Tag Archives: остров

Истражувања потврдија: Стариот дел на Охрид бил остров, Охридското Езеро пошироко

 Стариот дел на Охрид или антички Линхидос бил остров во периодот од доцното бронзено време до доаѓањето на Римјаните. Тоа го покажуваат геолошките и археолошките истражувања направени во рамки на петгодишниот проект „Погранични студии, истражувања на идентитетите и културните контакти во пограничниот регион на Античка Македонија“.

Проектот го реализираа Археолошкиот музеј на Македонија и Институтот за класични студии од Карловиот универзитет од Прага, во партнерство со Германскиот археолошки институт, Геолошкиот институт од Прага и Универзитетот од Јужна Бохемија од Чешка, како и Заводот за заштита на културно наледство и музеј од Охрид.

Раководителот на проектот Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија во разговор за МИА појаснува дека со геолошките испитувања во рамнината, односно делот каде што се наоѓа денешниот модерен Охрид, откриле езерски седименти, со што докажале дека тој дел бил поплавен.

 И тоа не е случајно. Кога подоцна размисливме каде се сконцентрирани најголем дел од археолошките остатоци од доцното бронзено време до доаѓањето на римјаните, заклучивме дека тоа е на просторот од стариот дел на Охрид. Населбите и некрополите од античкиот период се наоѓаат баш на тој простор, бидејќи низината била поплавена, односно била дел од езерото. Согласно тоа, заклучивме дека населбите треба да ги бараме на првиот ред ридови во заднината на рамницата каде ги вршевме и ископувањата на локалитетите, истакна Арџанлиев.

Охридско-струшкиот регион имал бурно климатско минато

Во рамки на археолошките истражувања, додава Арџанлиев, годинава акцентот бил ставен на три локалитети во околината на Охрид: „Петкина нива“ и „Горица“ кај селото Лескоец и „Градиште“ кај Долно Лакочереј. На локалитетот „Петкина нива“ откриена е римска рурална вила, на „Градиште“ населба со хронологија од доцно бронзено време до хеленистички период и кај „Горица“ има хронологија од неолитот, па се до железното време.

Најголем дел од артефактите на сите локалитети се керамички наоди, кои според експертот, се добри за датирање.

– Проектот е мултидисциплинарен, имавме екипа археоботаничари, кои со посебна опрема вршат измивање на земјата и ги собираат сите археоботанички остатоци на земјата, семиња и разни други остатоци со чија помош се врши реконструкција на пејзажот, со што се хранеле луѓето, што одгледувале и слично. Со помош на јагленисани органски остатоци вршиме радиокарбонски анализи во референтни лабаратории каде што добиваме точни дати за секој од слоевите каде што откриваме и археолошки артефакти. Така наместо релативна добиваме аполутна хронологија, каде археолошките артефакти се во апсолутни дати, појасни Арџанлиев.

Целта, според него, е реконструирање на организацијата на населбите во минатото.

– Во рамки на проектот вршиме мултидициплинарни и геолошки итражувања, со чија помош увидовме дека овој крај езерски регион имал бурно, динамично климатско минато. Со реконструкција на тоа бурно минато можеме да ја реконструираме и организацијата на населбите и како луѓето се организирале во минатото да живеат околу езерото и во регионот, посочува соговорникот.

Почетоците на металургијата следен предизвик

Основните ресурси за исхрана сами ги произведувале, односно луѓето во тој период се занимавале со земјоделство и сточарство, но иден предизвик на археолозите е да истражат од кога почнала металургијата.

– Во иднина планираме акцент да ставиме и на истражувања кога почнала металургијата. Планираме тоа да го правиме мултидисциплинарно, со помош на напредни истражувања. Со помош на полен анализи ќе откриеме кога почнало да има загадувања во минатото и врз основа на тоа загадување тогаш специјалистите утврдуваат дека токму во тој период почнала металургијата, топењето на рудата и слично, информира Арџанлиев.

Со тоа, нагласува, сакаме да дадеме одговор за појавата на елитата во Охридскиот регион, што покажуваат и откритијата од Архајскиот период (6 век пр.н.е.) во гробовите во Требеништа и на Горна порта.

За да има елита и такво богатство мора да има повеќе ресурси, спомнав земјоделство, сточарство и металургија, но покрај тие ресурси овие луѓе ги контролирале и главните комуникациски и трговски рути. А регионот во тој период претставува своевидна крстосница во овој дел од Балканскиот полуостров, нешто што може да се забележи од поголемиот број некрополи од Архајскиот период, кои се откриени во рамницата северно од Охридското Езеро, во кои се откриени доста богати и значајни наоди. Тоа денеска е Охридско-струшкиот регион, крајбрежје на тогашното поголемо езеро, што геолошки го потврдивме дека постоело, рече Арџанлиев.

Катаклизмичен настан причина за повлекувањето на езерото

Со една геолошка сонда во близина на реката Грашница, додаде, откриле ново палафитно, наколно живеалиште и со тоа се потврдило дека имало некој катаклизмичен настан, како земјотрес, кој придонел таа населба да престане со егзистенција околу 12 век пред нашата ера, во доцното бронзено време.

– Најверојатно со тој катаклизмичен настан дошло до спуштање на тлото во северниот дел на охридската рамнина, а потоа езерото направило поплавување, со што ја променило и формата. Тие се првични резултати, кои дополнително ќе ги надградуваме и публикуваме, информира раководителот на проектот.

Идните планови се истражувањата да продолжат во Преспанскиот регион

Од проектот произлегле нови прашања на кои археолозите треба да одговорат. Идејата е да продолжат истражувањата и во Преспанскиот регион, бидејќи е најмалку истражен.

– Истражувам една некропола во Преспа од Хелинистички период, локалитет „Гибавица“ кај селото Избишта. И за Хелинистичкиот период имаме некои првични сознанија. Но како за охридксиот регион што кажав дека е тесно поврзан со водостојот на езерото така сметаме дека истото треба да го очекуваме и во Преспа, бидејќи двете езера се како врзани садови и гледаме дека се во корелација. Планираме да продолжиме со геолошките истражувања и да пробаме на некои локалитети да извршиме сондажни истражувања за да имаме две референтни слики на двете котлини да видиме дали стварно се во корелација и дали имало поврзаност во минатото, додава Арџанлиев.

Проектот, нагласи, користи напредна технологија што ја има на располагање арехеолошката наука, која за жал во земјава многу малку е вклучена.

МИА

Ce бара КРАЛ за ОСТРОВ: Необичен конкурс, погледнете што се кpитepиумитe…

На малиот британски остров Пиел е објавен конкурс – тамошните власти бараат некој кој има искуство во водење на угостителски објект, сака изолација и е подготвен да ја прифати титулата крал, пишува „The Guardian“.

Во Велика Британија е отворен еден од најнеобичните огласи за работа – локалните власти бараат некој да раководи со ресторанот „Ship Inn“ на островот Пиел.

Негативна страна на работата се неизвесните временски услови, изолацијата и долгото работно време. Но, од друга страна, вработениот ќе може да ужива во свежиот воздух, со совршен поглед на птиците, морето, зајдисонца и изгрејсонца и ќе биде изолиран од бучава и гужви.

Џон Марфи, кој носи туристи на островот веќе четири децении, вели дека оној што ќе ја добие работата ќе мора да биде исклучително посветен на задачата: „Не можете туку-така да отидете во продавница кога сте на островот. Мора да бидете посветени и да ја сакате изолацијата, мирот и тишината. Малкумина се оние што можат и го сакаат тоа“.

Островот Пиел се наоѓа на еден километар од полуостровот Фурнес, а до оваа локација може да се стигне со траект, кој сообраќа редовно од април до септември.

Властите бараат некој кој ќе помине десет години на островот и ќе се всели во април. Потоа ќе биде извршена церемонијата на крунисување на новиот крал на Пиел.

Марфи за „Гардијан“ изјавил дека би сакал сам да се занимава со оваа работа, но верува дека на 73 години е престар за ваква авантура. Сепак, тој истакнува дека ќе продолжи да го посетува островот и на туристите да им ги кажува легендите поврзани со овој мал град.