Tag Archives: донор

28-годишен починат ДОНОР со ретка крвна група е единствена шанса за 22-годишното момче, во тек ТРАНСПЛАНТАЦИЈА на бубрег и коскени ткива

На Клиниката за урологија во тек е трансплатација на бубрег од 28-годишен починат донор, а примател е 22-годишно момче. Како што соопшти Министерството за здравство, се работи за донор со исклучително ретка крвна група за која има мал број на приматели на органи на Националната листа за трансплантација и за овие пациенти ова е единствена шанса за живот.

Експлантацијата на бубрег и коскени ткива од починатиот донор била извршена ноќеска со тимовите на д-р Сотир Ставридис и д-р Александар Трајковски, а утрово почна трансплантацијата под раководство на д-р Сашо Дохчев.

„Семејството несебично се согласи да ги донира органите. Благодарение на нивната хуманост, утрово еден бубрег се трансплантира кај-22 годишно момче. Коскените ткива ќе бидат обработени и спремни за трансплантација во наредните денови. Голема благодарност до медицинските тимови кои учествуваа во експлантацијата и до семејството на донорот кои ни покажаа што значи хуманост“, велат од Министерството.

18 годишниот возач кој ја прегази Верица на пешачки премин доби само 15 месеци затвор!

Основниот суд во Струмица денеска го осуди И.Ч. (18) од Струмица на казна затвор во траење од 15 месеци заради прегазувањето на Верица Белчовска (20) од беровско Русиново.

Сообраќајната несреќа се случи на 7 април, годинава на булеварот „Ленинова“ во Струмица во 19:40 часот, кога момчето кое возело автомобил марка „нисан“ удрило во Верица која преминувала на пешачки премин. Возачот избегал од местото на несреќата, а подоцна, истиот ден, сам се пријавил во полициска станица.

Според судијката Цона Каламерникова, обвинетиот пред судот ја признал вината за стореното дело, а казната на момчето му е изречена за сторени кривични тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.

По загинувањето на Верица, семејството ги донираше нејзините органи, кои спасија три животи.

За хуманоста семејството Белчовски доби стан на користење од Владата, а мајката на Верица се вработи во канцеларијата на премиерот Зоран Заев во Струмица.

Мајка на 10-месечно бебе е жената-донор која спаси три човечки животи

Министерот за здравство Венко Филипче преку социјалните мрежи информираше дека остварил средба со семејството на починатата жена чии срце и бубрези беа донирани.

„Утрово се сретнав со семејството на 40-годишната Јасмина, жената донор на срце и бубрези, која спаси три човечки животи. Немам зборови со кои може да ја опишам големината и човечноста на семејството Василковски кои во саботата во моменти на најголема болка, одлучи да ги донира нејзините органи. Јасмина беше мајка на 10-месечно бебе, посветена сопруга, добра сестра и снаа. Василковски се скромни луѓе, нивниот хуман и несебичен гест, никогаш нема да го заборавиме, остануваме поддршка и секогаш сме овде кога ќе треба да им се помогне“, напиша на социјалните мрежи министерот.

Успешна трета трансплантација на срце во Македонија❤️ 40 годишна скопјанка е третиот донор на срце

-Утрово во 6:33 часот започна процесот за третата трансплантација на срце во историјата на нашата земја. На двајца пациенти ќе им се трансплантираат бубрези. Доцна синоќа заедно со моите колеги Националната координаторка за трансплантација доц. д-р Маја Мојсова Мијовска тимот кардиохирурзи проф. д-р Сашко Јовев, академик Жан Митрев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Васил Папестиев, д-р Тања Анѓушева ги направивме подготовките за трансплантација на срце и бубрези од мртов донор чие семејство даде согласност да се донираат органите на пациентот. На тимовите лекари кои ќе ги вршат трансплантациите им посакувам многу успех. Да им држиме среќа, напиша Филипче во својот статус на Фејсбук.

По околу пет часа, успешно е завршена третата срцева трансплантација во Македонија. Срцето на 40 годишната почината жена донор сега чука во градите на 32 годишна жена.

-Кога е човечки живот во прашање не е важно дали е ден или ноќ, викенд или работен ден. Согласно претходно извршените подготовки, рано утрово околу 6:30 часот тимот кардиохирурзи го почна оперативниот зафат со цел трансплантација на срце од починат донор. Во просториите на државната кардиохирургија Академик д-р Жан Митрев заедно со д-р Никола Христов и проф. д-р Сашко Јовев од државната кардиохирургија придружени од анестезиолозите, како и тим на перфузонисти, инструментари, медицински сестри ја изведоа оваа операција која траеше околу 5 часа со што и официјално успешно беше извршена третата трансплантација направена во нашата земја. Станува збор за 40 годишна жена чие семејство даде согласност, нејзиното срце да продолжи да чука во градите на 32 годишна жена, објавија на Фејсбук од Жан Митрев.

Во текот на денешниот ден се очекуваат уште две бурежни транспланатации.

Донорот е жена од Скопје на возраст од 40 години. Таа добила спонтано крварење во мозокот и случајот бил иноперабилен.

Обезбеденo вработување за таткото и братот на Верица Белчовска, девојчето чии органи спасија животи

„Утрово се сретнав со семејството на младата Верица Белчовска чии органи беа донирани и спасија животи. Најмалку што можеме да сториме за овие неизмерно хумани луѓе е да им помогнеме. Преку донатори се обезбеди вработување за таткото и братот на Верица, а на почетокот од месецов, Владата им додели на користење стан во општина Струмица. Белчовски донесоа одлука која нема цена, тие на сите ни покажаа што значи да си човечен, ова семејство во моменти кога го изгубија најмилото, мислеа како да спасат други животи, за што сите сме им вечно благодарни“, рече Венко Филипче, министерот за здравство.

Семејството на Верица Белчовска ќе добие стан во Струмица

Комисијата за станбени прашања при Владата со која претседава министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на денешната седница одлучила на семејството Белчовски, чија ќерка Верица трагично загина во сообраќајна несреќа, а нејзините органи беа донирани, да им биде доделен на користење стан во општина Струмица, информира министерот преку својот фејсбук статус.– Имајќи ја предвид бескрајната хуманост на семејството Белчовски чија ќерка Верица трагично загина во сообраќајна несреќа, а нејзините органи беа донирани, како скромно оддолжување кон ова семејство, денеска на седница на Комисијата за станбени прашања при Владата со која претседавам, едногласно одлучивме да им биде доделен на користење стан во општина Струмица, стои во статусот на министерот.

Дополнува дека семејството Белчовски ги поместија вредностите во општеството, а граѓаните на Република Северна Македонија бескрајно им се благодарни за највисокиот чин на хуманост.

Одземен пасошот на 18-годишникот што ја прегази Верица

Од Основното јавно обвинителство за „Слободен печат“ велат на 18-годишникот кој на 7. април ја прегази Верица Белчовска на пешачки премин во Струмица му е одземен пасошот како мерка за претпазливост дека нема да ја напушти државата.

„До несреќата дошло кога автомобил нисан удрил во пешак кој преминувал на пешачки премин, по што возачот го напуштил местото на несреќата. Јавниот обвинител веднаш по несреќата издаде наредба за обезбедување на сите докази и траги на лице место и даде насоки за откривање на сторителот. Подоцна истиот ден, возачот на автомобилот, на возраст од 18 години, самиот се пријавил во полициска станица. Против него е поднесена кривична пријава за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 од кривичниот законик. По предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Струмица за осомничениот определи мерки на претпазливост, одземање на патната исправа и тој веќе даде свој исказ пред јавниот обвинител во кој не негира дека го сторил делото”, информираат од обвинителството за „Слободен печат“.

По смртта на Верица, нејзините органи беа донирани и трансплантирани.

Нејзиното срце продолжи да работи во градите на 22-годишниот Иле Стрезоски од тетовското село Брвеница, кој имаше срцева болест и се наоѓаше во животозагрозувачка состојба. Освен тоа, нејзините бубрези и коскени ткива беа донирани, спасувајќи животи на повеќе пациенти.

Семејствата на Верица и Иле стапија во контакт: Изгубив сестра, но добив брат!

Семејството на 20-годишната Верица Белчовска од Берово, чие срце сега чука во градите на младиот Иле Стрезовски од Брвеница, и семејството на Иле, стапиле во контакт. Цветко, таткото на Иле за ,,Фокус” вели дека телефонски разговарал со Мартин, братот на Верче, и целата фамилија не може да се совземе од емоциите. Болка, неизвесност, страв, благодарност, се соочувале со помешани чувства, но како што вели, над се преовладувала огромната благодарност кон хуманата фамилија Белчовски, чиј гест му дал нова шанса на Иле, но и на многу други луѓе.

-Се слушнавме со братот на Верче телефонски. Изгубив сестра, но добив брат, ми рече. Со таа реченица е кажано се, нашата благодарност не може да се опише со зборови, сите ние се уште сме како во сон, полека започнуваме да сфаќаме што навистина се случи.

Двете сестри на Иле заедно со зетот вчера заминаа во Русиново, да присуствуваат на погребот на Верче. Тоа е најмалку што можеме да направиме, да ја покажеме нашата почит кон девојката чиј живот трагично заврши, но и кон нејзиното семејство кое ја покажа целата своја големина со хуманиот гест. Вечно сме им благодарни, да се стабилизира состојбата на Иле, да помине сето ова, секако дека планираме во иднина и лично сите да се запознаеме, да се видиме со луѓето чија добрина ја трогна целата земја – раскажува таткото.

Целосната вест може да ја погледнете на „ФОКУС“

Русиново се прости од младата девојка чии органи беа донирани, а почина од несовесен возач

Жителите на беровското село Русиново вчера ѝ оддадоа почит на младата девојка Верица Белчовска која животот го загуби во сообраќајна несреќа, а признание примаше за огромната хуманост нејзиното семејство зошто се одлучи да ги дарува нејзините витални органи да им помогната во животот на три лица.

Нејзиното срце чука во телото на момче од Брвеница, а бубрезите ќе им помогнат на две лица кои долго време беа на дијализа. Жителите на Русиново се едногласни дека хуманоста на сиромашното и чесно семејство е покажана на дело, иако донациите нема да им ја надоместат загубата.

Блаже Сапунџиев (28 г.) од Кавадарци го доби едниот бубрег од Верица. Другиот бубрег на Белчовска беше трансплантиран кај 40-годишен пациент, и кај двајцата пациенти состојбата е стабилна.

Мајката на Блаже, Форка вели дека се сочувствуваат со семејството на младата девојка и изрази благодарност за хуманиот гест да ги подарат органите кои некому живот значат.

-До деветгодишна возраст, пет години беше на дијализа. По деветтата година, јас му дадов еден мој бубрег. Мојот бубрег траеше 18 години и после тоа откажа. Повторно беше една ипол година на дијализа.

Трансплантацијата помина успешно. Добар е. Не не пуштија да го видиме, но не инсистиравме, важно е да е се во ред со него, докторите најдобро знаат како треба, изјави мајката на Блаже.

Судбината сакала на ваков начин да ги поврзе нашите две семејства. Засекогаш ќе бидеме благодарни за овој хуман гест, а Верче ќе продолжи на некој начин да живее преку нашиот Блаже и преку другите на кои им се донираат нејзините органи, изјави мајката на Блаже Сапунџиев.

Д-р Маја Мојсовска е со надеж дека гласно ќе одекне во јавноста органодарувањето. Последните години ги посветила на тоа отворено да се разговара на темата, да се крене свеста за можноста за дарување органи при мозочна смрт и начинот нечиј живот да продолжи во друг живот.

Беше среќна и предобрa: Нека живеат други луѓе благодарение на Верче – вели братот на девојката донор

Бевме три деца, сега останавме две… Јас сум најстариот брат, Верче и другата сестричка се помалите. Тешко ни е, претешко, но сакавме во овие моменти да помогнеме, да се спасат што е можно повеќе животи – вака во телефонски разговор за Фокус раскажува Мартин Белчовски, брат на 20-годишната Верче од Берово, чии органи семејството ги донираше.

Тој вели дека кобната сообраќајна несреќа во која настрадала Верче се случила на 7-ми април, на големиот верски празник Благовец.

Од тогаш беше во кома, заспа и не се разбуди… Прекрасна, среќна, предобра… Работеше во Струмица во угостителски локал, се грижеше за сите, беше насмеана. На прашањето дали таа нешто сакаше во животот, кои беа нејзините желби, ќе кажам дека Верче само сакаше да биде среќна – појаснува братот.

Додава дека не се двоумеле кога било донирањето на нејзините органи во прашање. Колку и да е голема нивната болка, се воделе од тоа, дека имаат шанса да спасат животи на други деца, да поштедат од болка други фамилии.

Нашата половина отиде, нека живеат други луѓе благодарение на Верче, таа би го сакала тоа. Размислуваме, доколку ситуацијата беше спротивна, доколку на Верче некој требаше да и донира орган, како нам би ни било – вели тој.