Tag Archives: Министерство за одбрана

За време на економска криза, Славјанка купува систем за противвоздушна одбрана од 66 милиони евра

Македонија купува систем за противвоздушна одбрана од Франција во вредност од 66 милиони евра кои ќе се плаќаат во следните 4 години, потврди министерката за одбрана Славјанка Петровска на вчерашниот брифинг со новинарите посветен на НАТО Конференцијата за комуникатори која ќе се реализира следната недела во Скопје.

Таа рече дека замената на системот е планирана активност од пред неколку години како обврска кон НАТО но и како дел од долгорочната стратегија за развојот на армијата за која подолго време траеле преговори со разни производители на против воздушни ракети.

Овој противвоздушен одбранбен систем не се купува заради некаква закана кон земјава, уверува министерата.

– Во моментов не постои закана за конкретен напад врз нашата држава – потенцира Петровска.

Ресорното министерство пред неколку дена соопшти дека станува збор за унапредување на системот за борбена готовност на Армијата во насока на остварување на основната задача за одбрана на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата, за чија цел Министерството за одбрана пристапува кон набавка на современ систем за противвоздушна одбрана, а за кој ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција.

Инаку Македонија на 7 и 8 ќе биде домаќин на една многу значајна конференција на НАТО комуникатори. Околу 300 лица од областа на комуникациите на НАТО алијансата од 30 земји во Македонија ќе договараат како во мирнодобски но и во воени услови земјите членки на НАТО да имаат еден глас и брзи информации во битката со дезинформациите кои се користат во медиумската лажна воена пропаганда која веќе има свои примери во сегашниот воен конфликт.

Според директорот за комуникации во Здружената оперативна команда, Џеј Џензен, причината зошто е одбрана Македонија како најмлада земја членка за ваква стратешки важна конференција е зближувањето на сите сојузници и градењето на нови партнерства како начин за поголемо единство на Алијансата.