Tag Archives: Буча

Пронајдени тела во МАСОВНА ГРОБНИЦА во БУЧА, западот обвинува, Русија негира

Во масовната гробница во украинскиот град Буча, во близина на Киев, пронајдени се 57 тела на убиени цивили, изјави денеска шефот на локалниот спасувачки тим Серхи Каплични.

– Тука, во оваа долга гробница, се закопани 57 луѓе – изјави Каплични за АФП, кој ја организираше ексхумацијата.

Претходно, на социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледаат безживотни тела на улиците на градот Буча. Дел од западните медиуми објавија дека најмалку 20 мртви мажи во цивилна облека биле пронајдени на една улица откако украинските сили вчера ја вратија контролата врз Буча.

Францускиот претседател Емануел Макрон ги опиша фотографиите од Буча како неподносливи.Макрон го сподели своето сочувство со Украинците и жртвите, додавајќи: „Руските власти ќе мора да одговараат за овие злосторства“.

Шефот на германската дипломатија Аналена Бербок денеска изјави дека Русија мора да плати за своите, како што рече, „воени злосторства“ во украинскиот град Буча, недалеку од главниот град Киев, во форма на построги санкции.

„Сликите од Буча се неприфатливи, нескротливото насилство на Путин ги брише невините семејства и не познава граници.

Одговорните за овие воени злосторства мора да одговараат. Ќе ги заостриме санкциите кон Русија и уште повеќе ќе и помогнеме на Украина во одбраната“, напиша Бербок на Твитер.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повика нмеѓународните организации како што е Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) да им биде дозволен пристап до погодените области со цел независно да се документира она што тој го опиша како „ѕверство“.

Шолц, исто така, ја повика Русија конечно да се согласи на прекин на огнот и да ја запре оваа „страшна, бесмислена и неоправдана војна“.

Фотографии на Ројтерс на ОВОЈ ЛИНК

ЗЕЛЕНСКИ ЈА ОБВИНИ РУСИЈА ЗА ГЕНОЦИД Сакаат да истребат цела нација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека извршила „геноцид“ во Украина со цел да ја истреби „целата нација“, еден ден по откривањето на голем број тела на улиците на градот Буча во близина на Киев по повлекувањето на руските сили.

– Да, тоа е геноцид. Истребување на целата нација и народ, ние сме украински граѓани. Имаме повеќе од сто националности. Ова е уништување и истребување на сите овие националности – изјави Зеленски за Си-Би-Ес.

Зеленски ја повика Русија „целосно да ги повлече своите сили“ со цел „барем“ да се врати на ситуацијата пред 24 февруари, кога започна руската инвазија.

– Ова ќе ни овозможи да започнеме да разговараме за други прашања за ставање крај на окупацијата, како ќе живееме потоа – додаде Зеленски.

ЕВРОПА НЕ ВИДЕЛА ВАКВИ УЖАСИ СО ДЕЦЕНИИ Столтенберг е згрозен од злосторствата во Буча

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги опиша злосторствата во Буча како „ужасни“, истакнувајќи дека „тоа е бруталност кон цивилите каква што не сме виделе во Европа со децении“.

– Ужасно е и апсолутно неприфатливо да се пука во цивили и да се убиваат. И тоа само ја нагласува важноста дека оваа војна мора да заврши – изјави Столтенберг за Си-Ен-Ен.

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека нивните сили не убиле цивили во Буча, град во близина на Киев, кој украинските сили го ослободија деновиве.

„Додека градот беше под контрола на руските вооружени сили, ниту еден од неговите жители не беше изложен на насилство“, се наведува во соопштението на Министерството.

Министерството додава дека сите жители „можеле слободно да заминат на север“, додека јужните предградија на градот „биле цел на деноноќен оган на украинските војници“.

Во соопштението се наведува и дека сите руски воени единици се повлекле од Буча на 30 март, ден откако Русија објави дека значително ќе ги намали операциите во северна Украина.