Tag Archives: македонскадржава

Ван ден Берг: ЕУ го губи кредибилитетот со двојниот аршин кон Бугарите во Македонија и кон Македонците во Бугарија

По приемот на македонски Бугари од еврокомесарот Оливер Вархеи поради случајот „Пендиков“, холандскиот експерт за Балканот, Ханс ван ден Берг, оценува дека двојните стандарди на Европската унија ги одвраќаат Македонците од неа.

„Еден етнички Бугарин во Македонија, бивш вмровец познат во светот на дрогата, поврзан со бугарски центар во Македонија, претепан и еврокомесар се среќава со етнички Бугари? Во децениите кога Македонија беше независна, етничките Македонци во Бугарија беа убивани, исчезнати и им беше забрането да имаат македонски центар. Никој не се потресе“, коментира Ван ден Берг на Твитер.

„Бугарија постојано ги игнорираше пресудите на Европскиот суд за човекови права, бидејќи човековите права на етничките Македонци во Бугарија беа сериозно прекршени. Никој во Европската комисија не се потресе. Бугарија одбива реципроцитет за сè. Никому во ЕК не му пречи. Не е ни чудо што ЕУ го губи целиот кредибилитет во Македонија. Двојни стандарди“, додава тој.

„Твитер е премногу ограничен за да се наведат сите прекршувања на човековите права на етничките Македонци во Бугарија (или етничките Македонци во Грција за таа работа), но чувството во Скопје е дека сето тоа е в ред ако сте во ЕУ. Сè помалку Македонци ќе сакаат да бидат во таква ЕУ“, заклучува Ван ден Берг.

Димитров: Нема историски доказ за постоење македонски народ, македонска држава и дека Самоил бил македонски цар

Политичарите се секогаш на потег кога во прашање билатералните односи. Историјата влијае насекаде, историјата дава аргументи, им помага на политичарите да ги разберат корените на современите проблеми, но тие не се оние коишто ги одредуваат односите. Целата одговорност е на политичарите, вели претседателот на бугарскиот тим во заедничката македонско-бугарска комисија, Ангел Димитров.

Во изјава за БНТ, тој вели дека бугарската позиција е совршено јасна, а друго е прашањето колку добро е претставена и кој како сака да ја разбере.

Запрашан дали комуницираат со новите политички субјекти, Димитров посочува дека „со политичарите, сега не, особено со новите, бидејќи тие се зафатени со своја работа со цел да се формираат како идни одговорни фигури во државата“.

„Република Северна Македонија не покажува подготвеност да работи врз база на историски принципи, на наука и историја. За нив тоа е лизгав терен. Нема ниту еден историски доказ којшто говори за постоење на македонски народ, македонска држава и дека Самоил бил македонски цар“, изјавил Димитров.

Говорејќи за македонско-бугарските односи, тој вели дека „едвај имало држава која повеќе од Бугарија сакала Северна Македонија да влезе во ЕУ“.

„Но, секогаш има едно големо ‘но‘ кое што зависи од подготвеноста на земјата кандидата. Би сакал да кажам дека Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите, но не гледам основа за тоа“, објаснува Димитров.

Запрашан за иднината на заедничката македонско-бугарска комисија дека колку и да изгледа непродуктивна, го привлекува вниманието на јавноста и во двете држави.

„Прашањето ги интересира граѓаните, а комисијата е показател за состојбата во билатералните односи“, изјави Димитров.

Тој најави дека в четврток и в петок ќе се одржи следната седница на заедничката историска комисија.

„Ќе разговараме за тоа за што разговараме веќе пет седници по ред. Заглавивме во 10-11 век, крајот на Првото бугарско царство, времето на Цар Самоил и неговите наследници. Не остана време за зборуваме за заедничкото чествување на двете држави на Гоце Делчев“, изјавил Димитров.

МКД.мк