Tag Archives: АрафатМуареми

Што е со денов? Торнадо во Неготино, Русковска е суспендирана, а падна и Арафат…

Јовески ја суспендираше Рускоска, а Муареми се повлече од директор во финансиска полиција.

Случајот „Претреси во Управата за финансиска полиција“ добива нов расплет.

Русковска суспендирана од работа, Муареми си поднесе оставка од директорската функција- случајот со претресот кој се случи пред еден месец во финансиската полиција сега добива нова димензија. Шефицата на обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска за Канал 5 потврди дека е времено отстранета од работното место, но повеќе од тоа вели дека не сака да коментира.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески пак објаснува дека освен суспензијата има поднесено и предлози за дисциплински постапки за неа и за две други обвинителки.

„Денеска поднесов предлог до дисциплинската комисија заради тешка дисциплинска повреда во вршење на јавнообвинителска функција за тројца јавни обвинители. Една обвинителка со решение е оддалечена од вршење на јавнообвинителската функција за да се избегнат штетните последици за постапувањето по кривичните предмети и во раководењето со обвинителството. Оддалечувањето од извршувањето на функцијата е донесено откако се утврдени фактите и основите за носење на такво решение.– вели за Канал 5 државниот обвинител Јовески.

Другите две дисциплински постапки се за обвинителките Елизабета Јосифовска и Ивана Трајчева. Токму Трајчева е заменик на Русковска во обвинителството, која според решението за суспенција за шефицата, треба да ги преземе сите нејзини предмети.

Експресно по информацијата дека Русковска доби суспензија и дисциплинска, се огласи и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, кој вели дека по своја волја се повлекува од позицијата, како што писмено образложува, со цел да нема сомнеж за какво било влијание врз предметот кој се води во Обвинителстото.

„Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денешната одлука на Јавниот обвинител на Македонија дава јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и дека злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви. – се вели во соопштението од Муареми.

Претходно Муареми поднесе кривични пријави против трите обвинителки инволвирани во претресот во финансиска, за делата злоупотреба на функцијата, фалсификување и соизвршителство. Инаку, неофицијално при претресот обвинителството ги барало сите предмети поврзани со финансиски криминал што ги работела Финансиската полиција од 2018 година досега. Од обвинителството не открија повеќе детали, освен дека постапувале по пријава на група граѓани.

Директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми пред Нова Година набавил возило вредно 38.000 евра

Пред Нова година Управата за финансиска полиција купила автомобил од 38 илјади евра. Директорот Арафат Муареми договорот го потпишал со добавувачот на 21 декември, а до Бирото за јавни набавки е доставен на 4 јануари. Според објавениот договор, цената на возилото без пресметан ДДВ е 32 илјади евра, а со данокот, чини 38 илјади евра. На огласот за јавната набавка имало само една понуда, пишува СДК.МК.

Возилото што го купил директорот за институцијата е „Опел инсигнија гранд спорт бизнис елеганс“ 2.0 дизел. Според промотивните материјали на производителот, станува збор за „софистицирано ниво од бизнис класата“, а според спецификацијата со која победил добавувачот, лимузината е со автоматски менувач со 6 брзини.

Има автоматски двозонскa клима, систем за активно држење на возилото во лента, систем за избегнување на судир со возило напред, со асистенција на сопирање, систем за автоматско одржување на растојание до возилото напред, паркинг сензори предни и задни, камера за паркирање назад, 6 воздушни перничиња, алуминиумски тркала со дијаметар минимум 17 инчи, навигација, патен компјутер…

Лани во Обвинителството за организиран криминал и корупција за цела година стигнале само 9 пријави од Финансиската полиција. Статистиката во ова обвинителство вели дека од поднесените 9 пријави од Финансова, само 5 ја погодиле адресата. Пријавите биле поднесени против обични граѓани, ниту една не е против носител на јавна функција или бизнисмен, банкар.