Tag Archives: апостол

Денеска е Светиот апостол Акила

Еден од седумдесетте апостоли. Како Евреин живееше најнапред во Италија со жена му Прискила. Кога царот Клавдиј нареди да се протераат Евреите од Рим и од Италија, тогаш Акила се пресели во Коринт, каде што првпат го запозна апостолот Павле, кој остана во неговиот дом една и пол година и го крсти него и жена му.

Горејќи од ревност за верата Христова Акила и Прискила го придружуваа Павле во Ефес и му помагаа во апостолското дело. Од Ефес Павле го напиша своето Прво послание до Коринтјаните, во кое при крајот вели: „Ве поздравуваат многу Акила и Прискила со својата домашна црква“ (16, 9).

По смртта на царот Клавдиј, на Евреите им беше дозволено да се вратат во Италија, па Акила и Прискила се вратија во Рим. Потоа пишувајќи го Посланието до Римјаните од Коринт, Светиот апостол Павле ги поздрави своите стари пријатели и сотрудници: „Поздравете ги Прискила и Акила, помошниците мои во Христа Исуса, кои за душата моја своите души ги положија, на коишто не јас еден им благодарам, туку и сите цркви незнабожечки, и домашната црква нивна“ (16, 3-4).

Подоцна повторно го гледаме Акила во Ефес, каде што дејствува заедно со Свети Тимотеј. Окован во Рим, Павле му пишува на Тимотеј во Ефес: „…поздрави ги Акила и Прискила“ (II Тим. 4, 19). Како епископ Акила крсти многумина и ги просвети со верата, урна идоли, соѕида храмови, постави свештеници и ја пронесе меѓу луѓето славата на Божјиот воплотен Син. Најпосле беше убиен од озлобените незнабошци и се пресели во Царството на Господ Христос.

Светиот апостол Јуда – го распнаа и убија со стрели за проповедање на Евангелието

Еден од дванаесетмината. Син на Јосиф и Салома (но не Саломија Витлеемска), а брат на Јаков, братот Господов. Со Салома, ќерката на Ангеј (син Варахиин, Захариев), Јосиф дрводелецот имаше четири сина: Јаков, Јосија, Симон и Јуда.

Овој Јуда понекогаш се нарекува и Јуда Јаковов, по брат му Јаков, којшто е попрочуен од него. Своето послание свети Јуда го почнува вака: „Од Јуда, слуга на Исуса Христа, брат Јаковов.“ Иако и тој можеше да се нарекува брат Господов колку и Јаков, тој тоа не го правеше од смирение и срам, зашто во почетокот не Му веруваше на Господ Христос; и кога старецот Јосиф пред смртта сакаше да му даде дел од имотот и на Исус како на сите свои деца, сите па и Јуда, се спротивставија на тоа, освен Јаков, којшто драговолно одвои дел од својот имот и го намени за Исус.

Јуда уште го нарекуваат и Левиј и Тадеј. Има уште еден Тадеј, од седумдесетмината апостоли (21 август), но овој Тадеј или Јуда когошто Црквата го слави на денешен ден беше еден од големите апостоли. Го проповедаше Евангелието по Јудеја, Самарија, Галилеја, Идумеја, Сирија, Арабија, Месопотамија и Ерменија.

Во Едеса, градот на Авгар, ја дополни проповедта на оној другиот Тадеј. Кога проповедаше во пределите околу Арарат, го фатија незнабожците, го распнаа на крст и го убија со стрели, за вечно да царува во Царството Христово.

Денеска го славиме Светиот Апостол Вартоломеј

Еден од дванаесетте големи апостоли. Вартоломеј и Натанаил, по сè изгледа, се две имиња за едно лице; името му е Натанаил, а Вартоломеј е според татковото име, односно значи „Син на Толомеј“. Заедно со светиот апостол Филип и сестрата на Филип, девицата Маријам – а некое време и со свети Јован Богослов – го проповедаше Евангелието најпрво во Азија, потоа во Индија и најпосле во Ерменија, каде што и заврши маченички.

Овие Свети апостоли ја умртвија големата змија којашто незнабошците ја чуваа во храм во Јерапол и ја почитуваа како божество. Во истиот град му подарија вид на Стахиј, кој беше слеп полни четириесет години. Таму против нив се крена толпа народ и ги распнаа на крст и Филип и Вартоломеј, а Вартоломеј го распнаа со главата надолу.

Тогаш затресе земјотрес во којшто загинаа злите судии и многумина од народот. Гледајќи во тоа казна Божја, мнозина притрчаа да ги симнат апостолите од крстовите, но Филип веќе беше издивнал, додека Вартоломеј сè уште беше жив. Потоа отиде во Индија, каде што го проповедаше и на индиски јазик го преведе Евангелието на Матеј. По ова прејде во Ерменија, каде што ја исцели од лудило царската ќерка. Но, братот на царот Астијаг завидливо го фати и го распна Божјиот апостол на крст.

Потоа му ја одра кожата и најпосле му ја отсече главата, во градот Албанопол Ерменски. Неговото тело христијаните го погребаа чесно во оловен ковчег. Бидејќи на неговите мошти се случуваа многу чуда, незнабошците го зедоа ковчегот и го фрлија в море. А водата го донесе ковчегот до островот Липари, каде што епископот Агатон, по откровение во сон, го дочека и го погреба во храмот.

Свети Вартоломеј му се јави, облечен во бели ризи, на свети Јован Химнограф в црква и го благослови со Евангелието за да пее духовни песни: „Нека потечат од твојот јазик водите на небесната мудрост!“

Му се јави уште и на царот Анастасиј (491 г. – 518 г.) и му рече дека ќе му го чува новосоѕиданиот град Дура. Подоцна, по нападот на арапите на островот Липари, моштите на овој голем апостол беа пренесени во Беневент, па во Рим. Над нив се случуваа големи и страшни чуда.

Денеска се празнува Светиот апостол Симеон

Еден од седумдесетте апостоли. Син на Клеопа, којшто му беше брат на праведниот Јосиф, целомудрениот сопруг на Пресвета Богородица. Кога ги виде чудата на Господ Исус, Симеон поверува во Него како во Господ и Спасител и беше вбројан во седумдесетте апостоли.

Со голема ревност и храброст го проповедаше Христовото Евангелие насекаде по Јудеја. Кога злобните Евреи го убија Јаков, братот Господов и првиот епископ на јерусалимската Црква, тогаш овој Симеон, кој му беше роднина, го поставија за епископ во Ерусалим. Како втор епископ во Светиот Град, со голема мудрост и сила управуваше со Божјата Црква до длабока старост. Кога пострада имаше над сто години.

Неговото страдање стана вака: во времето на царот Трајан беше покренато двојно гонење во Палестина – на потомците Давидови и на христијаните. Злобните луѓе го обвинија Симеон како оној којшто им припаѓа и на едните и на другите. Свети Симеон претрпе големи маки и најпосле го распнаа на крст, како неговиот Господ Кому верно Му послужи на земјата.

СРЕЌНА СЛАВА – ДЕНЕСКА Е СВЕТИ ФИЛИП, еден од дванаесетте апостоли

Еден од дванаесетте апостоли. Роден е во Витсаида крај езерото Галилејско, како Петар и Андреј. Од малечок научен на Светото Писмо, Филип веднаш се одѕва на повикот на Господ Исус и тргна по Него (Јован 1, 43). После слегувањето на Светиот Дух, Филип ревносно го проповедаше Евангелието во многу краишта на Азија и Грција.

Во Грција, Евреите сакаа да го убијат, но со Своите моќни чуда Господ го спаси. Така, еврејскиот првосвештеник којшто се устреми да го бие одеднаш ослепе и сиот поцрне. И имаше силен земјотрес и земјата се отвори и ги проголта злобните гонители на Филип. И многу други чуда се случија, особено исцеленија на болни, заради што мнозина незнабошци поверуваа во Христа. Во Фригискиот град Јерапол, свети Филип се најде на заедничка работа со свети Јован Богослов, со својата сестра Маријамна и апостолот Вартоломеј.

Таму имаше некоја опасна змија, којашто незнабошците грижливо ја хранеа и ѝ се поклонуваа како на Бог. Божјите апостоли со молитва ја умртвија оваа змија. Со тоа врз себе го навлекоа гневот на помрачените луѓе. Озлобените незнабошци го фатија Филип и го распнаа на дрво главечки, потоа го распнаа и Вартоломеј.

Тогаш, земјата се отвори и го проголта судијата и мнозина други со него. Во голем страв, луѓето притрчаа да ги симнат апостолите. Но, успеаја да го симнат жив само Вартоломеј, Филип веќе беше издивнал. На крстените, Вартоломеј им го постави за епископ Стахиј, когошто претходно тој и Филип го исцелија од слепило и го крстија. Стахиј беше слеп четириесет години. Подоцна, моштите на свети Филип беа пренесени во Рим. Овој прекрасен апостол пострада во 86 година, во времето на царот Дометијан.

Денеска се слави Светиот апостол Тома, којшто со своето неверување ја утврди верата во Христовото воскресение

Еден од Дванаесетте големи апостоли. Со неговиот сомнеж во воскресението на Господ Исус Христос беше придобиена нова потврда за тој чудесен и спасоносен настан.

Имено, воскреснатиот Господ повторно им се јави на учениците за да го увери Тома. И му рече Господ на Тома: „..дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, но верлив!“ И Тома возвикна: „Господ мој и Бог мој!“ (Јован 20).

По слегувањето на Светиот Дух, кога апостолите ги мешаа жрепките каде кој ќе оди на проповед, на Тома му падна жрепка да оди во Индија. Тој малку се нажали што мора да оди во толку далечен крај, но Господ му се јави и го охрабри. Во Индија, свети Тома многумина, големци и сиромашни, ги обрати во верата Христова и ја заснова таму Црквата и постави свештеници и епископи.

Меѓу останатите, Тома ги обрати кон Христа и две жени на двајца индиски кнезови, Тертијана и Мигдонија, коишто беа сестри. Овие сестри беа од своите мажи намачени заради верата, затоа што не сакаа да живеат со нив откако примија Крштение, а потоа мажите ги отпуштија. Откако се ослободија од бракот тие поживеаја богоугодно до смртта. Дионисиј и Пелагија, претходно беа вереници, но кога ја слушнаа апостолската проповед не влегоа во соживот, туку се посветија на подвиг.

Пелагија заврши како маченичка за верата, а Дионисиј беше поставен од апостолот за епископ. Кнезот Муздиј, маж на Тертијана, кому што Тома му ги крсти жената и синот, го осуди апостолот на смрт и испрати петмина војници коишто го прободоа со пет копја. Така си ја предаде душата во рацете на Христа светиот апостол Тома. Пред својата смрт и тој, како и другите апостоли, беше чудесно пренесен на погребот на Пресвета Богородица.

Но бидејќи пристигна доцна, горко зажали, па на негова молба го отворија гробот на Пресветата, но внатре не го најдоа Нејзиното тело. На таинствен начин Господ Ја беше зел Својата Мајка во Неговите небесни живеалишта. И така Свети Тома, којшто со своето неверување ја утврди верата во Христовото воскресение, во овој случај задоцнувајќи ни го откри чудесното прославување на Богородица.

Светиот дванаесетти АПОСТОЛ МАТИЈ

Родум од Витлеем, од племето Јудино. Му беше ученик на свети Симеон Богопримец во Јерусалим. Кога Господ излезе да проповеда за Царството Божјо, тогаш и Матиј им се придружи на оние што Го љубеа Господa, зашто и самиот од сесрце Го љубеше, со сладост ги слушаше Неговите зборови и ги гледаше Неговите дела.

Во почетокот Матиј беше приброен кон седумдесетте Христови апостоли, но по воскресението на Господа, бидејќи местото на Јуда кој Го предаде беше испразнето, апостолите со ждрепка го избраа Матиј за еден од Дванаесеттемина големи апостоли (Дела 1, 23). Откако Го прими Светиот Дух на Педесетница, Матиј појде на проповед на Евангелието и проповедаше најнапред во Јудеја, потоа во Етиопија, каде претрпе големи маки за Христа.

Се смета дека проповедал и во Македонија, каде сакале да го ослепат, но тој станал невидлив за своите мачители и така ја избегнал опасноста. Кога се најде вo затвор, му се јави Господ, го укрепи и го ослободи. Најпосле повторно се врати на работа во Јудеја. Овде беше обвинет и изведен на суд пред првосвештеникот Анан, пред кого бестрашно сведочеше за Христа. Анан, оној истиот којшто претходно го уби апостолот Јаков, го осуди и Матиј на смрт.

Тогаш светиот апостол Матиј го изведоа и го убија со камења, а отпосле му ја отсекоа главата со секира – ова беше римски начин на погубување на осуденици, а Евреите го применија врз мртов човек за да претстават пред Римјаните дека убиениот бил и противник римски. Така заврши овој голем Христов апостол и се всели во вечноста на својот Господ.