Connect with us

Економија

Бизнис заедницата бара побрза исплата на парите од укинатиот солидарен данок

Педесет милиони евра што 156 компании ги платија по основ на солидарниот данок во 2023 година, државата мора да ги врати, откако Уставниот суд годинава го поништи законот како неуставен. Иако рокот за враќање е пет години, бизнис-секторот инсистира на побрза исплата.

Од Министерството за финансии велат дека се работи на модел и динамика за враќање на средствата, во континуирана комуникација со стопанството.

– Бараме модалитет и динамика за враќање на средствата – велат од Министерството, како одговор на барањата на деловната заедница исплатата да се изврши што поскоро.

Петгодишен рок, но компаниите прашуваат: Зошто толку долго?

Иако Уставниот суд и дозволи на државата рок од пет години за враќање на средствата, компаниите кои ја платија оваа давачка забележуваат на временскиот дисбаланс – тие имаа само неколку месеци да уплатат милионски износи.

На неодамнешната средба меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и Стопанската комора на Северна Македонија, токму ова прашање било во фокусот. Претседателот на Комората, Бранко Азески, укажа дека оваа асиметрија е нелогична и дека средствата треба да се вратат што побрзо.

„Ако се вратат сега, ќе се вратат и во буџетот“

Бизнис-заедницата има јасна позиција – побрзото враќање на парите ќе создаде позитивен економски ефект и за државата.

– Ако државата ги пушти овие 50 милиони евра во обрт сега, во наредните пет години тие ќе ѝ се вратат преку ДДВ, данок на добивка и придонеси. Се проценува дека годишно од тие пари ќе се вратат 8 до 12 милиони евра – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата.

Тој предупредува дека секое одложување ќе значи загуба, а не заштеда за државата.

„Големите фирми можат да издржат“? – Погрешна претпоставка

Бошков укажува на уште еден проблем – перцепцијата дека поголемите компании имаат доволно ликвидност, па можат да „издржат“ додека чекаат враќање на парите.

– Без оглед на големината, секој бизнис има потреба од свеж капитал. Без ликвидност нема инвестиции, нема развој. Ако државата ги врати парите навремено – тоа е во обострана корист – нагласува тој.

„Државата решава кога ќе ги врати средствата“

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека иако компаниите имаат право да бараат, последниот збор сепак го има државата.

– Како што донесе закон кој беше противуставен, така сега може и да одолговлекува со враќањето на парите. Бизнисот го знае тоа од искуство – истакнува Димитров.

Тој смета дека треба да се отвори и прашањето за одговорност на носителите на законот, кои – како што вели – знаеле дека тој може да биде укинат од Уставниот суд.

Што беше солидарниот данок?

Солидарниот данок беше воведен во 2023 година како еднократна, вонредна мерка. Со стапка од 30%, се применуваше на сите компании со приход над 10 милиони евра во 2022 година. Целта беше прибирање средства за антикризни мерки и поддршка на населението во време на инфлација и енергетска криза.

Законот предизвика бројни правни и економски реакции, а Уставниот суд го укина поради неговото ретроактивно дејство, кршење на принципот на правна сигурност и загрозување на конкурентноста на домашните компании.

Advertisement

Економија

Голема енергетска инвестиција: Откриено кој стои зад изградбата на најголемите складишта за струја

Владата официјално го објави првиот годишен енергетски инвестициски план, отворајќи ја вратата за историски инвестиции кои ќе го трансформираат електроенергетскиот систем на земјата. Во фокусот се батериските складишта за електрична енергија – клучниот елемент за стабилизација на мрежата која е под сѐ поголем притисок од експлозијата на фотонапонски централи.

Складирањето на вишокот енергија од обновливите извори веќе не е луксуз, туку итна неопходност за енергетската транзиција. Но, очигледно е дека ова е и нова златна можност за профит, судејќи според амбициозните планови на инвеститорите.

Интересот ги надмина сите очекувања. Министерството за енергетика примило вкупно 37 иницијативи за изградба на изолирани складишта. Вкупната инсталирана моќност достигнува импресивни 675,624 MW, со капацитет за складирање од неверојатни 1863,896 MWh! Овие проекти, одобрени од МЕПСО и ЕВН Електродистрибуција, се чекор кон поефикасен, посигурен и независен електроенергетски систем.

Иако локациите на овие стратешки објекти сѐ уште остануваат под превез на тајност, имињата на инвеститорите се веќе познати – и многу од нив се новоосновани фирми, желни да го заграбат своето парче од енергетскиот колач.

На чело на листата, со најголеми амбиции, се издвојуваат новооснована фирма (2024) од хрватската IE-Energy, БЕСС Проект, која планира колосално складиште од 90 мегавати, со 61,66 MW влегува бизнисменот Ајри Шеј, сопственик на Тесса Груп и најавувач на гасна централа таму, Дабур 1, Пробат Енергија (на Александар Влахо), Бат Инженеринг (на Даниел Поповски) и ОСМ Солар (на бугарската „Реналфа“), кои најавуваат складишта од по 50 мегавати. „Реналфа“ е веќе позната во земјава како косопственик на големата фотонапонска централа во Осломеј.

Изгледа дека градежните магнати одлучија да ги прошират своите бизниси и во енергетскиот сектор. Виенто Енергетико и Биг Сториџ, во сопственост на Бранко Георгиевски, сопственик на градежната компанија „Биси“, најавуваат по 40 мегавати и Биг Енерџи Солутионс со истата моќност (40 MW), пријавена и на име на сопругата на Ивица Георгиевски, исто така од „Биси“.

Покрај нив, уште еден поединец, Мартин Кочков, пријавил инсталација од 40 мегавати, а зад него следи Б&Х Солар Енерџи на Украинецот Јевген Јаременко.

Општоприфатената инвестиција за 1 мегават батериски систем се движи од 180.000 до 550.000 евра, а цената драстично зависи од тоа колку долго батеријата може да ја задржи електричната енергија.

Со вишокот енергија од соларните централи кој создава дебаланс и проблеми во мрежата, складирањето е неизоставен чекор кон флексибилност и сигурност. За инвеститорите, ова е најава за нов, профитабилен бран на инвестиции.

Continue Reading

Економија

Николоски: Владините политики во авиосообраќајот носат конкретни резултати

Политиките на Владата во областа на авиосообраќајот веќе даваат мерливи резултати, при што Скопје се позиционира како апсолутен лидер во регионот за првиот квартал од 2026 година, истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

Според официјалните податоци, во периодот јануари–март 2026 година, скопскиот аеродром нуди дополнителни 316.528 седишта во споредба со истиот квартал од 2025 година, што претставува значаен раст на авиокапацитетите и зголемена поврзаност на државата со европските и светските дестинации.

Николоски нагласи дека овој раст е резултат на стратешките мерки за привлекување нови авиокомпании, отворање нови линии и зајакнување на конкурентноста на македонските аеродроми, со директен позитивен ефект врз туризмот, бизнисот и економскиот развој на државата.

Continue Reading

Економија

Македонија меѓу лидерите во енергетските реформи, извештај на Енергетската заедница

Македонија заедно со Србија и Молдавија бележат најголем реформски моментум, регистрира Енергетската заедница за сработеното во 2025 година кога енергетиката е во прашање.

Во најновиот Годишен извештај на Енергетска заедница во кој се мониторира имплементацијата на реформите во земјите членки се нотира дека „Северна Македонија и Србија докажаа дека може да се постигне ефикасно спроведување на законодавството на Европската унија за интеграција на пазарите на електрична енергија, како и координативно работење и управување со системите во насока на обезбедување на сигурност во снабдувањето и ова е поткрепено со нивниот видлив напредок во реформите на пазарот на електрична енергија“, соопштија денеска од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).

Во делот посветен на (РКЕ) од Виена ја потенцирале проактивноста на регулаторот во спроведување на Законот за енергетика и мониторинг врз усогласеноста со раздвојувањето.

– Во извештајот е нотирано спроведувањето на законски утврдените надлежности во поглед на мониторинг на раздвојувањето и регулаторно делување преку одобрување тарифи за пренос и дистрибуција, годишни планови за одржување за МЕПСО, ОПС и дистрибутивните компании, како и Развојниот план за период од пет години за ОДС. Мрежните правила за дистрибуција на гас се усвоени – појаснуваат од РКЕ.

Посебен дел во Годишниот извештај е посветен за законодавството и правилата кои значат јакнење на отпорноста и менаџирањето на сајбер ризиците.

– Правила за Сајбер безбедност, усвоени од РКЕ се спроведуваат од јуни 2023 година. РКЕ одобри инвестиции за претпријатија за да се започне спроведувањето на ISO 27001 стандард – се наведува во извештајот каде било регистрирано и формирањето на Националниот совет за дигитална трансформација, како и усвојување на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи.

Енергетската заедница оценува дека практичното спроведување на мрежните правила, транспарентното доделување на капацитети и транспонирањето на новите регулаторни рамки – се најголемите предизвици за земјите членки на Енергетската заедница но и за Европска Унија воопшто. Сепак, велат од РКЕ, спроведувањето на мрежните правила на цела територија на ЕУ до август 2026 година се очекува да биде силен поттик за интеграција на регионалните пазари.

Continue Reading
Advertisement

Advertisement

Advertisement
Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Advertisement

Трендинг