Connect with us

Свет

Русија испрати сериозна закана до Европа, Зеленски вели: “Ова може да прерасне во Трета светска војна”

Војната во Украина влегува во четвртата година, а тензиите меѓу Русија и западните сојузници дополнително се зголемуваат. Директорот на руската надворешна разузнавачка служба, Сергеј Наришкин, изјави дека безбедносните служби на Русија и Белорусија се подготвени за превентивни акции во случај на понатамошна ескалација.

Тој предупреди дека во случај на напад врз Русија или Белорусија, одговорот ќе биде насочен кон целиот НАТО сојуз, со посебно предупредување за Полска и балтичките држави.

„Чувствуваме и гледаме дека европските земји, особено Франција, Велика Британија и Германија, ја зголемуваат ескалацијата околу украинскиот конфликт. Затоа мораме да делуваме превентивно. Подготвени сме на тоа“, изјави Наришкин според руските државни агенции ТАСС и РИА Новости.

Тој повтори дека целите на Русија во Украина остануваат непроменети – демилитаризација, т.н. „денацификација“ и признавање на сегашните руски граници, кои ги вклучуваат и анектираните украински територии.

Први на удар: четири земји

Наришкин ја обвини Украина дека намерно го одолжува конфликтот за владата на Володимир Зеленски да остане на власт и да ја избегне одговорноста за, како што рече, „криминални одлуки“.

Посебно остро ја критикуваше Полска за милитаризацијата на границата со Русија и Белорусија, оценувајќи дека со тоа дополнително ја дестабилизира безбедносната ситуација во Европа. Исто така, остар став има и кон Естонија, Литванија и Летонија – поранешни советски републики кои стравуваат од руски напад.

„Полска не ги разбира последиците од своите потези. Ако дојде до агресија од страна на НАТО, штетата ќе му се нанесе на целиот блок, но пред сè на оние кои ги туркаат тие идеи – политичките кругови во Варшава и балтичките престолнини. Тие први ќе страдаат“, рече тој.

Белорусија, блискиот сојузник на Москва, продолжува да ја поддржува руската воена кампања, а претседателот Александар Лукашенко дозволи руско нуклеарно оружје да се стационира на белоруска територија, што предизвика остри реакции од Западот.

Лавров: Европјаните полуделе

Во сличен тон се огласи и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој потсети дека претседателот Владимир Путин во јуни 2024 година јасно порача дека Русија бара Украина формално да се откаже од членството во НАТО и да ги повлече своите трупи од четирите украински региони кои Москва ги смета за свои.

„Станува збор за правата на луѓето кои живеат на тие територии. Тие територии ни се важни и не можеме да се откажеме од нив“, рече Лавров. Русија моментално контролира околу една петтина од Украина, вклучувајќи го и Крим (анектиран 2014 година) и делови од Доњецка, Луганска, Херсонска и Запорожката област, чија анексија поголем дел од светот не ја признава.

Лавров ја пофали администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, бидејќи, за разлика од европските сојузници, „се обидува подлабоко да ја разбере ситуацијата“.

Специјалниот пратеник на Трамп се сретнал со Путин

Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф се сретнал со Владимир Путин на 11 април во Санкт Петербург. Изјавил дека разговорот бил „продуктивен и интересен“, дека „Путин сака мир“ и дека фокусот е на можен мировен договор кој би го вклучувал статусот на „пет територии“.

Иако не ги прецизирал, јасно е дека се работи за Крим, како и делови од Доњецка, Луганска, Херсонска и Запорожка област – територии кои Русија ги анектираше во 2022 година.

„Се гледа желба за траен мир, иако ни требаше време да стигнеме до тука“, изјави Виткоф за Fox News. Додаде и дека постојат „многу интересни деловни можности“ кои би можеле да ги стабилизираат односите меѓу САД и Русија.

Зеленски: Путин нема да застане – постои опасност од Третата светска војна

Од другата страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски за CBS изјави дека Путин нема да застане во Украина, туку има амбиција да го врати „руското царство“ кое вклучува делови од сегашни членки на НАТО.

„Ако не го сопреме во Украина, ќе оди понатаму“, рече Зеленски, додавајќи: „Сето ова може да прерасне во Трета светска војна.“

Advertisement

Свет

Путин со нови закани – најави жестока војна

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека руските сили ја презеле стратешката иницијатива долж целиот фронт во Украина и најави натамошно проширување на таканаречената безбедносна тампон-зона. Според него, 2025 година претставувала „значајна пресвртница“ во воената кампања.

Говорејќи на состанок на одборот на руското Министерство за одбрана, Путин тврдеше дека руската армија во текот на 2025 година зазела повеќе од 300 населени места и дека е подготвена да ги забрза офанзивните операции во, како што рече, „стратешки важните области“ на фронтот, пренесува Киев Пост.

Тој оцени дека руските вооружени сили успешно го неутрализираат противникот, вклучувајќи и, како што наведе, елитни единици обучени во западни воени центри.

Путин се осврна и на модернизацијата на руската морнарица, истакнувајќи дека во 2025 година биле ставени во употреба нови подморници, како и 19 површински и помошни бродови. Дополнително, тој соопшти дека Русија успешно ги тестирала нуклеарните крстосувачки ракети „Буревестник“ и нуклеарниот подводен дрон „Посејдон“, нагласувајќи дека овие системи веќе постојат и ќе продолжат да се унапредуваат. Според него, ракетниот систем „Орешник“ ќе биде ставен во борбена готовност до крајот на годината.

Во исто време, рускиот претседател ги отфрли предупредувањата за можен руски напад врз Европа, оценувајќи ги како неосновани и како обид за, како што рече, создавање страв и хистерија меѓу граѓаните.

И покрај тоа, тој повтори дека Москва има намера да ја прошири безбедносната тампон-зона во Украина и инсистираше дека целите на таканаречената „специјална воена операција“ ќе бидат реализирани.

Continue Reading

Свет

Ултиматум до Кремљ: Америка најавува голема казна за одбивање мир

Соединетите Американски Држави се подготвуваат да воведат нов, остар пакет санкции против рускиот енергетски сектор, со цел да го засилат притисокот врз Москва доколку претседателот Владимир Путин одбие мировен договор со Украина, пренесува Блумберг, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.

Според истите извори, Вашингтон разгледува неколку сценарија – од санкции против таканаречената „сенка флота“ на Русија, односно нелегалните танкери што транспортираат руска нафта, до мерки против трговците и посредниците вклучени во овие трансакции. Разговорите се водат зад затворени врати, а соговорниците зборуваат под услов на анонимност.

Некои од изворите на Блумберг наведуваат дека новите мерки би можеле да бидат објавени веќе во текот на оваа недела. Американскиот министер за финансии, Скот Бесант, наводно веќе ги разгледал опциите со група европски амбасадори, како дел од поширока координација со сојузниците.

Целта е јасна – дополнително да се стегне финансискиот обрач околу Русија и да се ограничат приходите од извоз на енергија, кои претставуваат клучен извор за финансирање на војната против Украина.

Во меѓувреме, на маса е и заеднички мировен план на САД и европските сојузници, чија цел е одвраќање од идни руски напади. Планот предвидува зајакнување на украинската армија, распоредување европски сили во Украина и проширена употреба на американски разузнавачки капацитети.

Според Њујорк тајмс, безбедносните гаранции треба да создадат основа за поширок прекин на огнот, но и да ја убедат Украина да прифати болни компромиси – територијални отстапки и откажување од формалното членство во НАТО.

Во изминатите два дена, американски и европски дипломати одржаа интензивни средби со украинските лидери во Берлин. Таму, во голема мера, беа усогласени два клучни документа што ги дефинираат идните безбедносни гаранции. На состаноците учествуваа претставници од десетина европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Италија и Велика Британија.

„Гледаме реален и конкретен напредок“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „Овој напредок е резултат на тесната координација меѓу Украина, Европа и САД.“

Сепак, вистинската пречка останува – Русија. Москва не е дел од овие разговори, а без нејзино учество, сеопфатен прекин на огнот изгледа далеку.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, вчера порача дека Москва нема намера да попушти. Русија, според него, и натаму бара Украина да го предаде целиот Донбас и категорично се спротивставува на какво било присуство на НАТО сили на украинска територија.

Иако американските претставници тврдат дека Путин на крајот би можел да прифати европски сили кои формално нема да бидат под знамето на НАТО, дел од европските лидери остануваат скептични.

„Звучи многу ветувачки, особено во споредба со претходните позиции, но би било прерано да кажеме дека ги знаеме сите детали“, изјави полскиот премиер Доналд Туск.

Документите договорени во Берлин се резултат на повеќе од осум часа интензивни преговори. Првиот утврдува општи принципи и обврски слични на Член 5 од НАТО – напад врз Украина би значел обврска за помош.

Вториот, таканаречен „воено-оперативен документ“, детално опишува како американските и европските сили би соработувале со украинската армија за да се спречи нов руски обид за освојување територии.

Клучен елемент е зајакнувањето на украинската армија на околу 800.000 војници во мирновременски услови, со модерна обука и опрема. Дополнително, се планира распоредување европска воена сила во западна Украина, далеку од линијата на прекин на огнот, со задача да го обезбедува воздушниот и поморскиот простор.

САД, пак, нема да испраќаат свои војници. Наместо тоа, Вашингтон ќе обезбедува разузнавачка поддршка, надзор на прекинот на огнот и следење на евентуални руски прекршувања – став што американскиот претседател Доналд Трамп јасно го повторува.

Претседателот Володимир Зеленски не крие загриженост дека новите гаранции би можеле да завршат како Будимпештанскиот меморандум од 1994 година – хартија без вистинска заштита. Токму тој договор беше прекршен со руските инвазии во 2014 и 2022 година, без решителна реакција од гаранторите.

Американски и европски претставници уверуваат дека овојпат ќе биде поинаку. Новиот договор, велат тие, ќе биде правно обврзувачки, а Трамп се согласил да го испрати на ратификација во американскиот Сенат.

Зеленски најави дека документите би можеле да бидат финализирани во наредните денови, по што ќе бидат доставени до Москва. Нови средби со украинските преговарачи се очекуваат многу скоро – можеби веќе овој викенд.

Пораката до Кремљ е јасна: или мир – или нов бран економски казни.

Continue Reading

Свет

Грција апелира: Светите места и христијанската заедница не смеат да бидат занемарени

Во време кога верските тензии и политичките превирања го прекројуваат Блискиот Исток, Грција упати дециден и висок тон до меѓународната заедница: безбедноста на христијанските заедници и зачувувањето на „статус кво“ состојбата на светите места не смеат да бидат предмет на компромис.

„Зачувувањето на вековните аранжмани за соживот е единствената брана против хаосот во регионите каде што христијанството ги има своите најдлабоки корени,“ се наведува во позицијата на грчките власти.

Преку официјален допис до Секретаријатот на Организацијата за исламска соработка, Атина испрати јасна порака дека достоинството на христијаните е столбот на глобалната верска толеранција.

Клучните пораки од грчката дипломатија:

  • Крај за притисоците: Христијаните во историските верски жаришта не смеат да бидат заложници на политички интереси. Грција алармира дека заканите и ограничувањата на нивните права се реалност која бара итна меѓународна реакција.

  • Светините како црвена линија: Секое мешање во административните и религиозните договори (status quo) на светите места без консензус е ризично. Атина предупредува дека едностраните промени се директен пат кон дестабилизација на регионот.

  • Универзална одговорност: Религиозната слобода не е локален декор, туку фундаментално морално и правно прашање со глобален одглас.

Овој потег на Атина доаѓа како одговор на сè почестите инциденти и обиди за прекројување на културната мапа на Блискиот Исток. Со овој чин, Грција се позиционира како гласен заштитник на христијанското наследство, потсетувајќи го светот дека цивилизацискиот идентитет на овие простори зависи од почитувањето на меѓународните правни норми.

Додека светот се соочува со сложени геополитички игри, пораката од Грција е едноставна: Мирот е можен само преку меѓусебно уважување и бескомпромисна заштита на правото на вероисповед.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг