Tag Archives: МаркоБислимовски

Бислимоски ви порача: Не се грижете за струја плаќате само тоа што сте го потрошиле

Потрошувачите треба да знаат дека плаќаат само за она што го потрошиле. Регулаторната комисија за енергетика не ги признава кражбите на електрична енергија во крајната цена што ја одредува и тие се на товар директно на Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје. Доколку некој потрошувач има добиено сметка која има отстапување од реалната состојба, може самостојно да го отчита броилото и да ја пријави состојбата, по што ЕВН ХОМЕ е должен веднаш да издаде нова корегирана сметка со реална состојба.

Ова го истакна претседателот на РКЕ Марко Бислимоски кој заедно со заменик-претседателот Енвер Елмази и комесарите одржа состанок со претседателка на Организација на потрошувачите на Македонија (ОПМ) Мирјана Лончар Велкова.

На состанокот, како што соопшти РКЕ, се отвори и прашањето во врска со висината на т.н мрежарина која во одредени сметки е поголема во однос на енергијата. Претседателот Бислимоски посочи дека потрошувачите на електрична енергија во земјава отсекогаш плаќале за користење на електропреносниот и електродистрибутивниот систем.

-До 30 јуни 2022 година, трошокот за користење на електропреносниот и електродистрибутивниот систем беше вклучен во цената на електрична енергија. Имајќи го ова предвид, како и обврските од законодавството на Европската унија за поголема транспарентност на цените РКЕ, на 27 јуни 2022 година донесе Тарифен систем за продажба на електрична енергија со што се направи поделба на вкупниот надоместок за испорачана електрична енергија на: надомест за електрична енергија, пренос и дистрибуција. Оваа поделба на вкупниот надомест ЕВН ХОМЕ го пресликува во фактурата за испорачана електрична енергија за секој потрошувач, со цел секој да има увид кој износ го плаќа и за што го плаќа, истакна Бислимоски.

Од ОПМ посочија повеќе случаи кои стигнале до нив во врска со сметките за електрична енергија каде што износот за надоместокот за дистрибуција на електрична енергија е поголем од надоместокот за потрошена електрична енергија. Претседателот Бислимоски објасни дека тоа е така зашто одредени домаќинства кои внимаваат на потрошувачката и ја имаат насочено во ниска, евтина тарифа, трошат електрична енергија која е далеку пониска и изнесува 10 евра за мегават час, додека трошоците за мрежарина се исти и во висока и ниска тарифа.

-ОПМ укажува дека граѓаните реагираат на фактурите за електрична енергија поради двојна пресметка на деновите опфатени во две последователни фактури каде во наредната се јавуваат повторно истите денови за кои претходно е фактурирано. Иако ЕВН објаснува дека граѓаните треба да го гледаат пресметковниот период на втората страна од фактурата (во делот на детални информации), од ОПМ напоменуваат дека пресметковниот период треба да е идентичен односно да не се доведуваат во заблуда со различно претставени пресметковни периоди во една фактура и се надеваат дека ЕВН ова ќе го исправи, информира РКЕ.

Бислимовски за штедењето: На работа се качувам по скали, не го користам лифтот

Државните институции од денес имаат задолженија за намалување на потрошувачката на електрична енергија, а мерки за штедење ќе преземе и Регулаторната комисија за енергетика.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски на денешната прес-конференција рече дека регулаторното тело веќе почнало да штеди, а тој ги сфатил мерките најсериозно и не користел лифт кога дошол на работа.

„Како што гледате, јас денеска дојдов по скали на работа. Имам проблеми со тежината и планирам да ја намалам. Осветлувањето е ограничено, немаме пуштено ладење и сите мерки кои се за штедење ќе ги превземеме. Целата јавност треба посериозно да се однесува кон мерките за штедење бидејќи во услови на цени од 700-800 евра за мегават-час на слободен пазар“, рече Бислимовски кој како прв човек на РКЕ ќе треба да ја намали сметката за септември за 15% во однос на сметката од лани за истиот период.

Првиот човек на РКЕ зборуваше и за новиот начин на пресметка на фактурите од ЕВН Хоум кој ги збуни граѓаните кои мислат дека се работи за нова давачка.

– Нашите одлуки ги усогласивме со европската пракса и сега граѓаните добиваат сметка со посебни ставки за користење на преносната и дистрибутивната мрежа. Не постои никаква нова давачка. Кога ќе се собере трошокот за мрежарината и со потрошената енергија ќе се добие вкупната цена. Се е исто само сега е издвоено да гледаат потрошувачите колку ги чини струјата и колку ги чини преносот на електрична енергија.

Сега граѓаните може да видат дека евтината струја ги чини 10 евра за мегават-час. Кога ќе се спореди оваа цена со тоа што е на берзата во Унгарија која е референтна берза за нашиот регион, се гледа дека цените за граѓаните се неколкукратно пониски – објасни тој.

На сметките преносот и дистрибуцијата се повисоки од цената на електричната енергија што предизвика сомнежи кај граѓаните дека ЕВН им наплатува повеќе за електрична енергија.

– Единствена причина за зголемувањето на цената на преносот и мрежата е набавката на загуби за електрична енергија. Во 2021 година загубите на слободниот пазар се набавуваа помеѓу 50-60 евра за мегават-час. Со цел да не се предизвика криза, ЕСМ како државна компанија понуди цена од 143 евра за мегават-час за загуби. Доколку ЕВН ги набавуваше овие загуби на слободен пазар како што го прави тоа од 2012 година, цените ќе беа 500 до 800 евра.

Мрежните услуги се природен монопол и се регулирани од Регулаторите секаде низ Европа. Ова кај компаниите кои се излезени на слободен пазар функционира беспрекорно од 2014 година – истакна Бислимовски.

Бислимовски: Нафта немаме, природен гас немаме, имаме хидроенергија од која зависиме од Господ

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска го објави калкулаторот со кој секое семејство може да си пресмета колку струја ќе троши ако биде по блокови.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски кажа дека Македонија е енергетски сиромашна држава.

„Нафта немаме, природен гас немаме, имаме хидроенергија од која зависиме од Господ. За јагленот, производството на термо-електраните треба да се користи додека го имаме, но производната цена со овој квалитет на јаглен ќе расте. Исто така, дополнително се увезува јаглен. Овој период се надминува со инвестиции во фото-волтаици“, кажа Бислимовски.

Бислимовски: Струја има, ама многу е скапа

Нема недостаток од струја, туку електричната енергија сега се продава по повисока цена, рече првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски во емисијата „Економски магазин“ на ТВ Алсат.

Според него, оваа криза е пред сѐ ценовна криза, затоа што дошло до нагло растење на цените на струјата, пред сѐ во земјите членки на ЕУ, кое понатаму се проширило и во нашиот регион.

„Она што најодговорно го кажувам е дека сите механизми коишто ѝ стојат на располагање на Регулаторната комисија за енергетика ќе бидат искористени. Факт е дека ни престои тешка и кризна година, каде што има надворешни фактори коишто влијаат на цената на електрична енергија и според мене, сите тие чинители и оператори на системи и производители и снабдувачи и потрошувачи заеднички треба да го понесат тој товар“, вели Бислимовски.

Тој додаде дека се размислува при носењето на следната одлука за цената на струјата, целосно да се исклучат или да се редуцираат маржата и профитите на енергетските компании.

(Видео) Cинот на Муса Џафери гo нaпaднaл пpeтceдaтeлот нa PKE Марко Бислимоски

Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У Пауер“, физички го нападнал претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во понеделникот доцна вечерта, објавува Дојче веле.

Очевидци на настанот велат дека Џафери седнал на масата на која се наоѓал Бислимоски во еден скопски ресторан и по неколку минутен разговор физички се пресметал со него. Аријанит Џафери најпрво барал објаснување од Бислимоски зошто Комисијата за енергетика започнала постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма, а потоа и физички го нападнал. Откако неколку пати го удрил и го влечел Бислимоски, три лица од придружбата на Џафери успеале да го отргнат и сите заедно избегале во непознат правец.

Сведоци на настанот велат дека Џафери со својата придружба седел на соседната маса до Бислимоски и во текот на вечерта во неколку наврати го провоцирал, но тој не одговарал на провокациите. Потоа седнал до него на масата со објаснување дека сака да поразговара со него, но по неколку минути го нападнал. Џафери барал од Бислимоски да ја запре постапката против неговата фирма, а кога тој одбил, Џафери почнал да го удира по главата.

Полицијата брзо пристигнала на местото на настанот, но не успеала да го пронајде напаѓачот.

Видеото може да го погледнете ТУКА.