Tag Archives: НаумчеМојсовски

Антикорупциска со КРИВИЧНА за Наумче Мојсовски

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 81 седница донесе одлука да достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и членовите на централната комисија поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови.

ДКСК до Владата ќе достави и иницијатива за утврдување одговорност на овие лица, а до УЈП за извршување надзор на сите субјекти од областа на спортот во поглед на користење на средствата преку т.н. ваучер систем во периодот од 2020, 21 и 22 година.

Според анализите на ДКСК годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, што се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства.

ДКСК, исто така, смета дека е неопходно да се интервенира и во самиот Закон за спорт, со носење на некое ново решение за распределба на средства со почитување на утврдени критериуми, за што веќе се дадени одредени предлози до кабинетот на вицепремиерката за добро владеење и до АМС.

Членот на ДКСК Владимир Георгиев, појасни дека во 2021 година биле анализирани постапките и активностите при спроведување и користење на средства при доделување на ваучери од Агенцијата за млади и спорт и централната комисија, како и за пропустите и непочитувањето на Законот од страна на дел од федерациите и спортските клубови при конкурирањето, нивното користење на средствата и отчетност.

Освен од АМС, податоци биле побарани и од фудбалската, кошаркарската, ракометната и одбојкарската федерација, како и до спортските клубови кои користеле средства од ваучери во висина од над еден милион денари.

  • Не почитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер системот постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало, изјави Георгиев.              

Според ДКСК, постои сомневање дека претседателот и членовите на централната комисија во 2020, 21 и 22 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата кои имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, посочи дека тие не се против доделување средства на клубовите, туку да се направи праведен систем без фаворизирање.

-Не гледаме дека сите препораки кои го дадовме се правилно применети, така што јасно е дека овој систем не дава соодветни резултати. Се надевам дека овие податоци ќе бидат доволна основа за законски измени кои ќе изградат праведен систем, порача Ивановска.

ДКСК, исто така, изразува загриженост и тоа што со законските измени од јануари минатата година, членовите на централната Комисија се именуваат по предлог на Владата, без утврдени критериуми за нивниот избор. 

Ако сака пари ФФМ мора да биде Фудбалска федерација на Северна Македонија или Фудбалска национална федерација

Има две опции за ФФМ, едната е да биде Фудбалска федерација на Северна Македонија, а втората е да биде Фудбалска национална федерација или нема веќе пари од државата, вели директортот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

Тој во интервју за весникот Вечер најавува дека ќе ги укине сите средства на фудбалските клубови, поради, како што вели, „незаконското однесување на ФФМ кон државата“ и непочитување на Договорот од Нивици односно Преспанскиот договор со кој Македонија стана Северна.

– Законот е јасен за сите, не може 64 федерации кои се признаени од државата и од АМС, да се усогласени со законот за спорт, а една да не е. Тоа е голем проблем затоа што тие не ги почитуваат државните закони, а бараат средства од нас и сè друго. Законот мора да важи за сите и проблемот е тука без разлика дали Сејдини е претседател или некој друг. Прво да заврши ЕП, а потоа, со 99 отсто сигурност можам да потврдам дека ќе ги стопирам сите средства за клубовите поради непризнавање на законот на самата држава. Тие може да се повикуваат на некаков закон во УЕФА или ФИФА, но клубовите играат во Македонија, шампионот ја претставува нашата земја во ЛШ. Станува збор за Фудбалската федерација на Македонија и ти имаш обврска да ги почитуваш законите на државата. Дури 99 отсто од клубовите се финансираат од АМС и затоа ќе видиме колку е важна државата и законите. Можеби тоа е на штета на клубовите, но не е можно да добиеш поддршка за нешто нерегуларно, да бидеме сооучесници со вас. Јас како спортист нема да застанам, нема враќање назад и ќе го истуркам до самиот крај, вели Мојсовски.

Тој додава дека или ќе биде ФФСМ, ФНФ или нема пари.

-ФФМ има добиено пари од АМС, од државата, околу 1,4 милиони денари за младински категории во февруари. Ние мора да го испочитуваме Преспанскиот договор и има две опции. Едната е да биде Фудбалска федерација на Северна Македонија, а втората е да биде Фудбалска национална федерација, вели Мојсовски.

Мојсовски во интервјуто тврди дека министерот за надворешни работи, Бујар Османи, не бил во право кога изјавил дека ФФМ нема обврска да го менува името.

Граѓани контра Мојсовски: На времето кога го носеше „црвено-жолтиот“ дрес И тебе те чекавме на плоштад, а сега викаш „нашата“ репрезентација

Македонските фудбалери денеска пристигнуваат на скопскиот аеродром по деби настап на Европското првенство. Директорот на агенција за млади и спорт, Наумче Мојсовски кој е поранешен ракометен репрезентативец, на социјалните мрежи објави дека автобус за пречек од пред АМС, во 12. 30 часот ќе тргне на аеродром каде ќе пристигнат фудбалерите.

Во својата објава на Фејсбук, Мојсоски напиша дека „Денеска нашата фудбалска репрезентација пристигнува во Скопје!“

Токму ова „нашата“ предизвика револт кај граѓаните кои го потсетија Мојсовски дека и тој кога со ракометната репрезентација го освои петтото место на Европското првенство во 2012 година исто така бил пречекан на скопкиот аеродром и на плоштадот Македонија. Актуелниот директор на АМС беше прашан и за која репрезентација и држава тој тогаш настапувал, ако сега не сака да напише „македонска“ во својата објава.