Category Archives: Македонија

Силно невреме со град во Тетово, повторно поплавени улици

Околу пладне во Тетово триесетина минути имаше силно невреме со интензивен дожд и град. Досега нема пријавено за поголеми проблеми, а граѓаните преку социјалните мрежи споделија искуства со поплавени улици поради водата која се собира на коловозната лента и не може бргу да навлезе во атмосферската канализација.

Во селото Фалише имаше и поголема покривка од град.

Инаку во петокот кризниот штаб на Општина Тетово токму за денес најави дека ќе се врши чистење и дезинфекција на улиците по поплавите што се случија на 29 мај.

-Над 130 пријавени случаи на штети направени и од пожарот и од поплавите од кои 97 се поплавени куќи и подруми, а другите се оштетени јавна инфраструктура, институции и земјоделски парцели. Бидејќи немаме одговор дали ќе има владина комисија за штети, немаме таква информација, не чекаме од Владата и од понеделник ќе излезат на терен општинска комисија и ќе имаме информации колку се штетите, изјави во петокот Биљал Касами, градоначалник на Тетово.

Во саботата на 28 мај патот од Шипковица до Бродец беше најмногу погоден од наноси со земја.

Му го затворивме небото на рускиот министер Лавров – се јави Захарова

Земјите што ја опкружуваат Србија го затворија небото за авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, со што затворија уште еден канал за комуникација, изјави портпаролката на Министерството Марија Захаровa, нагласувајќи дека Москва не е таа што ја прави новата „железна завеса“, туку дека Европа е таа што ја опкружува Русија.

Захарова за италијанскиот телевизиски канал „Ла7“ изјави дека земјите што ја опкружуваат Србија го затвориле каналот за комуникација, не дозволувајќи прелетување на авионот на Сергеј Лавров, кој се подготвувал да ја посети Србија, пренесуваат медиумите во регионот.

„Руската делегација требаше да пристигне во Белград на разговори. жЗемјите членки на Европската унија и НАТО го затворија воздушниот простор, затворија уште еден канал за комуникација“, рече таа, нагласувајќи дека Русија нема намера да ја крева „железната завеса“, туку дека тоа го прави Европската Унија, пренесува Спутник.

„Железните завеси нема да бидат, на крајот на краиштата, од наша страна, не треба да се грижите. ЕУ е таа што ја штити Русија. Вашите грешки се во тоа што сте премногу себични, што мислите дека сте во центарот на светот, дека освен вас нема други народи на светот. Немате морално право некого да научите нешто“, рече Захарова.

Ројтерс во неделата навечер, цитирајќи го Интерфакс, објави дека посетата на Лавров на Србија е откажана откако земјите околу Србија го затвориле својот воздушен простор за неговиот авион.

Извор од руското Министерство за надворешни работи го потврдил пишувањето на српските медиуми во кои се наведува дека Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора го затвориле својот воздушен простор за авионот што требаше да го пренесе Лавров во Белград.

МВР објави јавен оглас, се вработуваат 600 полицајци

Министерството за внатрешни работи објави јавен оглас за засновање на работен однос на 600 извршители на работно место „Полицаец“ за работа во МВР.

Од вкупниот број, 100 извршители се за работа во Сектор за внатрешни работи Скопје, по 40 во СВР Струмица, СВР Битола, СВР Охрид, СВР Велес и СВР Куманово.

Во СВР Тетово се бараат 60 полицајци, а во СВР Штип 70. Според огласот 50 извршители се за Регионалниот центар за гранични работи Север, а по 40 за Регионалниот центри за гранични работи Запад, Југ и Исток.

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните општи услови:

– да е државјанин на Република Северна Македонија;

– да е полнолетен, а да не наполнил 25 години живот ако за првпат заснова работен однос на работно место во Министерството за кое е предвидено средно образование;

– активно да го користи македонскиот јазик и неговото кирилско писмо;

– со безбедносна проверка да е утврдено дека не постои безбедносен ризик од вработување на кандидатот;

– да има завршено најмалку четиригодишно средно образование;

– да е здравствено и психофизички способен;

– со правосилна пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност;

– да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија и

– да има положено тест за интегритет.

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните посебни услови:

– потребна телесна висина од најмалку 175 см. (маж), односно 165 см. (жена)

– висока лична физичка подготвеност.

Заинтересираните кандидати задолжително да достават докази за исполнување на потребните услови за работното место, во оригинал или копија заверена на нотар и тоа:

– извод од матична книга на родените,

– диплома за завршено четиригодишно средно образование и

– две фотографии, со димензии 3,5 см х 4,5 см.

Кон пријавата, кандидатот задолжително доставува своерачно потпишана изјава со која потврдува дека истиот не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија.

Пријавата со потребната документација, кандидатот е должен да ја поднесе ЛИЧНО во едно од определените места за пријавување, и тоа:

– Сектор за внатрешни работи Скопје:

– Полициска станица од општа надлежност-Гази Баба,

– Полициска станица од општа надлежност-Бит Пазар и

– Полициска станица од општа надлежност-Карпош.

– Сектор за внатрешни работи Битола;

– Сектор за внатрешни работи Велес;

– Сектор за внатрешни работи Куманово;

– Сектор за внатрешни работи Тетово;

– Сектор за внатрешни работи Охрид;

– Сектор за внатрешни работи Струмица,

– Сектор за внатрешни работи Штип.

При поднесување на пријавата кандидатот го наведува бројот на организациската единица за работно место за кое се пријавува согласно точка I од огласот.

Кандидатот е должен при поднесување на потребните документи, со себе да носи лична карта или пасош за идентификација.

Потребната документација од точка 3, кандидатите ја доставуваат секој работен ден во определениот рок, во текот на работното време (08,00-16,00 часот).

4. При поднесување на пријава кандидатот потпишува изјава за доброволно пристапување кон селекција за избор на кандидат за полицаец со неможност за барање на отштета од Министерството во случај на повреда за време на спроведување на селекцијата.

5. Постапката за селекција на кандидатите ја спроведува Комисија за избор на кандидат за полицаец формирана од страна на министерот која го определува редоследот на фазите за селекција. Селекцијата се спроведува во следните фази:

– Административна селекција на поднесената документација (утврдување на навременост и потполност на поднесената документација, како и исполнетост на пропишаните услови);

-Проверка на моторички способности (за мажи: најмалку 9 „склекови“ во интервал од 10 секунди, најмалку 16 „стомачни подигања“ во интервал од 30 секунди, „скок во далечина од место“ со минимална должина на скокот од 220см, „спринт на 20 метри“ за најмалку 3,35 секунди, „спринт на 100 метри“ за најмалку 15 секунди и „трчање на 1500 метри“ за најмалку 5,25 минути и за жени: најмалку 6 „склекови“ во интервал од 10 секунди, најмалку 12 „стомачни подигања“ во интервал од 30 секунди, „скок во далечина од место“ со минимална должина на скокот од 160см, „спринт на 20 метри“ за најмалку 3,50 секунди, „спринт на 100 метри“ за најмалку 18 секунди и „трчање на 800 метри“ за најмалку 3 минути, и други физички проверки определени од страна на Комисијата),

-Психолошко тестирање (тест за интегритет и психолошки тест)

-Писмено тестирање (општо – образовен тест),

-Интервју (поединечен устен разговор со пријавеното лице),

-Безбедносна проверка и

-Здравствени прегледи (проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите).

6. За пријавените кандидати се врши безбедносна проверка врз основа на нивна претходна писмена согласност. Доколку лицето ја одбива безбедносната проверка, се смета дека не ги исполнува условите за засновање на работен однос во Министерството.

7. Здравствените прегледи во постапката за селекција за проверка на здравствените и психофизичките способности на кандидатите се утврдуваат од страна на Здравствена комисија формирана од министерот за внатрешни работи.

8. При спроведување на селекцијата на пријавените кандидати им се овозможува под еднакви услови да ги демонстрираат своите способности, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, верско уверување, имотна и општествена положба.

9. По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец во времетраење од 1 (една) година, која ќе се спроведе во Центарот за обука во Министерството за внатрешни работи и на истата се упатуваат за 10% поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас, односно во Центарот за обука ќе бидат упатени вкупно 660 кандидати.

10. По завршување на основната обука Министерството за внатрешни работи и кандидатот за полицаец, кој ја завршил основната обука за полицаец и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата склучува Договор за вработување во Министерството, со кој кандидатот за полицаец се стекнува со статус „полицаец – приправник”.

Со договорот за вработување се уредуваат меѓусебните права и обврски и се утврдува дека полицаецот е должен да остане на работа во Министерството најмалку пет години сметано од денот на склучувањето на договорот за вработување. Во спротивно, истиот е должен да ги надомести трошоците направени за неговата обука зголемени за три пати.

11. Рокот за доставување на пријавите изнесува 15 (петнаесет) дена, сметано од наредниот ден од денот на објавување на јавниот оглас (не сметајќи го денот на самото објавување).

12.Ненавремената и непотполната документација нема да се разгледува.

Патријархот Порфириј ѝ го врачи томосот на Македонската православна црква

Патријархот на Српската православна црква Порфириј денеска во Соборниот храм на архиепископот македонско-охридски Стефан му врачи томос за признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква.

Пред да го предаде томосот, Порфириј рече дека се создадени услови Охридската архиепископија да има способност да биде самостојна црква.

Патријархот истакна и дека е многу среќен затоа што и Србите и Македонците во Северна Македонија се среќни за автокефалноста на Македонската православна црква. Патријархот Порфириј препорача МПЦ сега да најде соодветно име.

Исто така, Патријархот Порфириј истакна дека црквата не може да биде и дека не е оружје за постигнување други цели. Тој нагласи и дека оваа одлука нема да влијае на другите канонски области на СПЦ, бидејќи, како што рече, условите во Северна Македонија се различни отколку во другите делови на СПЦ.

Соборот на СПЦ едногласно одлучи да и даде автокефалност на Македонската православна црква – Охридската архиепископија.

Во беседа пред верниците по литургијата во соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје, таа одлука ја потврди и српскиот патријарх Порфириј на 24 мај.

фото: makfaks.mk

Нов медал: Бронза за Дејан Георгиевски во Рим!

Дејан Георгиевски освои бронза на „Гранд при Рим 2022“ Г6 серија, откако во полуфиналето беше поразен од порнешниот олимписки шампион Чеик Салах Сисе од Брегот на Слоновата Коска со 2-4.

Ова е најсилно рангиран турнир во олимписко таеквондо по Олимписките игри и Светско првенство, тоа значи дека е рангиран над Европско првенство.

Во прво коло поради високиот ранкинг на Дејан како носител беше слободен, а второто го победи Роберто Бота од Италија 2-1, додека во трето коло извојува победа над одличниот Маикон Сеиквира од Бразил 2-0.

Ова е прв медал на Гранд при турнирите за Македонија.

Teпачка меѓу доктори и медицински лица во Прилеп

На 2 јуни во прилепската полиција Г.Ј. (48) од Прилеп пријавил дека во амбулантата за спортска медицина лоцирана во Центарот за јавно здравје Прилеп, тој бил физички нападнат од В.Д. и И.С., вработени во болницата.

На 3 јуни К.С. (47), директорка на ЈЗУ Општа болница Прилеп пријавила дека  додека во Одделот за спортска медицина надлежна комисија на болницата требала да го дислоцира стрес-тест апаратот, настанала физичка пресметка предизвикана од докторот Г.Ј. кој бил против одлуката за дислокација на апаратот и ги спречувал службените лица во вршење службено дејство.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот и по целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Во Битола опожapeни просториите на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ (Фото)

Културниот центар во Битола “Иван Михајлов” само што објави дека се опожарени нивните простории.

Во раните утрински часови беше опожарен објектот на Културен центар “Иван Михайлов” – Битоля. Очекуваме институциите во нај брз можен рок целосно да го расветлат случајот и сторителите да ги извадат пред лицето на правдата!!, пишува во нивната објава на Фејсбук.

Полицаец фатен со дрога, колегите го приведоа

Во рамки на засилените активности на Министерството за внатрешни работи за спречување на недозволената трговија со дрога и други кривични дела, приведени се 14 лица кај кои е пронајдена дрога.

Во склоп на акцијата, во содејство со сообраќајната полиција, откриени се 30 лица, меѓу нив и малолетници, кои управувале возило без возачка дозвола, а одземено е и едно возило поради основи на сомнение дека потекнува од извршена кражба.Извршени се и над 70 прегледи на возила.

Меѓу приведените е и Ф.И.(25) од скопско, полициски службеник, кој не бил на работна задача, а при прегледот кај него е пронајдена дрога. За случајот веднаш е известен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и преземени за натамошна постапка.

Министерството за  внатрешни работи продолжува со засилени мерки и активности за гарантирање на безбедноста на граѓаните, а најстрого ќе бидат санкционирани и полициските службеници кои ќе ги прекршат законите на било каков начин.

Еспресото достигна цена од 200 денари: Ручаш во Скопје, плаќаш како да си во Париз

Сѐ уште стоите на мислењето дека само во Охрид е скапо јадењето и пиењето? Е па, охриѓани го возвраќаат ударот!

На Фејсбук страницата „Охриѓани“ беше објавена фотографија од фискална сметка, а на која се гледа дека луѓето кои седнале да ручаат и да се освежат со неколку кафиња и со две-три чашки алкохол во македонската метропола, платиле прилично многу пари за услугата.

На пример, едно најобично еспресо во ова скопско кафуле чини неверојатни 200 денари!

Регулаторна пак со ПОСКАПУВАЊЕ: Ова се новите цени на горивата во Македонија!

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република  Македонија донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 % во однос на одлуката од 2.06.2022 година.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,497%, кај дизелот за 1,882%, кај екстра лесното масло за 4,473% и кај мазутот зголемувањето е за 1,095%.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 2,00 ден/лит, малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 2,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 3,00 ден/лит.

Од 4.6.2022 година од 00:01 часот максималните цени на  нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин    ЕУРОСУПЕР БС – 95    109,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98   111,50 (денари/литар)

Дизел гориво  ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V)  99,50 (денари/литар)

Масло за горење   Екстра лесно 1 (ЕЛ-1)  98,50 (денари/литар)

Мазут М-1 НС   54,640 (денари/килограм)

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,105%.

-Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 4.6.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, велат од Регулаторна.