Tag Archives: наставници

Албанија им забрани мобилни телефони на учениците и наставниците за време на настава

Албанија ја забрани употребата на мобилните телефони за време на настава во основните и средните училишта и за учениците и за наставниот кадар.

– За елиминирање на масовната појава на употреба на мобилни телефони за време на наставата, Министерствата за образование и за финансии потпишаа заедничка наредба, која има за цел забрана на користењето мобилни телефони на учениците од предуниверзитетското образование. Истото се однесува и за просветните работници – јавија медиумите.

Тоа значи дека, за разлика од претходната наредба, која речиси и не се почитуваше, овојпат забраната не е наменета само за учениците, туку и за самите наставници кои ќе работат внатре во училиштето.

Документот е потпишан од министрката за образование Евис Куши и за финансии Делина Ибрахимај.

– Институциите надлежни за предуниверзитетско образование и управите на училиштата да преземат мерки за спроведување на наредбата за забрана на употреба на мобилни телефони за време на наставниот процес. Мерките за забрана за користење на мобилни телефони во текот на процесот на учење треба да се вметнат во интерната регулатива на предуниверзитетската образовна установа – стои во уредбата.

Во случај да не се почитува наредбата и да се користи мобилен телефон од страна на ученици или наставници во просториите на училиштето, управата на установата ќе го одземе мобилниот телефон и ќе примени и дисциплински мерки.

Училиштата се задолжени со оваа мерка навреме да ги запознаат родителите на децата до средината на идниот месец, кога почнува новата учебна година.

(Видео) Потресно сведоштво на мајка: Деца вршеле сексуално насилство врз соученичка ПРВООДДЕЛЕНКА, насилно ја допирале – Никој не реагирал!

Мајка на првоодделенка во едно скопско училиште пред камерата на „Слободен печат“ низ солзи тврди дека нејзината ќерка на училиште доживува сексуален булинг од пет момчиња-соученици, кои насилно ја допирале по гениталиите, а претходно во изолиран случај ја влечеле за облеката, од што девојчето имало црвени траги околу вратот, кои подоцна помодреле.

Мајката тврди дека на училиште кај нејзината ќерка владее постојано премолчување, минимизирање и туркање под тепих на проблемите со секаков вид на насилство, а основната пречка е во тоа што кога ќе се пријави никој не презема ништо. Таквата ситуација прави мајката да се чувствува револтирано, неразбрано од училиштето, но и да ја шокира инертноста и незаинтересираноста да се постапи итно за ваква сензитивна материја.

Откако мајката го пријавила случајот во училиштето, наставничките се потпишале на изјава дека такво нешто не постои, односно дека насилство во училиштето немало.

Единствената причина поради која „Слободен печат“ не го објавува идентитетот на мајката и името на училиштето, е тоа што на таков начин поблиску ќе биде идентификувана жртвата, која е малолетна и на таков начин би се создала опасност двојно да биде виктимизирана.

Родителката е шокирана што од училишната управа уште не свикале ни вонредна родителска средба за овој скандалозен настан, во екот на декларативните заложби за спречување на насилството во училиштата.

Иако најтранспарентно го пријавила случајот, разговарала со сите во училиштето во крикот за помош и едукација на соучениците кои ја изложуваат првоодделенката на булинг, наишла на ѕид и туркање на предметот под тепих.

Декаденцијата во педагошките вредности и неефикасноста на стручниот кадар во ова училиште, кулминирале, кога една од наставничките во комуникација со друга родителка и кажала дека „и нивните девојчиња не се цвеќе за мирисање“, дека се „понапредни и провоцираат“ со својот изглед. Станува збор за девојчиња на возраст од шест години.

Вработени во училиште омаловажувале девојче затоа што носи шамија

Граѓанското движење „Аваја“ вчера информира за случај во кој наставничка од ООУ „Малина Попиванова“ – Кочани омаловажувала ромско девојче кое носело шамија во училиштето и за време на наставата. Од таму велат дека психологот и педагогот од истото училиште упатиле закани дека нема да ѝ биде дозволено на девојчето да посетува настава.

„Аваја“ најостро го осудува настанот и најавува дека ќе достави претставка до Народниот Правобранител и ќе го пријави случајот до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

-Слободата на религијата е загарантирана со Устав и закон, а дискриминацијата врз основа на религија е забранета и од тука произлегува дека институциите мора да ги почитуваат законите и да ги почитуваат начелата на религиска толеранција, велат од Движењето.

Вчера во училиштето бил заменик-министерот за правда Агим Нухиу и државниот секретар Мухамед Точи, кои разговарале со директорот на училиштето и донеле заклучок дека ученичката може да ја носи шамијата за време на наставата.

-Родителите кажаa дека Алејна беше спречена да продолжи со настава заради шамијата во училиште во Кочани!Шамијата на една од нашите сестри не е презир, туку благодарност од секој што ќе реши да ја носи! Алејна Исмаиловска ќе продолжи да ја следи наставата! Никој не може да биде над законот! Правда и достоинство за сите, објави Нухиу.

ОД УТРЕ УЧЕНИЦИТЕ во училиште, ШТРАЈКОТ ствен во МИРУВАЊЕ

Министерството за образование и наука (МОН) попладнево ја поздрави одлуката на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) да го стави штрајкот во мирување.

– Тргнувајќи од итноста за заштита на јавниот интерес на граѓаните, правото на образование и последиците кои можат да настанат во случај кога овој процес е прекинат, а воедно земајќи ги предвид и барањата на СОНК, Министерството за образование и наука постапи согласно Законот за мирно решавање на работните спорови и во текот на денешниот ден упати барање до Министерството за труд и социјална политика за одредување на помирувач во овој процес. Со оваа одлука, Министерството за образование и наука ја искажува спремноста за продолжување на процесот на преговори со социјалните партнери и изнаоѓање на најдоброто решение за сите во овој случај, се наведува во соопштението од МОН.

Одлуката на СОНК, како што велат од МОН, е во интерес на учениците и континуитетот на процесот на образование и со неа се обезбедува уставно загарантираното право на образование на децата.

Од МОН порачуваат дека ќе бидат партнер на синдикалните организации и дека преку социјален дијалог ќе се унапредуваат работничките права. Во тој процес, велат од МОН, сме отворени за континуирана соработка и размена на мислења и ставови, чија цел ќе придонесе кон подобри работни услови и мотивирани просветни работници, што ќе влијае и на зголемување на квалитетот на образованието.

Во моментот членови на Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК) во моментов се собираат пред седиштето на Синдикатот бидејќи се незадоволни од одлуката штрајкот да се стави во мирување.

УКИНАТО задолжителното носење маски за основците, за наставниците не

На денешната прес конференција на комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски соопшти дека се укинува задолжителното носење маски за учениците, но не и за наставниците.

– Ги ослободуваме од обврската учениците во основните училишта да носат маски, обврскаат за носење маски останува за наставниците и за техничкиот персонал, кажа д-р Александар Петличковски.

Сепак, д-р Петличковски и д-р Мехмедовиќ потенцираат дека за учениците останува изборот за носење на маска.