Tag Archives: ХолидејИн

Парк со големина колку Плоштад Македонија ќе се гради спроти „Холидеј Ин“, протест денеска против

Со најавата за почеток на градбата на комплексот „Гранд“ на парцелата 1.1 на паркингот спроти „Холидеј Ин“, компанијата МГ Фешн најави и капитална инвестиција на јавен парк со фонтана на површина близу 7.500 м2 како донација за градот и сите граѓани.

Оваа површина, велат од МГ Фешн, e колку површината на Плоштад Македонија, а предвидена е за нов, урбан, отворен и јавен простор за сите граѓани во рамките на ДУП Ц08 на територијата на Општина Центар.

Визијата на инвеститорот за овој јавен простор е да се уреди налик урбаните паркови во светските метрополи, како оној на “Porta Nuova” во Милано, за што е потребна соработка со надлежните органи на Општина Центар бидејќи важечкиот ДУП на оваа градежна парцела предвидува само партерно уредување со фонтана и спомен обележје. Оттука, она што инвеститорот го нуди како решение за парцелата кај „Холидеј Ин“ е уредување на просторот со разновидно парковско зеленило, оплеменето со современа фонтана, урбана опрема и бројни останати содржини од отворен карактер, достапни за сите граѓани, но и распишување јавен конкурс за идејно решение во соработка со Општината.

„Ваков модерен јавен простор, налик на светските уредени урбани паркови и простори, ќе понуди дополнително заживување и модернизирање на овој дел од центарот на градот, што е во интерес на сите граѓани и целата наша заедница“, изјавија од МГ Фешн, додавајќи дека за граѓаните од Ново Маало кои се сопственици на приватните парцели на кои е предвидена јавна површина, предвидено е обесштетување во истиот сооднос како и за останатите сопственици чии парцели се опфатени со новите објекти.

Дополнително, компанијата изрази подготвеност за соработка со Град Скопје, Шумарски факултет и зелените организации да изготви решение и да инвестира и во обновување на делот од Кејот 13-ти Ноември кој се протега по должина на локацијата.

А на Фејсбук има настан за протест „Стоп за висококатници во центарот на Скопје“, денеска во 16 часот.


 

ПОЧНА ГРАДБАТА на првата од трите ДВАЕСЕТКАТНИЦИ кај Холидеј Ин

Од денеска почнува изградбата на првата од трите 20-катници спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје.

Од компанијата која ќе ги гради зградите „МГ Фешн“ ДОО Скопје испратија соопштение во кое информираат дека почнуваат со градба на зградите од комплексот „Гранд“ врз основа на одобрението за градба добиено од Општина Центар на 13 април годинава.

-Во оваа прва фаза започнува изградбата на станбено-деловниот објект кој содржи  три нивоа под земја, приземје плус 20 ката и поткровје. Објектот ќе биде изграден согласно највисоките архитектонски стандарди и нормативи за градење на енергетски ефикасни објекти кои имаат минимално влијание врз животната средина. Подземните нивоа се наменети за паркирање на возила, приземјето и првиот кат се со деловна намена, додека останатите катови се станбени единици со различна големина, велат од „МГ Фешн“. 

Според Деталниот урбанистички план за овој дел предвидена е јавна површина од вкупно 7.500 метри квадратни или приближно површина колку Плоштад Македонија. Од компанијата велат дека нивната визија за овој јавен простор е да се уреди на современ начин, налик на урбаните паркови во светските метрополи, како на пример оној на Порта Ноува  во Милано, а за идејно решение ќе предложат да биде распишан јавен конкурс во соработка со Општина Центар. 

Во однос на обесштетувањето, „МГ ФЕШН“ ДОО Скопје потсетува дека со целосната реализација на овој проект, жителите на Ново Маало конечно ќе ги почувствуваат бенефитите на современото урбано живеење во главниот град преку урбано регенерирање на овој значаен простор во срцето на Скопје.

Станува збор за обесштетување на повеќе од 300 жители кои сè уште опстојуваат таму како староседелци во центарот на Скопје и кои повеќе од седум децении живеат во супстандардни услови, без фекална и атмосферска канализација, во објекти изградени кон крајот на 19-ти или почетокот на 20-ти век, а притоа со децении имале забрана за каква било реконструкција, доградба или изградба на нивните домови.

Воедно, МГ ФЕШН ДОО Скопје ги повикува сите жители на Ново Маало кои имаат имот на територијата на ДУП Ц08, а со кои досега не се склучени договори за обесштетување, без разлика дали на нивниот имот е предвидена изградба на објекти или јавен простор, да нè контактираат или да дојдат во деловните простории на компанијата за да се склучат соодветни договори за обесштетување со цел изградба на целиот станбено-деловен комплекс предвиден со ДУП Ц08.

ГРАЃАНСКИ РЕВОЛТ: Стоп за бетонот кај ГТЦ со кој се тура пепел на „Скопје зелен град за луѓе“

Планот спроти „Холидеј Ин“ кај ГТЦ во центарот на Скопје мора да се стопира и да се преработи. Во спротивно ќе се поткопаат декларативните заложби за „зелен“ град, „велосипедски“ град, „град за луѓе“, „отпорно Скопје“, „Скопје со квалитетен јавен простор“ баш на најцентралната и најрепрезентативна локација, каде можеше навистина да добијат свој идеален приказ тие заложби, сметаат од иницијативата „НаТочак“.

Од иницијативата посочуваат дека има голем проблем во самиот концепт на планот, односно поставувањето на регулациските линии кои го разграничуваат јавниот од приватниот простор.

-Додека во моментов во Новo Маало – колоквијално познато како „маалото и паркингот спроти Холидеј Ин“ има многу јавни улици кои попречно ја сечат оваа четврт, во планот, и во реалноста во иднина, доколку планот не се стопира, ќе има само една јавна слепа улица како крак од улицата „Мирче Ацев“, што е погрешно од многу аспекти. Нема ниту пешачки јавни патеки низ целиот комплекс. Ќе се добие непробивна, приватна и небезбедна зона во самото срце на Скопје, се наведува во нивното соопштение.

Според иницијативата, иако со ДУП-от е создаден голем плоштад со површина од околу 8.000 метри квадратни, и тоа делумно врз приватни парцели, тој не е воопшто поврзан со околината.

–Додека плоштад „Македонија“ има 10 активни јавни печашчки пристапи и еден блокиран, овој нов плоштад е испланиран само со еден јавен пристап, кој е истовремено и за пешаци и за автомобили кои се доведуваат околу самиот плоштад. Зошто се пропушта шансата кога веќе се планира голем плоштад, да се добие нов белег на Скопје со добро урбанистичко решение? Туку се форсира едно целосно небезбедно, недемократско и автоцентрично решение, соопштија од „НаТочак“.

Од иницијативата „НаТочак“ потенцираат дека градоначалниците би било логично да се заложат за повеќе јавни пристапи и кон овој плоштад доколку навистина се грижат за движењето, безбедноста, одржливоста, и да го стопираат овој план.

За таа цел, од иницијативата потенцираат дека им испратиле допис пред 11 дена и на градоначалниците и на министерот Благој Бочварски, на која се уште очекуваат одговор.

–Постоечкото решение од ДУП-от прави слободното, граѓанско, неконтролирано, некомерцијално пешачко движење (24/7) во јавен простор да се остварува дури на 350 метри растојание, практично пешаците се водат по патеки околу блокот, не низ блокот што е недозволиво за центар на град. Стручните препораки за пешачки движења велат дека препорачано растојание за пешачка мрежа е максимум 120 метри, со стремење кон 60 метри и помалку. Во спротивно, се демотивира пешачењето и се поттикнува поголемо користење автомобил, се наведува во дописот на иницијативата.

Онлајн петиција: НЕ за изградба на нехумано голем објект на паркингот пред „Холидеј Ин“

Низ социјалните мрежи почна да се шири онлајн петиција против изградба на висококатници на парцелата спроти хотелот „Холидеј ин“ во централното градско подрачја на Скопје.

Во петицијата стои дека проектот е предвидено да се реализира во три фази. Во првата фаза изградба на станбен објект со 20 ката и височина од 80 метри, на парцелата на МПЦ. Во втората фаза изградба на станбено-деловен објект со 22 ката и височина од 15 и 88 метри. Во третата фаза – изградба на трговски центар од затворен тип со височина од 15 метри и деловна зграда – кула со 16 ката и височина од 76,5 метри.

„Планот за оваа локација не предвидува зелен простор од 20 отсто во парцела согласно Законот за урбано зеленило, а несоодветно е решено и движењето на пешаците. Не се знае како ќе се обезбеди заштита на кејот на рекава Вардар односно отвореноста на реката кон просторот. Нејасно е како ќе се обезбеди движење на огромниот број возила по постојните сообраќајници. Се отвораат и прашањата како ќе се зачува јавниот простор и зеленилото? Дали за жителите во истата градска четврт ќе може се обезбедат пристојни услови за живот? Дали комуналните и други јавни сервиси ќе можат да ги издржат новите градби?…. Паркингот ќе стане еден од најгусто населените делови од светот. По одлуката на Уставниот суд за укинување на мораториумот во Центар и очекуваната уплата на комуналиите, практично останува уште добивањето градежна дозвола, по што ќе започне изградбата на висококатници спроти хотелот ‘Холидеј Ин’“, стои во петицијата.

На потегот кај огромниот паркинг спроти хотелот, во ДУП „Градска четврт Ц 08 – Ново Маало 2“ првично беа нацртани три 60-катници, поврзани со 20-катници.

„Иако е неспорен јавен интерес, надлежните сега јавно не соопштуваат што точно ќе се гради и како треба да изгледа овој дел на градот. За оваа локација се поврзува и скандалозниот предлог од планерската куќа „Билд урбан“, кој како што пишуваше „Сакам да кажам“ предвидувал изградба на градинка под земја, што децата осум часа би ги оставил без свеж воздух, а инвеститорот би добил повеќе простор за згради и деловни објекти.

Според оваа верзија, на локацијата би се граделе шест кули со висина од 25 до 30 катови. ДУП за градска четврт Ц 08 до последната одлука на Уставниот суд беше ставен под мораториум. ДУП-от не е усогласен со повисокиот Генерален урбанистички план на Град Скопје, донесен на 4.12.2012 година со важност до 2022 година. Според направени пресметки, овој ДУП за 8,8 пати ги надминува параметрите на ГУП-от во однос на површината за домување и бројот на жители. Планот предвидува 200.000 квадратни метри развиена површина за трите парцели, а според она што е замислено за домување, таму би имало најмалку 11.000 жители“, се вели во петицијата.