешки и таму застана постапката“, истакна Јорданоски.
Саат кулата останува еден од најчесто ветуваните, но незавршени проекти во Тетово, како во претходните мандати, така и во мандатот на актуелниот градоначалник. Сега, со обезбедени средства и обновени процедури, општината очекува конечно да започне реализацијата.
Невзат Бејта повторно влегува во трката за Гостивар, овој пат под знамето на ВЛЕН
Невзат Бејта ќе се кандидира за градоначалник на Гостивар на локалните избори закажани за 11 јануари 2025 година, дознава ТВ21. Поранешниот градоначалник, кој веќе има зад себе два мандати, ќе се обиде да го освои и третиот, овој пат под логото на коалицијата ВЛЕН.
Според информации од ТВ21, Бејта својата кандидатура ќе ја поднесе утре во текот на денот до Државната изборна комисија.
Да потсетиме, гласањето во првиот круг од локалните избори во Гостивар не го достигна законскиот цензус, поради што изборниот процес продолжува со повторување.