Tag Archives: биткоин

Илон Маск за една недела изгуби 20 милијарди долари: Еве каде киксна

Настапот скапо го чинел: По појавувањето на „Saturday Night Live“, Маск изгубил 20 милијарди долари

Магазинот „Форбс“ објави дека шефот на компанијата „Тесла“, Илон Маск, за само 7 дена изгубил повеќе од 20 милијарди долари.

Причината за падот на вредноста на неговото богатство е неговото гостување во емисијата “Saturday Night Live” кое се случи минатиот викенд.

Нето богатството на американскиот бизнисмен падна од 166 милијарди на 145,5 милијарди долари, откако во текот на минатата недела вредноста на акциите на произведувачот на електрични автомобили „Тесла“ падна за околу 15 отсто, покажуваат податоците што ги следи магазинот „Форбс“.

Без оглед на тоа, Маск и понатаму е третиот најбогат човек во светот.

Во текот на своето деби во оваа забавна емисија, ексцентричниот милијардер откри дека тој е „првата личност со Аспергеров синдром која е домаќин на шоуто – или барем првата што го признала тоа“.

Претприемачот исто така зборуваше и за најновите случувања на пазарот на криптовалути, како што се биткоинот и доџкоинот и изнесе шокантна проценка дека ова е втора „празна приказна“. Маск претходно јавно го промовираше тој токен, што ја искачи неговата цена на рекордни нивоа.

Неговите коментари изнесени во „Saturday Night Live“ го потресоа пазарот на криптовалутите, со тоа што вредноста на доџкоинот падна за повеќе од 30 отсто во рок од 24 часа. Во меѓувреме, оваа криптовалута повторно започна да расте по новиот твит на Маск и најавата дека платформата „Coinbase“ ќе ја смести оваа криптовалута во понудата.

По ТВ настапот, Маск исто така објави дека „Тесла“ се откажува од прифаќање на биткоин како платежно средство за неговите автомобили.

Последните потези на Маск наводно ги збуниле инвеститорите, предизвикувајќи дополнителна нестабилност на цените на акциите на „Тесла“, кои паѓаа во текот на минатиот месец поради општата распродажба на акции на големите технолошки гиганти на берзата и растечката неизвесност во врска со бизнисот на овој произведувач на автомобили во Кина.

ОД ЧЕГРАНЕ перел пари и БИТКОИНИ за европска мафија!

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Бирото за јавна безбедност, во соработка со Европол и Еуроџаст учествуваше во меѓународна истрага, предводена од полициските служби во Германија, а со координирани активности помеѓу полициски служби од Германија, Бугарија, Израел, Латвија, Полска, Шпанија и Шведска.

Во рамки на истрагата лишени од слобода се 11 лица (пет во Бугарија и едно во Израел на денот на акцијата и шест лица претходно во Шпанија), извршени се претреси во Бугарија, Израел, Полска, Северна Македонија и Шведска и запленети се бројни електронски уреди и возила, а банкарските сметки се замрзнати.

– Криминалните активности се вршеле во повеќе држави во Европа, а се повразни со вршење на измами во вкупна вредност од 30 милиони евра со злоупотреба на онлајн-трејдинг платформи, криптовалути и перење пари, привлекувајќи ги жртвите преку реклами на социјалните медиуми.

Шемата за измама, била организирана главно од израелски државјани, вклучувала центри за повици од Бугарија и Македонија, а осомничените ги переле нелегалните профити преку банкарски сметки контролирани од компании со седиште во различни земји на ЕУ, соопшти МВР.

Во текот на истрагата МВР преземени мерки и активности со цел идентификација на лица од Република Македонија, кои се дел од криминалните активности и обезбедување на докази.

– Во координација со Основно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера во 06 часот изврши претрес, по добиена судска наредба, во дом и деловни простории на А.А.(34) од село Чегране, гостиварско, при што биле одземени предмети кои се поврзани со вршењето на криминалните активности, а лицето е обезбедено, се вели во соопштението.

Од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика – Одделение за истраги за компјутерски криминал, со судски наредби, додаваат од МВР, извршени се претреси на деловни простории на правни лица во Скопје, при што било констатирано дека адресите кои се пријавени во Централен регистар на Република Македонија се лажни и не постојат.