Tag Archives: Арачиново

Тројца арачиновци краделе струја и оставиле 160 жители во мрак: ЕВН шести ден спречен да го поправи дефектот

Шести ден по ред компанијата за дистрибуција на електрична енергија ЕВН не може да го поправи дефектот во Арачиново настанат од тоа што тројца граѓани присвоиле извод за струја и не им дозволуваат на екипите да работат.

Поради нивното однесување 160 жители од соседните куќи живеат без струја, а не им дозволуваат на екипите да го поправат дефектот кој е предизвикан на дистрибутивната мрежа.

Неофицијално, тројцата арачиновци биле познати во селото по злоупотреби и кражби на струја.

Од ЕВН велат дека ги користат сите правни мерки со цел да ја решат ситуацијата и дека се обратиле во МВР. Очекуваат со нивна асистенција наскоро да го санираат дефектот.

„Ги користиме сите правни мерки со цел успешно решавање на ситуацијата. Се обративме и до МВР и очекуваме наскоро да го санираме дефектот“, рекоа од ЕВН за „А1он“.

Арачиновци лути – Сега останаа БЕЗ ВОДА поради долгови стари 17 години

Жителите на Арачиново веќе три дена немаат вода затоа што ЕВН ја исклучи струјата на пумпите за вода на општината поради долг стар 17 години.

Градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибрахими се пожали на „неправда“ од ЕВН, кој досега го толерирал неплаќањето на сметките за електрична енергија за пумпите за вода.

-Имаме комуникација со ЕВН и побаравме доколку ваква толеранција се прави со години од 2006 година, на водоводот или на пумпите кои ја потрошиле таа струја да не им се издаваат фактури. Не е завршена финансиската обврска и како е возможно да се бара цел долг? Иако ми понудија да платиме на неколку рати, сепак тие рати се неприфатливи. Барам одреден начин на олеснување за тој финансиски товар, вели Ибрахими.

Од ЕВН соопштија дека општина Арачиново имала постоечки договор за плаќање на рати на долгот, но истиот не бил испочитуван.

ДОБРО УТРО ! Арачиново не наплаќа ниту комунални такси ниту даноци, утврдиле ревизорите

Општина Арачиново не наплаќа данок на имот, не наплаќа комунална такса на фирма, не наплаќа комунална такса за користење на музика во јавни локали, ниту пак наплаќа комунална такса за истакнување на реклами и огласи на јавни места и не наплаќа надоместок за уредување на градежно земјиште, утврдил државниот ревизор.

Во извештајот за 2021 година ревизорите изразиле негативно мислење на реалноста и објективноста на финансиските извештаи. Во него се посочува дека Општината не води регистар на недвижен имот, не издава решенија за даноците за имот, за промет од недвижности и наследство.

Дополнително е утврдено дека во Општината не е воспоставена ни евиденција на побарувања за физички и правни лица.

„Извршените градежни работи како изградба и реконструкција на улици и патишта се без одобрение за градба и основен проект, а ставањето во употреба на градбите е без извршен записник за примопредавање, не е евидентиран недвижниот имот кој е во сопственост на општината, не е обезбедена соодветна поткрепувачка документација за дел од евидентираните расходи“ се вели во соопштението на државниот завод за ревизија.

Ревизорот му препорачува на градоначалникот да преземе мерки за обезбедување на одобрение за градба пред отпочнување на активностите за изградба на објекти во кои инвеститор е општината и планирањето на градбите да се врши според законот за градење.

Непријавувале кражба во Арачиново: Менаџери на „Електродистрибуција“ добија кривични пријави

Партијата Левица до Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава против двајца менаџери на „Електродистрибуција” ДООЕЛ: Сашо Салтировски и Јохен Хагеман – поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Непријавување кривично дело или сторител” – казниво по чл. 364, ст. 1 од Кривичниот законик, со предвидена затворска казна до три години.

Во кривичната пријава двајцата се товарат дека во својство на службени лица, управители на компанија за снабдување со електрична енергија, во подолг период свесно и намерно прикривале и не пријавувале кражба на струја во поголем износ, односно незаконско користење електрична енергија од страна на жителите на општина Арачиново. Со толерирање на илегалните приклучоци на електродистрибутивната мрежа, сторена е штета во износ од 6 милиони евра на годишно ниво, смета Левица.

„Очекуваме, надлежното ОЈО – Скопје, сериозно да ја земе во работа оваа наша издржана кривична пријава и по неопходниот распит на пријавените, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација за ова продолжено кривично дело, да покрене обвинение против актуелните управители на ова правно лице. Со ова, еднаш-засекогаш би се ставил крај на сè позачестената неказнивост на дивите приклучоци на струја во оваа конкретна општина“ – се вели во соопштението на Левица

Градоначалникот на Арачиново се пожали дека НЕМААТ ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА

Градоначалникот на општина Арачиново, Ридван Ибрахими вечерва во емисијата „10 Минути“ на ТВ21 одговори на обвинувањата од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека во Арачиново има криминални групи со кои полицијата соработува.

-Надлежностите на локалната самоуправа се ограничени. Ние како локална власт немаме ингеренции, немаме ниту полициска станица, туку го имаме само регионалниот центар Гази Баба. Полицискиот командир ги нема овие податоци. Конечно, секоја општина има свои проблеми, во секоја општина има такви групи. Но, сепак ние сме заинтересирани да нема такви групи во нашата општина, ниту во другите општини, рече Ибрахими.

Тој уверува дека екипите на ЕВН нормално си ја продолжуваат работата и дека немаат никакви проблеми и закани од граѓаните на оваа општина.

Според него, енормното зголемување на потрошувачката на струја од оваа општина се должи на функционирањето на пумпите за вода.

-Екипите на ЕВН нормално продолжуваат со работа. Надминати се проблемите што ги имавме. Во однос на управувањето со електричната енергија и заштедата, во нашата општина, поради енормното зголемување на потрошувачката на електрична енергија, тоа е затоа што Арачиново почна да се снабдува со вода, откако пред една година немаше ниту една капка вода, изјави Ибрахими.

Вооружена група во Арачиново ги избркала сите полицајци оти сопреле лице кое управувало возило без валидни документи?!

Зачестија инцидентите со лица нечии синови и полицајци, при што подебелиот крај го извлекуваат полицајците, односно ги суспендираат, си даваат откази поради се поголемиот притисок врз нив и нивната служба. Така во недела е закажан протест пред ОВР Кочани поради суспензијата на четворица полицајци кои професионлано си ја извршувале својата доложност.

До нашата редакција пристигна информација од извори кои сакаа да останат анонимни дека во текот на вчерашниот ден во Арачиново четири полициски службеници на полициски пункт сопреле возило управувано од лице без никакви валидни документи. Лицето упатило навреди кон полициските службеници, по што побегнало од местото на настанот.

Како што вели нашиот извор „лицето било син на полицаец, а внук на извесен Шенки М. од Арачиново, кој откако бил информиран за настанот, веднаш со неколку други непознати лица сите вооружени се упатиле кон полицискиот пункт“. На полициските службеници од страна на сменоводителот на ПО Арачиново им било дадена наредба веднаш да го напуштат пунктот и да се повлечат кон ПС Гази Баба. Меѓутоа, не чувствувајќи сигурност ниту во ПС Гази Баба, полициските службеници бегаат дома.

„Вооружената група предводена од Шенки М. потоа со оружјето влегле во ПО Арачиново каде упатиле закани кон сите полициски службеници, а телефонски му се заканиле на полицискиот службеник кој го сопрел лицето, внукот на Шенки М., дека ќе го убијат.

Поради страв за сопствениот живот полициските службеници се уште не го пријавуваат кривично-правниот настан“, вели изворот за Нетпресс.

Побаравме одговор од МВР од каде што рекоа дека до централата таков случај не е пријавен, но не замолија да испратиме е-маил, за да проверат дали има пријава во полициските станици. Го чекаме нивниот одговор.

Ќе посетиме дека пред неколку денови имаше инцидент со син на функционер во МВР.

Во инцидент во петокот (25 ноември) попладне на периферија на Скопје, син на функционер на МВР бил запрен по бегство од полициска патрола поради нелегално користење флешери, но полицајците го пуштиле со тврдење дека станува збор за службен автомобил на СОЗР.

Од МВР тогаш за Телма информирале дека ќе го испитаат случајот и доколку се утврди полициско постапување спротивно на законот, полициските службеници кои згрешиле ќе бидат санкционирани.

К.Б., синот на заменик министерот предложен од ДУИ, бил забележан од полициска патрола во Чаир како со темно ауди со флешери (ротациони светла на хаубата на автомобилот) се движи побрзо од дозволеното по што го стигнале и побарале да застане. Но возачот со ауди не застанувал по што патролата повикала помош и на крај успеала да го сопре возачот на Качанички пат.

Поранешен министер до Ковачевски: Оди во Арачиново и учи ги твоите пајташи кои за 474% ја зголемиле потрошувачката на струја

Поранешниот министер за правда Михајло Маневски преку социјалните мрежи му се обрати на актуелниот премиер Димитар Ковачевски. Тој во својата објава вели дека премиерот треба жителите на Арачиново да ги учи како да штедат струја оти тие за 474% ја зголемиле потрошувачката на струја.

„Таче алабакот

Овој Таче не учи како да се штеди струја!
Оди бре ќелаш во Арачиново и учи ги твоите пајташи кои за 474% ја зголемиле потрошувачката на струја!?
Ја платија ли?
Какви мерки презеде за кражба на струја во Арачиново од 6 милиони евра?
Колку кривични пријави се поднесени?
Колку крадци на струја се казнети?
Николку
Го штитиш коалициониот партнер ДУИ, да не ти излезе од владата, а…
Не се секирај.
Тие не излегуваат од влада и со стап да ги бркаш.
Каде ќе најдат ваков башибозлуг да прават што сакаат.
Без никаква одговорност.
До кога….“, вели тој.

Лас Вегас ли е Арачиново ли е? – НЕМА ЗАШТЕДА НА СТРУЈА, потрошиле дури 474 ОТСТО ПОВЕЌЕ од лани !

Податоците за заштеда на електрична енергија кај општините кои имаа препорака да штедат, пак додаде, покажуваат дека од 81 општина, 65 општини постигнале заштеда од најмалку 15 отсто, од кои 12 општини постигнале заштеда поголема од 50 отсто, но има и општини кои потрошиле повеќе, вели министерот за економија, Крешник Бектеши.

-Вкупно 16 општини не постигнале заштеда од 15 отсто, од кои само три имаат поголема потрошувачка во октомври 2022, споредено со октомври 2021 година, а останатите 13 општини имаат намалена потрошувачка, но не постигнале заштеда од 15 отсто, посочи Бектеши.

Една од нив е Арачиново каде што биле потрошени 474 отсто повеќе струја од лани, додека во Лозово се потрошило 12 отсто повеќе, а во Студеничани 11 отсто повеќе.

Апасиев: Штедете вие струја за Арачиново да троши пет пати повеќе

Претседателот на политичката партија „Левица“ со реакција на информацијата дека Општина Арачиново трошела повеќе струја од лани, во време на енергетска криза.

Информациите ги соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши, а покрај Арачиново, повеќе струја трошеле и Општините Студеничани и Лозово. Шокантен беше податокот дека Општина Арачиново во октомври годинава, споредено со октомври во 2021 година, потрошила за 474 проценти повеќе електрична енергија, што значи дека потрошувачката е речиси пет пати поголема.

Апасиев, во стој стил, на социјалните мрежи напиша: „ШТЕДЕТЕ вие струја, за Арачиново да троши пет пати повеќе (за копање криптовалути). Ах, тој прекрасен ес-де-ес-овски соживот“.

Левица поднесе кривична пријава за КРАЖБА НА СТРУЈА ЗА АРАЧИНОВО !

Левица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје за кривично дело „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“, предвидено и казниво по член 235 – а од Кривичен законик против непознат сторител од Општина Арачиново.

„Според ЕВН Хоум, во општина Арачиново нема струја поради дефект од оптоварување на трафостаниците, кое е настанато поради незаконско користење струја од страна на некои жители.

Министерот за економија Бектеши тогаш наведе дека загубите на струја во Арачиново се дури и до 80 отсто, поради диво приклучување на мрежите.

Во ек на светската енергетска криза, недозволиво е одреден број на жители да не ги подмируваат сметките, на штета на оние кои уредно тоа го прават – ниту пак жителите на општината кои совесно ја извршуваат оваа обврска да се соочуваат со потенцијално исклучување поради оние кои не го прават тоа.

Обвинителството да не чека дозвола од ДУИ и СДС да постапи“, велат од Левица.

„Левица ја поднесе оваа кривична пријава за кражба на струја до ОЈО Скопје, кое како овластен орган по службена должност треба да постапи со цел спречување на вакви казниви дела и казнување на нивните сторители.

Со ова несовесно и незаконско постапување од страна на одредени жители од Арачиново, односно со диво приклучување на електричната мрежа, загубите ги покриваат совесните граѓани, кои ја плаќаат струјата и поради тоа добиваат високи сметки во период на огромна инфлација“, додаваат од Левица во соопштение до медиумите.