Tag Archives: ДенисТот

Вкупно 52 ГОДИНИ ЗАТВОР за обвинетите за убиство на Денис Тот

Основниот кривичен суд во Скопје ги прогласи тројцата обвинети за виновни за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот:

Со првостепената пресуда обвинетите Анџело Ѓоргиевски и Клементина Левковска осудени се на по 18 години затвор, а Андреј Костовски (19) – 16 години затвор.

Странките имаат право на жалба до повисокиот Апелациски суд Скопје.

Анџело и Клементина, рече судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ, имале поголем придонес во извршувањето на дело. За Анџело наведе дека и прв ги задал удрите кон Тот, а Клементина, која најмногу го удира, судијката ја опиша како „крајно упорна во ударите“.

Покрај затворската казна, судот определи и надомест на штета за семејството на убиениот ракометар, и тоа по 9 милиони денари (околу 145 000 евра) за мајката и таткото и 8 милиони денари (околу 130 000 евра) за братот на Денис Тот.

Солидарната надомест треба да се исплати во рок од шест месеци откако пресудата ќе стане правосилна.

Се огласи министерот за здравство: Извештајот на ДСЗИ за случајот со ракометарот Тот е доставен кај мене, се чека извештај од судска медицина

Извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за случајот со хрватскиот ракометар Денис Тот е доставен во мојата канцеларија, сега чекаме извештај од судска медицина. По комплетирање на сите документи ќе се формира комисија ако има потреба и ако има сомнеж за некој детаљ, па потоа ќе дадам дефинитивна изјава, истакна денеска министерот за здравство Беким Сали.

Тој вели оти „сликата се уште не е комплетирана“, па поради тоа не може да даде прецизен одговор во однос на тоа дали има некој лекарски пропуст во овој случај.

– Не би сакал во период кога се уште е отворен процесот да дадам некоја изјава. Се уште сликата не е комплетирана, не можам да дадам прецизен одговор, меѓутоа гледам дека секоја институција својата работа си ја обавува во рамки на своите ингеренции. И со директорката Мојсова и со директорката Букова сме разговарале, меѓутоа дозволете да заврши процесот, па да кажеме, додаде Сали.

Осомничениот за убиството на Денис Тот сам се пријавил во полиција

Министерството за внатрешни работи утринава соопшти дека е приведен осомничениот А.Ѓ. по кого се трагаше за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Осомничениот е приведен на територија на Скопје.

Како што информира МВР, за него, веќе е донесено решение за определување мерка притвор во траење од 30 дена.

Министерството за внатрешни работи утринава го извести Основното јавно обвинителство Скопје дека е лишено од слобода лицето А.Ѓ. по кое се трагаше врз основа на издадена Наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Лицето се предало на органите на прогонот на територијата на Скопје. За осомничениот, по предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје веќе има донесено решение за определување мерка притвор во траење од 30 дена – се наведува во соопштението од МВР.

Го допревме ли дното како општество или може уште подоле? Не заврши само животот на Тот туку и на тие што го убија

Новинарот Милош Милошевски на неговиот Фејсбук профил го искоментира видеото кое денеска се појави на интернет, а го покажува моментот на убиството на Денис Тот.

Статус на денот:

“Го допревме ли дното како општество?

Или може уште подоле?

Цел ден ми беше потребен да ја сварам снимката со Тот и да искоментирам нешто.

Колку сме сега прогресивни ако тој прогрес не врати назад во првобитното општество во кое единствени закони кои важат се законите на џунглата!Зошто мислите дека задоволувањето на „влекачкиот дел“ од мозокот е прогресивно? Зошто мислите дека задоволувањето на вашите импулси и нагони е чекорење напред?!

Па луѓе векови, илјадници години ни биле потребни да го создаде ова општество во кое живееме денес, општество со овие закони и морални норми.И што мислите дека ако ги отфрлите сте бунтовници? Ќе живееме подобро? Стегите на општеството и патријархатот ве влечат надоле?!

Мислите ли сега дека на младите им требаат повеќе права и поголема слобода? Не на младите како на секој еден човек му треба причина да стане наутро во 7 и да создава. Ако им пружите шанса тоа и ќе го прават, наместо во среда да заглавуваат по дискотеки до 3 часот наутро ќе го променат светот.Таа вечер не заврши само животот на Тот туку и животите на оние кои го убија, тие убија дел од себе. Зборуваме за четири млади ума, 4 пара раце кои требаа да создаваат за себе и за идните генерации.

Виновен сум и јас, сум ја поминал таа фаза не сум знаел за подобро. Ама сум добил животни лекции од своите родители кои ме поучиле дека суштината на животот е да создадам семејство, дом и нешто повеќе наместо да го трошам својот живот задоволувајќи ниски страсти.Родители не ги заборавајте својата деца, нема подобра инвестиција за човештвото од паметно, добродушно и воспитано дете.

Да не почнувам за институциите кои не можеа да пронајдат траги на насилство кај човек чиј череп буквално беше газен без грам сочувство.Нашево општество, нашава држава е трула, смрди, реата ја чувствуваме сите ама никој ништо не прави освен што го посочува очигледното… Копа труе…Било кој од нас можеше да биде Тот таа вечер.

Почивај во мир Денис.” – пишува Милшевски на Фејсбук.

Линк од објавата: https://m.facebook.com/story.php?story_fbid=1320891191767677&id=100015404261981

ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Снимка од убиството на ракометарот Денис Тот, еве што се случило кобната ноќ

На Јутјуб канал се појави видео од убиството на хрватскиот кошаркар Денис Тот. За кратко време оваа снимка беше избришана. Но, истата сега е објавена на Твитер.

Веројатно ова е снимка од камерите на „Сејф Сити“, каде точно се гледа што се случувало пред младиот ракометар да падне во бесознание и да биде пренесен во Ургентниот центар, пренесе НЕТПРЕС.

ГРОЗОМОРНИ ДЕТАЛИ: Тот бил пренесен во болница со пресечен јазик, масивен оток на мозокот, престанок на срцето и висока температура!

Основното јавно обвинителство денеска објави грозоморни детали за смртта на младиот ракометар на РК Бутел, а истите ги објавивме претходно и можете да ги прочитате ТУКА.

Меѓу другото во нивниот извештај пишува и дека:

Денес во утринските часови на Институтот за судска медицина и геонтологија беше извршена обдукција врз починатото лице и според првичните наоди, иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари.

Кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци.

Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“.

Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал.

СЕ РАБОТИ ЗА УБИСТВО: Две лица се приведени едно е во бегство поради смртта на Денис Тот

Скопското обвинителство ја чека целосната документација за да отвори предмет, а од доказите ќе зависи квалификацијата на делото.

Засега инволвирани се три лица, од кои две, дечко и девојка, се веќе приведени, а третиот е во бегство.

Дваесет и седумгодишниот ракометар на Бутел, хрватскиот интернационалец Денис Тот починал како резлутат од насилна смрт, утврдиле докторите од Судска медицина, а јави телевизија Телма.

Обдукцијата покажала дека удар во главата, односно повреда на мозокот е причина за смртта на Тот, кој вчераутро почина на скопските клиники.

Ова за Телма го потврдиле и од Скопското обвинителство, кои се веќе усно известени и ја чекаат целосната документација за да отворат предмет, а од доказите ќе зависи квалификацијата на делото.

Телевизијата јавува и дека засега инволвирани се три лица, од кои две, дечко и девојка, се веќе приведени, а третиот е во бегство.

РК Бутел – Скопје се прости со Денис Тот: “Ќе те паметиме засекогаш”

Македонската спортска јавност денеска беше потресена од смртта на хрватскиот ракометар од редовите на Бутел, Денис Тот.

Од Тот се прости и неговиот актуелен клуб, Бутел Скопје.

Со длабока тага и неверување ја примивме веста за смртта на нашиот Денис Тот. Хрватскиот интернационалец кој имаше 27 години ја играше првата сезона во Бутел Скопје и беше голем професионалец на ракометниот терен и надвор од него. Го изразуваме нашето најдлабоко сочусвство до семејството и најблиските. Денис, почивај во мир, ќе те паметиме засекогаш!, стои во објавата на клубот.

Денис Тот, професионална играчка кариера ја започнал во Ѓаково во Хрватска. Настапувал за Пореч Бјеловар, Брик Австрија од каде заминува за Адемар Леон. Во 2019 година од Шпанија пристигнува во Охрид, а по две поминати сезони, од септември го замени клупскиот дрес на Охрид со оној на РК Бутел Скопје.