Tag Archives: пингвини

Уште една убава вест од скопската зоолошка: Се очекуваат бебиња кај пингвините (ФОТО)

Убава вест ни доаѓа од заливот на пингвините во скопската зоолошка градина.

„Дел од овие прекрасни птици изведоа јајца и сега се постојано во своите гнезда каде лежат врз потенцијалните бебиња. За да ја зголемиме шансата да имаме за првпат малечки од овој вид, не сакаме да ги вознемируваме и да го чистиме базенот во наредните две недели. Водата е зелена поради сонцето и создавање на алги, но е исправна технички и микробиолошки, а пречистителната станица постојано функционира.

Овој вид на птици е загрозен и е на црвената листа на видови во исчезнување, а со доаѓањето на свет на малечките ќе придонесеме во продолжување на видот.

Апелираме до посетителите да не тропаат по стаклата и да не фрлаат храна во базенот и живеалиштето.

Стискаме палци за бебиња пингвини“ – информираат од ЗОО Скопје.

ФОТО: Скопје доби „Залив на пингвините“ во зоолошката градина кој чини 17,7 милиони денари

Денеска се отвори пингвинариумот – новото живеалиште на пингвините во ЗОО, кој е наречен „Заливот на пингвините“.

– Со пуштањето во употреба на пингвинариумот на едно место ги имаме двата најегзотични и најпопуларни видови на птици – фламинга и пингвини кои за првпат се жители на нашата Зоолошка градина. Пингвинариумот е составен од внатрешен дел со затворен базен, надворешен базен од 180м2, подземен дел со филтри и пуми за вода, како и тераса од 120м2. Направен е и мал зелен кров за да се заштеди на електрична енергија. Граден е по светски стандарди и со идеални услови за овие јужноамерикански пингвини кои најлесно се адаптираат на нашата клима – рече Шилегов.

Тој додаде дека Градот Скопје ја финансираше изградбата на двете живеалишта за фламинга и пингвини кои заедно чинат околу 17,7 милиони денари денари, или околу 8,84 милиони по живеалиште.

– Градот Скопје и Зоолошка градина работат на поставување нови стандарди на квалитет и поголема благосостојба на животните, а оттаму и во иднина ќе бидат подобрувани просторните услови на живеалиштата – кажа Шилегов.

Исто така, Градот и ЗОО во континуитет работат и на едукација на посетителите, но и на облагородување на просторот со нови атрактивни содржини кои привлекуваат се поголем број посетители од кои голем дел се странски туристи.