Category Archives: Македонија

Македонија е едно од најнесреќните места за живеење 😏

Според најновиот светски извештај за среќата на агенцијата „Gallup“, Македонија e едно од најнесреќните места за живеење. Имено, нашата држава се најде на 75. место од вкупно 95 рангирани земји.

Топ три најсреќни места за живеење се Финска со оценка 7,89, Исланд со 7,58 и Данска со 7,51. Зад нив се Швајцарија, Холандија, Шведска, Германија и Норвешка.

На Балканот, граѓаните на Хрватска се најсреќни – на 23. место со оценка 6,51, а неколку места зад нив се и Словенците – на 26. место со оценка 6,46. Потоа следува Косово на 31. место, Србија на 42. место, Босна и Херцеговина на 58. место и Албанија на 63. место. Македонија е најдолу од сите, односно на 75. место.

Од земјите надвор од Европа, само Нов Зеланд се најде меѓу првите десет. САД се искачиле на 14. место, а Канaда е падната на 15. позиција.

Во Азија најдобро се живее во Тајван којашто се најде на 19. место, а во Африка најдобро место за живеење е Нигерија којашто се најде на 59. позиција.

Ќе го изгуби ли денеска Охрид статусот на „светско наследство“?!

Дали Охрид ќе го сочува или пак ќе го изгуби статусот на „светско наследство“ што го носи повеќе од 40 години и ќе се најде на листата „Светско наследство во опасност“ ќе се знае денеска.

Дискусијата за статусот на регионот на Охрид во УНЕСКО се очекува денеска да биде на дневен ред на годишната 44-та сесија на Комитетот за светско наследство при Организацијата на ООН за образование, наука и култура, што се одржува во кинескиот град Фужоу.

До дискусијата за состојбата во охридскиот регион како заштитено природно и културно наследство од исклучителна универзална вредност, според предвидената агенда за работа на Комитетот, има уште пет точки, така што одлуката за нацрт-извештајот и идниот статус на заштитеното културно и природно наследство веројатно ќе се знае во текот на денот.

Во однос на самата нацрт-верзија на одлуката, таа не ги забележува слабостите во односот на државата, институциите, националните и локалните власти со Охридското Езеро и градот Охрид како природно или културно наследство прогласено за светско богатство и за несоодветен одговор на државата и институциите, според белешките забележани од Светската организација, со конкретен предлог регионот да биде запишан на списокот на УНЕСКО за светско наследство во опасност.

Претходно, 34 организации и граѓански здруженија од Северна Македонија и Албанија испратија писмо до Комитетот за светско наследство со барање регионот на УНЕСКО во Охрид да биде запишан на списокот на светско наследство во опасност.

Епилогот од денешната дебата е сигурен, многу веројатно е дека Охрид и езерото ќе бидат ставени на списокот на светски вредности во опасност. Ова не значи нивно бришење од списокот на заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку очекуваниот развој на она што беше посочено со години од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветен третман на брендот признат од светот. Некои од експертите сè уште се на мислење дека можеби ова е вистинскиот начин што ќе отвори повеќе можности за државата, институциите, градот да добијат помош, искуства и механизми на Светската организација во следните активности за надминување на проблемите што доведоа до кон сегашната состојба.

Со платена сметка за струја до македонско државјанство! – Детали за контроверзниот закон

Со сметка за струја, здравствена книшка, имотен лист или отпусна листа како доказ за лекување – вака ќе може да добие македонско државјанство секој кој поседува барем еден од овие документи.  Законот за државјанство, кој првично беше предложен од Алијанса за Албанците и Алтернатива влезе во собраниска процедура – овој пат, поднесен од Владата и тоа со европско знаменце. Ако се изгласа законот, веќе нема да биде потребно ниту одлично познавање на македонскиот јазик кој е официјален јазик на државата.

Предлог законот има 16 критериуми – а за лицето да се стекне со државјанство, доволно е да се исполни само еден од наведените. Согласно промените, се намалува и потребното време на живеење на територија на Македонија – од три на една година.

„Беше изнајдено решение за лицата кои се без државјанство. Законот ќе ги дорегулира тие методи, а целта е да нема лица без државјанство“ – истакна министерот за правда Бојан Маричиќ.

Контроверзниот закон предизвика лавина реакции. Дел од аналитичарите коментираа дека Владата ги крши законите и го употребува европското знаменце за законите кои воопшто не се соодејствуваат со европското законодавство. Пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, предупреди дека во Законот има збир небулози, и доколку се стремиме кон отворање на вратите на Европската Унија, треба да видиме како функционираат другите држави европски држави каде едно  лице кое сака да добие државјанство, мора да живее минимум осум години водржавата и да го знае официјалниот јазик.

И Македонското здружение на млади правници реагира дека текстот на законот е подготвен во нетранспарентна процедура без увид на јавноста и без можност за било какви коментари, мислења и предлози.

Првичниот предлог на Алијанса наиде на блокада од македонската опозиција, по што албанската опозиција настапи со контра блокада на голем дел од законите во Собранието. 

Во вторник почнува 43-от ИЛИНДЕНСКИ МАРШ, дваесетина коњаници ќе јаваат до Крушево

Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“, по повод најголемиот македонски национален празник ,,Илинден”, по 43-ти пат го организира Илинденскиот коњанички марш Горно Лисиче – Крушево, на кој оваа година ќе учествуваат дваесетина коњаници од различна возраст, меѓу кои и две девојки.Маршот започнува во вторник, 27 јули, од паркот „Јане Сандански“ во 17:30 часот. Со дефиле низ главните булевари во Аеродром маршот ќе се упати кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче во 18:30 часот каде што ќе се одржи народен собир проследен со културно-уметничка програма со настап на музичките групи „Некст тајм“ и триото „Џентлмен“ и каде што поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан ќе даде благослов за коњаниците.

43 години достојни на заветот на нашите предци:
,, Кога ќе порасните да одите во Крушево, да се поклоните на славните илинденци, на славните Македонци кои цел свет ги знае по нивните натчовечки херојства за слободата на својата држава – МАКЕДОНИЈА! ” – стои во објавата за настанот на Фејсбук страницата на Здружението:

https://fb.me/e/45jToqiBd

Апасиев до Џафери: Направите ли шверцерат пратете обезбедување, барате бал ќе добиете маскенбал

Пратеникот и претседател на Левица Димитар Апасиев на денешната собраниска седница реагираше дека спикерот Џафери со кршење на Уставот и Деловникот за работа на собранието одбил да ги прими амандманите на Левица. Тој се обрати по повод носењето Закон за државјанство со „европско знаменце“.

„Во 14:00 часот е закажана Комисија за политички систем, имаме поднесено околу 1800 амандмани. Ги поднесовме грижливо, точно според Деловникот, известени сме дека не се проследени. Се обидете ли да направите ШВЕРЦЕРАТ, пратете таму обезбедување, бидејќи Комисија нема да има. Не може само за великоалбанскиот шовинизам да има право на амандмани во ова Собрание! Сакате војна? – Ќе добиете војна!” – кажа Апасиев.

Амандманите на пратениците на Левица за Законот за лична карта исчезнале при преносот од собраниската архива до Кабинетот на собранискиот спикер Талат Џафери, напиша на Фејсбук првиот човек на Левица, Димитар Апасиев.

– Амандманите на Левица за Законот за лична карта ‘исчезнале‘ при преносот од собраниската архива до Кабинетот на Џафери? Дечки, се врти колцето бе. Утре вие ќе бидете опозиција, а ние власт. Тогаш ќе ви поставиме канти во ходник и сами ќе си ги фрлате. Ич да не се мачиме. Фараоне Џафери, ќе кркнеш уште една кривична пријава за узурпација на уставното право на пратеник да предлага амандмани. Си се зафркнал ако мислиш дека со нас вака можеш да се зафркаваш, напиша Апасиев.

Пратете обезбедување во 14 часот на седницата на собраниската комисија, баравте бал ќе добиете маскенбал, му порача пратеникот Димитар Апасиев од Левица на собранискиот претседател Талат Џафери на пленарната седницата која почна со задоцнување од час и половина.

Ова е Собрание, а не улица и не се заканувај од говорница, му одговори Џафери на Апасиев.

Заев си измисли уште два англиски збора (ВИДЕО)

Ublockage (анблокиџ) сакајќи на македонски да каже одблокирање и undipendent (андипендент) мислејќи да каже независно се двата нови зборови во англискиот јазик што вчера ги откри премиерот Заев во интервју за Дојче веле на англиски јазик.

Во интервјуто кое изобилува со фактички и мисловни неоточности но и политички манипулации Заев продолжува да користи англиски јазик иако е јасно дека не го познава доволно при што си дозволува да измислува нови кованици кои никој друг не ги користи.

Предходно Заев “измисли” неколку други англиски зборови како на пример “дискасити” сакајќи да каже дискутирање на англиски јазик.

Експрес.мк

Секоја чест дете: Деветгодишниот Никола донираше матични клетки за неговата сестра

Министерот за здравство Венко Филипче денеска го посети деветгодишниот Никола кој е донатор на матични клетки за неговата сестра.

-Денеска го запознав деветгодишниот Никола, голем херој и инспирација за сите нас. Тој е донатор на матични клетки за неговата сестра на која и е потребен третман со трансплантација на матични клетки. Процедурата афереза на периферни матични клетки, во која донатор е дете, се изведува за прв пат кај нас на Клиниката за хематологија со помош на Клиниката за педијатрија. Сега пациентите нема да патуваат во странство, а и децата ќе може да спасуваат животи на членови на нивните семејства.

На Клиниката за хематологија, во период од 3 години се реализирани над 150 трансплантации, од кои 6 хаплоидентични трансплантации, 20 трансплантации од несроден донор, најсложени интервенции заради кои во минатото пациентите беа праќани за третман во странски центри. Резултатите од третманот со овие интервенции се идентични со оние од европските центри за трансплантација и се пријавуваат во базата на Европската група за трансплантација на матични клетки (ЕБМТ) во која членува и тимот за трансплантација на клиниката од 2003 година. За оваа заложба, посветеност и екпертиза им честитам на моите колеги, напиша Филипче на Фејсбук.

(Фото) Xepoј – Македонец спacил 15-годишно девојче на плажа во Албанија

Страшен инцидент се случил вчера на Градската плажа во Саранда, Албанија, кога 15-годишно девојче било извадено во бесознание од морето, без знаци на живот и помодрено.

Но, животот на девојчето сепак бил спасен благодарение на еден македонски турист, болничарот Јовица Ѓоргиев од Брзата помош.

Тој на Фејсбук раскажа дека извршил итна реанимација која била успешна, па девојчето се освестило.

На ова место на Градската плажа во Саранда извадија 15-годишно девојче (давеник) во бесознание и циенотицни усни со добар пулс. Пристапив по протоколите за давање прва помош на давеници што сме ги давале и со нашите обуки во Брза помош, го реанимирав и девојчето поврати вода и ја доби бојата на лицето како на здрав човек. Така средена и освестена ја предадов на колегите од Брза помош – Саранда во стабилна состојба и сите на плажа ми дадоа големо БРАВО за мојата стручност, смиреност и професионалност. Верувам дека младата девојка ќе биде повнимателна во следните денови“, напиша Ѓорѓиев на Фејсбук.

Пристигнаа 8.000 пара чевли за полицијата (Фото)

Во насока на реализација на стратешките активности за континуирано подобрување на материјално-теничките услови за работа на полициските служби, Министерството за внатрешни работи постојано набавува униформи и друга опрема за полициските службеници. Деновиве, во магацинот на МВР пристигнаа 8.000 пара чевли со тенок ѓон од италијанскиот производите „Гриспорт“, фабрика што инаку ги снабдува и полициите на повеќе земји од ЕУ. Вкупната вредност на набавката на чевлите со тенок ѓон изнесува 25.520.000 денари без ДДВ.

Покрај ова, Министерството за внатрешни работи преку италијанскиот „Гриспорт“ реализира набавка и на 10.000 пара чевли со дебел ѓон, а вкупната вредност на набавката изнесува 37.000.000 денари без ДДВ, како и 10.000 пара полувисоки чевли, набавени преку производителот „Дермал“ од БиХ, со вкупна вредност на набавката од 42.800.000 денари без ДДВ. Испораката на оваа опрема се очекува да биде реализирана во наредниот период. Наскоро се очекува испораката и на 2330 флуоросцентни елеци, 8000 маици, 8000 виндјакни, 20000 кошули…

Нови униформи пред неколку месеци добија Единицата за брзо распоредување, Единицата за обука и поддршка и Интервентната полиција, а во изминатиот период беа обезбедени пловни објекти и мотоциклистичка опрема за полицијата.
Министерството за внатрешни работи продолжува со континуираните набавки на униформи и опрема за полициските службеници и во наредниот период, а продолжуваме и со реконструкција односно реновирање на полициските станици, за да се овозможат подобри услови за работа. Досега се реновирани 56 енергетски ефикасни објекти, а деновиве ќе бидат промовирани реновираните објекти во општина Ранковце и Старо Нагоричане.

Министерството за внатрешни работи продолжува со силна мотивираност да ги гради севкупните капацитети на институцијата и да создава модерна, опремена и стручна полиција, бидејќи само така ќе се придонесе за уште подобри резултати во работењето, во полза на сите граѓани на Република Македонија. 

Заради група антиваксери нема да дозволиме да страда целото општество

5 нови случаи на заразени со делта сојот, од кои 3 се во Тетово. Здравствените власти нема да дозволат цела држава да страда поради граѓани кои не сакаат да се вакцинираат. Рестрикции се можни но од есен доколку дојде нов бран од пандемијата.

Вакцинацијата не е задолжителна, но во исто време размислуваме да воведеме некакви ограничувања од септември или октомври доколку се соочиме со нов бран. Сепак, не можеме сите да страдаме затоа што некој не се вакцинира. Ние не можеме да живееме затворени. Мора светот да функционира, да биде отворен, затоа е и всушност вакцината измислена, за да се врати животот во нормала, вели Филипче

Земјите околу нас процентуално не отскокнуваат многу во бројот на вакцинирани граѓани, па затоа министерот смета дека засега нема потреба од паричен стимул или делење ваучери. Филипче потенцира дека вакцините се достапни секому и овој период треба да се забрза процесот на имунизација.

Филипче рече дека тоа треба да биде прилично висок. Појасни дека со новите агресивни соеви на вирусот, како што е индискиот, кој брзо се шири, а во некои земји има резултати кои укажуваат дека висок процент од заразените се невакцинирани, но може да се заразат и вакцинирани, со тоа што ќе имаат полесна форма на болеста.-Треба да се постигне колективен имунитет од 80 отсто, а ние сме далеку од тоа и затоа се нашите апели и кампањи, и преку министерството, Владата, Канцеларијата на ЕУ, преку УНИЦЕФ со цел граѓаните да се вакцинираат. Достапна е вакцината во сите пунктови, никој од граѓаните кој ќе се пријави за вакцинација нема да биде вратен се со цел да имаме нормален живот, нагласи Филипче.

Околу 500 деца се вакцинирани со Фајзер од пријавени 1.800 на возраст од 12 до 18 години. Во меѓувреме се одвива и теренската вакцинација по руралните средини.