Tag Archives: индискисој

Можни рестриктивни мерки на границите поради делта сојот, дозволена вакцинација и на деца 🧪

По детектирањето на индиската – делта варијанта на коронавирусот кај пациенти во земјава, можно е воведување мерки на границите при влез во Македонија, но не и реорганизација на она што сега функционира како што се отворени установи со протоколи. До вчерашниот ден во државава се регистрирани десет случаи на заразени со индискиот сој, а вкупно се активни 141 случај на заразени со Ковид-19. Од понеделник ќе почне теренската вакцинација, а ќе се дозволи и вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на Фајзер.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера информира дека до крајот на неделава со членовите на Комисијата за заразни болести ќе се дискутира дали сегашната состојба бара воведување некакви рестриктивни мерки. Филипче оцени дека генерално состојбата во земјава и понатаму е мирна и апелираше граѓаните да се вакцинираат на пунктовите, кои од понеделник ќе бидат отворени и нема да има потреба од закажување.

– Евентуално барање на ПЦР тестови или потврди за вакцини или доказ за прележана болест, она што е стандард и во некои од другите земји, но мора да кажам дека ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мерките мора да се усогласени, изјави Филипче.

На новинарско прашање дали евентуалните мерки што би биле воведени на границите ќе важат и за државјаните на РС Македонија кои ќе одат на летување и на враќање ќе мора да приложат некои од потребните документи, Филипче одговори дека доколку се одлучи оти има епидемилошка вредност, тоа ќе важи за сите.

Според него, логично е да се очекува дека новиот сој побрзо ќе се шири, но доколку сме вакцинирани во висок процент и има одреден степен колективен имунитет, колку и да е позаразен, нема да се повтори сликата со претходниот британски сој и тогашниот силен бран.

Последните четири случаи на заразени со индискиот сој се потврдени вчера во лабораторијата во МАНУ и тие немале премногу контакти.

– Имаат патувано во странство. Тоа се две двојки и нема епидемиолошки ризик. Сега епидемиолозите ја вршат таа работа која ја вршеа на почетокот, индивидуални контакти, изолација итн, рече Филипче.

Околу 400 илјади граѓани се веќе вакцинирани од кои 240 илјади се ревакцинирани, а до крајот на оваа недела ќе заврши и вакцинирањето на сите 60 000 пријавени кои добиле термин заедно со граѓаните кои се вакцинирани во Србија.

– Од понеделник ќе почне теренската вакцинација, ќе се дозволи вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на Фајзер што во овој момент е единствена вакцина која е дозволена да се користи согласно препораките во внатрешното упатство за оваа категорија на деца на оваа возраст, потенцира Филипче и додаде дека досега нема нус појави кај вакцинирани деца.

Посочи, дека, се вакцинираат деца во Србија, Грција, Германија, а родителите со деца треба по своја волја да дојдат, што не е задолжително, да се вакцинираат.

Филипче истакна дека според публикации од Англија, таму овој сој бил позастапен кај младите и затоа поминува како полесна форма, а децата се тие кои се трансмитери. Затоа, појасни, сега ставаме акцент и на вакцинација на помладите за да го обезбедиме едукативниот процес во училиштата од септември и за што поголем процент од населението да биде вакциниран.

Академик доктор Александар Димовски од Центарот за генетички инженеринг и биотехнологија при МАНУ истакна дека засега со сигурност се знае дека вакцинацијата спречува развој на тешка форма на болеста.

-Нема потреба да правиме мерки што буквално ќе ја затворат државата. Тоа што знаеме е дека сите вакцини кои се користат сега спречуваат најтешка форма на болеста, хоспитализација и смрт во најголем процент, рече Димовски и упати апел до сите граѓани посебно тие што се во групи од ризик, повозрасни и со хронични заболувања да се вакцинираат, да се заштитат себеси и генерално да се врати ситуацијата во нормала.

Од Министерството за здравство соопштија вчера дека вакцинацијата се одвива непречено на сите
пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 492 662 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 627.948 дози вакцини, а ревакцинирани се 237 322 граѓани.

Според податоците што ги објави вчера Институтот за јавно здравје, регистрирани се девет нови случаи со Ковид-19 од 2.743 тестирања. Од нив шест се во Тетово, два во Гостивар и еден во Охрид. Починати пациенти не се регистрирани, а оздравеле десетмина. Со тоа вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 155 741, на оздравени пациенти е 150 114, а на починати е 5.486.

Во меѓувреме, во регионот на јужниот албански град Ѓирокастро се регистрани првите два случаи сомнителни дека се заразени со Делта сојот. Извори за Ора њуз информирале дека едниот е студент од село во близина на градот, кој дошол од странство и покажал компликации и симптоми слични на индискиот тип на корона вирусот. -Вториот случај е лице на 45-годишна возраст од Пермет, кое исто така пристигнало од странство. И двајцата се лекуваат во домашни услови и засега нивната здравствена состојба е стабилна, наведува телевизијата.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, втор ден по ред, во Грција е регистриран зголемен број нови случаи на Ковид-19, вкупно 1.820 новозаразени, од кои повторно најголемиот дел се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, додека пак починаа девет лица.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, 1.061 случај е во Атика, 172 се на Крит, 51 во Солун, 50 во Јанина, 18 во Коринт, 14 на островот Миконос (кој веќе е во третата портокалова зона), 12 на Крф, пет на Халкидики итн. Од новите случаи 21 е „увезен“, од кои шест биле откриени на влезните точки во земјата.

Весникот „Катимерини“ објави дека во фокусот на грчката Влада се 82 општини во кои процентот на имунизациска покриеност е под 30 отсто, а се планира ангажирање на локалните власти, наставници, лекари, свештени лица и слично за поттикнување на населението да се вакцинира.

Здравствените власти во Туркменистан, пак, соопштија дека вакцинацијата против Ковид-19 е задолжителна за сите жители на возраст над 18 години, откако регионот на Централна Азија објави зголемување на бројот на нови инфекции. Туркменистан не пријавил случаи на инфекција со коронавирусот, но воведе голем број ограничувања, како што е задолжително носење заштитни маски за лице. Соседен Казахстан воведе задолжителна вакцинација за широк спектар на вработени во јавниот и приватниот сектор.

И Јужна Кореја потврди повеќе од 1.200 нови случаи на коронавирус во изминатите 24 часа, што е најголем дневен број од крајот на декември минатата година. Премиерот Ким Бу-кјум изјави дека мерките за социјално дистанцирање ќе бидат продолжени за следните неколку денови, а властите ќе одлучат дали ќе ги заострат постоечките правила, во момент кога земјата се бори со четвртиот бран на пандемијата, предизвикан од многу заразниот делта сој на коронавирусот. Вирусот брзо се шири меѓу невакцинираното население, главно на возраст меѓу 20 и 30 години, а премиерот упати апел луѓето превентивно да се тестираат.

10 ПОТВРДЕНИ случаи на заразени со индискиот сој!

Десет случаи на заразени со индискиот сој за корона вирусот се регистрирани во државава. Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека последните четири случаи на заразени со индискиот сој се денеска потврдени во лабораторијата во МАНУ и тие немале премногу контакти.

– Имаат патувано во странство. Тоа се две двојки и нема епидемиолошки ризик. Сега епидемиолозите ја вршат таа работа која ја вршеа на почетокот, индивидуални контакти, изолација итн, рече Филипче.

Посочи дека околу 400 илјади граѓани се веќе вакцинирани од кои 240.000 се ревакцинирани, а до крајот на оваа недела ќе заврши и вакцинирањето на сите 60.000 пријавени кои добиле термин заедно со граѓаните кои се вакцинирани во Србија.

-Вкупната бројка на вакцинирани во нашата земја ќе биде 500.000. Апелирам граѓаните да се јават на пунктовите и да се вакцинираат. Од понеделник натаму сите пунктови ќе бидат отворени и нема да има потреба за закажување. Од понеделник ќе почне теренската вакцинација, ќе се дозволи вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на Фајзер што во овој момент е единствена вакцина која е дозволена да се користи согласно препораките во внатрешното упатство за оваа категорија на деца на оваа возраст, потенцира Филипче и додаде дека досега нема нус појави кај вакцинирани деца.

Посочи, дека, се вакцинираат деца во Србија, Грција, Германија, а родителите со деца треба по своја волја да дојдат, што не е задолжително, да се вакцинираат.

-За неколку месеци на крајот на годината може ќе се појави нов сој кој исто така можеби побрзо ќе се шири од овој. Битно е луѓето да се вакцинираат. Очекувањата се дека ако е поконтагиозна како сој варијантата дека таа ќе стане доминатна. До колку сме вакцинирани во висок процент и има одреден степен со вакцинален колективен имунитет колку и да е позаразен нема да се повтори претходната слика со британскиот сој и тој силен бран. Логично е да се очекува новиот сој побрзо да се шири и тоа е карактеристика на РНК вирусите. Тие кога ќе најдат на некаква препрека мутираат и продолжуваат да се шират. Затоа е тој концепт една од опциите дека можеби ќе премине во ендемска форма оваа болест ќе ја има и понатаму и вакцината е единствена што не штити, рече Филипче.

Додаде дека според публикации од Англија, таму овој сој бил позастапен кај младите и затоа поминува како полесна форма, а децата се тие кои се трансмитери. Затоа, појасни, сега ставаме акцент и на вакцинација на помладите за да го обезбедиме едукативниот процес во училиштата од септември и за што поголем процент од населението да биде вакциниран.

Академик доктор Александар Димовски од Центарот за генетички инженеринг и биотехнологија при МАНУ истакна дека сега за сега што се знае со сигурност е дека вакцинацијата спречува развој на тешка форма на болеста.

-Нема потреба да правиме мерки што буквално ќе ја затворат државата. Тоа што знаеме е дека сите вакцини кои се користат сега спречуваат најтешка форма на болеста, хоспитализација и смрт во најголем процент, рече Димовски и упати апел до сите граѓани посебно тие што се во групи од ризик, повозрасни и со хронични заболувања да се вакцинираат, да се заштитат себеси и генерално да се врати ситуацијата во нормала.

Пандемија VOLUME 2 – Четворица суспектни на ДЕЛТА СОЈОТ на респиратор

Во текот на вчерашниот ден потврден е четврти случај на заразен со делта сој на корона вирусот во нашата држава, а четири други лица се суспектни. Новорегистрираниот со индиската варијанта се лекува во болницата во Велес и е со лесна клиничка слика. Од четирите суспектни на делта сојот, едниот е во лоша здравствена состојба, приклучен на респиратор, а три лица се со стабилна клиничка слика, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.

За суспектните четворица пациенти, до вечер ќе се знае дали се заразени со индиската варијанта на вирусот или не.

– Скринингот, кој се прави на тестовите во Институтот за јавно здравје лабораторијата на МАНУ, ја исклучува британската варијанта на вирусот. Што значи, секаде каде што ќе се покаже дека не е британската варијанта, се прави секвенционирање за да се потврди присуство на индискиот сој, соопшти Филипче, кој рече дека новозаразените случаи не се епидемиолошки поврзани едни со други.

Тој посочи дека во овој момент нема притисок во болниците, ниту за прегледи. Од денеска во болницата во Битола не се лекува ниту еден пациент, а во Охрид само уште едно лице, соопшти Филипче.

Министерот уште еднаш го соопшти ставот на Комисијата за заразни болести дека засега не се планираат мерки во однос на штитењето на границите од делта сојот, но напомена дека деновиве ќе го разгледаат уште еднаш ова прашање.

– Ова прашање се постави за време на вчерашниот состанок на Комисијата и ќе го евалуираме во текот на оваа недела. До крајот на оваа недела, најкасно почеток на следната недела ќе заземе став. Грција е единствената земја во регионот која бара ПЦР тестови, потврди за вакцинација и единствената земја во која има пораст на случаи. Значи, дека мора да бидеме внимателни кога ги носиме мерките за да вистински служат и да штитат таму каде што треба, рече Филипче, кој напомена дека во повеќе од 100 земји веќе е регистриран делта сојот на вирусот.

Филипче смета дека државите од регионот треба да имаат поорганизиран пристап во однос на ширењето на делата сојот.

– Јас ќе разговарам денеска и утре со колегите министри од земјите во регионот, Србија, Албанија, Косово, во рамки на онаа комуникација што ја отворивме во делот на Берлинскиот процес за да заземе заеднички ставови. Мислам дека тоа е многу важно, нагласи Филипче.

Тој потенцира дека ги следи истражувањата поврзани со делата сојот.

– Во делот на клиничката слика сè уште немаме точни податоци дали има потешка клиничка слика како што имаше британскиот сој кога се појави. Има некои публикации коишто укажуваат дека нема. Сè уште е рано тоа да го потврдиме. И во однос на ефикасноста на вакцините дефинитивно штитат од потешката форма на болеста и од смрт, нагласи министерот за здравство, по посетата на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје.

Индискиот сој ќе се засили наесен, спасот е во вакцините

Најважно е да не се полнат болниците, а ако почнат да се појавуваат случаи на овој сој на разни места низ земјава треба веднаш да се преземат мерки, прво локални, а потоа глобални, вели микробиологот д-р Никола Пановски за Фактор.
Тешко дека ќе го спречиме индискиот сој да влезе во земјава, но прашањето е дали ќе се вакцинираме во што поголем број и колку ќе штитат тие вакцини, вели микробиологот д-р Никола Пановски во интервју за Фактор.

Тој предупредува дека во следните месеци мора да имаме масовна вакцинација за наесен да не се доведеме повторно во ситуација која би го блокирала здравствениот систем.

– Од вакцините ќе имаме многу поголема придобивка отколку без нив, а многу важен факт е тоа што голем број од македонското население го прележа вирусот, па тоа значи дека и индискиот сој кај нас нема да се шири многу брзо. Секако, тој ќе се шири, но нема да има случаи со тешки симптоми и тешка форма на болеста. Најважно е сега да се вакцинираме во што поголем број. Без 15.000 нововакцинрани дневно ништо не правиме – вели Пановски.

Според него, засилување на индискиот сој се очекува да се случи наесен кога луѓето ќе почнат да се прибираат внатре.

И вториот случај на индиски сој на Ковид-19 дојде од Ирак

Уште еден пациент со индиски сој на вирусот ковид-19 е регистриран во државата. Во меѓувреме, македонските државјани вчера масовно заминаа за вакцинирање во Србија, а на сила стапија и новите правила за патување во Грција, кои дозволуваат да се патува и со негативен рапид (брз) тест.

Индискиот сој на вирусот ковид-19 е регистриран кај пациентот кој бил на работа во Ирак – колега со првооткриениот случај со овој мутиран сој во државата. Пациентот не е во ризик, неговата состојба е под контрола.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера напомена дека епидемиолошките анкети кои се правени покажале дека не постои ризик, а со тоа и некаква потреба од некакви дополнителни мерки.

Тој уште еднаш потенцираше дека сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот.

„Стравување од индискиот сој или таква некоја евентуална нова форма на мутација која што може да биде позаразна од сегашните постои насекаде. Но, битно е дека сите вакцини штитат од тешка форма на болеста или од смртен исход дури и од таква мутирана форма на вирусот. Кон крајот на месецов во С.Македонија ќе пристигнат поголеми количини на вакцини“, рече Филипче.

Инаку, на 28 јуни се очекуваат нови 100 илјади вакцини на „Фајзер“ преку Ковакс-механизмот, а на 27 и 30 јуни треба да пристигнат 500 илјади вакцини на „Синовак“.

Министерот ги повика граѓаните од повозрасна категорија кои се пријавени а уште не се вакцинирани, да аплицираат повторно преку матичните лекари во системот „Мој термин“ за да се коригираат овие пропусти.

Во меѓувреме, македонските државјани вчера масовно заминаа за Србија на вакцинирање. Во Белград и Ниш и вчера и денеска се ревакцинираат најголемиот број од околу 15.000 македонски државјани кои кон крајот на март ја примија првата доза на вакцината „Астразенека“.

Дописникот на МИА од Белград јави дека од вчера наутро на Белградскиот саем, во салите 3 и 11 од 8 часот почна ревакцинацијата за македонските државјани и останатите странски граѓани.

На Белградскиот саем денеска треба да се ревакцинираат 5.000 странски државјани. Македонските државјани и вчера и денеска се ревакцинираат и во Ниш, во салата Чаир, а термин за повторна вакцинација имаат 5.700 македонски граѓани кои во март во Ниш ја примија „Астразенека“, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора.

Потврден е уште еден случај на индискиот сој на коронавирусот во земјава

Потврден е уште еден случај на индискиот сој на коронавирусот во земјава, се работи за уште еден наш граѓанин кој дојде од Ирак, а се лекувал во една од приватните болници, потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче по посетата на реновираниот Здравствен дом во Битола. Филипче нагласува дека е важно да се вакцинираат граѓаните бидејќи вакцините штитат од тешка форма на болеста и од смрт дури и кога се работи за индиската варијанта на вирусот.

Станува збор за колега на првиот пациент од Ирак кај кого беше регистриран индискиот сој, рече Филипче и додаде дека вториот заболен симптимите ги пројавил подоцна од првиот регистриран на 7 јуни. Двајцата биле на работа во Ирак, а со истиот авионски лет се вратиле во земјата.

Пациентот не е во ризик. Нема ризик ниту од ширење на болеста, според направените епидемиолошки анкети.

Министерот вели дека сите вакцини штитат и од индискиот и од другите форми на мутации од смртен исход и од тешки компликации на болеста.

Филипче очекува кон крајот на месецот да пристигнат поголеми количини на вакцини во земјава, 100 илјади фајзерови и 500 илјади на Синовак и во текот на летото да се изврши имунизација на населението до степен на колективен имунитет.

Проф.Трајковски ги предупреди здравствените власти: Нарачајте навреме ПЦР реагенси за индискиот сој, доаѓа нов бран наесен!

Поради доаѓањето на летото, моменталната преносливост на вирусите во Македонија е прилично намалена, па веројатно нема да видиме брзо ширење на вирусот „Делта“ како во Велика Британија. Меѓутоа, со доаѓањето на есента, особено доколку стапката на вакцинираност остане на овие ниски нивоа, нов бран ќе биде неминовен, предупредува професорот Дејан Трајковски кој на Фејсбук е познат по своите анализи за состојбата со коронавирусот.

„Заканата од новиот сој „Делта“ треба да се сфати крајно сериозно, а здравствените власти заедно со населението да побрзаат со процесот на вакцинација ако не сакаат зимава повторно да живееме под рестриктивни мерки. За страдањата и смртните случаи да не зборуваме – доволно е да се потсетиме на сликите од индиските болници“, вели професорот.

За опасноста од нов бран во Европа предупредува и Светската здравствена организација, а тие проценките не ги даваат туку-така, од ракав, додава тој.

Професорот Трајковски ги предупредува нашите здравствени власти дека треба навреме да порачаат ПЦР реагенси за детектирање на индискиот сој, бидејќи, како што вели, тој потешко се открива со обичните реагенси.

„Ако е вистина, како што тврдат британските експерти, дека преносливоста на индискиот „Делта“ сој е за 40 отсто – 60 отсто (!) повисока од преносливоста на британскиот „Алфа“ сој, тоа би значело дека неговиот базичен репродукционен број R0 изнесува 5 – 6. Со толку висока преносливост, дури и под најоптимистичка претпоставка дека моменталниот степен на колективен имунитет изнесува околу 60 отсто (за која моите проценки – врз основа на стапката на серопреваленција – кажуваат дека е претерана и не изнесува повеќе од 40 отсто), неминовен е нов бран, се додека стапката на прележаност не го достигне новото ниво на колективен имунитет од 84 отсто (1-1/R0 = 1 – 1/6 = 84 отсто)“, пишува професорот Трајковски.