Оваа средба претставува прв чекор во иницијативата на Министерството за воспоставување официјална мрежа на македонски експерти во областа на енергетиката и рударството, која ќе биде основа за систематска соработка, размена на информации и пристап до најновите трендови и технологии во секторот.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со задоволство објавува значајна иницијатива насочена кон поврзување со истакнатите македонски професионалци во областа на енергетиката и рударството, кои моментално прават значаен напредок во странство.
Во оваа насока, министерката Божиновска оствари средба со Ангела Попова, истакната млада инженерка. Ангела е електроинженер со магистерски студии по електроенергетика (M. Sc) на Техничкиот универзитет во Минхен, каде што ги продолжува и своите докторски студии. Нејзиното истражување е фокусирано на пренос на електрична енергија преку високонапонски системи, при Катедрата за пренос и дистрибуција на електрична енергија на истиот универзитет. Таа активно учествува во меѓународни проекти и претставува силен глас на новата генерација македонски инженери кои својата експертиза ја применуваат на европско тло.
На средбата, Божиновска и Попова разменија идеи за потенцијалната соработка, важноста на поврзаноста со нашите експерти во странство и начините на кои тие може да придонесат за трансфер на знаење, консултативна поддршка и отворање нови можности за институционална и деловна соработка.
Оваа средба претставува прв чекор во иницијативата на Министерството за воспоставување официјална мрежа на македонски експерти во областа на енергетиката и рударството, која ќе биде основа за систематска соработка, размена на информации и пристап до најновите трендови и технологии во секторот.
„Поврзувањето со нашите талентирани сограѓани во странство е клучно за зајакнување на нашиот енергетски сектор и поттикнување на иновациите. Преку соработка со нашите угледни инженери и професионалци, можеме да ги искористиме нивните знаења и увиди за подобрување на нашите стратегии и цели за развој во Македонија“, истакна министерката Божиновска.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е цврсто посветено на градење на оваа мрежа и отворање канали за комуникација и соработка со нашите професионалци надвор од земјата. Оваа платформа ќе придонесе за побрз развој на секторот, заснован на знаење, иновации и глобални искуства.
„Ги повикуваме сите македонски професионалци во странство кои се активни во областа на енергетиката и рударството да стапат во контакт со Министерството и да станат дел од оваа мрежа. Исто така, доколку познавате некој истакнат експерт – колега, пријател, професор или истражувач – ве охрабруваме да ни испратите информација (име, институција, поле на дејствување), а ние ќе се погрижиме да воспоставиме контакт“, посочуваат од Министерството.
Контакт информации и официјалните адреси на Министерството се достапни на веб-страницата www.ea.gov.mk
Македонските деца сè порано пробуваат цигари и алкохол: Првата цигара на 9 години, алкохол на 13
Резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, презентирано од Институтот за јавно здравје, покажуваат загрижувачки тренд кај македонските ученици – дел од децата ја запалуваат првата цигара уште на деветгодишна возраст, додека првиот контакт со алкохол најчесто се случува околу 13 години.
Истражувањето било спроведено во 96 средни училишта со повеќе од 2.800 ученици и укажува и на значителен пораст на употребата на електронски цигари. Повеќе од една четвртина од учениците пробале е-цигари, а секој десетти ги користел во изминатиот месец.
Алкохолот останува најраспространета психоактивна супстанца меѓу адолесцентите, при што момчињата почесто пријавуваат рана употреба, интоксикација и тешко епизодно пиење. Речиси третина од учениците првпат консумирале алкохол на 13 години или помлади.
Иако помал обем се регистрира и употреба на седативи без рецепт, канабис и коцкање, овие појави се особено присутни кај машката популација. Надлежните институции предупредуваат дека овие трендови бараат засилени и современи превентивни мерки.
Од Министерството за образование и наука информираат дека училиштата веќе спроведуваат програми за превенција на злоупотреба на психоактивни супстанци, а од оваа учебна година е воведен и изборен предмет за здравствена писменост. Институтот за јавно здравје нагласува дека резултатите од ЕСПАД треба да послужат како основа за подобрување на политиките и заштита на здравјето на младите.
АХВ засилено ги контролира детските новогодишни пакетчиња: дел од нив повлечени поради неточни декларации
Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за да ја провери безбедноста на детските новогодишни пакетчиња. Контролите беа извршени во магацини за пакување, маркетите и продавниците кои ги пласираат овие производи.
Поради несовпаѓање на роковите на збирната декларација со поединечните рокови на производите и непотполни декларации, инспекциските служби издадоа 4 решенија за повлекување на пакетчиња од промет. Дополнително, двајца оператори со храна добија наредби за ставање на комплетни збирни декларации на пакетчињата.
Од спроведените 262 инспекциски надзори, не се изречени парични казни и не е поништена ниту една храна како небезбедна. Во споредба со ланската сезона, кога беа утврдени сериозни неправилности како погрешни ознаки, истечен рок на употреба и промени во својствата на производите, годинава се забележани само минимални недоследности кај операторите.
АХВ најавува дека контролните активности ќе продолжат и во наредниот период, особено пред и по новогодишните празници, со цел да се осигура безбедноста на детските пакетчиња.
Итни мерки против аерозагадувањето активирани и во Скопје
По Кичево и Струмица, од денеска итните мерки за справување со аерозагадувањето се активираат и во Скопје, откако мерните станици регистрираа надминување на дозволените концентрации на штетни честички во повеќе скопски општини. Зголемената магла дополнително ја влошува состојбата, а високи нивоа на загаденост се забележани и во други градови низ државата.
Министерството за животна средина и просторно планирање ги активираше протоколите за заштита на јавното здравје, со посебен фокус на заштита на најранливите категории граѓани.
Согласно владините мерки, работодавците имаат обврска да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, како и лицата кои прележале миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста.
Лекарите, особено пулмолозите, апелираат граѓаните да го ограничат престојот на отворено на минимум, доколку нема итна потреба. Според нив, најкритични се раните утрински и доцните вечерни часови, кога концентрациите на загадувачки честички се највисоки. Доколку е неопходно движење, се препорачува користење на јавен превоз наместо сопствени возила.
Надлежните институции ги повикуваат граѓаните редовно да ги следат препораките и официјалните соопштенија сè додека трае епизодата на загаден воздух.