Tag Archives: археологија

Пронајдена МУМИЈА прекриена СО ЗЛАТО – Затворена во саркофаг кој не е отворен 4.300 години

Египетски археолози соопштија дека е пронајдена мумија со златни лисја на себе, затворена во саркофаг којшто не е отворен 4.300 години. Се работи за посмртни останки на човек по име Хекашепес, и се сметаат за еден од најстарите скоро целосни невладетелски тела откриени во Египет.

Мумијата е откриена во окно длабоко 15 метри, на антички гробишта јужно од Каиро – во Сакара, каде што се пронајдени уште три гробници. А, едниот гроб му припаѓал на „чуварот на тајните“… Тој е именуван Мери – висок функционер во државата кој ја добил таа титула која му дозволувала да врши посебни верски обреди.

Се верува дека најголемата од мумиите откриени на овие древни гробишта е извесен Хнумџедеф – свештеник, инспектор и надгледник на благородниците. А пак, во четвртиот гроб бил погребан судија и писател по име Фетек. Тука е откриена збирка од она што се верува дека се најголемите статуи кои некогаш се пронајдени во целата оваа област.

Ископани се и повеќе предмети, вклучително и ќерамика. Археологот Захи Хавас, поранешен министер за антиквитети на Египет, смета дека сите наоди датираат од околу 25. до 22. век п.н.е.

– Ова откритие е прилично важно, бидејќи ги поврзува владетелите со луѓето што живеат околу нив, изјави Али Абу Дешиш, друг археолог вклучен во ископувањата.

Сакара е некропола што содржи гробови кои се датираат во временски распон од над 3.000 години. Сместена во древниот египетски главен град Мемфис, таа е дом на повеќе од 12 пирамиди – вклучувајќи ја и Степенестата пирамида, во близина на местото каде што се пронајдени и новооткриените мумии. Подрачјето е прогласено е за светско наследство на УНЕСКО.

Египет со овие големи археолошки откритија последниве години, цели, меѓу другото – да го заживее и својот туризам.

ОТКРИЕНА ЦРКВА од ПЕТИОТ ВЕК на локалитет во Кумановско (Фото)

На локалитетот Градиште – Бислим во кумановското село Пчиња откриена е црква, која според првичните показатели е градена во 5 век и опстојувала во раниот среден век, потврдуваат наодите на Археолошкото одделение на Музеј Куманово по завршување на истражувањето.

Откривањето на црквата потврди дека тврдината во Бислим била поголема населба што постоела подолг период. (Фото: СДК.МК)

Со ова се потврдени претпоставките од минатогодишните ископувања дека на истражуваната локација постои црковна градба, но и дека тврдината во Бислим не била само привремено воено утврдување, туку поголема населба што постоела подолг период.

„Во текот на овогодинешните ископувањата се откри олтарниот дел на црквата. Подот на оваа црква се наоѓа на околу 1,5 м под денешната површина, направен е од квалитетно изработена тула, која е поставена на малтерна или глинена подлога. Според досегашните показатели, се работи за градба долга околу 20 метри и широка скоро 9 метри“, велат од Археолошкото одделение.

Ископувањата се вршени под раководство на Дејан Ѓорѓиевски, а се целосно финансирани од Министерството за култура.

Според досегашните показатели, се работи за градба долга околу 20 метри и широка скоро 9 метри“, велат од Археолошкото одделение. (Фото: СДК.МК)

Првичните показатели се дека црквата била градена во петиот век и дека егзистирала и во раниот среден век, што секако треба да се потврди со идните истражувања.

„Она што е интересно се откриените фази на градење и доградување на црквата. Според поставеноста на фрагментарно сочуваната фреско декорација, видливи се две фази на градење (доградување) на самата црква, во кои подното ниво се издигнало на скоро 2 метрa во висина. Ова говори за интензивна градителска дејност, но и за подолг временски период на користење на црквата“, велат кумановските археолози.

Црквата е поставена на самиот источен крај од тврдината, во непосреден контакт со бастионот на утврдувањето, што има симболично значење – жителите на населбата сакале да ја заштитат тврдината од нападите, преку директно инволвирање на божјата моќ во заштитата.

Со ископувањето, освен претходно познатата правоаголна и петоаголна кула, откриено е и постоење на кружен бастион во челото на тврдината, односно на нејзиниот најистурен дел.

Многу значајно е што овие ископувањата покажуваат дека тврдината во Бислим воопшто не била краткотрајно воено утврдување, туку се работи за поголема населба во и надвор од тврдината, која егзистирала подолг временски период.

„Со оглед на тоа што северно од Градиште – Бислим постои уште едно помало утврдување од истиот период, јасно е дека по течението на Пчиња, дури и во навидум непристапната клисура, минувал значаен антички пат преку кој од северните делови на Балканот најбргу се пристигало на т. н. Виа Аксиа, односно на Вардарскиот пат, а понатаму и кон богатите антички центри на југ“, потврдуваат експертите.

СДК.МК