Tag Archives: иселување

Уште полесно до работа во Германија: Можат да заминат стручните, но и нивните семејства

Во Германија постепено почнува да се применува новиот Закон за квалификувана имиграција, јави ДПА. Како што од поодамна предупредуваат германските политичари и економски експерти, на земјата итно ѝ треба професионална работна сила. Очекувањата се дека дупките во пазарот на трудот ќе се пополнат со работници од странство.

Измените на Законот за квалификувана имиграција кои беа донесени претходно годинава ќе се спроведуваат во три постепени фази со цел властите навремено да се престројат на новите услови.

На порталот на сојузната влада за стручна работна сила од странство можат да се добијат поопширни информации на германски, англиски, шпански и француски јазик.

Од овој момент многу академци и луѓе со споредливи квалификации од трети земји ќе може со Сината карта ЕУ да доаѓаат во Германија – без проверка на приоритет, односно дали би биле достапни Германци или граѓани на ЕУ за истата позиција, како и без докажување на познавања на јазикот.

Секој кој ги исполнува сите предуслови како стручна сила со професионално искуство или универзитетска диплома, сега има право на добивање дозвола за престој, нешто за што до сега властите имаа дискреционо право за одлучување. Исто така, повеќе нема да има ограничувањето на дејност во струката. Тоа би знаело дека еден квалификуван работник во една струка би можел да најде работа во Германија во друга струка. Од ова исклучок се само професиите поврзани со медицината, правото и педагогијата.

Олеснувања во наоѓање работа преку добивање дозвола од Сојузната агенција за вработување ќе има и за професионалните возачи, а се укинува проверката за приоритетни кандидати и предусловите за познавање на јазикот.

Другите измени ќе стапат на сила на 1 март в година.

Дополнително е регулирано привлекувањето на работна сила од Западен Балкан, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија за кои неограничено важи т.н. „Правило за Западен Балкан”. Од јуни 2024 година годишниот контингент се удвојува на 50 илјади лица годишно.

Германија имаше Закон за квалификувана имиграција уште вo март 2020, со кој тогашната влада на Ангела Меркел сакаше да го олесни пристапот на квалификувани работници од земји надвор од Европската унија до германскиот пазар на труд. Сега тој закон е реформиран бидејќи на многу места сè уште има недостиг од кадри, особено квалификувани работници. Законот во претходната верзија не ги постигнал очекуваните резултати поради пандемијата е проценката на властите.

Она што е ново во новиот закон е воведувањето на таканаречената „Карта за шанса“, која е базирана на бодови. Критериумите за избор на имигранти кои сакаат да работат и ја избираат оваа опција се јазични вештини, работно искуство, возраст и поврзаност со Германија.

Странските стручни работници во иднина мора да заработуваат најмалку 43.800 евра бруто годишно, сума која досега изнесуваше 58.400 евра. Предноста на новиот закон за висококвалификувани професионалци од земји надвор од ЕУ е што во иднина со себе ќе можат да ги носат не само сопружниците и децата, туку и родителите.

Предуслов, сепак, е да имаат обезбедено средства за живот оти во Германија нема да можат да живеат од социјална помош.

Германските компании во моментов не можат да пополнат околу 1,73 милиони работни места.

Масовна чистка во Источна Македонија – За 40 отсто помалку првачиња!

Аларманти податоци од источниот крај на земјава, бројот на новозапишани првачиња намален за 40 проценти, објавув скопска Република.

Секоја година се помалку деца се запишуваат во училиште, но ваква бројка немалло во последните 20 години.

Кочани во септември ќе има 37 отсто помалку првачиња во споредба со лани. Во петте основни училишта во Општина Кочани за новата учебна година запишани се само 206 првачиња, а регистрирани се 147 писмени изјави за деца кои нема да го почнат образованието поради иселување на нивните семејства, главно во странство.

За прв пат ниту едно прваче не се запишало од селата Горни и Долни Подлог и Мојанци.

Иселувањето е се помасовно од источниот регион, но загрижувачки се бројките и од Прилеп, каде наместо 800 деца се запишале само 480.

Во Виница и околните населени места регистрирано е опаѓање на бројот на ученици за околу 13 проценти во однос на минатата година.

Во сите четири основни училишта за учебната 2023/2024 година запишани се вкупно 113 првачиња. Во селото Блатец во прво одделение запишани се само три деца, во подрачното училиште во село Лаки само едно прваче…

Уписите за првачињата беа до 1 јуни, но родителите имаат можност оваа законска обврска да ја исполнат се до почетокот на учебната година. Од МОН велат прецизна статистика за тоа колку првачиња се запишале ќе имаат во септември.

650 МЛАДИ ЛУЃЕ ВО ЕДЕН ДЕН ЗАМИНАЛЕ на работа во Хрватска

Работата во Хрватска по туристичките места во текот на летните месеци стана атрактивна за младите луѓе од земјава. Само во неделата 13 автобуси полни со лица на возраст од 18 до 30 години заминале на работа по хрватското крајбрежје, пишува Слободен печат.

Келнери, рецепционери, салатери, но и собарки и хигиеничари се само дел од работните места кои се пополнети со македонски граѓани. Платите се движат од 800 евра за собарки, до 2.000 за готвачи. За помошници на готвачите платите се пониски и тие се движат до 1.200 евра на месечно ниво. Од агенциите велат дека најмасовно заминување има од градовите во централниот и источниот дел од Македонија.

И дел од студентите одат да работат во Хрватска. Чекаат да заврши јунската сесија и тие со работа ќе почнат малку подоцна од 20 јуни или први јули во зависност од договорите.

За сите кандидати од Македонија, компанијата обезбедува сместување, два или три бесплатни оброци, а работодавачот ги покрива трошоците и посредува при добивање на работната дозвола.

– Компанијата во која ќе се вработите дава и надоместок на патните трошоци од работното место до сместувањето, а ја плаќа и автобуската карта од местото на живеење до градот во кој што ќе рботат младите луѓе. Исто така за сите кои сакаат да работат и се покажат на работното место следуваат бонуси покрај редовната плата- велат од агенциите.

Студентите објаснуваат дека примамливи се понудите за летна работа. Двајца од нив кои минатата година во текот на летото работеле во Америка, годинава одат за Хрватска. Објаснуваат дека условите кои ги добиле од хрватските хотели се добри, иако платите се помали.

– Близината на Хрватска беше пресудна годинава. Се работи можеби повеќе, но се добива за тоа плус надомест. Имавме пријатели кои лани работеа и велат дека се што се нуди се исполнува поради недостигот на работна сила која ја имаат во текот на летниоте месеци- вели Дејан, студент на УКИМ.

Според неофицијални податоци од источните градови на Македонија масовно се оди во Хрватска. Неофицијалните податоци велат дека од Виница заминуваат околу 80 луѓе, од Берово стотина, а од Неготино имало дури 800 апликации.

Сѐ што се бара од кандидатите е волја за работа на Јадранското крајбрежје и апликација за работа. Македонците кои одат ќе работат како рецепционери, готвачи, собарки, хигиеничари, бармени, но и слаткари и куќни помошници за лустранци кои изнајмуваат викендици во Јадранското крајбрежје.

На хрватските сајтови стои дека платиоте кои се нудат зависат од квалификациите. Така келнери и шанкери добиваат по 900 евра плус бакшиш, помошници 800 евра плус бакшиш, готвачи 1.100-2.000 евра, помошници готвачи 950 – 1150 евра, пица мајстори 1.100- 1.400 евра, а собарки 750 евра.

Хрватска очекува да сруши рекорди претстојнава туристичка сезона. Меѓутоа, истовремено се соочува и со рекорден недостиг на работна сила. За навреме да се пронајдат работници, Здружението на трговци во Дубровник и Трговската комора на Дубровничко-неретванската жупанија уште во јануари годинава започнаа иницијатива на македонскиот пазар.

МАКЕДОНИЈА СЕ ПРАЗНИ: ЗА ПЕТ МЕСЕЦИ ИСЕЛЕНИ 4.000 ДЕЦА !

„Во Македонија секогаш имало печалбарство, имало заминување во 60-тите, 80-тите години. Но, ваков егзодус каков што има сега, вакво иселување кое што има сега, никогаш немало. Не зборуваме сега само за помалите места еве Скопје се празни, си заминуваат граѓани и од поголемите градови па и од главниот град“, истакна Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во утринската емисија на радио „Лидер“.

Ѓорчев додаде дека се повеќе си заминуваат граѓани од Македонија, и тоа граѓани кои што имаат добри работни места, кои се добро економски ситуирани.

„А, тоа значи дека имаме целосен крах на економската приказна во Македонија. Граѓаните во Македонија се повеќе не се чувствуваат сигурни за да останат тука. А, зошто е тоа така? Затоа што како што реков имаме анонимуси кои што се министри, имаме секој ден скандали, имаме држава која што е жестоко опљачкана, и на крајот на краиштата нема никакви нови инвестиции“, заклучи Ѓорчев.

„Нека ми каже некој во последниве пет – шест па и седум години која е некоја сериозна инвестиција која што е дојдена во државата освен фарми за марихуана на една фамилија од Струмица“, нагласи тој.

Ѓорчев нагласи дека во државата откако СДСМ е на власт инвестиции нема.

„За иселувањето на граѓаните од државата што се случува, никој од Владата со прст не мрда. Значи минатата недела излегов со податок дека само од 5 градови имаме во едно полугодие 700-тини иселени деца. Ги набројав Прилеп, Тетово, Штип, Кочани и Куманово. Значи пет градови од кои што имаме 700-тини иселени деца во едно полугодие. А, од власта нема никаква реакција за тоа“, рече Ѓорчев.

Тој додаде дека ако во пет градови има 700-тини иселени деца тоа на ниво на Македонија се 4.000 деца. Ако се тоа 4.000 деца тоа значи дека се 4.000 мајки и татковци. Само по таа основа во едно полугодие од Македонија се иселени 12.000 луѓе. А, плус ако се додадат луѓето кои што се млади, кои што имаат околу 20-тина до 30 години тогаш има уште повеќе иселени. И се доаѓа до заклучок дека за една година од Македонија се иселиле околу 35-36.000 граѓани.

„Имаме претседател на државата, Стево Пендаровски кој што е тотално бескорисен. Значи на кој што државата му пука по сите шевови, која што се распаѓа, која што исчезнува и ја снемува, а тој ништо не прави, тој вегетира“, укажа тој.

Ако се потсетиме дека претседателот Пендаровски во една прилика рече дека доколку тој не бил бил претседател веројатно и тој ќе се отселел, па по тоа ги разбирал младите, ќе заклучиме дека на никој не му гајле што Македонија се празни.

Детектор анкета: ТРЕТИНА од граѓаните размислуваат да се ИСЕЛАТ ОД ДРЖАВАТА

Третина од граѓаните планираат да се иселат од државата, покажува последната анкета која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според неа, 30% од анкетираните размислуваат или некогаш размислувале да си заминат од Македонија. 64,8% изјавиле дека не размислуваат за иселување.

Загрижува податокот што кај младите до 30, па и кај оние граѓани до 40 годишна возраст, процентот на оние кои размислуваат за иселување се ближи до 50%.

Анкетата на ИПИС покажува дека 45,3% од младите до 29 годишна возраст размислуваат за иселување. Кај возрасната група од 30 до 39 години, 44,3% размислуваат или некогаш размислувале да си заминат од Македонија.
Како расте возраста на анкетираните граѓани овој процент се намалува. 33,2% од граѓаните меѓу 40 и 50 години размислуваат за иселување. Интересно е што 28,1% од оние кои се меѓу 50 и 59 години планираат да си заминат од Македонија. Кај граѓаните над 60 години интересот за иселување очекувано паѓа на 9,8%.

Близу две третини од граѓаните имаат некој близок кој веќе се преселил во странство. Според анкетата, 60% од анкетираните изјавиле дека имаат некој близок кој веќе се преселил во странство, додека 37,8% рекле дека немаат.

Најголем дел оние кои што имаат блиски кои се иселиле во странство живеат во севроисточниот регион. Таму 80% од анкетираните имаат некој близок кој се преселил од Македонија. На југоистокот 71,2% имаат блиски иселени во странство. Најмал процент на луѓе кои рекле дека имаат блиски кои се иселиле од Македонија живеат во Скопје.

Повеќе од половината од граѓаните сепак сметаат дека немаат шанси да си заминат од Македонија. 54,5% од граѓаните на скалата од 1 до 5 веројатноста да се иселат од Македонија ја оцениле со единица. Само 10,2% се убедени дека има многу големи шанси во следните 5 години да се исeлат од државата.
Очекувано, најголем дел од овие граѓани кои се убедени дека за 5 години ќе си заминат од Македонија се млади до 30 години. Дури 21,4% од нив се убедени дека за 5 години ќе си заминат од Македонија.

Над половина од граѓаните велат дека пред 5 години живееле подобро од денеска. Анкетата покажува дека ваков став делат точно 52,6% од анкетираните. 33,7% не чувствуваат промена додека само 6,6% велат дека денеска живеат подобро отколку пред 5 години.
По региони, во Пелагонија дури 66,2% од анкетираните рекле дека пред 5 години имале подобар живот. Најмал е процентот на граѓани кои подобро живееле пред 5 години во југоистокот.

Во споредба со анкетата која за Детектор, ИПИС ја спроведе во 2019 година, бројките многу се разликуваат. Пред 4 години 33,5% од граѓаните изјавиле дека живееле подобро пред 5 години што е значително помалку од денешните 52,6%.
Бројот на граѓани кои во 2019 изјавиле дека во моментот живеат подобро од она што го живееле пред 5 години бил 23,7% од анкетираните што е речи си 4 пати помалку од денешните 6,6%. Истражувањето на јавното мислење за потребите на емисијата Детектор го направи Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) на репрезентативен примерок од 1.119 испитаници преку телефонска анкета реализирана во периодот од 23 до 26 декември

ТАЖНО ! Од прилепските училишта во првото полугодие СЕ ИСПИШАЛЕ околу 130 УЧЕНИЦИ

За само првото полугодие, од прилепските училишта се испишале околу 130 ученици и со нивните родители заминале во странство. Ова се бројки кои загрижуваат и трендот се зголемува, вели Гоце Бумбароски, одделенски наставник и советник за млади во општина Прилеп.

-Во последниве шест месеци од десет основни и пет средни училишта се испишани околу 130 ученици. Ако ги земеме предвид последните години, овие бројки само се зголемуваат. Ова, навистина е состојба која треба да не замисли сите нас возрасните, заштно ние сме тие кои ги создаваме политиките и ги креираме условите во кои нашите деца и ученици треба да растат и да живеат и да се образоваат, вели Бумбароски.

За Ахил Јаков, директор на прилепското основно училиште „Климент Охридски“, ситуацијата е поразителна. Во првото полугодие, поради иселување, се испишале 22 ученици. Трендот кој е во последните четири години, стана и секојдневен. Бројките се поголеми зашто станува збор за цели семејства.

-Од почетокот на оваа учебна година, од септември досега, според статистичките податоци имаме поразителна бројка. Од септември се испишани 22 ученика од нашето училиште и со родителите се заминати во странство. Податоците за последните четири години ја потврдуваат тенденцијата на заминување на учениците со родителите во странство. Лани заминале 14 ученици, а во учебната 2020/21 година заминале 13 ученици. Тенденцијата на заминување почнува од учебната 218/19 кога заминаа 37 ученици, а наредната 2019/20 учебна година заминаа 27 деца. Досега вкупно 113 ученици се испишале за четири години. Овие бројки значат многу повеќе зашто секој ученик поврзува цело семејство. Конкретно, денеска примив родители кои испишаа 5 ученика, а за неполна недела се веќе 7 испишани ученици поради преселување во странство, вели Јаков.

Советникот за млади во општина Прилеп, Гоце Бумбароски смета дека мора да нсе најде алтернатива на оваа „безизлезна ситуација“.

-Бидејќи и ние наставиците сме родители и секако дека ова е една безизлезна ситуација. Се намалуваат паралелките, а со тоа се намалуваат и можностите да напредуваме како училишта и да создаваме ученици кои во иднина да бидат жители во Македонија и да создаваат вредности заедно со нас, вели Бумбароски.

ТРИЕСЕТ И ШЕСТ УЧЕНИЦИ од КАВАДАРЦИ оваа учебна година СЕ ИСПИШАЛЕ И ЗАМИНАЛЕ ВО СТРАНСТВО

Триесет и шест ученици од општина Кавадарци оваа учебна година, во второто полугодие, се испишале и заминале во странство.

Вака денеска беше одговорено од Секторот за образование и спорт при кавадаречката локална самоуправа, на прашање од советникот Круме Богевски, во рамки на седница на Совет на општината. Во оваа бројка влегуваат 30 ученици од основните и шест од средните училишта.

Во оваа учебна година, во основно образование се запишале 3.129 ученици. Во средно образование, 1.428 средношколци.

Зошто државата го брка сопственото население? – Македонците се селат во Германија…

Истите грешките во врска со пазарот на трудот се повторуваат од осамостојувањето до денес. Но, сега лекот е најден – нашите работници ќе ги испратиме во Германија, во Хрватска, во Америкa, а на нивно место ќе донесеме од Пакистан, Индија, Авганистан… Фер замена, нема што!

Движењето на работната сила е едно од демократските права во пазарна економија, во слободата на општа мобилност. Токму таа мобилност создава конкурентност помеѓу земјите и на некој начин е коректор на пазарот на труд во националните економии. Секоја земја, сепак, има механизми за заштита на својот пазар на труд. Но, она на што сме сведоци е дека во националните економии низ цела Европа попуштаат критериумите и тие се пошироко ги отвораат вратите за странски работници. И Македонија го најавува тоа.

Веста дека годинава конечно ќе се направи нешто за увозот на работна сила, што ја соопшти вицепремиерот Фатмир Битиќи, како и најавата на претседателот на Бизнис-конфедерацијата, Миле Бошков, дека веќе се преговара работници од Пакистан да дојдат во Македонија, во јавноста се прифати дијаметрално спротивставено. За стопанствениците тоа е одлична вест – конечно ќе може да најдат работници затоа што веќе почнаа да откажуваат зделки, бидејќи нема кој да работи. Но, за работнциците, па и за невладиниот сектор кој се бори за работничките права, ова е застрашувачка вест. Тие оставаат многубројни коментари под објавите за увоз на работна сила. Главното обвинување е дека работодавачите премногу профитирале и давале ниски плати, па затоа и не може да најдат работници. Коментарите одат и во насока дека ќе се донесат работнци кои ќе работат за уште помали плати.

Вистината секогаш има многу лица. Во денешно време кога информацијата се пренесува во секунда, кога целиот глобален пазар на труд е на дланка и кога во Македонија стигнуваат огласи за работа во Хрватска, во Германија и во други развиени држави, очекуван е одливот на работна сила. Ние не сме земја што може да плати како Германија или Швајцарија. Реално, во глобалниот тренд на мобилност, кога секој бара земја во која трудот повеќе се плаќа, ние не можеме да влијаеме. Но, за тоа што сега кај нас нема доволно квалификувана работна сила, виновници има многу.

Кога имаше енормни стапки на невработеност и додека се уште европските земји не ги отворија така ширум вратите за странската работна сила, стопанствениците себично не сакаа ништо од профитот да делат со работниците. Колку за потсетување, минималната плата во 2012 година беше 8.000 денари, а при секое спомнување таа да се покачи армија газди зборуваа дека нема да може да опстанат и дека ќе стават клуч на врата. Но, еве, минималната плата е 18.000 денари, а фирмите се уште работат. Само што во меѓувреме стотици илјади работници се отселија, барајќи подобра плата. Но не само плата, туку и услови за работа, можност да им обезбедат иднина на децата итн., итн.

Сега работдавачите се жалат дека не само што не може да најдат работнции, туку дека нема ни работна дисциплина, со што потфрлува продуктивноста и квалитетот на сработеното. И тоа е точно. Се создаде една општа „стратегија“ да се дојде до леб без мотика. Колку, на пример, вработени во јавниот сектор земаат плата, а не одат на работа или одат, ама не за нешто да сработат (додуша некаде нема ни место кај да седнат)? Во таква атмосфера, дефинитивно се шири една лоша психоза, се испраќа лоша порака за младите и за оние кои треба да работат.

Од друга страна, какви се приказни не се изнаслушавме за однесувањето на газдите – од тоа дека не им дозволуваат на работниците ни до тоалет да отидат до тоа дека бараат вработените да им вратат дел од парите од минималната плата и од К-15. Секако дека не се сите работодавачи такви, но и сите го плаќаат цехот на колективното деградирање на пазарот на работната сила. Тоа што кај нас нема доволно стручни кадри е друг проблем.

Поразителен е податокот дека повеќе од половина од оние што активно барат работа немаат ниту средно училиште. Според ноемвриските податоци, од 113.547 активни баратели, кои секој месец се пријавуваат во Агенцијата за вработување, дури 69.320 граѓани немаат завршено средно образование, а од нив дури 58.840 се без образование или само со основно! Уште попоразителен е податокот што, како што велат работодавачите, и тие што доаѓаат со дипломи не се образовани како што треба (да не ги спомнуваме учебниците и сите скандали што ги видовме во нив).

Истите грешките во врска со пазарот на трудот се повторуваат од осамостојувањето до денес. Но, сега лекот е најден – нашите работници ќе ги испратиме во Германија, во Хрватска, во Америка… а на нивно место ќе си донесеме од Пакистан, Индија, Авганистан.

Expres.mk

Младите ЌЕ ПРЕСТАНАТ да се иселуваат затоа што ГИ ПОЧНАВМЕ преговорите со ЕУ, вели претседателот на СДММ

Како млади треба да сме пооптимисти од останатите, рече претседателот на СДММ, Марко Михаилоски во гостување на „ТВ24“. Тој оцени дека 2023-тата е надежна за младите, а вратата што Европската унија ја држела долго затворена, сега се подотворила.

Со тоа почнавме како млади да го гледаме светлото на европскиот просперитет. Лани почнаа многу прашања за младинските политики да се покренуваат. Постои дискусија која што ја поттикнуваат сите заради младинските прашања и токму заради тоа фронтот за подобар живот на младите тука ќе биде секогаш отворен, рече Михаилоски.

Според него, младите можат и мораат да придонесат уште повеќе за да ги донесат европските вредности дома.

-Отпочнувањето преговори значи неиселување на младите, со нив имаме проекти за мобилност и размена на студенти. Тоа значи подобри можности и повисок стандард за нас младите, што доведува и до подобро образование. ЕУ е процес, во кој сите треба да се вклучат за да може процесот да функционира, рече Михаилоски.

Од 10 млади, секој 9-ти сака ДА СЕ ИСЕЛИ ОД МАКЕДОНИЈА, секој 4-ти млад човек е невработен или сиромашен

Деведесет отсто од младите во земјава сакаат да се иселат, а еден од факторите кој го поттикнува иселувањето е корупцијата, покажа истражувањето на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), во рамки на европскиот проект „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“, а во соработка и со Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ).

Како што пренесува СДК.мк, младинската невработеност била 28,3 проценти, но бил висок и процентот на сиромаштијата кај младите луѓе – 27,3 проценти или секој четврт млад човек во земјава се соочува со сиромаштија.

„Најважно е да работиме на квалитет. Една третина од корисниците на социјална помош се млади. Немаме акциски план за тоа како да се гради квалитетен живот на младите луѓе во нашето општество. Ние можеме да обезбедиме супер вештини за идните професии за младите луѓе, меѓутоа, што ако младите луѓе немаат квалитетен живот. Сите ние како општество треба да си ставиме младите во фокусот, да работиме со младите заедно за младите, да ги слушаме младите и така ќе ги задржиме младите дома“, вели Билјана Стојческа од Младинскиот сојуз и истражувач на истражувањето за младинска невработеност.