Tag Archives: БЕСАТранс

Управителот на „Беса транс“ НЕ СЕ ЧУВСТВУВА ВИНОВЕН за автобусот што изгоре во Бугарија кој 20 пати излегувал од земјава со ФАЛСИФИКУВАНА ЛИЦЕНЦА

„Не се чувствувам виновен“, одговорот е што на почетокот на денешното судење го даде Беким Хаџиу, управител на „Беса транс“ обвинет за фалсификување на лиценца со која автобусот кој изгорел во Бугарија нелегално излегувал од земјата. Освен Хаџиу, обвинета е и компанијата како правно лице за фалсификување извод од лиценца за вршење меѓународен патен сообраќај за автобусот со кој во ноември лани во несреќа во Бугарија загинаа 45 лица.

Претходно беше опишан обвинителен предлог во кој е наведено дека Хаџиу преку возачите што го управувале автобусот употребувал извод за лиценца која воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски. Со фалсификуван изводот од лиценца за меѓународен сообраќај автобусот лани во периодот од 10 јануари до несреќата во ноември, кажа обвинителот, 20 пати излегол од државата. Автобусот што изгоре во несреќата лани најмногу или 10 пати поминал на „Деве Баир“ и возел на релација од Скопје кон Истанбул. Девет пати ја излегол од државата преку преминот „Блаце“ и најчесто возел од Скопје кон Призрен или Драч, а еднаш автобусот поминал и на преминот „Ќафасан“.

И претставник на Мини на Министерството за транспорт врски потрди дека „Беса транс“ имала лиценца за пет автобуси, но помеѓу нив не е автобусот од несреќата.

Нов СКАНДАЛ: Абази е роднина со инспекторот кој е дел од истрагата за „Беса Транс“

Зетот шеф на Организиран криминал ќе истражува дали неговиот дедо има вина во автобуската несреќа на „Беса транс“. Новоизбраниот обвинител Абази е сопруг на ќерката на првиот инспектор за транспорт Руфат Хусеини, на кој неуспешните контроли во просториите на агенцијата му се редеа со денови по несреќата, дознава Алфа.

Сега зетот Абази ќе треба докажува каде се пропустите на надлежните институции затоа што „Беса транс“ си тераше бизнис беа дозволи и зошто станицата за технички преглед во Сарај, каде автобусот добил зелено светло, со низа нерегуларности не била затворена. Лиценците и сертификатите ги издава Министерството за транспорт, но за нивна контрола е задолжен Државниот инспекторат за транспорт чиј директор во време на несреќата беше Руфат Хусеини. Инспекторот во фамилијата по несреќата на ретките настапи пред јавноста наместо да објасни се чудеше како како автобусот ги минувал границите доколку немал лиценца.

Откако Абази беше прогласен за прв обвинител на Обвинителството за организиран криминал и корупција, информациите кои се проширија во јавноста говореа дека неговата сопруга односно ќерката на Руфат Хусеини е кандидатка во Академијата за судии и обвинители. Законот не доволува двајца обвинители од исто семејство или во брак да работат во исто апелационо подрачје во случајот гостиварското. Но сега откако Абази ќе шефува со Организиран, неговата сопруга нема да има проблем да се вработи по завршувањето на Акдемијата.

Да потсетиме дека првиот скандал остана со прашања во јавноста откако излегоа фотографии по изјавата на Абази дека може се сретнал со Ахмети.

По 2 месеци дури утре ќе се поништи лиценцата на „Беса транс“

Министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција информираше дека утре ќе биде поништена лиценцата за туристичка дејност на туристичката агенција „Беса транс“, со чиј автобус се случи сообраќајната несреќа во која животот го загубија 46 лица.

Бектеши соопшти дека денеска во Министерството за економија пристигнал извештајот од Инспекторатот за труд што се однесува на лиценцата за туристичка дејност на туристичката агенција „Беса транс“, според кој има разлика во сите информации за лиценцата кои што ги има таа агенција за транспорт.

Министерот додаде дека на барање на Министерството за економија, Пазарниот инспекторат ќе направи дополнителна контрола на условите и начинот на функционирање на „Беса транс“.

КОД дознава: Сопственикот на „Беса Транс“ два пати бил на распит во бугарското обвинителство

Улица 1 број 1 Село Рашче. Ако се отиде на оваа адереса на 16 тина километри од Скопје може да се види плац полн со автобуси комбиња но и семејна куќа. Но ако се погледне во централниот регистар на истата адреса се регистрирани две фирми, речиси со идентични имиња, чиј основач е Беса Транс, со сопственици кои имаат исто презиме Хаџиу, но со голема разлика во годините на формирање, пренесува Телма ТВ.

Првата Беса Транс БТБ ДООЕЛ Скопје е формирана на 19 август 2009 а нејзин сопственик и управител е Беким Хаџиу. Низ годините таа била регистрирана и за градежни работи, но сепак основната дејност и била транспорт. Втората и многу подоцна создадена, на 18 август годинава е Беса Транс 2 и БТ 2000 ДООЕЛ, а нејзин сопственик е Мереме Хаџиу, сопругата на Беким Хаџиу кој после случувањето на несреќата повеќе не е достапен за македонските власти.

Тој е во Бугарија каде КОД дознава дека веќе дал две изјави поврзани со сообраќајната несреќа во која се запали автобус на неговата фирма и во него изгореа 45 луѓе. На какви околности бил испитуван за сега од бугарското обвинителство не откриваат, но ја потврдуваат информацијата за распитот на газдата на Беса Транс. Тој пак тука не е достапен за македонските истражни органи кои никако не можат да влезат во неговата фирма.

Продолжението следува во КОД

„БЕСА ТРАНС“ негира дека ПРОДОЛЖУВА ДА ОРГАНИЗИРА ЕКСКУРЗИИ !?

Трагичната несреќа се случи на 23 ноември, а инспекторите за транспорт сè уште не успеале да направат вонреден инспекциски надзор во агенцијата „Беса Транс“, бидејќи сопственикот на агенцијата бил недостапен.

Туристичката агенција „Беса Транс“, чиј автобус пред три недели доживеа тешка сообраќајна несреќа во Бугарија и во која животот го загубија 45 македонски патници, повторно продолжува со организирање тури за Истанбул од јануари следната година, објави ТВ24.

Новинарска екипа од телевизијата се јавила на телефонскиот број на агенцијата, а оттаму одговориле дека турите за Турција продолжуваат од јануари, но дека сè уште немаат точни датуми за екскурзиите.

Трагичната несреќа се случи на 23 ноември, а инспекторите за транспорт сè уште не успеале да направат вонреден инспекциски надзор во агенцијата „Беса Транс“, бидејќи сопственикот на агенцијата бил недостапен.

Директорот на Инспекторатот за транспорт, Руфат Хусеини, во изјава за ТВ24 вели дека доставиле писмен допис до туристичката агенција со датум и време за вршење на инспекцискиот надзор.

– Вонредниот инспекциски надзор не е извршен бидејќи седиштето на ’Беса Транс‘ беше затворено. Новиот надзор согласно Законот за инспекциски надзор е закажан со писмен допис до ’Беса Транс‘. Исходот дали ќе се изврши надзорот зависи од тоа дали доставата ќе биде успешна – вели Хусеини.

А на прашањето дали и колкав рок има агенцијата да одговори на дописот на инспекторатот и дали ако не одговори ќе се бара асистенција од МВР, директорот вели:

– Кога надзорите се вршат на седиштето на фирмите, нема потреба од полициска асистенција.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР), пак, велат дека Инспекторатот досега не доставил никакво барање до полицијата во врска со случајот. Во меѓувреме, Бирото за јавна безбедност (БЈБ) почнало со вршење контроли на фирмите кои превезуваат патници.

– Бирото за јавна безбедност има отпочнато Оперативна акција на државно ниво, во рамки на која во содејство со други надлежни служби се вршат контроли околу начинот на добивање на целокупната потребна документација, која е неопходно да ја поседуваат фирмите кои вршат транспорт на патници — велат од МВР.

По ова се огласија од туристичката агенција, од каде ја демантираа информацијата. 

-На 8 декември, се појавија шпекулации дека „Беса транс ДООЕЛ“, наводно, од јануари 2022 година повторно ќе вози патници (екскурзии) од Р.С. Македонија до Турција и обратно. Целосно ги демантираме таквите шпекулации и ја известуваме пошироката јавност дека „Беса транс ДООЕЛ“ ниту може, ниту сака да организира транспорт (екскурзии), бидејќи компанијата е фокусирана на соработка со институциите на Р.С. Македонија и Бугарија, за брзо да се откријат причините за ужасната несреќа, се вели во објавата на фејсбук-страницата на агенцијата.

Во автобуската несреќа што се случи на 23 ноември во Бугарија животот го загубија 45 македонски државјани враќајќи се од екскурзија во Истанбул.

Интервју на сопственикот на Беса турс: Си велев зошто не сум јас во тој автобус, да умрам

Беким Хаџиу рече дека автобусот поминал на технички преглед пред да замине од Турција и се било во ред. Ја исклучува можноста некој од патниците да има увезено запаливи материи. Хаџиу потврди дека и тој и неговото семејство биле дел од патувањето, но патувале во друг автобус. Неговите деца биле во последниот автобус.

Беким Хаџиу рече дека досега не зборувал за медиумите бидејќи е шокиран од тоа што се случило, но на секој начин соработува со истражителите за да се утврдат причините за инцидентот во кој загинаа 45 лица.

Тој рече дека автобусот бил произведен во 2007 година, но бил купен од неговата компанија пред околу три години. Според сопственикот, досега немало технички проблем со автобусот.

На Беким Хаџиу се уште му е тешко да ја прифати трагедијата на автопатот Струма, во која загинаа 45 лица кои патуваа во еден од неговите автобуси.

-Си велев зошто не сум во овој автобус, да умрам во автобус и тоа си го кажав многу пати, вели Беким Хаџиу, сопственик на Беса Транс.

Беким Хаџиу со семејството често учествуваше на екскурзиите што ги организираше неговата туристичка агенција.

Овој пат, од Македонија тргнаа четири автобуси. На враќање од Турција, во автобусот кој се движел прв патувал сопственикот на фирмата и неговата сопруга. Нивните деца биле во еден од автобусите. На граница, на излез од Бугарија, Беким Хаџиу дознал дека автобусот му излетал.

-Им реков да ме испратат на местото да видам со свои очи што се случило таму, додаде Беким Хаџиу.

Сопственикот на „Беса транс” се качил со такси и се вратил на местото на несреќата.

Беким Хаџиу одби да коментира за несреќата бидејќи истрагата се уште е во тек. Сепак, рече дека три недели пред несреќата автобусот поминал на технички преглед. Дополнително, пред секое патување, сите возила поминуваа низ сервисен центар.

-Пред да тргнеме за Турција ги сервисираме, контролираме, па дури и кога ќе стигнеме до Истанбул и таму одиме на сервис да ни проверат, превезуваме патници, да видиме каква е состојбата. Се беше во ред таму и таму и кога бевме на сервис таму, ни кажуваат нешто веднаш да го поправиме, објасни сопственикот на „Беса транс“.

Хаџиу рече дека во автобусот немало цевки со нелегално увезено гориво. Поради темелните проверки на бугарските граници се исклучува можноста патник да внесе пиротехника.

-Во секој автобус има цевчиња, имаат вода, секој автобус мора да ги има за секој случај. Ова е резервна вода. Строги контроли за влез во Бугарија, багаж, возач – се – што се носи, рече Беким Хаџиу.

Одземена е лиценцата на фирмата сопственик на опожарениот автобус.

Сопственикот на Беса Транс ги опиша возачите на автобуси како добри и искусни професионалци кои многупати ја поминале оваа релација. Строго ги почитуваа часовите за паузи. Тој тврди дека автобусот има фабрички ограничувања и не можел да крене повеќе од 100 km/h. На прашањето дали автобусот ги има сите потребни документи, Беким и неговиот адвокат рекоа дека во оваа фаза нема да коментираат бидејќи истрагата е во тек.

-Можеме со сигурност да кажеме дека Беса Транс има дозвола да врши транспортни дејности на територијата на Европа и повторно да врши туристичка дејност на територијата на Република Северна Македонија и надвор од РСМ, изјави адвокатот Лубомир Таков.

Беким рече дека неговата компанија е основана во 2009 година, но веќе четири години е редовен превозник во Истанбул. Во цената од 80 евра е вклучено патување и две ноќевања, а секое патување во рамките на патувањето и услугата се доплаќа.

Беким Хаџиу од несреќата живее во Бугарија. Изнајмил стан за да им биде достапен на истражителите и да помогне колку што може. Тој вели дека е достапен и за жртвите. Неговите роднини се во контакт и со роднините на луѓето во опожарениот автобус.

-Никој не сакаше ова да се случи. Сите го знаат тоа. Не дозволувајте никому да му се случи оваа трагедија, тажна, многу тажна трагедија. Не знам што друго да кажам, изјави за БНТ сопственикот на Беса транс.

Беким Хаџиу рече дека не се чувствувал загрозен од никого.

Павле Богоевски до сосптвеникт на „Беса Транс“ – Подобро да останеше во дупката и да не се јавуваше

Поранешниот пратеник Павле Богоевски, реагираше на социјалната мрежа Фејсбук, во врска со обраќањето на газдата на „Беса Транс“, пет дена по трагедијата.

Богоевски, во статусот му посочи: Пет дена по трагедијата, газдата на БЕСА Транс, Беким Хаџиу конечно излезе од дупка и преку ФБ изрази сочувство на семејствата на загинатите, а несреќата ја опиша како “тест на Алах”. Не, дечко. Ова беше тест на нашите инспекциски, управни, царински и гранични служби.

Сите тие паднаа на тестот, давајќи ти на тебе и сличните криминалци да печалите пари на сметка на безбедноста на патниците кои се дрзнуваш да ги наречеш “семејство”.

Подобро да останеше во дупката. Срамота, се вели во статусот на пратеникот Богоевски.

Инаку, Јавното обвинителство покрена истрага врз агенција „Беса Транс“, а еден од автобусите, изгоре во несреќа, а со себе повлече и 45 животи на македонски патници. Само 7 лица едвај спасија „жива глава“.

Се огласи сопственикот на „Беса Транс“ – Ова е искушение од Алах, неговата волја не може да се промени

Сопственикот на автопревозникот Беса Транс, Беким Хаџиу, синоќа на Фејсбук им изрази сочувство на семејствата на жртвите од сообраќајката во која 45 граѓани ги загубија животите патувајќи во неговиот автобус, за кој органите обзнанија дека немал извод од лиценца, а не бил евидентиран на границата кога ја напуштил земјата на патувањето за Истанбул.

,,Алах да им даде рај на починатите, а на повредените што поскоро опоравување. Овие зборови ги кажувам со жалење и со повредено срце. Тие беа исто така наше семејство, бидејќи секогаш кога патувавме и патниците ги сметавме за фамилија. Четири дена бевме заедно во Истанбул и забележав дека повеќето и порано доаѓале со нас на тури со нашите автобуси за Истанбул. Овие тестови се од Алах и верувам дека се прифатени од секој верник, неговата волја не може да биде променета ни за минута и бараме од Алах никого да не тестира”, напиша Хаџиу на Фејсбук.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вчера информираше дека е отворен предмет за Беса Транс и дека податоците што се собираат на барање на бугарските обвинители, во исто време ќе се користат и во делот на тој предмет, а со цел на расчистување на сите ситуации поврзани со несреќата, од документација за автобусот до тоа како тој ги поминувал границите.

-Ние ги прибираме потребните документации, а потоа ќе донесеме соодветна одлука. Веднаш по сообраќајната несреќа документацијата од команијата Беса Транс е одземена. Ве уверувам за било кое лице доколку има основ, Обвиниелството ќе отвори постапка, изјави Јовекси.

Истражителот во Националната истражна служба на Република Бугарија, Младен Христов Петров, посочи дека се работи на сите верзии кои не се отфрлени, но бидејќи несреќата е голема и се собираат многу докази, во ваква ситуација истрагата треба да продолжи и не може да се даде дефинитивна верзија за причините за несреќата.

-Сопственикот на фирмата е сослушан во раните часови. Со него интензивно се соработува на територија на Северна Македонија и тој е достапен на надлежните институции, изјави Петров.

„БЕСА ТРАНС“ за две години зела повеќе од половина МИЛИОН ДЕНАРИ од Владата

Компанијата „Беса транс“, чиј автобус имаше сообраќајка и изгоре на атопатот Струма во Бугарија, рпи што 45 лица загинаа, од 2010 година до денес зела неколку милиони денари од државата за транспортни услуги, открива порталот Инфомакс.

Доколку направиме кратка проверка на компанијата на страницата Отворени финансии ќе видиме дека само од Владата во изминативе две години на контото на „Беса транс“ легнале повеќе од половина милион денари.

Покрај стотиците илјданици денари од Владата за „Беса транс“, огромни суми на контото на компанијата легнале од општините, односно од градоначалници и раководни кадри на ДУИ и СДСМ.

Вратите ЗАТВОРЕНИ, на телефон не се јавува никој: Неуспешен обид за вонреден инспекциски надзор во „Беса транс“

Државниот инспекторат за транспорт (ДИТ) вчера се обидел, но не можел да изврши вонреден инспекциски надзор во компанијата „Беса транс“, чијшто автобус изгоре во Бугарија, бидејќи, како што изјави за МИА директорот Руфат Хусеини, канцелариите и на компанијата и на нејзините агенции биле затворени, а никој не се јавувал на телефон.

– Вчера се упативме во просториите на „Беса транс“, во седиштето, но беа затворени, никој не се јавуваше на службените телефони. Оттаму се упативме во седиштата на двете агенции што ги имаат во Скопје, кои исто така беа затворени и немаше никој. Во Тетово знаеме дека има една агенција, но нашиот инспектор оттаму не информираше дека и таа е затворена. Не можевме да извршиме вонреден инспекциски надзор, изјави Хусеини.

Никој, како што дополни тој, не крева телефон, ниту сопственикот на „Беса транс“, ниту некој во канцелариите.

– Сега ќе доставиме писмен допис и ќе закажеме термин за да не пречека и да ја отвори канцеларијата, ако не ја прими доставницата тогаш ќе се изврши достава преку Министерството за внатрешни работи, најави Хусеини.

По автобуската несреќа што се случи во раните утрински часови на 23 ноември на автопатот „Струма“, кога автобус на превозникот „Беса транс“ враќајќи се од Истанбул удри во заштитната ограда од патот и се запали, Владата на седница го задолжи ДИТ да изврши вонреден инспекциски надзор. Со надзорот, треба да биде опфатено се што е во рамки на надлежностите на Инспекторатот согласно со Законот за превоз во патен сообраќај.

– Конкретно, лиценца за извршување слободен меѓународен превоз на патници, број на возила и изводи од лиценци за тие возила и дали се сопственост на компанијата, пријавени возачи во работен однос во компанијата, потврди за техничко експлоатациски услови за секое возило, сертификати за професионланост за меѓународен превоз за патници, сертификат на управителот за професионална компетентост, евиденција за издадени патни налози за една година наназад. Нашиот надзор ќе ја опфати оваа документација, рече Хусеини.

Министерството за транспорт и врски завчера и ја одзеде лиценцата за работа на фирмата-превозник „Беса транс БТБ“, бидејќи за автобусот во кој загинаа 45 патници немало издадено извод од лиценца за вршење меѓународен слободен превоз за патници, ниту, пак, за друг вид јавен превоз на патници, а возилото не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци. Министерството за транспорт и врски има регистрирано четири лиценцирани возила на фирмата „Беса транс БТБ“, но меѓу нив не е автобусот што изгоре. Според член 11 став 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај, првозникот може да започне да врши превоз на патници во внатрешен и меѓународен патен сообраќај, откако ќе добие лиценца и извод од лиценца за моторно возило.

По контролата што ја изврши Секторот за професонална одговорност на Царинската управа на ГП „Деве Баир“, од ова институција најавија мерки за двајца царински службеници и раководител бидејќи не го евидентирале излезот на автобусот од државава.

– Првичните наоди од внатрешната контрола покажуваат дека на 18 ноември од царинските службеници електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот „Беса транс“ од Скопје, извршена е само заверка на евидентниот лист за превоз на патници. По досега утврдените неправилности во постапувањето, двајцата царински службеници, кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат суспендирани од работното место, а нивниот непосреден раководител ќе биде санкциониран, најавија од Царинската управа.

Деновиве куќата на сопственикот на „Беса транс“ ја чуваат полицајци, информира екипата на БНТ.

Сопственикот имал закани за убиство, велат од полицијата, а пренесе БНТ.

Мевљан Исмани од село Рашче на новинарите од БНТ им раскажал дека возачот на автобусот е од блиското село Долно Свиларе. Според него, тој бил искусен возач кој долги години работел во јавен превоз. Исмани вели дека не знае како е можно да се работи за човечка грешка.