Илон Маск го намалува политичкиот ангажман поради падот на профитот на Tesla
Извршниот директор на Tesla, Илон Маск, најави дека ќе ја намали својата улога во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, конкретно во рамки на иницијативата за реформирање на државната управа, позната како „Одделение за ефикасност на владата“ (DOGE). Одлуката доаѓа откако компанијата забележа сериозен пад на приходите и профитот во првиот квартал од 2025 година.
Според извештајот на BBC, приходите на Tesla во автомобилската индустрија се намалиле за 20%, додека добивката опаднала за повеќе од 70% во споредба со истиот период минатата година.
Компанијата ги предупреди инвеститорите дека негативниот тренд може да продолжи, посочувајќи дека „променетиот политички сентимент“ би можел да има дополнително негативно влијание врз побарувачката за нејзините производи.
Маск призна дека неговото политичко ангажирање, вклучително и улогата во администрацијата на Трамп, ја одвлекло неговата посветеност од управувањето со Tesla, што, како што рече, делумно придонело за слабеењето на перформансите на компанијата.
Во минатото, Маск инвестираше над четвртина милијарда долари во кампањата за реизбор на Трамп и беше еден од лидерите на иницијативата за намалување на федералните трошоци и бројот на вработени во јавниот сектор.
„Мојот ангажман во DOGE иницијативата ќе биде значително намален од следниот месец“, изјави Маск, додавајќи дека ќе се занимава со државни прашања само еднаш до двапати неделно, „се додека тоа има смисла и се додека претседателот го посакува тоа“.
Tesla во првиот квартал оствари приход од 19,3 милијарди долари, што е пад од 9% во однос на истиот период лани, и значително под очекувањата на аналитичарите.
Компанијата се обиде да ја поттикне продажбата преку намалување на цените на возилата, но дополнителен притисок создадоа и царините воведени од администрацијата на Трамп кон Кина.
Tesla предупреди дека „променливата трговска политика“ може дополнително да ги зголеми трошоците и да предизвика нарушувања во синџирот на снабдување.
Акциите на Tesla изгубиле приближно 37% од својата вредност од почетокот на годинава.
Аналитичарите предупредуваат дека, и покрај технолошките иновации, Tesla се соочува со се поголема конкуренција и сериозни предизвици во глобалните синџири на снабдување.