Category Archives: Инфо +

Трагедија: Вања е пронајдена почината

Во околината на Скопје е пронајдено безживотното тело на малолетната В.Ѓ., која беше пријавена за исчезната на 27.11.2023, соопшти Јавното обвинителство.

Истовремено, обвинителството соопшти дека во околината на Велес е пронајдено и телото на П.Ж.(74) од Велес, кој на 24.11.2023 беше пријавен за исчезнат. Во врска со двата случаи, велат од обвинителството, осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице во моментов е во полициска станица.

„Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е ‘користољубие’. Исто така, од реализираните оперативни мерки е утврдено дека малолетничката В.Ѓ. е земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот утврдено е дека била убиена истиот ден (27.11.2023) околу 10.00 часот“, велат од Јавното обвинителство.

Сите осомничени се од македонска етничка припадност, велат од обвинителството, наспроти шпекулациите и дезинформациите според кои овој случај има етничка заднина.

Приведено е лицето кое го симна црковното и го постави албанското знаме на Попова Шапка (Видео)

Вчеравечер е уапсено едно лице кое попладнето од црквата Свети Наум Охридски Чудотворец лоцирана на Попова Шапка прво го симнал знамето на МПЦ – Охридска Архиепискоција а потоа поставил знаме на Албанија.

-Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер (28.11.2023) околу 23.30 часот, по преземени оперативни мерки, го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица. Тој се сомничи дека два часа претходно од јарболот на манастирот „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка, додека немало никој во верскиот објект, го симнал црковното знаме на МПЦ-Охридска архиепископија и на негово место го поставил знамето на Република Албанија. По документирање на случајот против Ј.А., кој при симнувањето на црковното знаме бил со уште едно лице по кое се трага, ќе следува соодветен поднесок, информира МВР.

https://youtu.be/GMXr3JzI6K0?feature=shared

Умре и Флопи – Зоолошка Скопје остана без жирафи

Умре и третата жирафа во скопската Зоолошка градина Флопи. Како што дозна САКАМДАКАЖАМ.МК од  вработени во градината, единствената жирафа која остана во градината починала вчера попладне.

Сега во градината нема ниту една жирафа. Во мај годинава умре Каспер, а во јануари 2021 година Тобого.

Жирафите Тобого, Каспер и Флопи беа омилените жители на посетителите во скопската зоолошка градина.

Роденденската торта на Бајден е хит на социјалните мрежи (Фото)

Американскиот претседател Џо Бајден неодамна го прослави својот 81 роденден, а фотографијата на која позира со торта стана тема на бројни шеги и мемиња на социјалните мрежи.

Имено, Бајден насмеан позира покрај роденденска торта на која беа запалени 81 свеќи. Со оглед на тоа што ги имаше толку многу на мал простор, свеќите се споија во голем пламен, а за тоа се пошегува и самиот американски претседател. „Благодарам на сите за роденденските желби. Излезе дека ви снемува простор за свеќи на вашиот 146-ти роденден“, напишал тој во описот, а следбениците брзо се огласија во коментарите.

„Кој решил да се пошегува за својата возраст, треба да добие покачување“, „Дали таа торта треба да ја претставува Америка денес?“, „Дајте му покачување на неговиот асистент на социјалните мрежи“, „Оваа торта изгледа како неговата крајна дестинација“, „Толку си стар што ти гори логорски оган на тортата“, се дел од коментарите, а реакциите се појавија и на Х.

Уште полесно до работа во Германија: Можат да заминат стручните, но и нивните семејства

Во Германија постепено почнува да се применува новиот Закон за квалификувана имиграција, јави ДПА. Како што од поодамна предупредуваат германските политичари и економски експерти, на земјата итно ѝ треба професионална работна сила. Очекувањата се дека дупките во пазарот на трудот ќе се пополнат со работници од странство.

Измените на Законот за квалификувана имиграција кои беа донесени претходно годинава ќе се спроведуваат во три постепени фази со цел властите навремено да се престројат на новите услови.

На порталот на сојузната влада за стручна работна сила од странство можат да се добијат поопширни информации на германски, англиски, шпански и француски јазик.

Од овој момент многу академци и луѓе со споредливи квалификации од трети земји ќе може со Сината карта ЕУ да доаѓаат во Германија – без проверка на приоритет, односно дали би биле достапни Германци или граѓани на ЕУ за истата позиција, како и без докажување на познавања на јазикот.

Секој кој ги исполнува сите предуслови како стручна сила со професионално искуство или универзитетска диплома, сега има право на добивање дозвола за престој, нешто за што до сега властите имаа дискреционо право за одлучување. Исто така, повеќе нема да има ограничувањето на дејност во струката. Тоа би знаело дека еден квалификуван работник во една струка би можел да најде работа во Германија во друга струка. Од ова исклучок се само професиите поврзани со медицината, правото и педагогијата.

Олеснувања во наоѓање работа преку добивање дозвола од Сојузната агенција за вработување ќе има и за професионалните возачи, а се укинува проверката за приоритетни кандидати и предусловите за познавање на јазикот.

Другите измени ќе стапат на сила на 1 март в година.

Дополнително е регулирано привлекувањето на работна сила од Западен Балкан, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија за кои неограничено важи т.н. „Правило за Западен Балкан”. Од јуни 2024 година годишниот контингент се удвојува на 50 илјади лица годишно.

Германија имаше Закон за квалификувана имиграција уште вo март 2020, со кој тогашната влада на Ангела Меркел сакаше да го олесни пристапот на квалификувани работници од земји надвор од Европската унија до германскиот пазар на труд. Сега тој закон е реформиран бидејќи на многу места сè уште има недостиг од кадри, особено квалификувани работници. Законот во претходната верзија не ги постигнал очекуваните резултати поради пандемијата е проценката на властите.

Она што е ново во новиот закон е воведувањето на таканаречената „Карта за шанса“, која е базирана на бодови. Критериумите за избор на имигранти кои сакаат да работат и ја избираат оваа опција се јазични вештини, работно искуство, возраст и поврзаност со Германија.

Странските стручни работници во иднина мора да заработуваат најмалку 43.800 евра бруто годишно, сума која досега изнесуваше 58.400 евра. Предноста на новиот закон за висококвалификувани професионалци од земји надвор од ЕУ е што во иднина со себе ќе можат да ги носат не само сопружниците и децата, туку и родителите.

Предуслов, сепак, е да имаат обезбедено средства за живот оти во Германија нема да можат да живеат од социјална помош.

Германските компании во моментов не можат да пополнат околу 1,73 милиони работни места.

(Видео) ФИЛМСКО АПСЕЊЕ ВО СКОПЈЕ

Полицијата денеска во центарот на Скопје полицијата денеска уапси уште еден нарко дилер кој беше баран со потерница во врска со оперативната акција „Планина“.

Станува збор за лицето Е.С. од скопското село Грчец, барано со потерница.

На 14.11.2023 во 12.20 часот во Скопје полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишија од слобода С.Е. (23) од с.Грчец, скопско, кој бил баран со потерница по наредба на КПУ Затвор Скопје, а во врска со чл.215 од КЗ на РСМ осуден на казна затвор во траење од три години. С.Е. ќе биде предаден на надлежната казнено поправна установа, објави МВР.

Погледнете како беше уапсено лицето во локал во Скопје. Снимката ја објави порталот 24 Инфо.

https://youtu.be/IMKPhpISGNQ

(Видео) Излегов да берам дренки кога пред мене излезе мечката и ме нападна

Седумдесет и шестгодишниот Минче Рамчески од Пласница вчера излегол да бере дренки кога пред него се појавила мечката и го нападнала.

Мечката го загризала за левата слабина. Беспомошен барал помош и во пресрет излегле ловци кои почнале да пукаат во воздух. Мечката побегнала.

Во разговор со директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, Рамчески зборуваше за нападот.

„Полека со стапчето појдов и стигнав до Горно Село, тоа старо село е. Тука барав дренки, најдов понекоја и седнав на патот. Го оставив стапчето и запалив цигара. Така си седев, кога одеднаш, не знам како се најде тука, пред мене се појави мечката. Ме турна, ме легна долу. Сакав да ѝ дадам отпор, ама не можев. Се исплашив многу“, раскажа мажот.

https://youtu.be/pgypXXyeQhk

Почнал да бара помош, па дошле ловци кои случајно биле во близина.

„Викав ‘Помош, помош’. Ловците пукаа. Им Благодарам што ме спасија. Ви благодарам и вас што дојдовте да ме снимите“, вели човекот.

https://youtu.be/MN43S1aDEBM

Рамчески рече дека годинава наишле на многу места каде што имало стапала од мечки, а видел и мечка на голема далечина.

Штипјанка роди четворка, трите момчиња и едно девојче голема радост во семејството

Штипјанката Благица Зикова од Штип вчера на свет донесе три момчиња и едно девојче на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје.

Бременоста на родилката ја следела докторката Елена Ели Николовска, која го извршила и породувањето.

Бебињата на брачниот пар Благица и Александар Зикови се родени во 31-недела од бременоста и се во добра здравствена состојба.

„Секој што однадвор ќе ни ја подари слободата, ќе ни ја земе земјата“ – Честит 23 Октомври!

Во предвечерието на големиот празник, Денот на македонската револуционерна борба, 23 Октомври, кој годинава се одбележува во знакот на три значајни јубилеи – 120 години од славното Илинденско востание и од загинувањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, како и 130 години од формирањето на ВМОРО, универзитетскиот професор Тодор Чепреганов за весникот ВЕЧЕР вели дека самиот факт што слободата и државата се резултат на самостојната борба на македонскиот народ на страната на антифашистичката коалиција, оди во прилог на зборовите на Петар Поп Арсов.

„Секој што однадвор ќе ни ја подари слободата, ќе ни ја земе земјата“. Се чини дека оваа мисла на еден од основоположниците на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација, големиот Петар Поп Арсов, е актуелна и 130 години подоцна. Во предвечерието на големиот празник, Денот на македонската револуционерна борба, 23 Октомври, кој годинава се одбележува во знакот на три значајни јубилеи – 120 години од славното Илинденско востание и од загинувањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев, како и 130 години од формирањето на ВМОРО, универзитетскиот професор Тодор Чепреганов за весникот ВЕЧЕР вели дека самиот факт што слободата и државата се резултат на самостојната борба на македонскиот народ на страната на антифашистичката коалиција, оди во прилог на зборовите на Петар Поп Арсов.

– Во спротивно, оној што ќе ви подари слобода, ве доведува во позиција на вазалност, неслобода и импотентност. Не сте биле способни самите да формирате држава. Подарената слобода ве става во политичка и државна инфериорна позиција и постојана контрола. Тоа што денес ѝ се случува на Македонија е доказ за безвремената вистина искажана во мислата на Поп Арсов. Мисла што ги обврзува сегашните и идните генерации да ја чуваат самостојноста на државноста. Пораката е дека  борбата за слобода и нејзиното зачувување никогаш не завршуваат – коментира историчарот за весникот ВЕЧЕР.

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, пак, пред десетина дена, во своето излагање по повод одбележувањето на Денот на МАНУ, рече:

– Македонија може и треба сама да се избори за својата подобра иднина. Инаку ќе нè снема, ќе догори чкорчето и стихот ‘македонско име нема да загине’ ќе остане за навек само во песните.

Професорот Чепреганов вели дека 23 октомври 1903 година е врежан во колективната меморија на македонскиот народ како ден кога започнува организираниот отпор на македонскиот народ против Османлиите.

– Никој не може да го оспори фактот, како што денес некој се обидува да го направи тоа, дека 23 октомври 1893, првиот Илинден 1903 и вториот Илинден 1944 година (АСНОМ) се дело на самиот македонски народ. Создавањето и развојот на македонското револуционерно движење е процес чии корени се врежани во историјата и во традициите на македонскиот народ. Тоа се појавило како културно-национално движење во средината на XIX век, а потоа се изразило како национално-револуционерно движење што највисоката зрелост и револуционерна дејност ги доживеало во Македонското (Кресненско) востание и во создавањето на програмата на Македонската лига. При крајот на XIX век, еволуира во политичко-револуционерно движење. Одлуките од Сан Стефано и Берлинскиот конгрес ќе бидат силен мотив за формирање македонска тајна револуционерна организација, која, како политичка сила ,воено ќе го организира македонскиот народ и ќе го предводи во неговото ослободување – вели историчарот за весникот ВЕЧЕР.

Додава дека револуционерните идеи во Македонија, преку самите учители, успевале да добијат широк замав. Во Бугарија, тоа го правеле македонските друштва, а преку списанието „Лоза“, тие идеи се афирмирале уште повеќе, поради што друштвата биле забранувани, а револуционерите прогонувани. Од тие причини, македонските учители Даме Груев и Пере Тошев во учебната 1892/1893 година, под влијание на позитивната револуционерна плима, во Прилеп ја разработиле идејата за основање револуционерна организација во Македонија.

–  Во исто време, во Солун, група истомисленици: Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов и д-р Христо Татарчев работеле на идејата дека „само една тајна револуционерна организација може да го пресече патот на туѓите пропаганди во Македонија“. Со истата идеја бил запознаен и Гоце Делчев, кој веќе имал изградено свое мислење за тоа прашање. Според негo, требало да се формира „револуционерна организација внатре во Македонија и таа да дејствува таму за да не се смета од Србите и од Грците за бугарско орудие; основачите да се месни жители што живеат во Македонија, политичката лозинка на Организацијата да биде автономија на Македонија; Организацијата да биде тајна и самостојна, без да влегува во врска со владите на соседните држави; а од македонската емиграција во Бугарија и од бугарското општество да се бара само морална и материјална помош во борбата на македонските револуционери – појаснува професорот Чепреганов.

Додава дека на 23 октомври 1893 година, во Солун, бил одржан состанок на група македонски револуционери: Даме Груев, Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев и Антон Димитров, кои ја основале Македонската револуционерна организација и тоа на следните принципи: Организацијата да биде револуционерна; револуционерната дејност да се спроведува строго конспиративно; да дејствува исклучително на територијата на Македонија во нејзините природни граници; во Организацијата да се примат лица кои се родени и живеат во Македонија без разлика на народноста и на верата; Организацијата да дејствува за остварување политичка автономија на Македонија.

– Илинденското востание дојде како резултат од десетгодишната револуционерна активност на МРО. Тоа претставуваше највисок дострел на антиосманската ослободителна револуција и беше понесено исклучиво од организираните македонски народни маси, потпирајќи се само и само на сопствените сили, што треба да биде показ и денес на денешните политичари дека само со сопствени сили, со интегритет и единствени може да се постигне и да се реализира поставената цел – појаснува професорот Чепреганов.

Во чест на Денот на македонската револуционерна борба, кој е прогласен за државен празник и неработен ден за сите граѓани, ќе се одржат пригодни манифестации. (Е.А.)

Вечер прес

На Бугаринот Виктор Стојанов изречена му е доживотна забрана за влез во Македонија

„На претседателот на бугарската фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, изречена му е доживотна забрана за влез во Македонија, Ова го потврди тој за порталот „Лупа.бг“. Тој веќе имаше забрана од една година и 3 месеци. Кога му завршила се упатил кон Скопје, но бил вратен назад на граница бидејќи забраната му била продолжена на неодредено време.

„Добив доживотна забрана за влез во Македонија. Нема причина да не ми биде дозволен влез во земјата. Немам ни казна за непрописно паркирање таму, но непожелен сум. Во РСМ имам спроведено над 500 хуманитарни иницијативи, се обидов да му помогнам на Скопје побрзо да влезе во ЕУ, како и да ги зближам двата народа. Наместо благодарност, добив забрана. Ќе ја запознаам со ова Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) на Советот на Европа. На овој начин работите нема да останат незабележани“, рече Стојанов.

Тој потсети дека поради омраза кон бугарскиот народ, влезот на Северна Македонија во ЕУ беше одложен. Оваа одлука беше донесена на Самитот на Берлинскиот процес во понеделникот во Тирана. Зелено светло на патот кон евроинтеграциите добива само Албанија, за која во јануари следната година се отвора преговарачко поглавје.

„Некои опозициски партии се виновни за заостанатоста на Северна Македонија, како и претседателот Стево Пендаровски. Наместо да гради мостови меѓу двете земји, тој постојано ги уништуваше“, истакна Виктор Стојанов.

Според него, Албанија целосно заслужува да го продолжи својот пат кон европската интеграција. Има многу добро законодавство за малцинските права. Во земјата живеат 100.000 Бугари, а во Тирана 12.000. Од Бугарите таму има советници на министри, Бугарите се и директори на претпријатија.

Фондацијата „Македонија“ е активна и во Албанија. Обезбедуваме учебници, алатки, таблети. Таму сме добредојдени и не чекаат“, истакнува Стојанов.