Tag Archives: бензин

Од 2035-та се забранува производство на возила со дизел и бензин мотори

Преговарачите на Советот на Европската Унија и Европскиот парламент синоќа постигнаа договор за закон со кој се предвидува крај на продажбата на нови возила со мотор со внатрешно согорување од 2035 година. Тој закон практично ќе ја забрани продажбата на нови автомобили и комбиња на бензин или дизел во 27-члениот блок на ЕУ.

Забраната е дел од пакетот на ЕУ за климатски промени наречен „Fit for 55“, кој има за цел да ги намали емисиите штетни за климата за 55 проценти до 2030 година, во споредба со нивоата од 1990 година, и да постигне климатска неутралност до 2050 година.

„Само што ги завршивме преговорите за нивоата на ЦO2 за автомобилите. Историска одлука на ЕУ за климата која дефинитивно ја потврдува целта, возила со 100 отсто нулта емисија во 2035 година со меѓуфази помеѓу 2025 и 2030 година“, напиша на Твитер францускиот европратеник Паскал Канфин, кој го предводи Комитетот за животна средина на Европскиот парламент.

Автомобилите во моментов сочинуваат 12 отсто од сите емисии на ЦO2 во блокот на ЕУ, додека вкупниот сообраќај изнесува околу една четвртина. Земјите-членки на ЕУ сега мора да ја усвојат регулативата во националното законодавство.

Директорката на ДЗСИ Бухова со државна картичка точела и бензин и дизел во ист автомобил

Директорката на државниот здравствен и санитарен инспекторат, службената картичка за гориво ја користела да полни и дизел и бензин во истата кола. Службеното возило Рено Клио 0.9 кое е задолжено на директорката Иринка Сотирова Бухова, според спецификациите на прозведувачот, како моторно гориво користи бензин, објави „Алфа“ телевизија.

Како што објави телевизијата „Алфа“, директорката во истото возило полнела и бензин и дизел. Дека Бухова се служела со ваквата пракса подолг временски период, како и дека од службената картичка таа често успевала да наполни дури и повеќе гориво од капацитетот на резервоарот, што го потвдуваат повеќе фискaлани сметки, како и други документи. Па се поставува прашањето, колку и чии возила користеле гориво платено од џебот на граѓаните, а со амин на директорката Бухова?

Наводите кои се предмет на Вашите прашања се апсолутни неосновани измислици, конструкции и предмет за внатре-партиски пресметики за задоволување на суетите и апетитите на поединци, изјави за Алфа Сотирова Бухова.

Комисија за спречување на корупција за Алфа потврдува дека против директорката веќе има отворено предмет.

До Државната комисија за спречување на корупцијата е пристигната пријава по која е оформен предмет. Од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата се доставени барања за прибирање податоци и информации до надлежни институции со цел проверка на наводите од пријавата, велат за Алфа од Kомисија за спречување на корупција.

ПОСКАПУВААТ ГОРИВАТА: Ова се новите цени на бензините и дизелот кои ќе важат од полноќ

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 од полноќ се зголемуваат за 1,50 ден/лит, а на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 3,00 ден/лит, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 е 111,50 денари, на ЕУРОСУПЕР БС – 98 е 113,50, а на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 107,50 денари за литар.

За 2,50 денари поскапува и Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и литар ќе чини 105 денари.

Се зголемува цената и на Мазутот М-1 НС за 0,809 денари и еден килограм ќе се продава за 56,317 денари.

Според Регулаторната комисија за енергетика, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,249%, кај дизелот за 3,681%, кај екстра лесното масло за 3,681% и кај мазутот зголемувањето е за 1,405%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,049%.

Пак сме на 90 денари! – Бензините поскапуваат за 2,5 денари, дизелот за 3 денари

Бензините од ноќеска на полноќ поскапуваат за 2,5 денари за литар, а цената на дизелот се зголемува за три денар за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 88,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 90,5, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 90 денари за литар.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемува за 2,5 денари за литар, и ќе изнесува 87,5денари за литар.

ДОБРА ВЕСТ: Од полноќ бензините поевтинуваат за 6,5 денари, дизелот и нафтата за домаќинство за 9 денари!

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, од вечер на полноќ се намалуваат за 6,50 денари од литар, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поевтинуваат за девет денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ)

ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава за 86,50 денари, ЕУРОСУПЕР БС-98 за 88,50 денари, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 88,00, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 83,50 денари.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,345 денари и еден килограм ќе чини 60,914 денари

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) во новите пониски цени ги вкалкулира изменетите акцизи и стапки на ДДВ.

Нова честитка од регулаторна: После 22 часот готивото повторно поскапува

Ниту вечерва граѓаните нема да можат да спијат поради новото поскапување на цената на горивата.

Како и во текот на вчерашниот ден, Регулаторна ја крие својата одлука како змијата нозете со цел да се избегнат редиците на автомобили пред бензиските пумпи како и недостатоците на гориво кои во изминатите денови се јавија на голем број бензиски пумпи ширум државата.

Вечерва горивото повторно се зголемува за околу 3 денари што значи дека вчерашната мерка на Владата на Димитар Ковачевски за намалување на цената на горивото за околу 10 денари со намалување на давачките не само што е веќе целосно анулирана туку горивото ќе биде поскапо и од цената пред оваа мерка да треба да стапи на сила.

И додека граѓаните мака мачат да ги наполнат резервоарите на своите автомобили Владата и Регулаторна очигледно имаат слух само за сопствениците на големите ланци на бензиски пумпи кои отворено се заканија дека ќе ја руинираат економијата.

Нема простор за паника! Регулаторна најавува ново поскапување на горивата вечерва

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски бара од трговците да имаат разбирање во однос на намалувањето на маржата на 33%.

„Тоа е што ние можевме како Регулаторна да го направиме. Ќе дојдат мерките од Влада, барам разбирање од страна на трговците“, велат од РКЕ.

Премиерот Димитар Ковачевски на прес конференција денеска соопшти дека Владата донесе пакет од 26 мерки и препораки за ублажување на последиците од економската криза и руско-украинскиот конфликт. Мерките се наменети за граѓаните и за компаниите со цел да се сочува животниот стандард на граѓани и ликвидноста на компаниите.

Мерките се поделени во две категории. Во првата група се мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и компаниите, а во втората група – мерки за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.

Согласно мерките за намалување на ценовниот шок усвоени на Владата, за 1,2 и 4 денари ќе се намали акцизата за берзанските цени за горивата, и ДДВ-то за промет на енергенси од 18 на 10 проценти, што ќе доведе до поевтина цена на горивата за крајниот потрошувач и тоа за 10.5 денари поевтина цена за дизелот и 11,5 денари би се намалил бензинот, соопшти на денешната прес конференција премиерот Димитар Ковачевски.

Може да спиете мирно: Цените може се покачени ама се’ уште се најниски во регионот

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски вели дека и покрај зголемените цени Македонија и натаму има најевтини горива во регионот.

– Споредбено со регионот, согласно последните достапни податоците од 6.3.2022 година (недела) во земјава Еуродизелот е со најниска цена и изнесува 1,388 евра/литар, додека во Србија изнесува 1,552 евра/литар, во Бугарија е 1,457 евра/литар во Албанија 1,616 евра/литар, во Грција 1,678 евра/литар и во Хрватска 1,497евра/литар.

И Еуросупер БС 95 исто има најниска цена во земјава од 1,453 евра/литар (цена актуелна од полноќ), за разлика од Србија каде цената на Еуросупер БС 95 изнесува 1,482 евра/литар, во Албанија 1,632 евра/литар, во Грција e 1,951 евра/литар и во Хрватска 1,507 евра/литар. Само во Бугарија е пониска и изнесува 1,427 евра/литар, се вели во писмената изјава на првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика.

Метеж на бензинските пумпи по најавата за драстично покачување на цените на горивата (Фото)

Откако беа објавени новите цени на горивата, кои на сила ќе стапат вечерва на полноќ, метеж на бензинските пумпи ширум државата. Многу корисници се жалеле дека на некои бензински пумпи, немало гориво, а се отворија сомнежи дека одредени компании кои тргуваат со нафтени деривати сакаат да заработат многу повеќе со тоа што не точат гориво, а тоа ќе го прават после полноќ.

За сега точно не се знае дали е тоа причината или неможноста да се набави гориво од Грција поради нивниот државен празник, како што и се оправдувале некои компании.
На социјалните мрежи врие од фотографии од различни бензински станици каде може да се забележи метеж од граѓани кои побрзале да наточат гориво.

МАСАКАР!Бензините ПОСКАПУВААТ за 5,5 денари, дизелот за 10 денари, РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво

Цената на бензините од полноќ се зголемува за 5,5 денари за литар, а на дизелот за 10 денари, одлучи вечерва Регулаторната комисија за енергетика.

Ваквата одлука е донесена поради рекордниот раст на сите нафтени деривати на светските берзи, а од РКЕ најавуваат дека ќе носат одлуки на дневно ниво доколку има потреба.

– Од ден во ден драстично се зголемуваат цените на нафтените деривати на светските берзи, а дополнително на тоа и курсот на доларот расте, овие се клучни фактори кои влијаат врз крајната цена. Поради сложената геополитичката состојба која се одразува врз цената на енергенсите, а со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени, изјави вечерва претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

За состојбата во нафтениот сектор, РКЕ ја информирала и Владата и анализите им се ставени на располагање со цел да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните.

Според Бислимоски, нафтени деривати има во доволни количини, но проблем е високата цена, што не е случај само кај нас, туку и во Европа.

– Неопходно е сите да се однесуваат рационално во ваква вонредна и непредвидлива состојба, за која не се знае колку ќе трае и со каков епилог, апелира Бислимоски.

Од РКЕ посочуваат дека цените на нафтените деривати на светските берзи растат над 21 процент.

Согласно новата одлука на РКЕ, од полноќ новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе биде 89,50 ден/лит, а
ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по цена од 91,50 ден/лит. Новата цена на дизелот ќе биде
85,50 ден/лит.

Цената на Екстра лесното масло за домаќинство се зголемува за 9 денари за литар и ќе се продава по цена од 83,50 ден/лит, додека мазутот се зголемува за 6,149 денар/килограм и новата цена ќе биде 54,319 ден/кг.