Tag Archives: рестрикции

Парното поскапи, а скопјани се мрзнат во сред зима

Цената на парното греење што важи од 1 јануари е зголемување за 14,05 отсто за сите корисници во Градот Скопје, односно и за трите компании кои ги снабдуваат граѓаните – Балкан енерџи груп (БЕГ), ЕСМ Енергетика и Скопје Север, по одлука на Регулаторната комисија за енергетика.

Но Скопјани и денеска се жалат на проблеми со греењето.  Велат дека парното се вклучува многу доцна, но и дека е слабо. Сметаат дека е  недозволиво во ек на зима, со вакви темепратури, нивните домови да бидат ладни.

Од БЕГ, пак, тврдат дека системот за централно греење е стабилен и се испорачува топлинска енергија до потрошувачите.

Во услови на енергетска криза системот работи во оптимизиран режим се со цел темепратурите до домовите да се одржуваат на 20 степени. Рекламациите кои досега се евидентирани во центарот за грижа на  потрошувачи се однесуваат на поединечни станови или објекти каде екипите веднаш излегле на терен, се вели во дописот од компанијата.

Од РКЕ им соопштија на граѓаните, кои не добиле соодветна услуга од страна на снабдувачот со топлинска енергија, да поднесат приговор до нив. Дополнително, од Комисијата објаснуваат дека снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимум 20+1 степени во времетрање од 6 наутро до 22 часот во текот на денот.

И вчера граѓани од Карпош, Центар, Аеродром, Кисела Вода се пожалија дека имаат проблеми со греењето. А веќе неколку дена без парно се и околу 500-тини домаќинства од Бутел и Чаир. Велат цела година плаќаат сметки за парно, а  сега  со греалки се обидуваат да ги стоплат домовите.

Од Топлификација Скопје Север се надеваат дека Општина Чаир од понеделник ќе го плати долгот за да може да купат гас и да го вклучат греењето. Сепак, од таму потенцираа дека тоа не е решение за нивните проблеми затоа што Скопје Север АД се соочува со сериозни финансиски пролеми поради сериозниот раст на цената на гасот.

Граѓаните се мачат дека дома децата им смрзнуваат, и најавуваат приговори, а прашуваат како е возможно да плаќаат поскапо парно а радијаторите да се млаки, топлина од нив речиси и да нема, оббинуваат дека се вршат рестрикции во сред зима.

Пановски: Рестриктивни мерки МОРА ДА ИМА, без разлика на ОМИКРОН варијантата

Епидемиолошката состојба со ковид-19 во Северна Македонија е стабилна, засега нема да се воведуваат нови мерки и рестрикции, а внимателно ќе се следи состојбата со ширењето на новиот сој омикрон, најавија здравствените власти. Дали може да се биде спокоен?

„Без разлика на новиот сој омикрон, рестриктивни мерки треба да има“, вели микробиологот д-р Никола Пановски за Дојче веле.

„Омикрон ќе дојде, ама му треба време. За него ќе треба да се обрне внимание пред Нова Година. Но, да не чекаме да се повтори ситуацијата како со делта сојот. Тогаш сметаа дека нема потреба од контрола на границите за граѓани кои доаѓаат од земји со висока трансмисија на делта сојот, а кога воведоа мерки – се однесуваа за излегување од земјава“, потсетува д-р Пановски.

Според него, најдобро е во овој период училиштата да преминат на онлајн настава, или барем на комбиниран модел „пола–пола“.

„Исто така, по 22 или 23 часот не треба да има собирања надвор, а бројката на присутни во угостителски објекти да се редуцира на 30 отсто“, смета д-р Пановски.

Вакцина или негативен ПЦР тест ЗА СИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО администрација

Најмалку со една доза вакцина ќе треба да бидат вакцинирани вработените во јавниот сектор за да може да одат на работа, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Утринава тој ги соопшти новите мерки кои до Владата ќе ги предложи Комисијата за заразни заболувања.

– Комисијата и предложи на Владата сите вработени во јавниот сектор, во локалната самоуправа, во сите институции под овие владини институции за одење на работа да прикажат најмалку една примена вакцина или да имаат негативен ПЦР тест, кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок или потврда за прележан Ковид, не постар од 45 дена, порача Филипче.

Како што кажа Филипче од мерките се изземени случаите на ретки имунолошки состојби.

-Тоа се ретки имунолошки состојби за што ние ќе излеземе со соодветна листа на болести, рече Филипче.

Друга мерка која е предложена е задолжителна вакцинација за сите вработени во здравството.

-Дополнително на приватните работодавачи ќе им се препорача да побараат од нивните вработени да се вакцинирани за да одат на работа. Мерките ќе почнат да важат десет дена по одржување на владината седница, на која ќе бидат прифатени мерките, потенцира Филипче.

За контрола на оваа мерка министерот предлага да се назначи одговорно лице, кое ќе ги проверува документите при влез на работното место.

НОВИ РЕСТРИКЦИИ, ама само за невакцинираните – Комисијата заседава утре

Комисијата за заразни болести утре ќе има состанок на кој ќе бидат разгледани нови мерки кои ќе се однесуваат на невакцинираните.

Според министерот за здравство Венко Филипче новите рестрикции ќе се однесуваат на невакцинираните затоа што тие најмногу ги оптоваруваат болниците.

– Болничкиот систем сега најмногу го оптоваруваат невакцинираните пациенти. Тоа дефинитивно не смееме да го толерираме понатаму. Доаѓа зимска сезона и време на настинки и други пациенти ќе го оптоваруваат дополнително болничкиот систем. Во услови кога има доволно вакцини, апсолутно не е дозволиво граѓаните да не се вакцинираат. Со вакцинирањето не само што водат сметка за своето здравје, туку и за здравствениот систем. Ние не можеме бесконечно долго да оставиме вака да биде преоптоварен здравтвениот систем, изјави Филипче.

Посочи дека во изминатите денови комуницирале за тоа какви мерки се воведени во земјите од регионот и во некои земји во Европа.

Македонија стравува од делта сојот, утре ќе се одлучува за нови рестриктивни мерки

Утре ќе се разговара за евентуалните нови мерки за заштита против ширењето на делта сојот на коронавирусот.

Комисијата за заразни болести во понеделник ќе треба да процени дали тестовите се вистинска мерка со која ќе може да се заштитиме од ширењето на делта сојот на коронавирусот, кој веќе се рашири низ Европа и дали има потреба од воведување нови мерки во однос на заштита на границите.

„Треба да се разговара дали е тоа вистинската мерка со која може да се заштитиме“, изјави Филипче

Паѓа бројот на заболени, а се зголемува на вакцинирани: Ќе имаме ли лето без рестрикции?

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 10 до 16 мај 2021, тестирани се вкупно 16.773 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 6,3 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 674 нови позитивни случаи од 31 град во државата со намалување од 48,3 отсто во однос на минатата недела, информира Министерството за здравство.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=280; 41,5 отсто), со неделна инциденца – 45,3/100.000. Највисока неделна инциденца од 94,1/100.000 е регистрирана во Кратово.

Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 1,8 отсто до 7,2 отсто, просечно 4,0 отсто.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=240, 35,6 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (n=114; 16,9 отсто), 30-39 (n=114; 16,9 отсто) 40-49 (n=111; 16,5 отсто), и 20-29 (n=56; 8,3 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=6; 0,9 отсто) и 10-19 години (n=33; 4,9 отсто).

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 2.646 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 36,0 отсто во споредба со минатата недела.

Пријавени се 65 смртни случаи од 15 градови, 38,1 отсто помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 56 лица биле над 60 години, 7 лица на возраст од 50-59 години, 1 лице на возраст од 40-49 години и 1 лице на возраст од 30-39 години.

Колку луѓе се вакцинирани?

На 17.02.2021 во Македонија започна вакцинацијата против ковид-19.

Заклучно со 16.05.2021, аплицирани се 28.594 дози на Pfizer/Biontech (19.691 со прва доза и 8.903 со втора доза), 44.890 дози на Sputnik V (22.871 со прва доза и 22.019 со втора доза), 24.995 дози на AstraZeneca и 108.740 дози Sinopharm.

Заклучно со 16.05.2021 вакцинирани се вкупно 207.219 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19. Комплетно се вакцинирани вкупно 31.599 лица.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со ковид-19 за периодот од 10 мај до 16 мај 2021 година, како и кумулативната состојба со ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.