Tag Archives: АлиАхмети

Сватот на Али Ахмети ја купи и Жито Караорман во Кичево (Фото)

Сватот на Али Ахмети, Селаудин Арифи ја проширува својата бизнис мрежа во Кичево и минатата недела ја завршил зделката и ја купил мелницата Жито Караорман. Арифи е сопственик на АС Сењак фирма која е регистрирана во скромното финансиско портфолио на Тхор- компанијата на внукот на Ахмети, кој што ја купува Соравиа во центарот на Скопје. Обвинителството отвори предмет по допрен глас, а засега нема информации за трансфер на пари за Соравиа ниту пак што е откриено. Првите пари за прокетот Соравиа на Дрин Ахмети стигнаа од банката Крединс од Тирана, банка чиј генерален директор бил убиен пред 9 години од убијци на мотори кои се уште не се откриени, пренесува Телма.

Во петокот, Македонската берза го добила известувањето од кичевската фирма Жито Караорман дека имаат нов сопственик. Станува збор за Селаудин Арифи, сопственик на компанијата АС Сењак кој откупил повеќе од половина акции во Жито Караорман.

Арифи и неговата компанија Сењак се најдоа во истражувањето на КОД и Телма откако беше утврдено дека имал финансиски релации со компанијата Тхор на Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ. Потоа беше потврдено и дека Арифи е сват на Али Ахмети, односно неговата ќерка е вереница за Шкумбин, синот на претседателот на ДУИ.

Последните месеци Тхор на Дрин Ахмети и АС Сењак на Селаудин Арифи имаат големи бизнис зделки.

АС Сењак има акции во АД Европа, има раширена нискоградба, пред неколку месеци, друга фирма чиј сопственик е од сватовската фамилија Арифи купи голема бензинска пумпа на влез во Кичево, а истовремено неколку месеци на кичевски таблички го префрлија и над 400 илјади евра скапиот Ролс Ројс Фантом кој откри многу врски меѓу бизнисите на членови на семејството на Али Ахмети.

Последниот „шопинг“ на фирма од Арифи е Жито Карарорман, откако претходно Селаудин Арифи се ослободи од акциите во Жито Полог каде до почеток на јуни сватот на Ахмети беше бизнис партнер со Сергеј Самсоненко, Ненад Јосифовиќ и Орка на Камчев.

Дрин Ахмети преку Тхор, договори 39 проценти од центарот Соравија без да вложи евро по што почнаа истражувања за капиталот кој го излева следната генерација на семејството Ахмети низ Македонија.

Неколку недели и стотици објавени информации за оваа мрежа му требаа на обвинителот Ислам Абази, раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за да одлучи и по допрен глас да отвори предмет само за Соравиа. Абази исто така е од Зајас, а има и фотографии со таткото на Дрин Ахмети, за кого отвори предмет.

Досега нема никакви информации за текот на истрагата. Единствено познато е дека низ македонските финансиски текови не поминала првата зделка од 3 милиони евра за долг на Соравиа кој бил уплатен кон доверител на Соравиа.

КРАЛОТ Е ГОЛ!

Истражните органи продолжуваат да молчат пред силните сомнежи за можна злоупотреба на милиони евра од членовите на семејствата на функционерите на ДУИ, вклучително и членовите на семејството на Али Ахмети, се вели во реакција на Алтернатива.

„Бараме правосудните органи да ги истражат сите индиции и да го докажат потеклото на имотот на оваа династија, создадено на грбот на проблемите на Албанците. Се чини дека ДУИ била добро обучена за време на режимот на Груевски. Тогаш беа Груевски и фамилијата, сега се Ахмети и фамилијата, Груби и фамилијата, Мерко и фамилијата… Како ДУИ да беше огранок на Коза Ностра, а не политичка партија. Стана јасно каков беше гласот на раководството на ДУИ за ветинг. Ова беше политичката измама на векот. За да се сокрие богатењето на семејствата на ДУИ, мораше да се истражи имотот на сите други, освен нивниот“, се наведува во реакцијата.

Овие индиции за корупција, додава Алтернатива, спротивно на вредностите на ЕУ и НАТО, се најсилната потврда дека предлог-уставниот амандман на партијата ја удира во срце политичката корупција на високо ниво. Од партијата велат дека кога ќе се овозможи кривичните дела вршени од избраните и именуваните лица никогаш да не застарат, тогаш ќе бидеме сигурни дека нема спас дури и за оние кои можат привремено да влијаат врз одлуките на истражните органи.

„Едно е сигурно: „Кралот е гол“, додека Албанците веќе гласно зборуваат за ова“, велат од Алтернатива.

Немаше да ја има Македонија да не беше чичко ми, ама има нула во мојот бизнис, вели внукот на Али Ахмети

Точно е дека Али Ахмети ми е чичко, Бог да го благослови. Тој е мојата мотивација. Ахмети ѝ помогна на оваа земја, но тој нема ништо со мојот бизнис. Нула, тврдеше денеска на прес-конференција неговиот дваесет и петгодишен внук, Дрин Ахмети кој е сопственик на „Тор индустри“, компанија која заедно со албански бизнисмен го купуваат деловниот центар „Соравија“.

– Али Ахмети ми е чичко и Бог да го благослови. Тој ми е мотивација. Ахмети и помогна на оваа држава. Немаше да ја имаме Македонија денес ако го следевме Љубчо Георгиевски кој ќе ја поделеше државата. Али Ахмети не го потпиша тоа и вие не го цените доволно. Горд сум што го имам за чичко, но тој нема ништо со мојот бизнис. Нула. Ова што го прават медиумите сега, прави штета на мојата мрежа на соработници, рече Ахмети.

Ахмети има само 25 години, се школувал во САД и не зборува македонски, но вели тоа не му е проблем иако повеќето од вработените му се етнички македонци со нив комуницирал на англиски.

„Живеам во Македонија. Многу луѓе, особено луѓето со кои работам зборуваат англиски јазик. Имам 85 проценти од вработените, кои се етнички Македонци, и тие говорат англиски јазик. Не гледам проблем во тоа. Мислам дека младите луѓе не ги засега оваа тема. Учат албански, учат јазици ако им помагаат во кариерата“, рече Дрин

Акциите на новите сопственици на Соравија се поделени 59 % „PE-VLA-KU SH.P.K.“ градежната компанија од Албанија, 39 отсто, „Thor Industries“, компанијата на Дрин Ахмети и 10 % останува на Соравиа.

Ахмети денеска изјави дека тие 39 отсто од уделот во деловниот објект во центарот на Скопје ги добил како дел од финансиската конструкција и претприемачкиот дух.

„Јас ќе го водам деловниот објект Соравиа и затоа добивам 39 отсто. Кредитот кој го подигнавме во висина од 6 милиони евра од албанската банка Крединс банк за да ја купиме Соравија е на име на господинот Пјетерџокај. Го презедовме долгот од 20 милиони евра на Соравиа. Тој таму е акционер и има добра репутација, затоа банката лесно му го одобри задолжувањето. Ова е бизнис и секој бизнис е ризик, затоа ако не одат работите како што треба, ние деловната зграда ќе ја ставиме на продажба“, рече Дрин Ахмети

Абе, ти ме донесе тука за да ме „работиш“ или да ме паркираш?!

Христос воскресе, навистина воскресе! Да ни е честит и вековит Велигден!

Искрено, пријатно се изненадив од нашиот премиер намесник Димитар Ковачевски. Од спроведувањето на контролата на замрзнатите цени на прехранбените производи разбрав дека бил домаќин, зашто ѓоа купуваше и полнеше торбичка пред камери.

И си плаќаше од свој џеб. Ама дека знае и јајца да вапца, навистина не знаев. А, да кажеше на време, ќе го замолев да им помогне на оние граѓани за кои и јајцата и бојата претставуваат луксуз.

Не дека ги има малку. Со еден мастраф. Зашто, болук времињата одамна поминаа и илјадници, илјадници граѓани денот го минуваат со 150 денари. А, со нив не можат да купат ни едно пакување јајца и боја, зашто тоа би значело дека еден цел ден ќе требало да останат без залак в уста.

Нејсе. Од велигденската честитка ми стана јасно дека премиерот намесник не се откажува од платената пропаганда. Отидоа јабана уште 260 евра, односно уште една минимална пензија или уште една за малку помала минимална плата. Некој може да забележи дека јабана ни отиде државата, а јас, пак, „ситничарам“ за една минимална пензија или минимална плата. И ќе биде во право.

Зашто, што е една велигденска видео-порака, со силна порака во која има шмек и приватниот бизнис на сопругата на премиерот намесник. Богами, Бирото за развој на образованието треба добро да размисли таа да стане и составен дел од образовната програма на првоодделенците.

Со нивните мозочиња сунѓерчиња веднаш ќе сфатат што значи зелената боја. Зелената боја е зелена иднина, а зелена иднина е зелена енергија, зелена енергија е поевтина електрична енергија. А, поевтина електрична енергија значи пониски сметки за мама и тато и затоа тие не треба многу да се вознемируваат, што сопругата на нашиот премиер намесник добила државно земјиште, таму некаде во „пизденци“, по цена за метар квадратен колку што чини килограм компир со замрзната цена.

Ама таа цена ја утврдила бившата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови бил и актуелниот градоначалник на општината на чија територија се наоѓала парцелата. Па што?! Премиерот намесник е повеќе од една година на власт и токму во таа година инфлацијата достигна астрономски височини, ама не дека не му текнало дека цената на државното земјиште е бесмилена, туку така му одговарало.

Од сопруга, балдска и кум нема поблиски. Уште поврзани со бизнис, за мерак. Се сеќавате како пееше „Калауз бенд“ во „Грабежот на Третиот рајх“? „Само ја свирам жицата ге, „изем“ ти живот без тебе, без тебе куме е како на робија, со жолта лента не сум човек јас …“.

Да, со жолта лента никој не е човек, а на робија оди тој што ќе заслужи.

И во оваа Страсна недела не можевме без страстна политика. Со договорот за изградба на делниците од коридорите 8 и 10д владејачката гарнитура на СДСМ и на ДУИ ни покажа две работи. Прво, како со пари на граѓаните, даночни обврзници, едноставно се прави обид да се купи власта и второ, како со еден договор бескрупулозно се краде сопствниот народ!

А, парите, што ќе треба да се дадат за делниците и само почетно се проценуваат на 1,3 милијарди евра, ќе треба да ги враќаат генерации и генерации македонски граѓани. И што попрво ќе треба да прават, да живеат или да ги враќаат долговите на Таче?!

Ако до сега бев длабоко убеден дека премиерот намесник Димитар Ковачевски е седнат во скутот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, откако изби скандалот со Бехтел и Енка сум на два ума. Дали покрај во скутот на Ахмети, нашиот Таче не седи и во скутот на првиот вицепремиер и главен координатор за контрола на изградбата на коридорите 8 и 10д, Артан Груби?!

Обајцата веќе отворено си поигруваат со него. А, во добар дел нивните релации потсетуваат на еден стар виц. Тоа е вицот во кој се говореше за тоа како „запалени“ сопружници одлучиле да водат љубов во сопствниот автомобил. Арно ама автомобилот си е автомобил, тесно во него. И сопругот ја замолува сопругата да се помести де малку понапред, де малку поназад, де малку лево, де малку десно…Се додека на сопругата не и дошло преку глава и не му свикала на сопругот-Абе, ти ме донесе тука за да ме „работиш“ или за да ме паркираш?!

Однапред му се извинувам на понежниот женски пол, зашто потсетувањето на вицот нема ни случајно за цел да си поигрувам со неговите чувства. Напротив. Сакам само да ја илустрирам политичката слика и немоќта, што ја остава пред јавноста премиерот намесник.

Зашто, не може истиот тој премиер намесник еден ден да има еден, а друг ден сосема друг став, идентичен со ставот на првиот вицепремиер. А, да не говориме за другите претставници и од Владата и од партијата СДСМ околу обелоденувањето на целата содржина на договорот за изградбата на делниците од коридорите 8 и 10д. Едноставно, апсолутно неприфатливо е интерсот на странските компании да се стави пред јавниот интерес во државата.

Оттука, крајно јалови, па дури и смешни изгледаат речиси секојдневните партиски соопштенија на СДСМ поврзани со уставните измени, во кои на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и на самата најголема опозициска партија им се даваат улоги на заложници на Димитар Апасиев и на Левица како анти-не знам какви ти не политички субјекти. Едноставно, пропагандистичкото „заложништво“ на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ се неспоредливи со политичкото „паркирање“ на Таче и на СДСМ во скутовите на Ахмети, на Груби и на ДУИ!

Со кој образ излегува премиерот намесник Димитар Ковачевски и во Страсната недела да се прави голем мангуп и меѓу другото да каже:

-Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник, така да е нерелевантен за тоа прашање (вметнувањето на македонските Бугари во Уставот н.з.), а и многу често ги менува своите ставови.

Види мајката, што би рекол неговиот претходник. А, зошто мисли дека тој или уште десетици имиња, кои влегоа во т.н. работна група за промена на Уставот, се релевантни за таквите активности? Или, пак, смета дека само пратениците се одговорни за тоа?

Израз на немоќ Таче, немоќ! И ништо ниту помалку, ниту повеќе од тоа! Најмалку е некаков мангуплук смислен во твоите партиски пропагандистички лаборатории.

Напротив. Вината за тоа во каква состојба ги доведе Македонците и целосната поделност меѓу нив лежи само кај твојот ментор Зоран Заев и кај тебе лично. Зашто, обајцата презедовте обврски, што ниту еден разумен политичар не би ги презел.

Тргнувајќи од фактот, што за период од пет години, без никакви анализи, потпишавте два договора со иста држава-Република Бугарија, за иста цел-почеток на преговорите за членство во ЕУ. И сега чорба Македонче! Епа чорба!

Дали Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија го понудивте на изборите во 2016, или, пак, т.н. француски предлог на изборите во 2020 година? Не. Дали било која друга земја кандидат за членство во ЕУ имала исти критериуми за почеток на преговорите? Не. Дали билатералниот спор стана европски? Да. Дали направивте целосна анализа и истата сте им ја предочиле на граѓаните, што ќе значи практично внесувањето на македонските Бугари во Уставот? Не. Дали сте преземале обврски, без постигнат внатрешен консензус, што уставно, како извршна власт, не ви припаѓаат? Да. Дали целата европска свита, која престојуваше во Скопје пред уставните измени за промена на државното име, не не убедуваше дека тоа ќе биде последното барање за отстпки од Македонија? Да. Дали вметнувањето на Бугарите во уставот по влезот на Македонија во ЕУ не беше официјален ваш став при посредувањето на Франција? Да. Дали успеавте да се изборите за тоа? Не. Зошто? Затоа што сте неспособни да го одбраните националниот интерес. Ете затоа.

И сега вие ќе се продавате за релевантни, а сите други се нерелевантни. Море ај носете се со вашата релевантност!

Република

Груби опседнат со Ахмети – му заблагодари за „сонот (за автопатот)“, па објави фотографија од Али со цигара

Првиот вицепремиер Артан Груби не пропушта можност јавно да ја покаже својата лојалност кон партискиот шеф во ДУИ, Али Ахмети, за што го искористи официјалниот почеток на изградбата на автопатските делници од американско-турската градежна компанија „Бехтел и Енка“.

„Посакувам успех во градежниот процес и изразувам благодарност до сите соработници за нивната искрена посветеност, до амбасадата на Соединетите Американски Држави за нивната поддршка, а особено до Али Ахмети кој ни го даде сонот за чија реализација посветено работиме!“, рече тој пред присутните на свеченоста.

На својот профил на Фејсбук, пак, Груби објави и нова фотографија од Ахмети со цигара в уста.

„Потреба за ќеф вечерва со чадот директно нагоре. Запомнете го овој ден пријатели…“, напиша тој во придружниот коментар на фотографијата:

Ахмети: НЕ ОТИДОВ ВО ХАГ затоа што борбата ми беше ПРАВЕДНА

Ајде вечерва да разговараме и да видиме што сме направиле, што сè уште не сме направиле и што треба да направиме. Вечерва сме тука по речиси тринеделни средби. Ајде да докажеме дека стоиме зад мирот и младите, нема да го напуштам бродот без да ја ставам ДУИ на реформскиот пат, изјави во Желино лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Јас сум за младината, да ја поддржиме и да останеме силни затоа што само со поддршка од заслужените луѓе може да ги водиме процесите напред. Помина времето на квантитетот, денес ни треба квалитет. Денеска треба да видиме како треба да постапиме, бидејќи Европа не не прифаќа без стандарди. ДУИ е добро организирана и  етаблирана партија, така што оваа партија е наше национално богатство. ДУИ е крвта на затворените, мртвите Албанци, тоа е дело на интелектуалците, затоа сите идеалисти и мисионери  застанаа покрај нас, инвестираа и инвестираат, а секако да не ја заборавиме и жртвата на нашиот народ. Посветени сме на мирот, стабилноста, развиената економија, борбата против криминалот и корупцијата како и  ефикасната администрација. Албанеците денес се одлучувачки фактор во државата.  Бујар не претставува во ОБСЕ, Фатмир не прави горди со Светска банка, Насер, Крешник и Артан… колку повеќе инсталираме вредности, толку повеќе непријатели се создаваат. Ова не му се допаѓа на Мицкоски и знам зошто, не отидов во Хаг затоа што борбата ми беше праведна, па нека не ми одговара со калаш. Тој ја гледал војната само на телевизија, додека јас сум потпишал меѓународни договори.

Тој праша зошто инвестирале во стабилност?

Придонесовме за решавање на спорот со името, преговораме  со ЕУ со единствена цел на овој регион да му ја загарантираме мирот и стабилноста. Времињата се променети, не треба да ги повторуваме трагедиите, туку треба да размислуваме за нови можности. Имаме рани кои не зараснуваат така лесно, многу луѓе загинаа за оваа земја, но одмаздата не е решение. Косово мора да најде решение со Србија, бидејќи во овие времиња Русија е заинтересирана за крвопролевање и конфликти. Градејќи го проеропскиот фронт се приклучуваме кон прогресивни процеси, кон нови стандарди, така што ниту Мицкоски ниту Албанците кои работат покрај Мицкоски не можат да го спречат ова затоа што ние сме за напредок, а не за уназадување. Членството во ЕУ ја запира имиграцијата, ја зајакнува економијата, платите и животниот стандард, така што членството во ЕУ дефинитивно мора да се случи, бидејќи ова е наша заедничка жртва за да постигнеме успех, изјави Ахмети

Таравари се премисли – Од нездрав, Ахмети сега е добар со здравјето

ТВ Алсат му го упати ова прашање на лидерот на Алијанса на Албанците кој е и редовен професор по неврологија на Медицинскиот факултет во Скопје, дали се’ уште мисли дека Али Ахмети има проблеми со здравјето.

Имено 28 октомври 2021 година во изјава за медиумите Таравари ја изрази својата „загриженост“ дека првиот „интегративец“ не е добар со здравјето.

„Мислам дека Али Ахмети има вистински здравствени проблеми и му посакувам час поскоро да има успешна пензија, бидејќи за еден, или за два месеца ќе отиде таму каде што треба“, рече тогаш Таравари.

Но, вчера, како што пренесува ТВ Алсат, Таравари го сменил мислењето за здравствената состојба на Ахмети.

Во политиката, одвреме-навреме се критикуваме еден со друг, кажуваме понекој збор, што може да биде навредлив. Јас не гледам овде некаков навредлив збор за Ахмети. Имав кажано дека од далечина се гледа оти не е добар со здравјето.

Но, тој не е мој пациент, треба да кажат лекарите, ако направи контрола и ако има проблем. Ако нема, тогаш немам што да кажам„, изјави вчера Таравари.

Генерал Ангелов до командант Ахмети: Победивме секаде каде што имавме наредба да војуваме…

Изјавата на Ахмети е некоректна, неполитичка дури би ја нарекол и безобразна. Да се споредува нападот на Русија врз Украина со одбраната на Македонија во 2001-та е неточно и невкусно бидејќи се работи за два сосема различни воени конфликти. Ова е одговорот на генералот Стојанче Ангелов, бранител, на изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети на партискиот собир во Шипковица кога кажал дека за време на средба со делегација од Украина рекол: „Вие ќе ја добиете оваа војна. Бидете силни и никогаш не се предавајте, така победивме и ние, бидејќи ние не се предадовме никогаш!“

Во 2001 година Република Македонија и нејзините вооружени беше нападната од УЧК, вели во реакцијата на својот фејсбук-профил Ангелов.

„Со комуникето број 4 УЧК побара од ‘славомакедонците’ да ги напуштат вековните албански огништа. Но ние, припадниците на македонските безбедносни сили, војувавме насекаде каде што имавме наредба да војуваме, победивме секаде каде што имавме наредба да војуваме, ја одбранивме нашата татковина Македонија и не дозволивме да биде отцепена ниту педа македонска земја.

Откако од УЧК увидоа дека никако не можат да се спротивстават на македонските безбедносни сили, ја сменија стратегијата, а со тоа и реториката и наместо борба за ослободување на вековните албански огништа, почнаа да зборуваат за борба за човекови права. На тој начин, преку ноќ, од убијци и разбојници, како што ги нарекуваше тогашниот генерален секретар на НАТО Џорџ Робертсон, станаа борци за човекови права.

Сакам да верувам дека изјавата на Ахмети е кажана наменски, како дел од  политичкиот говор за подгревање на националната атмосфера на собирот во Речица, но апелирам до сите политичари, посебно до највлијателните, да бидат исклучително внимателни и да престанат да користат ваква распалувачка реторика. Бидејки, само неколку погрешни реченици може да предизвикаат значаен чекор назад кон влошување на меѓуетничките односи, нарушувајќи го процесот на помирување на кој макотрпно работиме години наназад“, вели Стојанче Ангелов, претседател на партијата на бранителите Достоинство.

Лимани „го запука“ Ахмети: Ова се САРАИТЕ на АЛИ Паша, дали навистина мислевте дека вечно ќе молчиме ? (ВИДЕО)

Потпретседателот на Движењето БЕСА, Фатмир Лимани, излезе со нови обвинувања против првиот човек на ДУИ, Али Ахмети за неговите богатства и имоти.

САРАИТЕ НА АЛИ ПАША ВО МОЛК!

• Дали навистина мислевте дека вечно ќе молчиме, за да го чувствувате луксузот со вкус и во целосен мир?!

• Мислевте дека молкот е поради стравот дека можеме да бидеме елиминирани и да ги казниме нашите семејства?!

• Набивањето со разумност е нашето воспитување од нашите предци, кои нè научија на културата на разумност, но и ни ги покажаа границите на трпението кои не треба да се надминуваат и толерираат.

• Додека ние имаме затвори како племе и никогаш не се плашиме од никого затоа што сме биле тестирани во минатото со освојувачи од вашиот вид.

ПРАШАЊА НА КОИ ТРЕБА ДА СЕ ОДГОВОРИ:

-Штабот во Тетово (кај палатата на културата) со чии пари и на чие име е купен?!

-Штабот во Скопје (во Чаир) со чии пари и на чие име е купен?!

-Вилата во заливот Лалез со чии пари и на чие име е купена?!

-Хидроцентралите на реката Бачишти во име и сопственост на кое лице се?!

-Кога и за колку се купени парцелите?!

-Со кои пари се купени парцелите околу Сарајот на Али?!

-Надоместокот на швајцарскиот суд, за злоупотребената пензија од Али бег, од кои фондови се враќаат средства?!

-4.000.000 евра од Фондот „Национална слобода“ што останаа по војната, каде отидоа, кој ги зема?!

*ПС: Осмели се и сподели да те видат сите, жртвувај се за твоето дете утре да биде блиску до тебе, на денот кога даваш душа,  да ти даде чаша вода …

Продолжуваме…“, напиша Лимани.

Ахмети до украинска делегација: Ќе победите како што УЧК победи во Македонија 2001, не се предавајте

Лидерот на ДУИ Али Ахмети на украинска делегација со која разговарал ѝ дал совет Украинците никогаш да не се предаваат, како што не се предала УЧК во 2001 година во војната во Македонија, пренесуваат медиуми на албански јазик.

– Војната Русија-Украина и натаму претставува жешка зона. Се сретнав со една делегација од Украина и им реков: ‘Вие ќе ја добиете оваа војна. Бидете силни и не предавајте се никогаш, така победивме и ние, бидејќи ние не се предадовме никогаш!’ – рече синоќа лидерот на ДУИ Али Ахмети на партискиот собир во шарпланинското село Шипковица“ – објави телевизијата на албански јазик „Шења“.

За Украина тој рече дека „како земја сме се солидаризирале со оваа држава, која се наоѓа во војна, но немаме повеќе можности да сториме, освен да им испратиме музичка група“.

– Ние сме се солидаризирале со Украина морално, но само толку можеме. Бидејќи оние оружја, што ги имаме, тие не ѝ требаат на Украина. Или можеме да им испратиме музичка група, друго нешто не можеме да им однесеме – рече лидерот на ДУИ на партискиот собир во Шипковица.

Бездруго инспириран од Украина, потоа Ахмети, како поранешен врховен командант на УЧК, а сега претседател на ДУИ, евоцирал спомени од партискиот собир во Шипковица, а потоа дел и од своите „послевоени спомени“, велејќи: „ДУИ е дом на војници, бидејќи 10 илјади војници потпишаа за создавањето на овој дом со име ДУИ.“