Connect with us

Македонија

Кос за ЕНР/МИА: Никој не може да гарантира дека по уставните измени не би имало пречки на европскиот пат на Северна Македонија

Никој не може да и даде гаранции на Северна Македонија ако сега го смени Уставот, дека повеќе нема да има пречки на европскиот пат, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) во одговор на прашање на МИА дали ЕУ и земјите членки можат да гарантираат дека по спроведување на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историја. 

– Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис, рече Кос. 

Таа нагласи дека ова не значи дека ЕК не работи на тоа да и помогне на земјава да ги започне преговорите по кластери, потенцирајќи дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија и дека денеска заминува за Софија на средби со сите бугарски политичари, а потоа ќе контактира и со политичарите во земјава. 

– Најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во пристапниот процес. Тоа не значи дека билатералните прашања не се важни. Знаете, можам да разберам дека Унгарија се бори за своето малцинство (во Украина). Можам да разберам дека и Бугарија го прави истото, но лошо е кога ова навистина се меша со процесот на пристапување, рече Кос. 

Таа изрази надеж дека наскоро ќе се најде решение за деблокада на пристапниот процес на земјава и дека откако ќе се случи тоа ќе може без никакви нови услови да започнат преговорите по кластери.  

– Затоа ние порачуваме, ве молиме направете ги реформите и бидете подготвени да го отвориме првиот кластер, рече еврокомесарката за проширување. 

Кос нагласи дека во сегашните услови целосно ја разбира фрустрацијата на луѓето во земјава.  

– Знаете, кога се распадна Југославија, Македонија, во тоа време, беше втора најразвиена република во поранешна Југославија. За споредба, да речеме ако Украина треба да чека да ги започне преговорите колку што чека вашата земја, нив ќе можеме да ги почнеме во 2045 година, додаде Кос. 

Таа потенцира дека иако има нова динамика во процесот на проширување, сепак тој останува заснован на заслуги, но она што сега позитивно влијае врз него е тоа што има нова визија на Европската Унија за забрзување на пристапувањето.  

– Од друга страна, ние исто така, особено преку Планот за раст, се соочуваме се еден вид притисок од колегите, особено во Западниот Балкан. И тогаш имаме разлики. На пример, знаете Албанија беше заедно со Северна Македонија. Сега, по раздвојувањето, Албанија направи навистина добар напредок. Но, зад себе нема да оставиме ниту една земја. Ние сме силно посветени сите да ги внесеме во Европската Унија. Но, секако, ќе се држиме до заслугите и ќе видиме. Ние навистина сме силно вклучени во билатералните прашања, кои таму (на Западниот Балкан) ги има доста, потенцира Кос во интервјуто за ЕНР од која дел е и МИА. 

Advertisement

Македонија

Стабилно време со магла до понеделник, дожд од вторник

До понеделник се очекува стабилно и претежно тивко време низ земјава, со појава на магла во утринските часови и зголемена облачност на некои места.

Утре, 18 декември, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека претпладне на одредени места ќе се појави магла. Ветарот ќе биде слаб и променлив.

Во Скопје се очекува слично време, со претежно тивко време и појава на магла во котлинските делови претпладне.

Стабилното време ќе се задржи до понеделник, а од вторник се најавуваат локални врнежи од дожд.

Continue Reading

Македонија

Над 40 државни институции преминаа на електронско управување со документи

Повеќе од 40 институции во државата веќе го користат националниот Документ менаџмент систем (ДМС), што овозможува побрзи и поефикасни услуги за граѓаните, соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во изјава за медиумите.

Според него, поврзувањето на институциите и општините преку единствен дигитален систем претставува суштинска реформа во функционирањето на државната администрација, со фокус на поедноставени и подостапни јавни услуги.

Андоновски информираше дека за само четири месеци е двојно зголемен бројот на институции кои користат електронска архива и електронски систем за управување со документи. Дополнително, преку државната платформа за интероперабилност, само во ноември биле реализирани 2,6 милиони трансакции, што претставува значителен раст во однос на просекот во текот на 2024 година.

Министерот посочи и дека за 20 проценти е зголемен бројот на институции и компании приклучени на платформата за интероперабилност, што директно придонесува за намалување на административните процедури и потребата граѓаните да доставуваат документи од една до друга институција.

„Овие резултати значат помалку хартија, помалку чекање и помалку простор за корупција. Дигиталната трансформација не ја третираме како ИТ-проект, туку како реформа во корист на граѓаните, со јасни и фер процедури“, истакна Андоновски.

Тој додаде дека целта е институциите да функционираат брзо, разбирливо и еднакво за сите, а Министерството за дигитална трансформација останува посветено принципот „граѓаните на прво место“ да стане стандард во работењето на државата преку конкретни и мерливи резултати.

Continue Reading

Македонија

Собранието ги усвои клучните закони за проектот „Безбеден град“

Собранието во рамки на попладневниот дел на 76. седница без расправа ги донесе измените и дополнувањата на повеќе закони кои се дел од пакетот потребен за целосно функционирање на системот „Безбеден град“. Со 65 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, пратениците усвоија измени на Законот за извршување на санкциите, Законот за полиција, Законот за возила и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите по скратена постапка.

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека законот е дел од шесте законски измени кои обезбедуваат имплементација на еден од најзначајните проекти во историјата на Македонија, кој започна пред неколку недели и практично ќе стартува од 1 февруари.

Законот за прекршоци, исто така дел од пакетот, воведува посебна постапка за прекршоци констатирани со технички средства и уреди за снимање, вклучително електронска достава преку текстуални пораки или е-пошта, 50% намалување на глобата при доброволно плаќање во рок од осум дена, како и автоматско суспендирање на возачката дозвола по акумулирање на три забрани во четири години. Пратеничката Моника Трајанова од ВМРО-ДПМНЕ објасни дека измените ќе го зголемат ефектот на превенцијата, ќе намалат административни трошоци и ќе ја зголемат ефикасноста на постапките.

Стојановски додаде дека законите овозможуваат одземање на возило на несовесни возачи, како и подобрување на процесот на издавање возачки дозволи, со зголемена транспарентност и контрола врз членовите на комисијата која ги доделува дозволите.

Во рамки на истата седница, пратениците го усвоија и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, исто така по скратена постапка, со што се овозможува поефикасно реализирање на инфраструктурни и други јавни проекти.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг